Извор: https://mises.org/library/anatomy-state-0

Анатомија на државата: Што државата не е


Глава I: Што државата не е

Државата, скоро универзално се смета за институција на општествен сервис. Некои теоретичари ja уважуваат како апотеоза на општеството; други ја сметаат за добронамерна, но често неефикасна организација за постигнување на општествени цели; но скоро сите ја аспектираат за неопходна алатка во тој процес, алатка која е сместена до ,,приватниот сектор” и често победува во натпреварот за ресурси. Со подемот на демократијата, поистоветување на државата со општеството е удвоено, тргнувајќи од вообичаениот израз на чувства кои што го повредуваат здравиот разум: ,,ние сме државата.” Користењето на колективниот поим ,,ние”, дозволи политичкиот живот да биде идеолошки камуфлиран. Доколку ,,ние сме државата,” тогаш секој однос на власта кон поединците не само што е праведен и нетирански, туку исто така и доброволен. Доколку властите се задолжат со голем јавен долг кој што мора да биде платен со одданочување на една група, за сметка на друга, реалноста е замаглена со ,,ние си го должеме тоа”; доколку власта затвори човек поради дисиденство, тогаш тој ,,самиот си го прави тоа” и аналогно на тоа, ништо неправедно не се случило. Според ваквата логика на размислување, сите Евреи убиени од нацистичката власт не биле убиени; туку ,,се самоубиле” додека биле на власт (демократски избрана). Некој би помислил дека нема потреба од овој осврт, и покрај тоа што поголемиот број од луѓето ја имаат ова заблуда, во поголем или помал размер. Затоа мораме да нагласиме дека ние не сме државата и државата не е ние. Власта во ниеден случај не го претставува мнозинството на луѓе. [1] Но и доколку го претставуваше, дури и ако 70% од луѓето би одлучиле да ги убијат останатите 30%, ова сеуште би било убиство, а не самоубиство на малцинството. [2] Ни една органистичка метафора, ни една ирелевантна баналност ,,сите сме дел еден од друг,” не смее да го крие овој факт.

Мареј Ротбард

Тогаш, ако државата не е ние, ако истата не е фамилија која заедно ќе одлучува за заедничките проблеми, не е некаков состанок на секта или клуб, што претставува таа? Накратко, таа е општествена организација која го поседува монополот на користење на сила и насилство на дадена територија; а поконкретно, таа е единствена организација во едно општество која ги одржува своите приходи, не по пат на доброволен однос, или наплаќање на услуги, туку со принуда – употреба на насилство и закана со употреба на истото. Додека останатите поединци и институции тоа го прават со производство на добра и услуги и со мирољубива и доброволна размена (продажба) на истите, државата своите приходи ги одржува со изнуда – со користење на закана со затвор и со бајонет. [3] Со користењето на сила и насилство во одржувањето на своите – јавните приходи, државата тежнее кон регулирање и диктирање на активностите на поединечните субјекти. Некој би помислил дека аспектирањето на појавата и одржувањето на државите низ историјата, во целиот свет, би биле доволен доказ на оваа констатација; но митот за државата опстојува долго време, и оваа елаборација е неопходна.


[1] Во оваа глава не можеме да ги развиеме проблемите и недостатоците на ,,демократијата.” Доволно е да се каже дека вистинскиот ,,претставник” на поединецот, секогаш подреден на неговите изјави, може да биде откажан во секое време и неможе да делува спротивно на неговите интереси или желби. Јасно, „претставникот” во демократијата никогаш не може да ги извршува функциите на вистинскиот, и единствено е можен во слободарско општество.

[2] Социјалдемократите често изјавуваат дека демократијата – владеењето на мнозинството, логично подразбира дека мнозинството мора да му остави определени слободи на малцинството, за малцинството еден ден да стане мнозинство. 

[3] Joseph A. Schumpeter, Capitalism, Socialism, and Democracy (New York: Harper and Bros.,1942), стр.198.  Судирот, или антагонизмот меѓу приватната и јавната сфера се зајакна со фактот дека…. Државата живее на приходите кои потекнуваат од приватната сфера и кои мора да бидат одземени со сила (политика). Теориите кои ги споредуваат даноците со купување на членство во општествен клуб и/или купување на други услуги покажуваат колку се оддалечиле општествените науки од научните методи и здравиот разум. Исто така види Murray N. Rothbard, “The Fallacy of the ‘Public Sector,” New Individualist Review (Лето, 1961)

Превод од англиски: