Апарат или? – Анализа на држава
извор: wallpaperflare.com

Апарат или? – Анализа на држава

Држава или? – Деконструкција, критика и алтернатива на држава

Дел 4: Апарат или? – Анализа на држава

1. Анализа на држава

Покрај описните одредувања и дефинирања на државата, поради нејзината комплексност и уникатност, како и различните манифестации во општествената реалност, се појавува академска, но и активистичка потреба, за подетална и различно поставенa анализа. Дополнително, реалната перспектива на државата, за разлика од нормативната [1], става акцент на тоа што навистина претставува држава, нејзиното функционирање, позиционирање во рамки на општеството, ставот кон нејзините субјектите, карактерот на нејзините активности, како и нејзиниот квантум, или големина во рамки на (националното) општество.

Слично, обидот за понуда на перспектива и анализа на некоја општествена организација (која не е дел од државата, во сите смисли), подразбира постоење на параметри кои треба да се испитаат, како што нејзиниот став (цел, мисија, улога), нејзина големина (човечки и финансиски фактори), нејзина структура или организациона поставеност, споредба со слични организации и сл.

Врз основа на претходно напишаното, и одреденоста на државата како посебна и врховна општествена организација, во чија срж е легитимитетот на нејзината ексклузивност на употреба и закана со употреба на насилие, можат да се извлечат 2 општи и основни параметри, односно две меѓусебно – дополнувачки перспективи, темели на понатамошна анализа:

големината која ја зазема, во рамките на општеството, или пасивна или статична страна на државата.

ставот и перформансот кој го има/дава кон субјектите, претставени од физичките и правни лица, како и кон односите во кои влегуваат, или активна или динамична страна на државата.

Дополнително, по принцип на дедукција, овие параметри, се разложуваат на повеќе квантитативно и квалитативно, (повеќе или помалку) мерливи посебни показатели, кои заедно ја даваат општата или реалната перспектива на државата

Пред да се пристапи кон анализа, потребно е одредување на државата во повеќе смисли.

2. Држава во три организациони смисли

Кога станува збор за државата, како претходно опишана и одредена, се поставува прашањето до каде се нејзините граници, во некоја организациона смисла. Тоа би значело кои инстиции, тела, органи и сл. влегуваат во она наречено држава. Наједноставно гледано, можат да се издвојат три генерални аспекти, и тоа државата како јавна власт, во најширока смисла, како државна власт (потесна) и како извршна, во најтесна смисла.

а.) Држава како јавна власт

Државата како јавна власт на една територија го претставува најширокото толкување на поимот на држава во организациони рамки. Државата, во најширока смисла, ги опфаќа извршната, законодавната и судската власт [2], кои заедно се определуваат како државна власт на определена територија, заедно со власта која се изразува од единиците на локалната самоуправа, номинално се автономни во однос на државната власт, како и други автономни органи кои се наоѓаат во јавната сфера, но сепак вршат јавни овластувања, и уште побитно, се буџетски (државни) корисници. Секако оваа категоризација се однесува првично на унитарните држави (државите со едностепен облик на уредување). Но истата може да се примени и на државите со сложено политичко уредување [3] (различните форми на федерации, како и Европската унија како sui generis форма на политичка интеграција [4], помеѓу федерација и конфедерација).

Извршната власт е власта во чија надлежност е ставено управувањето со државата, поттикот за регулирање на односите, како и исполнување и спроведување на регулираното. Законодавната власт е онаа власт која е одговорна за донесување на регулативата (побитната), контрола на извршната власт, како и други слични надлежности. Судската власт е онаа власт која одлучува во конкретни случаи во однос на почитувањето на регулативата. 

Во случајот на РСМ, држава во најширока организациона смисла или држава како јавна власт опфаќа:

I. Државна власт

– Собрание на РСМ

– Влада на РСМ

– Претседател на РСМ

II. Правосудство

– 35 судови (уставен суд, врховен суд, управен суд, виш управен суд, апелациони и основни судови)

