Anarhizam Individualisticki
Дизајн Ѓорѓи Димитров

Aнархизам индивидуалистички


Анархизмот е феномен кој се појавува при крајот на 18-ти и 19-ти век, во Европа и во Америка, како вид на анти-државни и анти-системски движења, философии, ставови и култури. Во 19-ти век ја добива својата модерна форма, но истиот имплицитно може да се поврзи со учења кои датираат од минатото. Имплицитни анархистички теории или философии се оние кои во кои творците и напишаното не се поистоветени како анархизам, анархија или анархист, но фактички изразеното е анархизам, анархија и анархист, или во најмала рака се поставува оправдување, возможност или визија за бездржавие.

Пред да се премине кон поконкретни видови на анархизам, потребно е да се потенцира на анархизам, сфатен во повеќе смисли, и тоа академска или теоретска смисла, во смисла на општествено движење или општествен активизам, културолошка смисла, сфатен како контра или суб-култура, како и поединечен став на своеглавост, радикалност, па дури и бунтовност. Во овој текст фокусот ќе биде на анархизмот низ таа академска призма, дополнително претставен од повеќе школи, традиции, дејци, но и различни форми на организирање во анархистичките активистички движења.

Архо-анархизам

Анархизмите пред 19-тиот век не биле експлицитно анархистички, затоа што терминот се популаризира подоцна во 19-ти век. Но она што ги прави анархистички, иако имплицитно, е дозата на скептичност кон оправданоста на постоењето на државата, па дури и непосреден анти-етатизам кои ги содржат.

Лао Цу и неговата традиција на Таоизам, заснована уште пред нашата ера, може да се смета за првата анархистичка и слободарска, иако во имплицитна смисла. Анархизмот во традицијата на Таоизам, во античка Кина, се темели на изразениот анти-државен став и промовирање на философијата на не-владеење. Овие принципи се на линија на анархистичките, со заеднички содржател во одбивањето да се биде субјект и објект на практикување на (политичка) власт, односно да се биде неутрален и рамнодушен кон државата. Лао Цу, кој уште пред нашата ера во Кина, ја изразувал својата философија на невладеење може да го добие ептитет на архо-анархист.

Ренесансен анархизам

Етјен де Ла Боети (Étienne de La Boétie, 1530-1563) француски магистрат, поет и политички теоретичар, во 16-тиот век, својот цврст анти-етатистички, односно анти-државен став, го изразува во неговото, своевремено утописко дело Discourse on Voluntary Servitude (1576) (Француски: Discours de la servitude volontaire). Тој истакнувал дека тиранијата е резултат на доброволно потчинување, и може да се укини ако луѓето одбијат да им се покорат на авторитетите над нив. Неговиот анархизам може да го наречеме ренесансен анархизам

Исто така, тука треба да се спомене и Џерард Винстенли (Gerrard Winstanley, 1609 – 1676), заедно со неговата The Law of Freedom in a Platform (1652) и движењето Diggers.

Романтичарски анархизам

Утопискиот или романтичарскиот анархизам на Вилијам Годвин (William Godwin, 1756 – 1836) следи кон крајот на 18-ти и почеток на 19-ти век. Исто така Годвин може да се смета за еден од основоположниците на индивидуалистичкиот анархизам или философскиот анархизам. Негово најпознато дело е Enquiry Concerning Political Justice. Годвин ја истакнува клучната измама, одржувана од властите, дека државната контрола е неопходна за да функционира човековото општество. Познат е и по неговиот индивидуализам, констатирајќи дека „општеството не е ништо повеќе од собир на поединци“, додека пак „власта е злобна, узурпација врз поединечните судови и поединечната свест за човештвото“. Во неговата политичка правда изјавува дека поединците, а не државата, можат најдобро да им служат на своите потреби. Исто така сметал дека општествено-политичката промена може најдобро да настапи постепено или градуелно, како резултат на слободни комуникации во мали заедници, што значи дека иако бил романтик, радикал и можеби утопист, не бил револуционер, а дополнително хорорите на Француската буржоаска револуција служеле како поттик за оформување и изразување на неговите ставови во неговото творештво.

Вилијам Годвин (wikipedia.org)

Индивидуалистички анархизми се сите оние анархизми кои во својот дискурс и анализа започнуваат со поединецот и неговата слобода, a во поглед на теоретските поставки, следат методолошкиот индивидуализам. Meтодолшкиот индивидуализам сугерира дека анализирајќи ги луѓето може да се научи за општеството, но не и обратно. Скоро секогаш индивидуалистичкиот анархизам оди рака под рака со слободата на изборите на поединците, плодовите на нивниот труд (или сопственост) и слободниот пазар, како метод на регулација на општествените односи. Она што суштински ги разликува индивидуалистичките анархизми од левите анархизми е нивната перспектива кон сопственоста, и односот на истата со државата. А она што ги разликува овие анархизми, од нивната современа и надоградена верзија – анархо-капитализам, е перспективата за функционирање на економијата. Секако, суштествено тие се поблиски со анархо-капитализмот, отколку со левите комунистички и колективистички видови на анархизам, иако често се декларирале како леви и учествувале во светски левичарски организации како Првата интернационала.

Знаме на анархизмот индивидуалистички (wikimedia.org)

Мутуализам

Кога станува збор за индивидуалистичкиот анархизам, може да се започне со Пјер Жозеф Прудон (Pierre-Joseph Proudhon, 1809 – 1865), и неговата философија, теорија, идеологија и активизам наречен мутуализам. Мутуализмот претставуваше силна инспирација за развој на теориите на анархизам, како и за појавата на индивидуалистичкиот анархизам во Америка. Исто така Прудон е еден од првите активисти кои сам се декларирал како анархист (покрај останатите определби како социјалист и федералист), страсно творел и ги промовирал овие гледишта за алтернативна реалност и патот кон неа. Meѓу најпознатите дела на Прудон се What is property? (1840), The Federative Principle (1863), What is Government? What is God? (1849) и System of Economical Contradictions: or, The Philosophy of Poverty (1846). За разлика од доминантните социјалистички тенденции, Прудон е протагонист на замена на политиката со економија, централизацијата со децентрализација, колективноста со индивидуалност, и авторитетот со слобода. Прудон има доста контроверзен став кон приватната сопственост, поврзувајќи ја со експлоатација и нерамномерна распределба на ресурсите во општеството. Најголемиот дел од конфликтот е насочен кон каматите и рентите, како цени на кредитите и земјата, сметани за незаслужен приход на капиталистите и плод на капиталот. Позната е неговата фраза, која ја овековечува во неговото најпознато дело Што е сопственоста?сопственоста е кражба. Но сепак, тој не е тотален непријател на сопственоста (за разлика од комунистите и колективистичките анархисти), и промовира таканаречената лична сопственост, производ на човековиот труд, неопходна за независност и достоинствен живот на секој поединец, поистоветувајќи ја со слобода (сопственоста е слобода). Прудон инспирирал плеада на мислители и активисти, кои дополнително го градат анархизмот и анти-етатизмот како широка идеолошка тенденција..Помеѓу листата на француски анархисти од 19-ти век, заслужено место зазема и Анселм Белегариг (Anselme Bellegarrigue, 1813 – 1869), со истакнување на мотото Бездржавието е поредок (Anarchy is order), во неговата Anarchy, a Journal of Order. Неговото анархистичко учење е на линија на индивидуалистичкиот анархизам, со елементи на мутуализам, под влијание на Прудон.

Пјер Жозеф Прудон (wikipedia.org)

Егоизам

Меѓу највлијателните дејци на индивидуалистичкиот анархизам од 19-ти век е и германскиот философ Макс Штирнер (Max Stirner, 1806 – 1856). Тој во неговата The Ego and its Own (1844), ја објаснува теоријата на егоизам, која своевремено претставуваше радикална и контроверзна теорија, дотолку повеќе со неговата општествена реалност, претставена како унии на ега (union of egos), во рамки на пост-државна алтернатива. 

Помеѓу егоистите инспирирани од Штирнер, треба да се спомене и Џон Хенри Мекеј (John Henry Mackay, 1864 – 1933), кој исто така делувал во Германија кон крајот на 19-ти и почеток на 20-ти век. Негово најпознато дело е фикцијата The Anarchists: A Picture of Civilization at the Close of the Nineteenth Century (1891).

