Дизајн: Ѓорѓи Димитров

Aнархизам и наука?

Академскиот анархизам по дефиниција не е ескплицитен и/или активистички. Често дејците кои ги користеле феномените анархизам и бездржавно општество во своите академски промислувања и истражување, не биле или не се декларирале како анархисти. Но, од големо значење е нивниот сериозен пристап кон феномените на анархија и анархизам, оправдувањата кои ги приложуваат позади истите, како и самата понуда на визија за функционирањето на тоа алтернативно општество. Исто така, од клучно значење за академскиот анархизам е ангажирањето на општествената состојба на анархија во самото градење на истражувачките методологии. 

Кај академските (имплицитни) анархизми, има тенденција да се заобиколат самите поими на анархија и/или анархизам, често поврзани со негативни или најмала рака контроверзни чувства и замисли кај јавноста. Истите често се заменуваат со кованици како што се алтернативно владеење, радикално само-управување, приватно управување, децентрализирано или пазарно општество, природен поредок, радикална демократија, власт без монопол, власт со право на излез, двојна демократија, квадратно гласање, полицентрично општество, корективна демократија како и други поими.

Академскиот анархизам ја поместува догматичната поставеност на државата во општеството, која е дел од меинстрим дискурсот на политичката философија, и ја надминува потребата за нејзина постојана предметност и присутност, во својство на дежурен или најчесто повикан решавач на општествени проблеми. За разлика од активистичкиот анархизам, академскиот нема за цел експлицитно да го промовира бездржавието и општествениот пат кон негово постигнување, туку истиот има тенденција да ја открие вистината која се крие, поврзана со самата држава и нејзината природа, како и со потенцијално алтернативно општество без нејзино присуство.

Дополнително, не е толку лесно да се повлече цврста линија помеѓу активистичките и академските анархизми, затоа што истите се преплетуваат, а аргументите на академските, се користат од страна на активистичките. 

Но, со цел подобро објаснување, изучување и разбирање на самите феномени на анархизам и анархија, во нивната најширока одредница, добро е дојдена дистинкцијата помеѓу активистички и академски. Секако, академскиот или аналитичниот анархизам, е релативно нова или современа појава во пошироките општествени науки, и затоа истиот накратко ќе биде претставен преку издвојување на неколку теоретичари – философи, економисти, правници, политиколози, социолози и други видови на дејци, нивните дела поврзани со феномените на анархизам и анархија, како и поставеноста на нивните гледишта кон истите.

Роберт Нозик и философски анархизам

Роберт Нозик (Robert Nozick, 1938 – 2002) беше американски философ, на кој политичката философија не му беше во самиот фокус на академски интерес. Но, сепак, негово најзначајно дело или делото по кое е познат во светот, е во рамките на оваа философска гранка. Иако самиот деклариран минархист – верувач во минимална држава, мора дефинитивно да биде споменат во контекст на анархија и анархизам, во најмала рака поради насловот на неговата позната и често реферирана Anarchy, State and Utopia (1974), но секако и поради совпаѓањето во моралниот дел од оправдувањето на идеата и неоправданоста на државата, како општествен субјект со sui generis природа. Нозик ја пишува Анархија, Држава и Утопија, делумно како реакција на Ролсовата теорија на правда, поткопувајќи ги неговите аргументите за распределба на богатството во општеството, и тоа во надлежност на државата, со цел обезбедување на некаков минимум на благосостојба. Нозик тргнува од принципот на само-поседување или концептуализацијата на Локовите природни права, и го испитува нивното совпаѓање со постоењето и функционирањет на институцијата држава, во рамки на општеството. Во делото, Нозик дава одговор на прашањето дали државата како концепт или општествена институција соодветствува со принципот на само-поседување, а тоа е, дефинитивно не. Дополнително, ја истражува и потенцира не-оправданоста на државата, затоа што нејзината природа не соодветствува со горенаведениот принцип на само-поседување. Но суштината на неговиот анархизам воочена во неговото неоправдување на државата, може да биде најдоследно доловена преку неговата Приказна за еден роб.

