БОЖЕСТВО ИЛИ?  – ОПИС НА ДРЖАВА
извор: од филмот Pink Floyd: The Wall (1982)

БОЖЕСТВО ИЛИ? – ОПИС НА ДРЖАВА

ДРЖАВА ИЛИ? – ДЕКОНСТРУКЦИЈА, КРИТИКА И АЛТЕРНАТИВА НА ДРЖАВА

ГЛАВА 3: БОЖЕСТВО ИЛИ?
– ОПИС НА ДРЖАВА

1. Етимологија на држава

Во словенските јазици, зборот држава води потекло од глаголот држи[1] симболизирајќи го држењето на моќта, oд нејзиниот држател, или носителот на моќта. На македонски и српски јазик е држава, на бугарски, държава, на украински держава, а на руски государство[2], што потекнува од господарство, господар и сл. Меѓу другото, држењето (карактеристично за повеќето словенски јазици), фигуративно се поврзува со држење на копје, меч, како симбол на моќта на насилието или знаме, вага и сл., како симбол на прогласот и легитимитетот врз моќта. Својствена за православните и словенските народи е иконата на која Исус Христос е прикажан како Вседржател (Христос Вседържител) која потекнува од грчки Христос Пантократор (Χριστός Παντοκράτωρ) и го означува единството меѓу човековата и Боженствената природа, во двојката ,,небо-земја.”[3] Во дополнение вседржателството е преведено како семоќност (од грчки пантократос или παντός – се и κράτος – сила или моќ)[4] или можност за универзално и апсолутно владеење, кое му се дава како адут на синот Божји. Грчкиот јазик, за означување на држава, го користи изразот κράτος, што значи сила или моќ.

Во латинските јазици, држава е stato на Италијански, estado на Шпански и Португалски, état на Француски, Staat на Германски и state на Англиски јазик, сите со потекло од Латинскиот збор status кој значи состојба, околност.[5] Поврзано е со римските идеи за status rei publicae или состојба на јавните работи,[6] а со текот на времето станува симбол на правниот поредок во општеството и секако организацијата која ја овозможува неговата гаранција и извршување. 

Разликата помеѓу словенската, грчката и латинската терминологија за држава е во тоа што словенската (вклучително и руската) и грчката, се фокусираат на самиот момент на владеење или држење на моќта од центарот на моќ, додека пак латинската терминологија, на она што се однесува на сите, или она што е јавно, од каде и потекнува сеопфатноста на државата, како и недостатокот на овластување, субјектите да излезат од односите кои таа ги воспоставува. 

2. Држава и влада

Потребно е да се прави разлика,[7] но и да се утврдат сличностите и идентичностите помеѓу држава (state) и влада (government). За државата може да се заклучи дека истата е апстрактна заедница и претставува поширок поим од владата. Државата е носител на суверенитетот и легитимитетот, од каде потекнува и монополото на принуда, есенцијален за државата. Временски е неограничена, додека владата е. Државата е и географска единица, додека владата, оперативна. Владата е само дел од државата, но најбитниот, носител на извршните овластувања (монарх, совет, влада, шеф на држава итн.) Владата го црпи суверенитетот и легитимитетот од државата. Од друга страна, владата настапува во име и за сметка на државата, и во општествената реалност, таа е Државата. Држава се операционализира и манифестира во влада, во извршниот орган од нејзината власт, или органот во кој е сконцентриран поголемиот дел од моќта.

3. Секуларна религија

Хегел го прогласува крајот на историјата[8], како таква[9], после битката на Јена во 1806 година, после поразот на пруската војска од страна на Наполеон. Во самиот пораз, препознава универзалната идејна победа и го прогласува крајот и последната точка во човековата општествено-политичка еволуција; во Хегелова смисла, појавата на модерната (бирократска, либерална, централизирана, неутрална, ефикасна) држава[10], и Франција своевремено. Во продолжение, појавата на современата држава е крајната актуелизација на духот и втемелување на концептот на граѓанска слобода.[11]