Прото-анархо-капитализам

Пазарниот анархизам, или своевиден прототип на современиот анархо-капитализам, може да се пронајде и во творештвото на белгискиот економист Густав де Молинари (Gustave de Molinari, 1819 – 1912). Молинари во средината на 19-ти век го уредувал списанието Journal des Economistes, во кое ги објавувал своите не толку популарни ставови, па дури и помеѓу тогашните заговорници на слободен пазар, како што бил и Фредерик Бастиат (Бастија) (Frédéric Bastiat, 1801 – 1850). Истите се поистоветуваат со оправдување на возможноста за општество во кое нема држава и во кое сите услуги кои ги дава државата – државниот сервис, со посебен осврт на услугата на безбедност и заштита од агресија, се обезбедени од приватни субјекти, кои функционираат врз доброволна основа и во пазарни услови. Визијата, односно идеотелијата на Молинари за бездржавно општество е многу слична со онаа на современите анархо-капиталисти. Негови познати текстови се: Protection and Restrictions on Free Trade (1853), За производството на безбедност или The Production of Security (1849) и Of the Liberty of Government (1849).

Густав де Молинари (wikipedia.org)

Пацифистички анархизам

Лав Толстој (Leo Tolstoy, 1828 – 1910), познатиот руски литературен класик, кој творел во 19-ти век, бил пропоненет на христијански анархизам или пацифистички анархизам. Темели на овој вид на анархизам се безусловен пацифизам и ненасилство во општествените односи, отфрлање на сите политички авторитети и признавање само авторитетот на Бог. Клучни текстови за овој вид на анархизам, чиј автор е Толстој се The Kingdom of God Is Within You (1894),  и Leo Tolstoy – The Slavery Of Our Times (1900). 

Густав Ландауер (Gustav Landauer, 1870 – 1919) е исто така пацифистички анархист, кој бил дополнително инспириран од делото на Штирнер и индивидуалистичкиот анархизам. Неговиот анархизам, често е поистоветуван со мистичен анархизам, и тоа најчесто поради неговите религиозни и метафизички поставки. Најпознато дело на Ландауер е Anarchism in Germany.

Англо-амерички лев пазарен анархизам

Kaj американските анархисти, заговорници на философски, индивидуалистички и пазарен анархизам, исто така и пазарен социјализам, од крајот на 19-ти век, секако вредни да се напоменат се Џошуа Ворен (Josiah Warren, 1798 – 1874) и Хенри Девид Торо (Henry David Thoreau, 1817 – 1862). Анархизмот и аболиционизмот на Торо е од морална природа и се манифестира со непослушност, отфрлање и заобиколување на политичките авторитети, а дополнително неговите анархистички ставови можат да се согледаат во неговата За должноста на граѓанинот да биде непослушен или Civil Disobedience. Ворен, од друга  страна беше инспириран од мутуализмот на Прудон. Исто така и Френсис Дешвуд Тенди (Francis Dashwood Tandy – 1867–1913) бил индивидуалистички анархист, волунтарист и мутуалист. Негово најпознато е дело е Voluntary Socialism (1896)Уберон Херберт (Auberon Herbert, 1838 – 1906) беше англиски писател и истакнат индивидуалист кој делуваше во втората половина на 19-тиот и почетокот на 20-тиот век, член на групата наречена „Voluntaryists” која стоеше позади принципите на доброволност и отсуство на секакво насилство во општествените односи. Херберт може да се смета за родоначалник на философијата на волунтаризам, која се темели на принципот на само-поседување, доброволна влада и недвосмислено спротивставување на секаков вид на насилство. Може да се прочита повеќе за неговите принципи во неговите A Plea for Voluntaryism (1906) и The Right and Wrong of Compulsion by the State and Other Essays (1885).

Хенри Дејвид Торо (wikipedia.org)