Нозик, уште во самиот почеток на делото, дава и своја визија за една од алтернативите на општество без држава, во кое сите услуги се добиваат во пазарни услови, обезбедени од приватни субјекти (фирми, организации, агенции итн). Истата е скоро идентична на онаа на Молинари од 19-ти век, како и онаа на Робард, Фридман и останатите анархо-капиталисти. Во таа визија, најделикатните или тврдо-етатистичките услуги – оние на безбедност и остварување на правда би ги давале Доминантно Протективни Асоцијации (Dominant Protection Association” (DPA)), или приватни субјекти, кои функционираат во пазарни услови (наспроти повластените услови на државата). 

Но, Нозик, кој како е напоменето – не е анархист, истакнува дека и тие асоцијации или форми на приватни здружувања и фирми, со цел да остварат економија од обем, и едноставно би прераснале во монопол кој потенцијално би обезбедувал услуги за конкретна територија. Аналогно на тоа, монополот би преминал во минимална држава, или држава ноќен-чувар, задолжена и ограничена исклучиво на услугите на заштита, правда и почитување на договореното помеѓу субјектите на пазарот. 

Џејмс Бучанан и теорија на јавен избор

Џејмс Бучанан (James McGill Buchanan Jr., 1919 – 2013) беше американски економист кој ја доби Новеловата награда за економска наука во 1986 година. Најпознат е по неговата – во коавторство со Гордон Тулок (Gordon Tullock, 1922 – 2014), теорија на јавен избор (public choice theory), разработена во познатата The Calculus of Consent: Logical Foundations of Constitutional Democracy (1962). Оваа теорија нуди нова економска перспектива за државата, како посебен субјект, со посебен акцент на изборите на оние кои управуваат со истата. Бучанан и Тулок во нивната теорија за јавен избор тврдат дека владите се евалуирани или оценувани на погрешен начин, поаѓајќи од тезата дека политичарите не се навистина само безлични јавни службеници. Според авторите, истите се субјекти кои имаат свои интереси и кои делуваат се со цел задоволување на своите потреби во најголем обем, што најчесто значи победа на следните избори, или зголемување на буџетот во рамките на својата институција. Поаѓајќи од оваа претпоставка, сите оправдувања за решавање на општествени проблеми и градење на општествен поредок, со помош на политички власти, во голем обем паѓаат во вода. Неговите теории поврзани со државата, но и со феномените на анархија и анархизам може подетално да се прочитаат во The Limits of Liberty: Between Anarchy and Leviathan (1975), а накратко, истите се добро образложени во The Essential James Buchanan (2021), напишана од Доналд Бодро (Donald Joseph Boudreaux, 1958 – ) и Рандал Холкомб (Randall Gregory Holcombe, 1950 – ).

Бучанан не бил анархист, можеби бил минархист и верувал во политички минимум за обезбедување на некаква објективност во перспективите за правда и права, но дефинитивно бил философски анархист, затоа што ја гледал празнината и недоследноста во доминантно етатистичкиот академски дискурс и догматичната поставеност на државата во рамки на истиот. Ги користел феномените на анархизам и анархија како нормативна рамка во неговите истражувања од областа на политичка економија. 

Многу битен факт за Бучанан и неговата теорија е што истите се базираат на поединец (индивидуализам), договор (контрактуализам), согласност (консензуализам) и радикално само-управување (анархизам). Во продолжение, според Бучанан, ниту едно колективно или заедничко делување (акција) не е легитимно, доколку во истото отсуствува поединечната согласност на оние кои се засегнати од истото, а наброените, дословно манифестирани во општествената реалност имплицитно подразбираат анархија или бездржавно општество. Дополнително, доколку колективната акција е неминовна, најдобро е истата да биде спроведена, во колку што може помали групи, се со цел поголемо задоволување на преференците на поединците кои се засегнати со истата. 

Од сето изложеново, може да се заклучи дека и Бучанан може да вменте во оваа категорија на имплицитни или академски анархисти.

Ренди Барнет, уставен и кривично-правен анархизам

Ренди Барнет (Randy Evan Barnett, 1952 – ) e познат американски правник, експерт во проблематиката на уставно право, кој нуди едно поинакво толкување на американскиот Устав, и тоа во полза на личната слобода и индивидуалниот суверенитет. Како и претходните академци, и Барнет не е ескплицитен анархист, но во неговиот истражувачки делокруг силно е истакната идеата за бездржавно општество, секако заедно со неговото функционирање, како и потенцијална појава на проблеми и решенија на истите, во рамките на тоа општество. Барнет е правен експерт кој концептот на бездржавно општество го гледа низ призмата на правото, правдата, како и институциите кои ги спроведуваат, традиционално во надлежност на државата. Поаѓајќи од спонтаната појава на правото, а посебно трговското право, Барнет заклучува дека постоењето и спроведувањето на правото, не е нужно поврзано со постоењето на државата или друга форма на политичка власт. Правото, најпрво се развива од самата динамика на човековите дејствија (акции), каде често трети приватни и независни лица или институции се надлежни за решавање на спорови кои произлегуваат од акциите, и секако за целосно и доследно спроведување на правото, или конкретно, на договореното.

Од посебно значење за анархизмот и анархијата се неговите трудови Pursuing Justice in a Free Society: Part One – Power vs. Liberty (1985) и Pursuing Justice in a Free Society: Part Two – Crime Prevention and the Legal Order (1986), како и книгата  The Structure of Liberty: Justice and the Rule of Law (1998). Во трудот од 1986 година, посветен на спречување на криминал и градење на правен поредок во услови на анархија, Барнет на многу умешен начин објаснува за пост-државно, алтернативно, без-државно општество, во кое сите услуги во рамки на општеството се обезбедени од не-државни, односно приватни субјекти. Дополнително, претпоставува проблеми кои што потенцијално би можеле да се појават во услови на бездржавие, како што е доминирање на една агенција за заштита и нејзин премин во монопол на физичка принуда или држава. Но од друга страна образложува дека ваквото сценарио не би било можно (спротивно на претпоставките на Нозик), токму поради фактот што пазарот, односно клиентите ќе ја исфрлат таа конкретна агенција од игра (доколку стане монопол, а услугите за клиентите не се задоволителни). 

Питер Бетки и Австриска економска школа

Питер Бетки (Peter Joseph Boettke, 1960 – ) е еден од најпознатите научници, економисти и можеби социолози, кои творат во тој слободарски или либертаријански дискурс. Неговиот фокус на академски интерес е политичката економија на СССР, како и причините за нејзината нефункционалност, од перспектива на Австриската економска школа. Но дополнително, Питер Бетки се занимава и пошироко со економија, а анархизмот го користи како методолошка алатка во своите истражувања. Најмалку 4 негови дела се поврзани со анархизмот и оваа негова употреба во општествените науки, и тоа Anarchism as a Progressive Research Program in Political EconomyAn Anarchist’s reflection on the political economy of everyday life (2011), Anarchism and Austrian Economics (2011) и The Positive Political Economy of Analytical Anarchism (2020). Позната е неговата поделба на три основни видови на анархизам, и тоа утописки, револуционерен и аналитичен анархизам. 

Бетки, се занимава и со социологија, или поопширно, општествени науки, и тоа е посветен токму на феномените на идеолошка (битка на идеи) и општествена промена. Тоа може подетално да се провери во неговиот текст The Battle of Ideas: Economics and the Struggle for a Better World (2006).

Но во смисла на анархизам како социолошки феномен, од најголемо значење е Context Matters: Institutions and Entrepreneurship (2009), во која на елементарно ниво одредува што претставува (општествен) контекст, какви видови на институции има во општеството,  каков е нивниот однос кон феноменот на претприемништво (како процес на приватно решавање на проблеми во општеството), и секако, како општествениот контекст, односно констелацијата на општествени институции, влијае врз поттикнувањето и развојот на претприемништвото, а со тоа и понудата на приватни солуции на општествените проблеми. 

Иако Питер Бетки не е експлицитен анархист, тој е академски. Тоа значи дека во своите истражувања ја користи состојбата на бездржавие како основен пристап и аксиома во пошироките општествени науки, спротивно на доминантниот мејнстрим научен дискурс со аксиоматска поставеност на државата и нејзината алатка – политиката. 