Проследено со научната револуција и техничко-технолошките откритија, Француската револуција од 1789 година, ја носи на историската и општествено-политичка сцена Модерната Држава, актуелизирана во Франција своевремено. Разликата помеѓу модерна, во Хегелова (и Веберова) смисла и онаа кои и претходи на модерната – предмодерната (во смисла на Роберт Купер)[12], е определена со тенденцијата на модерната да воспостави целосна (тотална) и централизирана контрола врз определена територија, и тоа на рационален и организиран начин, со помош на бирократија

Боженствениот суверенитет – според кој се верувало дека владетелот, легитимитетот, односно оправдувањето за своето владеење, го црпи од Бог, е променет со нов концепт, во кој народот или нацијата е носител на суверенитетот, а со самото тоа, владетелот го црпи легитимитетот и оправдувањето за владеењето од народот. Моментот на промена на боженствениот со народниот или националниот суверенитет, ја позиционира државата, како Големиот Татко (или Брат) во општествените односи, и вид на земска замена за Бог. Философијата која и дава се поголем легитимитет и ја зацврстува вербата во државата, во некоја апстрактна и мистична смисла, или во овоземска,[13] како семоќен решавач на општествените проблеми, се нарекува етатизам.[14]  

4. Модерна Држава

Држава е воспоставена контролата на определена територија. Контролата се практикува со хиерархиски поставена организација, водена од национални интереси, спроведена преку бирократија и загарантирана со војска и полиција. Сврзната материја помеѓу народот, субјекти на државата претставува кодификацијата на национален јазик, со кој еден, единствен јазик се прокламира како службен и е обврзувачки на конкретната територија.[15] Одржливоста и оправдувањето на модерната или нацијата-држава (со веќе воспоставен единствен кодификуван, национален јазик) е организирање на државното (јавното) образование, кое го обезбедува и го ефектуира преку обврската за задолжително образование на младите. Дополнителна нишка на создавање на однос на зависност со народот[16], е (често екслузивното) организирање на здравствени услуги и воспоставување на државен (јавен) здравствен систем.[17] Гарант на нејзиното функционирање е монополот на физичка принуда, кој е од пресудно значење за истата, додека пак горивото за функционирањето е организираниот даночен систем, во вид на разни даноци, придонеси и други давачки. 

Државата претставува територијална општествена организација, која е задолжителна за сите луѓе кои живеат, потекнуваат или имаат друг однос со конкретната територија, со помош на нејзиниот врховен авторитет.[18] Аналогно, Државата е врховна моќ врз конкретната територија и по дефиниција авторитет на цела формална нормираност (втемелена и загарантирана со насилни санкции). Во исто време таа е и врховна моќ во извршувањето, надгледувањето и оценувањето на тие правила.

Најпопуларната и најкористената дефиниција на државата е онаа на Макс Вебер во своите дела Држава и Власт, во која државата е одредена како ,,човекова заедница која што успешно[19] изјавува легитимен монопол на користење и закана со користење на физичка принуда.”[20] Во продолжение Пиер Бордо ја дополнува и како монопол на физичко и симболичко[21] насилство. Веберовата дефиниција е успешен обид во една реченица да се одреди суштината на модерната држава, преку нејзиниот атрибут на легитимен монопол на физичко насилство.

 Тоа значи дека во рамките на едно општество само државата е единствена и ексклузивна организација која може и смее да употреби физичка сила (насилство) и најчесто во форма на закана со употреба на сила, со цел исполнување на нормираното и планираното. И секако, она што државата ја прави различна од една вооружена криминална банда е легитимитетот, кој ја претпоставува прифаќањето или премолчната и свесната согласноста и вербата на (барем мнозинството[22] од) луѓето кои живееат на дадената територија, за ваквата ексклузивност и посебна улога на државата. 

Со помош на политичката моќ, или моќта на легитимното насилство, модерната држава се впрегнува во активности на: заштита, регулирање, ограничување, одданочување, забранување, казнување, одземање, субвенционирање, планирање и тоа во областите на одржување на мир, ред и поредок, остварување на правда, заштита на права и слободи, функционирање на економија, здравствени, образовни, социјални, инфраструктурни и други услуги на грижа.

