Централно планска економија – Марксистичките основи на економска калкулација
извор: cdn.substack.com

Централно планска економија – Марксистичките основи на економска калкулација

СЕРИЈАЛ: Mожноста за економска калкулација во социјалистичките економски системи и случајот на Југославија

I дел: Централно планска економија – Марксистичките основи на економска калкулација

За Маркс, аспектот што го разликува човековиот труд од „животинското“ производство е наменското планирање. Водени од инстинктите, пчелите можат да конструираат ќелии, но она што ги разликува најлошите архитекти од најдобрите пчели е тоа што архитектот ја восприема структурата во неговата имагинација пред да ја воспостави во реалноста (Marx, [1867] 1967a.).

Централната идеја во Марксовиот концепт на општественото производство претставува тоа што рационалните човечки битија, во суштина, прво го планираат она што сакаат да го направат, а потоа преку планот го воспоставуваат планираното во материјалниот свет, односно во стварноста. Основната Марксова критика на капитализмот е тоа што капиталистичкиот начин на производство не дозволува целото општествено производство да биде планирано однапред, затоа што во капитализмот постојат различни планови кои ги воспоставуваат економските агенти (оттуѓени производители според Марксовата терминологија) кои често се конфликтни помеѓу себе. Резултатот од оваа анархичност што произлегува како резултат на конфликтните планови е, всушност, непланиран начин на производство на општествениот производ. Оттука марксистичката идеја на централно планирање претставува унифицирање на анархичните оттуѓени производители во едно цело, во еден комплексен свесен план кој прво се восприема во имагинацијата на општествените „архитекти“, а потоа се воспоставува во материјалниот, реален свет.

Маркс верувал дека капиталистичкиот начин на производство, со тек на време ќе станува сѐ повеќе и повеќе централизиран, при што големите корпорации кои ќе се создадат ќе почнат да планираат на централно ниво, слично како што би планирало централно планско тело со таа разлика што корпорацијата ќе планира во сопствен личен интерес, додека пак централното планско тело ќе планира во интерес на целокупното општество. Социјализмот за Маркс, претставува замена на поединечните капиталистички производители со еден заеднички централно плански производител. Со други зборови, во капитализмот производството се одвива на тој начин што производителите произведуваат за општеството и во општеството, но тоа производство не е директно општествено, односно не претставува асоцијација каде што трудот е дистрибуиран подеднакво. Во социјализмот пак, од друга страна, работниците нема да бидат повеќе субјект на пазарните сили, туку тие самите ќе ги контролираат нивните сопствени одлуки и нема да чувствуваат притисок од „слепите“ општествени сили затоа што тие сили ќе бидат заменети со национална, централна општествена организација (Bukharin, [1921] 1969, pp. 41-2).

Маркс сметал дека централното планирање ќе ја стабилизира економската активност, со што ќе бидат спречени постојаните подеми и падови што се случуваат под капитализмот како резултат на конфликтните планови на анархичните производители. Во фирма која настојува да го максимира профитот поделбата на трудот што ја прават независните производители е зависна од купувањето и продавањето на стоки од еден кон друг субјект, но поединечниот труд внатре во фирмата во суштина не произведува никаква стока, стока произведува збирот на поединечниот труд, односно вкупната работна сила, додека под едно тело, под централен план, секој поединечен труд ја создава стоката. Од ова може да се заклучи и Марксовиот концепт на оттуѓениот труд во капиталистичкиот економски систем.

Според марксистичката школа, индивидуалните капиталистички производители се во антагонистички однос помеѓу себе затоа што капиталистите делуваат по своја сопствена иницијатива, преземаат ризик, настапуваат со сопствени средства за производство кои ги тргуваат со другите капиталисти, но истовремено и се натпреваруваат со нив во трка кој ќе направи поголем профит. Производството е интегрирано низ пазарите на огромни географски простори и сите индивидуи полека стануваат независни, притоа одржувајќи зависност во производствените одлуки. Сепак, иако личат како да се натпреваруваат помеѓу себе во трката за поголем профит, капиталистите со тек на време доаѓаат во позиција сѐ повеќе и повеќе да зависат едни од други.

Индивидуите во пазарната економија низ своите настапувања на пазарот придонесуваат да постои одредена меѓузависност на цени преку кои се влијае на одлуките што се донесуваат. Цената според Маркс е рефлексија на контрадикцијата на капитализмот, затоа што во исто време преку неа постои организација и рационализација на производствените одлуки, но истовремено капиталистите се наоѓаат во антагонистички однос помеѓу себе. Од една страна преку цените се гледа дали капиталистите оствариле профит, а од друга страна цените се рефлексија на конкуренцијата помеѓу независните производители за остварување на што е можно поголем профит. Така преку пазарот, цените и конкуренцијата се доаѓа до одредена состојба на пазарот каде што спротивните интереси на капиталистите доведуваат до состојба да се појават вишоци или недостатоци на производи кои произведуваат постојани кризи и нестабилности во економскиот систем. Ако сето тоа се замени со централен план каде нема конкуренција помеѓу различните производители ќе се отстранат шансите за вишоци или недостатоци и на тој начин планската економија ќе биде многу поефикасна во искористувањето на ресурсите од пазарниот економски систем.

*Референции

Marx, K., [1867] 1967a.. Capital: A Critique of Political Economy Vol. 1. In: The Process of Capitalist Production. s.l.:New York International Publishers, p. 178.

Bukharin, N., [1921] 1969. Historical Materialism: A System of Sociology. In: Ann Arbor: University of Michigan Press.

Текстот е преземен од личниот блог на авторот, и можете да го најдете тука.

Илија Васиљески,
Либертаниа