Едвард Стрингам и приватно управување

Едвард Стрингам (Edward Peter Stringham, 1975 – ) е исто така американски економист и истакнат деец во академските слободарски или либертаријански кругови. Во неговиот фокус на истражување се наоѓа феноменот на приватното управување (private governance). Феноменот на приватно управување се однесува на сет од приватни решенија, односно решенија кои произлегуваат од слободниот пазар и слободните интеракции на поединците, за определени општествени проблеми, кои традиционално се во надлежност на државата и нејзината политичка и/или јавна власт. Стрингам, во неговото најпознато дело Private Governance: Creating Order in Economic and Social Life (2015), се осврнува на различните форми на приватно управување кои претставувале општествена реалност во определени периоди од историјата. Mеѓу оние области кои се најделикатни во однос на приватно управување се вбројува и создавањето и спроведувањето на правото, без посредство на државата, ниту на било каква организирана принуда, а подетално може да се прочита во неговиот труд Anarchy and the Law (2011). Како класичен пример за приватно управување, Стрингам го посочува примерот со создавањето и спроведувањето на трговското право, појавата на берзите во Британија, како и слични ситуации од историјата.

Приватното управување, својот зенит потенцијално би го доживеало во услови на анархија, во која услугите кои поединците ги добиваат или може да ги добијат, заедно со пристапите за решавање на општествени проблеми, би се обезбедиле со помош на приватни субјекти, кои функционираат во пазарни услови на конкуренција. Од големо значење за неговото академско делување е публикацијата Anarchy, State and Public Choice (2005), каде што тој се појавува како уредник, а истата претставува збирка на текстови – научни трудови, на познати автори кои својот академски фокус го ставаат врз феномените на анархија и анархизам.

Дополнително, трудот Hayekian Anarchism (2011), кој што Стрингам го пишува со Тод Зивички (Todd Joseph Zywicki, 1966 – ), посветен на скриениот анархизам на Хаек, за кој дополнително ќе стане збор во некој нареден текст.

Дејвид Остерфелд и аналитички анархизам

Дејвид Остерфелд (David Osterfeld) е политиколог, кој својата академска кариера ја посветил токму на феномените на анархизам и анархија, и тоа во слободарска или либертаријанска смисла. Негово најзначајно академско дело е книгата Freedom, Society, and the State (1986) во кое прави севкупна анализа, систематизација и споредба на различните видови на анархизми кои се појавуваат во историјата, протегајќи се од лев или комунистички анархизам, па се до индивидуалистички, пазарен и анархо-капитализам. Исто така Остерфелд, дополнително во ова дело прави и анализа, систематизација и споредба на различните видови на теории и идеологии во склоп на слободарската (либертаријанската) мисла и активизам, од минархистичките позиции на класичен либерализам, објективизам, па се до опциите на индивидуалистички анархизам, волунтаризам, пазарен анархизам и анархо-капитализам. 

Во неговиот труд Аnarchism and the Public Goods Issue: Law, Courts, and the Police (1989), објавен во The Journal of Libertarian Studies, Остерфилд дава визија за бездржавно општество, но и што би се случило, односно кој би ги обезбедувал услугите поврзани со функционирањето и одржувањето на јавни добра или услуги, како право, судови и полиција. Во продолжение, Остерфелд, на линија на анархо-капиталистите и Австриската економска школа, истакнува дека овие услуги, како најбитни услуги за поединците, непосредно поврзани со нивниот физички интегритет, слобода и сопственост, би било неопходно да бидат обезбедени од приватни субјекти во пазарни услови на конкуренција, наместо од државата или јавната власт. 

Дополнително во истиот труд, Остерфелд дава примери од историјата, во која создавањето и развојот на англосаксонското, но и континенталното право, не се толкувани како производ на легализацијата, односно нивно одредување од страна на законодавната власт, туку истите произлегуваат и се надоврзуваат на човековите акции, и потребата за решавање на споровите од приватни арбитри, на најефикасен начин. Сличен е и примерот со постоењето судството и полицијата, за кои може да се најдат примери за обезбедување на нивните функции или услуги, од страна на приватни (не-државни) и пазарни субјекти.