5. Слободарски описи на Држава

Политичките науки, философија и социологија на држава како научни дисциплини, во принцип го земаат феноменот на држава[23] здраво за готово и го поставуваат како некоја општествена аксиома и зациментирана општествена реалност. Или како општествена јавна платформа, која е од сите за сите, низ која се (и треба да се) адресирани поголемиот број, а дотолку повеќе посериозните општествени проблеми. Слично, ја следат колективистичката традиција, на некаков солидарен или колективен израз на потребата од централен авторитет, под закана од општествен хаос.[24]

Секако, од друга страна, постои тенденција која е скептична за оваа по дифолт втемеленост и нераздвоивост на државата од општеството и го поставува прашањето за нејзина сериозна ограниченост и транспарентност, па и целосна пазарна алтернатива. По однос на прашањето на пожелноста или неопходност на постоење на држава во едно општество, како легитимен монопол на физичка принуда, слободарската (либертаријанската) мисла е поделено на две главни струи, и тоа минархистичка и анархистичка. Минархистичката ја прифаќа државата како нужно зло или како неопходна за заштита на поединците и нивните имоти во општеството, и секако гаранција на договорна правда (исполнување на договореното). Од друга страна, анархистите веруваат во морално и утилитарно оправдување на општество без држава, општество кое е целосно засновано на доброволни односи.[25] Академскиот интегритет го црпат од философијата на природни права, консеквенцијализамот или утилитаризмот, праксеологијата, дополнително пропратени со други науки кои и даваат високо значење на личната слобода, и скептичност кон политички авторитети. 

Школите од доминантните струи, преку нивните најистакнати претставници, даваат свој осврт во дефинирањето на државата. Во таа насока, неколку дефиниции и други слични описни одредби на државата, како таква.

Фредерик Бастиат, уште во 19-ти век ја одредува државата во неговиот есеј Државата (The State или оригинално на француски L’État), и тоа како: ,,големата општествена измислица преку која секој сака да живее на сметка на останатите.”[26] Понатаму, како ,,механизам со кој мала привилегирана група на луѓе живее на сметка на сите останати,”[27] а во неговата сеопфатна Правото (The Law), како ,,организација на легален (правен) грабеж.”[28] 

Извор: www.wisconsinhistory.org

Пјер Жозеф Прудон[29] во својата Државата, нејзината природа, цел и судбина (The State, Its Nature, Object, and Destiny[30]), ја одредува државата како ,,надворешен склоп на општествена моќ (external constitution of the social power).” Понатаму, во ироничен и анти-системски дискурс ја опишува, и тоа преку нејзините институции: ,,државата е армијата…, полицијата…, целиот правосуден систем…., касата и буџетот…, царината…, паразит кој треба да биде убиен и механизам, уништен.”[31] Карактеризирањето на истата како паразит, слично на Бастиат, подоцна се провлекува во анализата на државата на Опенхајмер, како и во слободарските (либертаријанските) квалификации, во 20-тиот век.

Франц Опенхајмер кон крајот на 19ти и почетокот на 20ти век врз основа на своите историски и социолошки истражувања и конкретните наоди за задоволување на човековите потреби на економски и политички начин, ја заклучува суштината на државата која се провлекува од нејзината историска појава, па се до денес, и ја определува истата како: ,,организација и регуларизација на политичките начини.”[32]

Бертранд де Џувенил во својата книга За моќта (On Power), објавена во 1945 година, ја одредува државата како ,,резултат на успесите постигнати на една банда над малите и разнолични општества.”[33] 

Ентони де Јесеј во својата Државата (The State), напишана во 1985 година, инспирирана од Полската пролет, дава широка, но концизна одредба на државата, и истата ja одредува како:

,,Инструмент создаден со цел да му служи на неговиот корисник. Генерално е аспектиран како бениген и од помош во исполнувањето на целите на другите. Формата на овој инструмент, работите кои ги изведува, и идентитетот на неговите бенефициенти[34] може да варираат, но инструменталниот карактер е прифатен од различните струења во модерната политичка мисла. За Хобс, го чува мирот, за Лок, го штити природното право на слобода и имот, за Русо, ја реализира општата волја, за Бентам и Мил е двигател за подобрување на општествените услови. За денешните либерали го надминува недостатокот на капацитет, приватните интереси, спонтано да соработуваат. Ги принудува да произведуваат колективно посакуваните единици на јавни добра како ред [поредок],[35] одбрана, чист воздух, асфалтирани улици и универзално образование. Во поширока смисла на јавни добра, принудата исто му овозможува да посегне по прераспределувачка правда или отворена еднаквост.[36]

Де Јесеј е свесен за инструменталната природа на државата, која може да им донесе бенефити на корисниците, од каде и потекнува реалната перспектива на државата, и тоа не како општествена организација кој се претпоставува дека ќе функционира на строго определен начин, туку како во суштина функционира – различно од оној предвидениот, и покрај обидите за ограничување, канализирање и сл.