Списанието Liberty, кое се издаваше во Америка кон крајот на 19-тиот и почетокот на 20-тиот век беше познато по својата пазарно социјалистичка и aнархистичка содржина, а активисти, теоретичари и претприемачи како Лисандер Спунер (Lysander Spooner, 1808 – 1887), Бенџамин Такер (Benjamin Tucker, 1854 – 1939) и други, биле помеѓу неговите уредници и редовни автори. Истите служат како силна инспирација за слободарското или либертаријанското и дотолку повеќе анархо-капиталистичкото движење, кое ќе се појави во втората половина на 20-тиот век. Нивните дела ќе остават печат во аналитичката анархистичка мисла, како што се The Law of Intellectual Property (1855), No Treason: The Constitution of No Authority (1867), Natural Law, The Science Of Justice (1882) на Спунер и State Socialism and Anarchism (1888) на Такер. Од посебно значење за овој анархизам е ликот и делото на Лисандер Спунер, кој бил заколнат анархист и непријател на државата. Спунер исто така бил и аболиционист, претприемач и правник. Тој ја започнал првата приватна пошта во САД (American Letter Mail Company), која беше затворена од законски причини, односно по повод неговите антагонизми со власта. Најпозната е неговата критика на американскиот Устав, како своевиден репрезент на американската држава и неговото потенцирање на недостаток на поединечна согласност на граѓаните во Америка, во процесот на негово создавање и потпишување. Спунер изјавува дека уставот не може да ги обврзи оние кои не го потпишале, а секој акт е обврзувачки само за оние кои ја дале својата согласност за негово стапување во сила, и никако поинаку. Интересно е тоа што и Такер и Спунер, како и мутуалистите, се декларирале како социјалисти и левичари, но секогаш цврсто се дистанцирале од доминантниот тип на државен социализам, како и други видови на социјалистички етатизам. Такер и Спунер биле членови на Првата интернационала, за која ќе стане повеќе збор во делот посветен на левиот анархизам.

Лисандер Спунер (wikipedia.org)

Анархизам без придавки и додавки

Во истиот период, кон крајот на 19-ти век, во Америка делувала и Волтарин де Клер (Voltairine de Cleyre, 1866 – 1912), која била маркантна женска анархистичка фигура, која се обиде да ги отфрли сите префиксианархизам без придавки, но нејзината философија може практично да се поистовети со индивидуалистичкиот анархизам. За нејзините ставови, може повеќе да се види во нејзиното дело Anarchism & American Traditions (1909).

Волтарин де Клер (wikipedia.org)

Анти-етатизам

На почетокот на 20-тиот век, анархизмот, иако имплицитно, може да се поврзи со делото на германскиот социолог и лекар, а самопрогласен лев либерал Франц Опенхајмер (Franz Oppenheimer, 1864 – 1943). Предмет на истражување и пишување на Опенхајмер е генезата на државата, нејзината насилна, изнудувачка и освојувачка природа, која ја објаснува во својата The State: Its History and Development Viewed Sociologically (1926). Опенхајмер издвојува два метода за задоволување на човековите потреби и желби, и тоа политички начин, кој е поврзан со принуда и насилно одземање, и економски начин, поврзан со труд и доброволна размена. Државата, според Опенхајмер е организација на политичките начини.Kaj анти-етатистите, исто така треба да се спомене и Алберт Џеј Нок (Albert Jay Nock, 1870 – 1945), еден од првите американци што се декларирал како слободар или либертаријанец и неговата недвосмислена критика на државата во Our Enemy, the State (1935). Џеј Нок е познат по базичната дистинкцијата која ја прави помеѓу она што претставува општествена моќ и она што претставува политичка моќ. Општествената е моќта на човекот над природата, додека политичката, е моќ на човекот над човекот. Опенхајмер и Џеј Нок силно влијаеле покасно врз делото и активизмот на Мареј Ротбард, а посебно нивните теории за настанување и природа на државата.

Француски хипи анархизам

Емили Арманд (Émile Armand, 1872 – 1962) беше влијателен француски анархист, индивидуалист и либертин, заговорник на широка поединечна слобода, која не опфаќа само слобода во политичка смисла, туку и културолошка и сексуална слобода. Најпознато дело од него е  Anarchist Individualism and Amorous Comradeship (1959). 

Алберт Либертад (Albert Libertad, 1875 – 1908) беше исто така француски индивидуалистички анархист, познат по тоа што го основа списанието  L’Anarchie. Негово дело е поемата Obsession (1898), во која ги изразува своите анти-државни, анти-буржујски и анти-морални ставови

Хан Ринер (Han Ryner, 1861 – 1938) e уште еден француски индивидуалист анархист, автор на делото Mini-Manual of Individualism (1905)

Современ лев пазарен анархизам

Во 20-ти и 21-ви век продолжува традицијата на индивидуалистичкиот или пазарниот анархизам, во голема мера поради активноста на Center for a Stateless Society (C4SS). Центарот претставува американски тинк тенк и медиум со мисија „да ја објасни и одбрани идеата за општествена соработка без агресија, опресија и централна власт.“ Исто така активен во изучување и промоција на анархизмот е и Molinari Institute, кој го носи своето име во чест на Гистав де Молинари. 