Помеѓу останатите негови текстови кои се на линијата на анархизам, капитализам и општо слободарство, се и Social Utility” and Government Transfers of Wealth: An Austrian Perspective (2005), Marxism, Capitalism and Mercantilism (2005) и The Natural Rights Debate: A Comment on a Reply (1983).

Фред Фолдвари и радикална демократија

Фред Фолдвари (Fred Emanuel Foldvary, 1946 – 2021) беше американски економист, кој голем дел од своето творештво го посвети на градење на основи, оправдувања и можности за алтернативно (бездржавно општество). 

Фолдвари беше познат по својата кованица на радикална демократија која означува и предвидува за секој учесник доброволно учество во структурата на управување, но и излез од истата, по негова волја. Со оглед дека ваквата радикална демократија, не може да заземе масивни облици, со оглед на потребата за едногласност на поединците за одредена заедничка или колективна акција, Фолвадри беше пропонент на демократија во мали размери (small-scale democracy). Како противник на масовната демократија, изразена и сфатена како тиранија на мнозинството над малцинството, радикалната демократија е сфатена како дословна манифестација на принципот на индивидуален суверенитет и човеково само-поседување. Концептот на радикална демократија, со сигурност може да се каже дека е на линија на концептот на анархија, во кој не постои држава, како израз на масовна демократија, а истата и нејзината улога е замената од различни заедници и здружувања, од профитен или непрофитен карактер, преку кои се изразува овој концепт на радикална демократија и учество (и се разбира излез) на учесниците во секој однос кој има ефект врз нив. 

Негова најпозната книга е The soul of liberty (1980), а од големо значење за академскиот анархизам се неговите текстови Small-Group, Multi-Level Democracy: Implications of Austrian Public Choice for Governance Structure (2002), Radical Democracy (2015), What is a Governmental Intervention? (2014), Individual Sovereignty (2014), како и Fiscal principles for self-organizing cities (2019).

Питер Лисон и само-управување

Питер Лисон (Peter T. Leeson, 1979 – ) е американски економист кој голем дел од својата академска кариера ја посветил на економијата на пиратите, проширување на доменот на рационален избор, како и капацитетот за само-организирање и одржување на поредок во различни и несекојдневни контексти. Тоа може да се прочита подетално во неговата The Invisible Hook: The Hidden Economics of Pirates (2011). Исто така Лисон е посветен во процесот на наоѓање на емпириски докази низ историјата за функционирањето на определени аспекти од области во кои отсуствува државната регулација и управување. 

Во неговиот труд The Laws of Lawlessness (2009) истакнува дека општествен поредок може да се изгради и одржува помеѓу членови на различни општествени групи, во отсуство на заеднички и централен политички авторитет, и тоа врз основа на само-регулирање и само-управување. Овој заклучок е изведен врз основа на емпириски историски докази од 16-тиот век, од Англо-шкотските гранични краишта, каде поредокот е производ на децентрализиран систем на преку-гранично кривично право, наречено Leges Marchiarum

Во продолжение, неговиот труд насловен како Government, clubs, and constitutions (2011) е посветен на анализата на уставната ефективност, односно до кој степен уставот може да биде спроведен (почитуван). Таа ефективност е споредена во услови на систем на политичка власт и во систем на неформални клубови, кои секако функционираат во различни општествени контексти (додека политичката власт е легитимизиран монопол, клубовите функционираат во пазарни услови на конкуренција). И баш поради тие разлики, Лисон заклучува дека уставот е полесно спроведлив кај клубовите (или статутот), како недржавни субјекти, од каде се надоврзува и поголемата ефикасност на субјекти кои функционираат во пазарни услови на конкуренција, наспроти политичките власт, кои ја уживаат удобноста да не бидат пазарно исфрлени од игра

И двата случаи, на кои Лисон потенцира, претставуваат едни од аргументите за алтернативно, пазарно и бездржавно општество, кое би кореспондирало со принципот на само-поседување, но и би функционирало со супериорна ефикасност во однос на општественото статус-кво, во кое државата не само што е присутна, туку е и главен општествен субјект. Останат текст на Лисон, битен за академскиот анархизам е Anarchy and Development: An Application of the Theory of Second Best (2009), во коавторство со Клаудиа Вилиамсон (Claudia R. Williamson).