Лудвиг вон Мисес, еден од најголемите општествени научници и економисти, родоначалник на класичниот либерализам во 20-тиот век, во својата Семоќна Влада (Omnipotent Governent) државата едноставно ја одредува како апарат на принуда.[37] Мисес продолжува дека најкарактеристична особина на активностите на државата е принудување на населението, преку закана за употреба на сила, да се однесуваат поинаку, отколку што би сакале да се однесуваат.[38] Во неговата маестрална Човечка акција[39] (Human Action), Мисес разликува два типа на врска (на акцијата), и тоа договорни и хегемонски, а државата е претставена од вторите, или опишана како хегемонска организација[40], што потекнува од нејзината хегемонска или принудна природа. Во Сопственост и Слобода (Property and Liberty) Мисес ја позициниора владата, односно власта (Државата) како негација на слободата[41], и колку повеќе (власта) се проширува (со нови надлежности и одговорности), по автоматизам се проширува и употребата на принуда во општествените односи, и тоа, на сметка на слободата. Слободата и политичката власт имаат константен сооднос или игра со сума нула (zero sum game[42]), повеќе слобода – помала власт, и обратно. 

Мареј Ротбард, во својата Анатомија на државата (Anatomy of the state), издадена 1974 година од Лудвиг вон Мисес Институт (Ludwig von Mises Institute) ја дефинира државата како: 

,,Организација во општеството која се стреми да го задржи монополот на користење на сила и насилие на дадена територија; посебно, таа е единствената организација во општеството која ги одржува своите приходи не со доброволна помош или плаќање за услуги, туку со принуда.”[43] 

Во продолжение, Ротбард истакнува 2 клучни моменти во дефинирањето на државата, а тоа се монополот на физичка принуда, и територијата врз кој монополот е ексклузивен (суверен). Двата моменти се од значење, затоа што е единствената организација која поседува монопол на насилството во општеството, а територијата, е гаранцијата за нејзиниот легитимитет и функционирање во општеството. 

Ханс Херман Хопе, во својата ја Демократија: Богот кој не успеа, Економијата и Политиката на Монархија, Демократија и Природен Поредок (Democracy: The God That Failed, The Economics and Politics of Monarchy, Democracy and Natural Order), издадена во 2001 година, ја дефинира државата како:

,,Територијален монопол на принуда – агенција која може [смее] да се впушти во континуирани, институционализирани повреди на права на сопственост и екплоатација – во форма на на експропријација, одданочување и регулација – на носителите на сопственички права.”[44] Хопе ја аспектира власта како како повредувач на правото на приватна сопственост, преку нејзините активности на одданочување, експропријација и други активности на мешање во економските и општествени текови. Состојбата на отсуство на држава ја нарекува природна состојба, и претставува поборник за истата.

6. Суштина на држава

Она што може да се заклучи од процесот на опишување, одредување и дефинирање на Државата е следново:

  • Државата претставува ентитет или заедница, организација, апарат, механизам, групација на луѓе или инструмент, од каде произлегува дека може дополнително да се анализира
  • Таа е општествен ентитет, функционира во рамките на општеството и може да се оддели од истото, како и претходно дефинирано;
  • Во нејзиното функционирање (поставување на цели и нивно постигнување), универзално се повикува на својот монопол на физичка принуда, т.е. само државата, во рамките на (современото) општество може да користи сила, или најчесто користи закана со употреба на сила, загарантирано со нејзините институции на војска и полиција;
  • Таа е екслузивен ентитет, и не предвидува согласност или право на излез (exit) на субјектите (физички и правни лица), туку е задолжителна за нив;
  • Има (скоро) екслузивно овластување да го организира општествениот живот, и тоа како гарант на човековата слобода и имот, регулатор на економските текови, организатор на функционирањете на здравствените, образовни и социјални текови, како и други ингеренции, кои се проследени со различни ефекти, од морален, економски, правен, социолошки, здравствен и културолошки аспект;
  • Се финансира од даноци (или принудно одземање на дел од заработеното – сопственоста на нејзините субјекти);
  • Она што ја прави различна од криминална банда, која употребува и се заканува со примена на сила и одземање на туѓа сопственост, е лоцирано во нејзиниот легитимитет, односно верба или премолчно и пасивното (или активното) прифаќање на нејзината природа и начинот на функционирање;
  • Постојат параметри преку кои што може да се издвои, анализира, мери, спореди, како во рамките на општествените текови, така и во однос на слични и идентитчни ентитети – држави, во меѓународната заедница.

Фусноти:

[1] ,,Држава e кога некој те држи, како што овчарот ги држи овците” или држењето како симбол на ултимативната моќ. Види повеќе: Josip Pejakovic – Drzava (Youtube video); Josip Pejakovic – Drzava i papci (Youtube video monodrama)

[2] Государство (ru.wikipedia.org/wiki/Государство)

[3] Христос Вседържител (http://nikitova-art.com/lets-ikons/750-hristos-vsedarzhitel.html) 

[4] Christ Pantocrator (en.wikipedia.org/wiki/Christ_Pantocrator)

[5] State (polity) (en.wikipedia.org/wiki/State_(polity))

[6] IBID

[7] Edward Heath Robinson – The Distinction Between State and Government (2013, Wiley Online Library)

[8] Никола Љ. Илиевски – Крај на Политиката: Овертонов Прозорец за Улогата на Државата (2019: есеј, докторски студии УКИМ, политички науки).

[9] Историјата во смисла на Хегел претставува еволуција и тенденција на остварување на универзалниот дух. Види повеќе: Францис Фукујама – Крајот на Историјата и Последниот Човек (1994, Култура: Скопје).

[10] Francis Fukuyama – Political Order and Political Decay: From the Industrial Revolution to the Globalization of Democracy (2014, New York: Farrar, Straus and Giroux).

[11] Georg Wilhelm Friedrich Hegel – Philosophy of the right (1942, Oxford).

[12] Robert Cooper – The Postmodern State and the World Order (2000, Demos)

[13] Посебно кај социјалистичките диктатури и сеопфатните држави на благосостојба.

[14] Лудвиг вон Мисес го наведува Хегел како еден од идејните татковци на етатизмот, философија, која ја воспева и зацврстува улогата на државата во целокупниот општествен живот. Покрај Хегел, во етатисти ги вбројува и Сен Симон, Овен, Фурие, Пекиер, Сисмонди, Огист Конт и сл. Види повеќе: Ludwig von Mises – Omnipotent Government: The Rise of Total State and Total War (2010, mises.org & Liberty Fund), стр. 44

[15] За негова сметка се истиснуваат локалните дијалекти и јазиците на помалите етнички заедници.

[16] Во смисла на севкупност или мнозинство на граѓани, државјани или поданици на Државата.

[17] Овој конкретен тип на држава е државата на благосостојба, односно држава која се грижи за благосостојбата на своите граѓани, односно нивното здравје, образование и минимум за преживување; историски започнува со воспоставувањето на Бизмаркова Германија. Види повеќе: Tom G. Palmer – After the Welfare State (2012, Atlas Network & Students for Liberty)

[18] Евгеније В. Спекторски – Држава и њен Живот (1933, Београд:СК3), стр.7

[19] А во некои случаи и неуспешно, затоа што постојат држави кои што и покрај тоа што изјавуваат, немаат потполна власт над територијата (која е декларирана).