– 29 институции на јавно обвинителство

– судски совет

– совет на јавни обвинители

III. Јавна администрација

– државна управа

* 32 самостојни органи на државната управа

* 29 органи во состав на министерствата

* 16 правни лица со јавни овластувања

* 15 министерства (Министерство за одбрана, Министерство за внатрешни работи, Министерство за надворешни работи, Министерство за финансии, Министерство за здравство, Министерство за правда, Министерство за транспорт и врски, Министерство за економија, Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерство за информатичко општество и администрација, Министерство за труд и социјална политика, Министерство за образование и наука, Министерство за локална самоуправа, Министерство за култура, Министерство за животна средина и просторно планирање, Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците),

* 12 самостојни државни органи

* 10 регулаторни тела

* 3 секретаријати на Влада

* 1 посебен орган на државната управа (разузнавање)

* 1 служба во Владата

– 81 општина (градоначалник и совет на градот/општината)

– Јавни служби

* 888 јавни установи од образование, здравство, наука, култура (болници, училишта, факултети, детски градинки, домови за пензионери, театри, кина); фондовите (здравствен, пензиски, инвалидсkи, за води, за патишта, за шуми…);

* 128 јавни претпријатија (од областа на сообраќајот, водовод, железница, комунална хигиена, урбанизам, шуми, води, аеродроми…)

– Фондови (Здравствен, пензиски, инвалидски, за води, за патишта, за шуми)

– Трговски друштва со јавни овластувања (ЕСМ, Телеком, Т-Мобиле, Вип, пошти)

– Невладините организации со јавни овластувања (Лекарска комора, Нотарска комора, Адвокатска комора, АМСМ, Сојуз на возачи…)[5]

IV. Други

– Народна банка на РСМ

– Народен правобранител

б.) Држава како државна власт

Држава како државна власт претставува потесно поимање на државата, од она како јавна власт. Ова поимање во организациона сисла ги опфаќа органите на државната власт, односно сите органи кои влегуваат под јавна власт, со исклучок на локална самоуправа (општини), јавни служби, фондови, трговски друштва со јавни овластувања и невладини организации со јавни овластувања. Аналогно на тоа, тука влегуваат органите на државна власт: влада, собрание, судови и државна администрација.

в.) Држава како извршна власт

Држава како извршна власт претставува најтесното поимање на државата, односно Влада на РСМ, Претседател на РСМ и државна администрација, што значи дека тука не влегуваат законодавната и судската власт. Карактеристично за организацијата на држава во ова поимање е хиерархиската поставеност на органите, и концентрацијата на моќ, фактички во еден центар, формално во два (и Претседателот на РСМ, иако неговата моќ повеќе наликува на симболичка моќ). Карактеристично е дека извршната власт, односно државата во ова поимање е центар на моќ и во нејзиното поимање како јавна (и државна) власт.

3. Пасивна перспектива на држава – големина на држава во општество

Пасивната перспектива врз државата ја покажува нејзината големина во рамки на општеството, над кое го изразува суверенитетот, и претставува еден од двата параметри во процесот на анализа на државата. Истиот ја покажува нејзината големина во општеството, и пред се може да се анализира во квантитавна смисла, во споредба со националното општеството, (секако како збир на поединци и нивни акции (делувања), во организирана и неорганизирана форма), како и со меѓународната заедница; но и во квалитативна, со дополнителни описи и споредби со останати држави, а секако и во графичка смисла. Нејзината големина може да се прикаже преку низа на показатели, кои со цел на систематичност, можат да се организираат во неколку групи. Пасивната перспектива на државата треба да даде одговор на прашањето: 

Колкава е државата во споредба со националното општество (над кое ја практикува власта) и со меѓународната заедница (во некои показатели)? 

Идеално, прашањето би требало да се одговори со процент, како на пример големината е 33 % од општеството.

a.) Големина на држава (територијална перспектива)

Територијалната перспектива на големината на државата се однесува на територијата над која ексклузивно го изразува суверенитетот, која се поврзува со обликот на уредување на државата (унитарна или сложена држава). Унитарните држави имаат тенденција да бидат централизирани, додека пак сложените држави (федерациите) ја имаат децентрализирано државната (и јавната) власт во најмала рака на две нивоа. Секако, поголемите земји подразбираат и големи држави, споредено со останатите земји, но соодносот може да биде различен во однос на општеството над кои ја изразуваат политичката власт.

Конкретени показател:

– Големина на територија (а1),

– Облик на уредување (а2).

б.) Големина на држава (човечка перспектива)

Човечката перспектива за големината на државата е проекција на државата преку луѓето кои ја претставуваат истата, се дел од неа, и тоа на неколку нивоа. Таа е бројот на луѓе кои ја сочинуваат, или работаат за неа, како и видот на положбата. Смислата на човековата перспектива за големина на државата се состои во споредбата на државата, низ човечка перспектива (како број на луѓе), и бројот на целокупното население кое живее под нејзиниот авторитет.

Конкретни показатели можат да бидат:

– Број на население (б1), 

– Број на буџетари (вработени во државата како јавна власт кои примаат плата од буџетот) (б2), 

– Број на вработени во држава како државна власт (кои примаат плата од буџетот) (б3), 

– Број на вработени во држава како извршна власт (кои примаат плата од буџетот) (б3), 

– Број на носители на раководни функции во државата како јавна власт (б4), 

– Број на носители на раководни функции во државата како државна власт (б5), 

– Број на носители на раководни функции во државата како извршна власт (б6), 

– Број на полиција (б7), 

– Број на војска (б8).

Во однос на големината на јавниот сектор, конкретно во РСМ, можат да се консултираат и Обем и структура на вработени во јавен сектор во Република Македонија по област [6], извештај од 2015 година, од Министерство за информатичко општество и администрација; анализата Колкав и каков јавен сектор имаме во Република Македонија? [7] издадена од Центар за управување со промени (ЦУП) во 2017 година; како и Форум за јавна администрација [8], издадена од Фондација „Фридрих Еберт” – Канцеларија Скопје, 2015 година.

в.) Големина на држава (фискална перспектива)

Фискалната перспектива за големината на државата се осврнува на приходите, трошењата и задолжувањата на државата. Од друга страна, оваа перспектива треба да го покаже учеството на државата во севкупната економија во земјата, или претставена преку показателот Брутодомашен производ (БДП). Оваа перспектива на големината може да се претстави низ неколку конкретни показатели, како и односот помеѓу нив.

– Брутодомашен производ за време на година) (в1), 

– Државен буџет (во единица време – година) или буџет на државата сфатена како државна власт (в2),

* Видови ставки во државниот буџет (в2/1)

– Државен долг (в3),

* Субјекти кон кои е задолжена државата сфатена како државна власт (в3/1)

– Јавен буџет или буџет на државата сфатена како јавна власт (в4),

– Јавен долг (в5),

* Субјекти кон кои е задолжена државата сфатена како јавна власт (в4/1).

Постојат неколку методологии за мерење на држава, односно влада, низ финансиско-фискална призма, но се јавува потреба од дополнителни (нефинансиски) показатели за нејзино сеопфатно мерење, за чија цел се изготвени останатите делови. Повеќе околу методологијата на мерење на современата држава, односно влада, низ оваа призма дава Ливио ди Матео, во неговата Мерење на владата во 21-ви век: Меѓународен преглед на Големината и ефикасноста на јавното трошење [9] (слободен превод НЉИ), издадена од Fraser Institute во 2013 година. 

Исто така, методологија за мерење на држава може да се пронајде во годишниот извештај Големина на владата во Федерација БиХ [10] (слободен превод НЉИ), издаден од Centar za Poslovna Afirmacija во 2016 година.  

г.) Големина на држава (организациона перспектива)

Организационата перспектива на државата ја претставува истата како сет од институции, органи и тела со некаква меѓусебна поставеност, споредбена со останатите општествени чинители од не-државно потекло, како трговски друштва, приватни образовно-научни институции, здравствени установи, фондови, невладини организации-здруженија на граѓани и сл. Конкретни показатели за организационо мерење на државата се:

– Број на не-државни организации (трговски друштва, приватни образовно-научни институции, здравствени установи, фондови и невладини организации-здруженија на граѓани) (г1),

* Видови на не-државни организации  (трговски друштва, приватни образовно-научни институции, здравствени установи, фондови и невладини организации-здруженија на граѓани) (г1/1),

– Број на трговски друштва (г2),

* Видови на трговски друштва (г2/1),

– Број на приватни образовно-научни институции (г3),

* Видови на приватни образовно-научни институции (г3/1),

– Број на приватни здравствени установи (г4)

* Видови на приватни здравствени установи (г4/1),

– Број на приватни фондови (г5),

* Видови на приватни фондови (г5/1),

– Број на невладини организации-здруженија на граѓани (г6),

* Видови на невладини организации-здруженија на граѓани (г6/1),

– Број на институции (тела, органи и сл.) во државата како јавна власт (г7),

* Видови на институции (тела, органи и сл.) (г7/1),

– Број на институции (тела, органи и сл.) во државата како државни власт (г8),

* Видови на институции (тела, органи и сл.) (г8/1).

Овие податоци би можело/требало да се добијат од Државниот завод за статистика, како и други комбинирани извори.

д.) Големина на држава (нормативна перспектива)

Нормативната перспектива на државата ја претставува истата како носител на целокупната правна норматива и покажува кои акти ги донесува истата, секако споредени со правно-обврзувачките акти помеѓу не-државните субјекти, односно договорите. Во оваа нормативна перспектива би биле уставот на државата, законите, подзаконските акти, пресудите во конкретни случаи, како и сите оние акти каде барем еден од субјектите е државата, сфатена како јавна власт на определена територија (или јавно право). Како конкретни показатели за потребите на оваа перспектива можат да се јават:

– Број на договори помеѓу не-државни субјекти (физички и правни лица) (д1)

* Видови на договори помеѓу не-државни субјекти (физички и правни лица) (д1/1)

– Број на јавни акти (д2),

* Видови на јавни акти (д2/1).

ѓ.) Големина на држава (услужна перспектива)

Големината на државата низ услужната перспектива ја претставува истата како носител на процесот на обезбедување на некакви услуги кон поединците на конкретната територија. Улсугите кои истата ги дава можат да се поделат во две групи, и тоа услуги кои таа ексклузивно ги дава на својата територија, како што се спроведување на правосудна правда во општество, организирана одбрана од агресор и сл., и втора група, односно услуги кои таа ги дава, но не е екслузивна во нивната понуда, а како понудувачи можат да се јават и други недржавни субјекти, како на пример лична заштита, образование, здравство и сл. Услугите кои ги обезбедува можат да се поистоветат со надлежностите на државата во општеството, а аналогно на поделбата, можат да бидат ексклузивни и инклузивни.

– Видови на услуги кои државата како јавна власт ексклузивно ги обезбедува или ексклузивни надлежности кои ги има во општеството (ѓ1)

– Видови на услуги кои државата како јавна власт инклузивно ги обезбедува или инклузивни надлежности кои ги има во општеството (ѓ2)

4. Активна перспектива на држава – став на држава кон општество

Активната перспектива врз државата го покажува нејзиниот став кон поединците и општеството, сфатено како севкупност од општествени односи или поединечни акции, и претставува еден од двата параметри во процесот на анализа на државата. Истата се осврнува на нејиното функционирање и перформанс, во рамки на националното општество, а и надвор од него. Пред се може да се анализира во квалитативна и квантитавна смисла, со споредување  со останатите држави (претставници на екстремите), како и нивниот став кон конкретните прашања. Ставот на државата треба да одговори на прашањето како истата делува во општеството, и споредбено, каков е нејзиниот перформанс во споредба со другите држави? 

Кој е нејзиниот печат – каков е нејзиниот перформанс во  општеството? 

Бидејќи, не постои можност за споредба на перформансот со некаква реална алтернативна без-државна поставеност, секој показател би се  споредувал со сроден од други држави, претставници на екстремите во истиот. Прашањето, идеално би се одговорило, квантитативно, но и описно, дали е во групата држави со подобар или полош перформанс (над или под 50%).

Активната перспектива може да се прикаже преку низа на показатели, секако организирани и се поврзани во неколку групи, со цел поголема систематичност. Исто така, оваа е перспектива отворена и за нови конкретни, но и групно-перспективни показатели.

е.) Став на држава (принудна перспектива) 

Ставот на државата, аспектиран низ принудна перспектива го покажува нивото на насилство која таа го користи на својата (и надвор од својата) територија. Насилниот апарат на државата е манифестиран преку две институции, на војска и полиција, од каде произлегува и насилството кое државата го изразува. Ставот на државата, како и целокупната активна страна на државата може да се прикаже со квалитативни показатели, кои прават споредба со други земјји претставници на екстремите во однос на принудата. 

Можат да се издвојат:

– Вклученост во воени конфликти, надвор од нејзината територија (е1)

– Воени конфликти на нејзината територија (е2)

– Полициски пречекорувања на овластувањата (е3)

Постоење и број на политички затвореници (е4).

ж.) Став на држава (перспектива на отвореност и транспарентност)

Ставот на државата, аспектиран низ перспектива на отвореност и транспарентност го претставува нивото на транспарентност на државата за процесите кои се одвиваат во неа, нејзиното функционирање, трошењето на јавните пари, како отвореност во однос на режимот на граници кон соседни и други држави. Оваа перспектива може да се прикаже  квалитативно и споредбено со други земји, претставници на екстремите во однос на отвореноста.

– Отвореност во однос на режим на граници (ж1)

– Транспарентност во однос на јавни трошења (ж2)

– Транспарентност во однос на податоци за нејзино функционирање (ж3).

з.) Став на држава (прохибициона перспектива)

Прохибиоционата или забранувачката перспектива од ставот на државата, ги посочува различните забрани, регулативно постaвени, на сметка на принципот на само-поседување и поединечен (индивидуален) суверенитет. Тоа го опфаќа ставот на државата кон криминалот без жртви, режимите на забрани и ограничувања на дроги и други слични супстанции, како и останатите забрани кои ги изразува во рамки на општеството. Како и претходните, така и оваа перспектива може да се прикаже квалитативно и споредбено со други земји, на екстремите во однос на забранувањето.

– Утврдување на видови на криминал без жртви (в1)

– Утврдување на режим на дроги и психотропни супстанции (в2)

– Утврдување на останати забрани (в3).

ѕ.) Став на држава (кривична перспектива)

Кривичната перспектива за активната страна на државата го опфаќа самото предвидување на определени дела (човечки акции) како кривични (забранети), го определува нивниот број со увид во Кривичниот законик, како и бројот на затвореници, постоење на смртна казна и определување на кривични дела за кои се пропишани најстроги санкции.

– Број на инкриминирани (кривични) дела (ѕ1)

– Број на затвореници (ѕ2)

– Утврдување на постоење на смртна казна (ѕ3)

– Утврдување на кривични дела со најстроги санкции (ѕ4).

Овие показатели се одредедуваат квантитативно и квалитативно, секако со споредба со други држави, претставници на екстремите.

и.) Став на држава (економска перспектива)

Економската перспектива на државата ја претставува нејзината улога и ставот кој го зазема кон економските текови во едно општество, посебно разгледано преку повеќе показатели. Тоа опфаќа увид во даночниот систем на државата, видови и големина на даноци и други давачки, слобода на движење на капитал, монетарна слобода, слобода на тргување, инвестирање и финансиска слобода. Овие показатели кои се квантитативно одредливи, можат да се преземат од Индексот за економска слобода (2020), подготвен и издаден од Херитиџ фондацијата (2020 Index of Economic Freedom, Heritage Foundation), конкретно од деловите на регулаторна ефикасност (regulatory efficiency) и отворени пазари (open markets).

– Утврдување на видови на даноци и давачки (и1)

– Ниво на слобода на капитал (и2)

– Ниво на монетарна слобода (и3)

– Ниво на слобода на тргување (и4)

– Ниво на слобода на инвестирање (и5)

– Ниво на финансиска слобода (и6).

Секако, се прави и споредба, за секој од показателите, со останати земји, претставници на екстремите.

Во однос на фискалните перформанси на државата, можат да се консултираат и International Tax Competitiveness Index [11] и Sources of Government Revenue in the OECD [12] и двата издадени од Tax Foundation за 2020 година. 

ј.) Став на држава (перспектива на владеење на право)

Владеењето на право го покажува степенот до кој државата го почитува нормираното и договореното, но и капацитетот за злоупотреба на моќта. Оваа перспектива, односно нејзина квантификаторска верзија може да се преземе од Индексот за економска слобода, oд 2020 година, издаден од Херитиџ фондацијата [13], конкретно од делот владеење на право (rule of law). Индексот посочува два конкретни квантитативни показатели на владеење на правото, и тоа:

– Ниво на почитување на права на приватна сопственост,

– Ниво на корупција.

Како и претходните, и овие показатели можат да се одредат споредбено со останати земји, претставници на екстремите.

Исто така постојат индекси за мерење на категоријата на владеење на право, но од поширок аспекти, за разлика од Херитиџ. Таков е Индексот на владеење на право [14] (Rule of Law Index), издаден од е World Justice Project во 2010 година, кој ја мери категоријата на владеење на право.

к.) Став на држава (демократска перспектива)

Демократската перспектива на државата, го покажува нивото на учество на граѓаните во процесите на донесување на политички одлуки, преку најразлични форми, како различни избори за политички претставници, референдуми за конкретни прашања, различни граѓански иницијативи со политички предзнак и сл. Оваа перспектива го покажува капацитетот и војлата на политичкиот центар за споделување на политичката власт со поединечните носители – граѓаните. Истата може да се прикажи преку неколку показатели, како што се: 

– Утврдување на облици за учество во практикување на политичка власт (к1)

– Тенденција на користење на поединечни облици за учество во политичката власт (к2).

Секако, и овој показател би се разгледувал споредбено со сродни од останати држави, претставници на екстремите.

Во смисла на оваа методологија, демократската перспектива е ограничена на институционалните можности како и нивното искористување од страна на граѓаните, и не се поистоветува со пошироко мерење на нивото на демократија во определена земја, кое би опфаќало и почитување на човекови права и слободи, владеење на право и други показатели (кои во овој текст се сместени во други групи). За поширок израз на демократијата во определена земја може да се провери Индекс на демократија [15] (Democracy Index) на The Economist Intelligence Unit, за 2019 година, како и Светски наоди за демократиja [16] (Global Findings of Democracy) на The Bertelsmann Stiftung

л.) Став на држава (локална перспектива)

Локалната перспектива врз активната страна на државата го покажува нивото на (де)централизираност, како на државната власт, така и на нивото на локална (фактичка и номинална) автономија од централната политичка власт. Составен е од неколку показатели, со кое се утврдува нивото на степенитост на локалната самоуправа:

– Утврдување на степенитост на локална самоуправа (л1),

– Степен на централизираност на државата (л2),

– Степен на фактичка (фискална) децентрализација (л3).

Во слична насока на претходните показатели од оваа перспектива, и овие би биле споредени со сродни, од држави претставници на екстремите.

љ.) Став на држава (меѓународна перспектива)

Меѓународната перспектива на активната страна на држава го покажува нивото на интеракција на државата со останатите држави, и делот во кој таа го има пренесено, или го пренесува суверенитетот на меѓународни организации. Оваа перспектива е составена од неколку показатели кои ја означуваат државната вклученост, односно изолираност од меѓународните текови:

– Број на учества во меѓународни организации (љ1),

– Утврдување на потенцијална неутралност и учество во воени сојузи (љ2),

– Утврдување на тип на учество во меѓународни организации и делегирање на суверенитет (економски, воено-политички и сл. интеграции) (љ2),

– Број на учества во меѓународни договори (љ3),

– Утврдување на области на делегиран суверенитет (љ4).

И овие показатели, би биле споредени со сродни, од држави претставници на екстремите.

Резиме

Со оглед на нејзината комплексноста на нејзината поставеност и уникатна природа на општествена организација, и самиот процес на нејзино мерење, е доста сложен, и претпоставува сеопфатна методологија. Со оглед на фактот дека државите, кои денес се позиционирани на меѓународната сцена, се разликуваат во многу свои атрибути и перформанси, и покрај уникатната срж, која што ги прави држави, потребна е потенцијална адаптација на серија од конкретните показатели. Од друга страна, самата методологија на мерење на големина и перформанс, или став на држава, поаѓајќи од сложената и уникатната природа, не е ултимативно зададена, и секако дека трпи промени, како и дополнување со останати показатели, кои треба да доловат нов момент во самиот процес на мерење. 

Заклучно, самиот процес на мерење подразбира сериозен научно-истражувачки потфат со мулти-дисциплинарна природа, за кој е потребен тим составен од политиколози, правници, економисти, социолози и философи, кои би посветиле време и енергија, и тоа со цел, како заокружување на методологија на анализа на држава, така и нејзино актуелизирање и реално претставување на конкретна држава.

Фусноти:

[1] Нормативна перспектива на држава е онаа перспектива која покажува како е замислено да функционира државата, поделбата на власта во нејзините рамки, правната хиерархија, начинот на избор на политичарите и функционерите, како и целисходноста на нејзината интервенција во општествените текови. Слаба страна на оваа перспектива е тоа што истата не нуди критика, и често служи како легитимација на политичката моќ, а со тоа и оправдување на оние кои ја поседуваат. Нормативаната перспектива на државата е доминантна во политичката философија, политичките науки и уставното право, во нашето поднебје, а за разлика од истата, реална перспектива и скептичност кон аксиоматското поставување на држава, скоро и да нема. Градењето на реална перспектива за државата доминантно е политиколошки и социолошки зафат, поткрепен со сознанија од философска (етичка) и економска (праксеолошка) природа. 

[2] За поделбата на политичката власт види повеќе: Charles Louis de Secondat, Baron de Montesquieu – Complete works, vol.1 The Spirit of Laws (1748, Liberty Fund)

[3] Светомир Шкариќ и Гордана Силјановска-Давкова – Уставно право, второ, дополнето и изменето издание (2009, Култура), стр. 561-570

[4] Види повеќе: Nikola Lj. Ilievski – The Concept of Political Integration: The Perspectives of Neofunctionalist Theory (2015, Journal of Liberty & International Affairs, Vol.1, No.1)

[5] Војо Беловски – Административно право (авторизирани предавања) (2010, Правен Факултет Кочани, УГД-Штип)

[6] Обем и структура на вработени во јавен сектор во Република Македонија по област (2015, Министерство за информатичко општество и администрација на РМ)

[7] Колкав и каков јавен сектор имаме во Република Македонија? (2017, Центар за управување со промени (ЦУП))

[8] Форум за јавна администрација (2015, Фондација „Фридрих Еберт” – Канцеларија Скопје)

[9] Livio di Mateo – Measuring Government in the Twenty-first Century: An International Overview of the Size and Efficiency of Public Spending (2013, Fraser Institute)

[10] Edo Omerčević, Alma Bašić & Dženita Trako – Veličina vlade širom FBiH: Godišnji izvještaj (2016, Centar za Poslovna Afirmacija)

[11] International Tax Competitiveness Index (2020, Tax Foundation)

[12] Sources of Government Revenue in the OECD (2020, Tax Foundation)

[13] Index of Economic Freedom (2020, Heritage Foundation)

[14] Rule of Law Index (2010, World Justice Project)

[15] Democracy Index (2019, The Economist Intelligence Unit)

[16] Global Findings of Democracy (2020, The Bertelsmann Stiftung)

Библиографија:

Charles Louis de Secondat, Baron de Montesquieu – Complete works, vol.1 The Spirit of Laws (1748, Liberty Fund)

Edo Omerčević, Alma Bašić & Dženita Trako – Veličina vlade širom FBiH: Godišnji izvještaj (2016, Centar za Poslovna Afirmacija)

Livio di Mateo – Measuring Government in the Twenty-first Century: An International Overview of the Size and Efficiency of Public Spending (2013, Fraser Institute)

Nikola Lj. Ilievski – The Concept of Political Integration: The Perspectives of Neofunctionalist Theory (2015, Journal of Liberty & International Affairs, Vol.1, No.1)

Светомир Шкариќ и Гордана Силјановска-Давкова – Уставно право, второ, дополнето и изменето издание (2009, Култура), стр. 561-570

Војо Беловски – Административно право (авторизирани предавања) (2010, Правен Факултет Кочани, УГД-Штип)

Democracy Index (2019, The Economist Intelligence Unit)

Форум за јавна администрација (2015, Фондација „Фридрих Еберт” – Канцеларија Скопје)

Global Findings of Democracy (2020, The Bertelsmann Stiftung)

Index of Economic Freedom (2020, Heritage Foundation)

International Tax Competitiveness Index (2020, Tax Foundation)

Колкав и каков јавен сектор имаме во Република Македонија? (2017, Центар за управување со промени (ЦУП))

Обем и структура на вработени во јавен сектор во Република Македонија по област (2015, Министерство за информатичко општество и администрација на РМ)

Rule of Law Index (2010, World Justice Project)

Sources of Government Revenue in the OECD (2020, Tax Foundation)

Прочитатјте ги останатите делови од „Држава или? – Деконструкција, критика и алтернатива на држава”:
Дел 1: Стап или? – Пристапи кон ред и поредок
Дел 2: Левијатан или? – Теории за настанување на држава
Дел 3: Божество или? – Опис на држава

Никола Љ. Илиевски,  
Либертаниа