Том Бел и полицентризам

Том Бел (Tom W. Bell) е американски правник, со академски фокус врз права на интелектуална сопственост, интернет права, подетално обработени во Intellectual Privilege: Copyright, Common Law, and the Common Good (2014). 

Но, од друга страна, Том Бел, се посветил и на академскиот анархизам, проучувајќи примери, можности, но и оправдувања за надминување на (нација) државата во 21-виот век, со помош на сите технолошки придобивки кои ги носи истиот. Според Бел, се повеќе и повеќе нацијата-држава станува непотребна и помалку ефикасна од другите здружувања од помали размери, кои функционираат во пазарни услови на слободна конкуренција. Повеќе за неговите ставови околу потенцијалното надминување на нацијата-држава во неговата книга Your Next Government? From the Nation State to Stateless Nations (2018). 

Том Бел, исто така во својот устражувачки делокруг го користи поимот на полицентризам, како и полицентрични правни и политички системи. Во самата суштина на поимот, детално објасната во What Is Polycentric Law? (2014), тој ја внесува потребата за конкуренција помеѓу различни правни системи, поаѓајќи од пазарната логика, дека секој од нив ќе се стреми да даде поволни услуги за своите клиенти. Доколку во производството и размената на стандардните комерцијални добра е присутна оваа економска логика на конкуренција и притисок за ефикасност во делувањето, зошто истото не би се применило и во сфери како создавање, одржување и спроведување на правните системи.

Во неговиот труд Polycentric Law in the New Millennium (1998) е истакната идеата дека илјадници години, обичајни и приватни правни системи ги регулирале човековите дејствија (акции), и аналогно, овие видови на регулирање и управување се постари од државата, како и самиот поим за право. Дополнително, во трудот, Бел истакнува три области, најбитни за развој на полицентрично (приватно) право, и тоа алтернативно решавање на спорови, приватни заедници и интернетот. Во сите три области, државата поткленала на предизвикот за ефикасна регулација, а незадоволните муштерии се свртиле кон приватни решенија, изразени преку полицентрични правни услуги.

Исто така од големо значење е концептот на корективна демократија, која им овозможува на гласачите да отфрлат или да гласаат негативно за определено правило, регулација и сл. Овој концепт може да служи во борбата за ограничување на моќта на држава, и нејзиното овластување да определува правни системи, регулации и други видови на мешање во човековите животи. Повеќе може да се види во неговиот труд Can We Correct Democracy? (2013). 

Алберт Хиршман и право на излез

Потребата за дополнително проникнување во суштината и различните изрази на академскиот анархизам, му дава посебно место на Алберт Хиршман (Albert Otto Hirschman, 1915 – 2012), и неговото дело Exit, Voice, and Loyalty (1970). Во истото пишува и дава историски и функционален осврт на правото на излез (exit) oд секакви видови на организации и колективи, како фундаментално право поврзано со принципот на само-поседување. 

Доколку е предвидено правото на излез од колективот на држава, истиот субјект повеќе не претставува држава, туку само доброволно здружение од профитна или непрофитна природа, поради фактот што некомпромисноста во задолжителноста е од суштинско значење за државата.

Бруно Фреј и власт без територијален монопол

Бруно Фреј (Bruno S. Frey, 1941 – ) е уште едно име на економист кое се поврзува со академскиот анархизам. Негoвиот труд A Utopia? Government without Territorial Monopoly (2001) е поврзан со можноста и оправданоста за влада без територијателен монопол, односно влада или држава која нема да изразува ексклузивен суверенитет врз определена територија. Аналогно, на истата територија, на која една власт не изразува тотален суверенитет, има потенцијал за ангажирање на повеќе влади, кон кои поединците доброволно би се претплатувале. Оваа алтернативна ситуација, дефинитивно може да се поистовети со анархија, затоа што власт без територијален монопол не е власт, а доброволното вклучување, исклучување и функционирање во пазарни услови на конкуренција е карактеристично само за доброволните здружувања, а не политичките власти.

Ерик Поснер, Глен Вејл и квадратно гласање

Концептот на двојна демократија или квадратно гласање (quadratic voting) е дојден до израз во заедничкото авторство на Ерик Поснер (Eric Andrew Posner, 1965 – ) и Глен Вејл (Eric Glen Weyl, 1985 – ) во книгата Radical Markets: Uprooting Capitalism and Democracy for a Just Society (2018) и трудот Quadratic Voting and the Public Good: Introduction (2017). Концептот квадратно гласање претставува концепт на демократија, односно учество на поединците во донесувањето на заеднички одлуки, во кое гласањето се одвива на две нивоа. 

Првото ниво, или она стандардното од масовната демократија, е она во кое секој поединец има само еден глас. Овој вид на гласање би се применувал за значајни прашања, кои имаат непосредно значење за поединците и нивните поединечни права во рамките на заедницата. Од друга страна, второто ниво на гласање, не се темели на принципот – еден поединец, еден глас, туку во истото, секој поединец може да гласа со онолку гласови, колку што има капацитет и волја да вложи капитал во проблематиката, која е тема на гласање. Тоа е слично како во акционерските друштва, каде што бројот на гласови зависи од уделот, односно акциите кои поединците или правните лица ги имаат во конкретното трговско друштво. Ова ниво на гласање, е познато и како гласање со својот џеб, и би се употребувало за општествени прашања кои имаат големи фискални импликации. Дополнително, на второто ниво од квадратното гласање, секој учесник може да избере степен до кој сака да учествува со својот глас и капитал.

Со концептот на двојна демократија или квадратно гласање би се зајакнал механизмот на демократија, но исто така би се унапредила поединечната слобода, но и поединечната одговорност за конкретни прашања, што потполно соодветствува со феномените на анархија и анархизам.

Заклучни согледувања

Академскиот анархизам е оној анархизам, кој ги користи феномените на анархија и анархизам во научно-академски цели. Значајно за овие теории, е тоа што ја надминуваат догматската поставеност на државата во општествените науки, и даваат простор за академско промовирање на феномените, и тоа во анализите, истражувањата и објаснувањата на општествените процеси. Од големо значење е нивниот научен пристап кон феномените на анархија и анархизам, оправдувањата кои стојат позади истите, како и понуда на визија за функционирањето на тоа алтернативно општество. 

Академскиот анархизам најчесто не ги користи експлицитно клучните феномени во својот дискурс, но вклучува дополнителни феномени и концепти со различни имиња од клучните, но кои може да се поистоветат, надградат или да објаснат определен аспект од истите. Термини кои се користат, меѓу другите се и алтернативно владеење, радикално само-управување, приватно управување, децентрализирано или пазарно општество, природен поредок, радикална демократија, власт без монопол, власт со право на излез, двојна демократија, квадратно гласање, полицентрично општество, корективна демократија како и други поими.

Академскиот анархизам, во голема мера се совпаѓа со анархо-капитализмот на Ротбард и Фридман, со таа разлика што повеќе или помалку отсуствува таа активистичка и можеби радикална нота. Најчесто вниманието е доделено на приватизирање на безбедносниот и правосудниот систем на државата, и понуда на истиот од страна на приватни субјекти во услови на слободен пазар и конкуренција. Исто така, и концептите поврзани со демократијата, сфатена во нејзината најчиста или поединечна, даваат и дополнителна тежина за проблематиките за кои е неопходна колективна акција

Иако не е активистички анархизам и не ги повикува луѓето да излезат на улица и да заземат став  дека политичката власт е голема општествена измама, истиот служи, или може да служи како дополнително оправдување и инспирација за активистичките анархизми, а во конкретниот случај – анархо-капитализмот.

Прочитај повеќе:

– Robert Nozick – Anarchy, State and Utopia (1974),

Robert Nozick: Political Philosophy

– Роберт Нозик – Приказна за еден роб (2021),

– Симон Саревски – Ренд, Нозик и минимална држава (2021),

– Едвард Јункинс – Нозиковата слободарска рамка за утопија (2022),

– James М. Buchanan – The Calculus of Consent: Logical Foundations of Constitutional Democracy (1962), 

– James М. Buchanan – The Limits of Liberty: Between Anarchy and Leviathan (1975),

– Adam Martin – The Limits of Liberalism: Good Boundaries Must Be Discovered (2016),

– Sam Tanenhaus – The Architect of the Radical Right (2017),

– Donald J. Boudreaux & Randall G. Holcombe – The Essential James Buchanan (2021),

– David Gordon – Buchanan and Anarchism (2020),

– Alexander William Salter – James Buchanan and Contractarian Anarchy (2013),

– Nikola Lj. Ilievski – The Individual Sovereignty: Conceptualization and Manifestation (2015),

– Bruce L. Benson – The Spontaneous Evolution of Commercial Law (2010),

– Randy E. Barnett – Pursuing Justice in a Free Society: Part One – Power vs. Liberty (1985), 

– Randy E. Barnett – Pursuing Justice in a Free Society: Part Two – Crime Prevention and the Legal Order (1986), 

– Randy E. Barnett – The Structure of Liberty: Justice and the Rule of Law (1998), 

– Peter J. Boettke – Austrian School of Economics

– Peter J. Boettke – Anarchism as a Progressive Research Program in Political Economy,

– Peter J. Boettke – An Anarchist’s reflection on the political economy of everyday life (2011),

– Peter J. Boettke – The Battle of Ideas: Economics and the Struggle for a Better World (2006),

– Peter J. Boettke &  Christopher Coyne – Context Matters: Institutions and Entrepreneurship (2009),

– Peter Boettke – Anarchism and Austrian Economics (2011), 

– Peter Boettke – The Positive Political Economy of Analytical Anarchism (2020),

– Edward P. Stringham – Private Governance: Creating Order in Economic and Social Life (2015),

– Edward P. Stringham & Todd J. Zywicki – Hayekian Anarchism (2011),

– Edward P. Stringham – Anarchy and the Law (2011),

– Edward P. Stringham (ed) – Anarchy, State and Public Choice (2005),

– David Osterfeld – Freedom, Society, and the State (1986),

– David Osterfeld – Аnarchism and the Public Goods Issue: Law, Courts, and the Police (1989),

– David Osterfeld – Social Utility” and Government Transfers of Wealth: An Austrian Perspective (2005), 

– David Osterfeld – Marxism, Capitalism and Mercantilism (2005), 

– David Osterfeld – The Natural Rights Debate: A Comment on a Reply (1983),

– Fred E. Foldvary – Radical Democracy (2015),

– Fred E. Foldvary – Small-Group, Multi-Level Democracy: Implications of Austrian Public Choice for Governance Structure (2002),

– Fred E. Foldvary – The soul of liberty (1980),

– Fred E. Foldvary – What is a Governmental Intervention? (2014),

– Fred E. Foldvary – Individual Sovereignty (2014),

– Fred E. Foldvary & Luca Minola – Fiscal principles for self-organizing cities (2019),

– Peter T. Leeson – The Invisible Hook: The Hidden Economics of Pirates (2011),

– Peter T. Leeson and Claudia R. Williamson – Anarchy and Development: An Application of the Theory of Second Best (2009),

– Peter T. Leeson – The Laws of Lawlessness (2009),

– Peter T. Leeson – Government, clubs, and constitutions (2011),

– Tom W. Bell – Your Next Government? From the Nation State to Stateless Nations (2018),

– Tom W. Bell – Polycentric Law in the New Millennium (1998),

– Tom W. Bell – What Is Polycentric Law? (2014),

– Tom W. Bell – Can We Correct Democracy? (2013),

– Albert Hirschman – Exit, Voice, and Loyalty (1970), 

– Bruno S. Frey – A Utopia? Government without Territorial Monopoly (2001), 

– Eric A. Posner & E. Glen Weyl – Radical Markets: Uprooting Capitalism and Democracy for a Just Society (2018),

– Eric A. Posner & E. Glen Weyl – Quadratic Voting and the Public Good: Introduction (2017),

– Michael Taylor – Community, Anarchy and Liberty (1982),

– Barry R. Weingast – The Economic Role of Political Institutions: Market-Preserving Federalism and Economic Development (1995).

– Mohammed A. Bamyeh – Anarchy as Order: The History and Future of Civic Humanity, World Social Change (2009)

Голема благодарност до википедија