Австриската економска школа и COVID-19 пандемијата

На 20.05.2021 во организација на Студенти за слобода беше одржан вебинар на тема „Одговорите на Австриската школа за COVID-19 пандемијата“. Гости на вебинарот беа Федерико Фернандез, Јозеф Шима и Џефри Такер. Федерико е претседател на Fundation International Bases и виш научен соработник во Austrian Economics Center. Јозеф е професор по економија на CEVRO Institut, приватен универзитет во Прага во чиј фокус е класичниот либерализам и Австриската економска школа. Џеф е главен уредник во American Institute for Economic Research, а модератор беше Симон Саревски од Либертаниа и  Austrian Economics Center.

Како што самиот наслов на вебинарот наговестува, главната тема беше COVID-19 пандемијата и авторитарните одговори од страна на безмалку сите влади во светот, без оглед дали се либерални демократии или de facto  диктатури. Во духот на Милтон Фридман кој вели дека „ Само криза – вистинска или замислена – произведува вистински промени… Кога ќе се појави таа криза, дејствијата што се преземаат зависат од идеите што лежат наоколу“, гостите со својот ентузијазам и „рационален оптимизам“ зборуваа и за добрите (можни) последици од пандемијата и улогата на слободарите во ширењето на толку потребните слободарски идеи.

Низ историјата, многумина се обидувале да дојдат до вистинскиот одговор на односот помеѓу слободата и сигурноста. Колку повеќе добиваме од едното, толку повеќе губиме од другото. И класичните либерали не се ништо поразлични бидејќи ова прашање ги измачува и нив. Тешко е да се дојде до вистинскиот одговор во нормални времиња, а не пак за време на криза. А бидејќи сега сме во криза, потребата за доаѓање се поблиску до вистинскиот одговор е уште поголема и затоа така започна нашата дискусија. Од таму се префрливме на прашањето кое за време на пандемијата се поставува се почесто – до каде стигнавме на „патот кон ропството“ за кое Хајек теоретизираше и не предупредуваше.

Австриската економска школа е богата традиција која оваа година ја бележи својата 150 годишнина. Оттаму нормално, не може да се очекува австријците да се сложат за се. Меѓутоа, посебно во време на практично навидум бесконечно владино задолжување и печатење пари, прашање кое треба да не мачи сите, не само австријците, е она за што следно разговаравме, односно токму инфлацијата. А бидејќи живееме во време каде што криптовалутите сè се повеќе во фокусот, им се обрна внимание и на нив и секако „Богот“ на австријците – златото. За крај, панелистите се обидоа да дадат одговор за тоа во која насока треба да се движиме.

Оваа дискусија можете да ја најдете на фејсбук страна на Студенти за слобода, тука. Ако „потрошите“ 75 минути за да ја проследите дискусија, верувајте, нема истите да бидат залудни. Нема да зажалите!