Од анархистичките дејци може да се издвојат Карл Хес (Karl Hess, 1923 – 1994), Гери Чартиер (Gary Chartier, 1966 – ), како и Давид С. Дамато. Хес претставува маркантна фигура, која идеолошки лутала, за на крај да го прифати анархизмот и слободарството како идеологија со која може да се поистоветува. Познат е неговиот есеј The Death of Politics (1969), кој може да послужи како еден од основните текстови за запознавање со слободарството и анархизмот. Хес исто така може да се смета за анархо-капиталист, поради истакнувањето на овој термин во своите текстови, но и поради неговата инспирираност од Ротбард, Ејн Ранд, како и други анархисти, радикални капиталисти и побoрници за слободен пазар. Чартиер е познат по неговото дело Anarchy and Legal Order: Law and Politics for a Stateless Society (2013). Вистинско четиво за современиот лев пазарен анархизам претставува Markets Not Capitalism Individualist Anarchism Against Bosses, Inequality, Corporate Power, and Structural Poverty (2011), кое е збирка на есеи, уредени од Гери Чартиер и Чарлс Џонсон, кои ја објаснуваат и претставуваат теоријата на овој анархизам, во современо издание. Длабок увид во разбирањето и типологијата на анархизмот, прави и Дејвид Остерфелд, со неговата Freedom, Society, and the State: An Investigation into the Possibility of Society without Government (1986).

Автархизам

Роберт Лефевре (Robert LeFevre, 1911 – 1986) е уште еден слободар и имплицитен анархист, кој дал свој придонос кон анархизмот, сфатен како широка идеолошка тенденција, или поконкретно кон индивидуалистичкиот анархизам. Може да се смета за основач на автархизмот, кој претставува политичка философија, основана на принципите на поединечна слобода, отфрлање на политичката власт и елиминација на владата во корист на само-владеењето, од каде што и потекнува името. Негови дела се This Bread is Mine (1960), The Nature of Man and His Government (1959), The Fundamentals of Liberty (1988) и The Philosophy of Ownership (1966).

Агоризам

Семјуел Едвард Конкин 3-ти (Samuel Edward Konkin III, 1947 – 2004) е основоположник на агоризмот, како вид на анархистичка политичка философија. Според Конкин, „целта на агоризмот е агората (плоштад). Општеството на отворен пазар, скоро неизвалкано од кражби, напади и измами, колку што може поблиску до слободно општество. Слободно општество е она во кое секој од нас може да ги задоволи своите субјективни вредности без насилен судир со останатите.” Дополнително Конкин предлага заобиколување на државните институции, неизлегување на избори и префрлање на целата економија во сива, па дури и во црна зона, која не може да биде предмет на оданочување или регулација – контра-економија (counter-economics). Најпознато негово дело е An Agorist Primer (2008).

Заклучни согледувања

Индивидуалистичкиот анархизам претставува идеолошки склоп од слични теории, активизми и ставови кон општествената и посакуваната алтернативна реалност, која се темели на методолошки индивидуализам, ненасилство во општествените односи, поединечен избор и права на сопственост. Силно се противи на секаков вид на политичко централизирано организирање на општеството, но дополнително се противи и на рентите и каматите, како незаслужен доход на земјопоседниците и капиталистите. Тоа потекнува од неговата економска основаност и оправданост со трудовата теорија на вредноста, која вредноста ја аспектира низ призма на трудот посветен на истата. Токму оваа економска теорија, претставуваше заедничка нишка со социјализмот и марксизмот, од каде можеби потекнува и самодекларирањето на овие анархисти како левичари и социјалисти, и покрај несогласувањето со поголемиот дел од марксистичките теоретски поставки. Во однос на својата идеотелија, индивидуалистичкиот анархизам можеби потфрли во описот на функционирање на тоа алтернативно општество, иако се наоѓаат поставки за федерално и децентрализирано функционирање на општеството, општествени односи базирани врз поединечна согласност и слободен пазар како апсолутен регулатор на тие односи. Не треба да се заобиколи и фактот што повеќето индивидуалистички анархизми не беа воопшто револуционерни, т.е. не предлагаа општествена промена со користење на метод на насилство, туку напротив, адаптиран е методот на ненасилна и реформска промена, и покрај радикалниот карактер на самата идеа.

