Прочитајте ја книгата “Државата на благосостојба и по неа”

Прочитајте ја книгата “Државата на благосостојба и по неа”

Државата на благосостојба и по неа, претставува збирка на есеи, уредени од Том Г. Палмер, посветени на опрeделeна форма на политичко уредување и организирање на држава, актуелнa во 20-от и 21-от век. Се работи за државата на благосостојба, која со своите функции и делокруг ја надминува либералната демократија, или минималната држава, чија основна функција е заштита на поединците и гаранција на општествените односи. Државата на благосостојба оди чекор понапред и декларира не само заштита, туку и грижа за поединците под нејзина надлежност. Напишаното претставува критика на ваквиот тип на држави, соочувајќи истите, со сите недостатоци и проблеми на кои наидуваат.

Книгата е составена од 9 есејски текстови, структурирани во 4 дела, секој од нив посветен на аспект од појавата, функционирањето, како и проблемите со кои се соочуваат денешните држави и нивните економии. Појавата на државата на благосостојба, како држава која треба да се грижи за благосостојбата на своите поданици, е лоцирана во Бизмаркова Прусија, која за прв пат го адаптира овој модел на држава, а наскоро беше преземен, речиси од целиот свет. Но, како таква, државата на благосостојба се соочува со сериозни проблеми. Првиот проблем е од морален (етички) карактер, затоа што секоја широка држава (каква што е онаа на благосостојба) навлегува длабоко во човечката слобода и воспоставува зависен патерналистички однос со поединците. Вториот е од економски (утилитарен) карактер, и се однесува на нејзината нефункционалност и неспособност за испорачување економски резултати. Студентите на општествени науки, како и оние кои се интересираат за истите имаат потреба од една нова перспектива, различна од досегашната, доминантната, и тоа перспектива која ги увидува грешките во политичките уредувања, но и дава потенцијални решенија, или алтернативи за истите. Стремежот за демистифицирање на колективната одговорност, и нејзина решителна замена со лична одговорност е најбитен моментум во процесот кон ослободување на поединците и градење на просперитетни општества.

Никола Илиевски
Либертаниа