Разликата помеѓу индивидуалистичкиот (современиот пазарен) анархизам и анархо-капитализмот, во однос на идеотелијата, односно целта кон која се стреми идеологијата, скоро и да не е видлива. Но она што ги разликува е економската теорија, врз која се темели идеологијата, што во случајот на левиот пазарен анархизам е трудовата теорија на вредноста, додека пак анархо-капиталистите, своето економско оправдување го темелат врз Австриската економска школа и традицијата на Мисес, Менгер и Хаек. Дополнително, пазарните анархисти, често се декларираат како левичари, го критикуваат капитализмот, како репресивно економско уредување, но промовираат слободен пазар и општествени односи втемелени врз поединечна согласност и ненасилство. Од друга страна, анархо-капиталистите користат различен дискурс, кој е антагонистички настроен кон левицата, а во нивен фокус е капитализмот, како израз на човековата слобода и неговите избори во рамките на општеството.

Индивидуалистичкиот анархизам играл огромна улога во развојот на анархистичкото творење и делување, дополнително имал огромно влијание врз појавата на современите слободарски теории и активизми, а дотолку повеќе на анархо-капитализмот.

Прочитај повеќе

– Albert Jay Nock – Our Enemy, the State

– Albert Libertad – Obsession;

– Auberon Herbert – A Plea for Voluntaryism;

– Auberon Herbert – The Right and Wrong of Compulsion by the State and Other Essays;

– Benjamin Tucker – State Socialism and Anarchism

– David Osterfeld – Freedom, Society, and the State: An Investigation into the Possibility of Society without Government;

– Émile Armand – Anarchist Individualism and Amorous Comradeship;

– Étienne de La Boétie – Discourse on Voluntary Servitude;

– Francis Dashwood Tandy – Voluntary Socialism

– Franz Oppenheimer – The State: Its History and Development Viewed Sociologically;

– Gary Chartier – Anarchy and Legal Order: Law and Politics for a Stateless Society;

– Gary Chartier & Charles W. Johnson – Markets Not Capitalism Individualist Anarchism Against Bosses, Inequality, Corporate Power, and Structural Poverty;

– Gerrard Winstanley – The Law of Freedom in a Platform;

– Густав де Молинари – За производството на безбедност;

– Gustave de Molinari – Of the Liberty of Government;

– Gustave de Molinari – Protection and Restrictions on Free Trade;

– Gustave de Molinari – The Production of Security

– Gustav Landauer – Anarchism in Germany;

– Han Ryner – Death of Politics;

– Henry David Thoreau – Civil Disobedience;

– Хенри Девид Торо –  За должноста на граѓанинот да биде непослушен;

– John Henry Mackay – The Anarchists: A Picture of Civilization at the Close of the Nineteenth Century;

– Josiah Warren – Manifesto

– Karl Hess – Death of Politics;

– Kristian Pr’Out –  Egoism and the Post-Anarchic: Max Stimer’s New Individualism;

– Leo Tolstoy – The Kingdom of God Is Within You;

– Leo Tolstoy – The Slavery Of Our Times;

– Lysander Spooner – Natural Law, The Science Of Justice;

– Lysander Spooner – No Treason: The Constitution of No Authority;

– Max Stirner – The Ego and its Own;

– Pierre-Joseph Proudhon – The Federative Principle;

– Pierre-Joseph Proudhon – What is Government? What is God?;

– Pierre-Joseph Proudhon – What is property?;

– Robert LeFevre – The Fundamentals of Liberty;

– Robert LeFevre – The Nature of Man and His Government;

– Robert LeFevre – The Philosophy of Ownership;

– Robert LeFevre – This Bread is Mine;

– Rudolph Rocker – Pioneers of American Freedom: Origin of Liberal and Radical Thought in America

– Voltairine de Cleyre – Anarchism & American Traditions;

– William Godwin – Enquiry Concerning Political Justice.

Голема благодарност до википедија:

Individualist anarchism, wikipedia,

Individualist anarchism in the United States, wikipedia- Individualist anarchism in Europe, wikipedia