[20] Maks Veber – Drzava: Racionalna Ustanova Drzave i Moderne Politicke Partije i Parlamenti (2014, Mediteran publishing: Novi Sad); Maks Veber – Vlast: Sociologija vlasti (2014, Mediteran publishing: Novi Sad)

[21] Симболичкото насилство е различно од физичкото, и најчесто се однесува на наметнатите доминантни неформални норми на однесување, од страна владеачките класи. Види повеќе: Pierre Bourdieu – Rethinking the State: Genesis and Structure of the Bureaucratic Field (1994,Sociological Theory,  Vol. 12, No. 1, American Sociological Association); Steven Loyal – Bourdieu’s Theory of the State A Critical Introduction (2017, Palgrave Macmillan)

[22] Мисес и Ротбард истакнуваат за една држава да опстојува, истата мора да обезбеди легитимитет, односно да ја има довербата или во најмала рака пасивната подршка на мнозинството од населението под нејзината власт. Мисес дополнително образложува дека тоа е причината поради која демократијата е прифатлива како најдобра алтернатива на насилното соборување на политичката власт. Види повеќе: Ludwig von Mises – Human Action: A Treatise of Economics (1998, mises.org); Murrey Rothbard – Anatomy of the State (2009, mises.org).

[23] Со цел подобро и подетално проникнување во природата на државата, Алберто Мингарди, препорачува 10 книги за државата. Види повеќе: Alberto Mingardi – Ten Books on the State (2002, mises.org).

[24] Општествен хаос во смисла на недостаток на ред и поредок.

[25] Класичните либерали и Објективистите се во принцип минархисти и заговорници на минимална држава, држава-ноќен чувар, или ограничена политичка власт. Следбениците на Ејн Ранд ја аспектираат државата како ставање на принудата под објективна контрола. Анархистичката струја во слободарските идеи започнува во 19-ти век во Америка, познати како индивидуалисти или пазарни анархисти (под влијание на Мутуализмот на Прудон) како Лисандер Спунер, Бенџамин Такер, Макс Штирнер, Хенри Дејвид Торо итн. Повторно станува актуелна со активизмот на Ротбард и други анархо-капиталисти и волунтаристи, во втората половина на 20-тиот век, а дополнително зајакната и со отворањето на Лудвиг вон Мисес институтот (mises.org), во Алабама. Исто помеѓу анархистите треба да се спомене и Дејвид Фридман (син на нобеловеот Милтон Фридман), кој дава утилитарни оправдувања за општество без држава, од аспект на владеење на право и исполнување на правда. Види повеќе: C.Jay Engel – Anarchism, Minarchism, and the Libertarian Label (2017, LewRcokwell.com); David Friedman – The Machinery of Freedom – Guide to a Radical Capitalism (1973, daviddfriedman.com)

[26] Frédéric Bastiat – The State (1848, libertyfund.org) Бастиат и покрај своите тогаш актуелни преписки со Прудон, првиот самопрогласен анархист (федералист и социјалист), се согласуваат околу природата на државата. 

[27] David Hart – Frédéric Bastiat on Legal Plunder (2012, Foundation for Economic Education)

[28] Од тука потекнува и познатата слободарска (либертаријанска) девиза Одданочувањето е кражба (Taxation is Theft), но и дилемата, дали со потенцијално доброволно плаќање на данок би одумрела или престанала да постои државата? Види повеќе: Frederic Bastiat – The Law (2007, mises.org)

[29] Прудон, во својата Општа Идеа за Револуцијата во 19-тиот век (General Idea of the Revolution in the Nineteenth Century), во слободен стил ја одредува природата на државата, преку нејзината улога во животот на обичниот граѓанин: ,,Да имаш Влада значи да бидеш: набљудуван, контролиран, шпијуниран, усмеруван, прогонуван по закон, броен, регулиран, впишан, индоктриниран, прикован, надгледуван, проверуван, проценуван, вреднуван, цензуриран и заповедан од страна на суштества кои немаат ни право, ни памет, ни доблест тоа да го прават. Да имаш Влада значи во секоја работа, во секоја купо-продажна трансакција да бидеш: воочен, регистриран, преброен, оданочен, обележан, одмерен, нумериран, проценет, одобрен, овластен, опоменат, спречен, забранет, реформиран, поправен и казнет. Да имаш Влада под изговор на јавната корист и во име на општиот интерес значи да поднесуваш наметнувања, обуки, стеги, искористувања, изнудувања, монополи, притискања, измами и грабежи. И при првиот крик на револт да бидеш: казнуван, глобуван, клеветен, калапен, прогонуван, злоставуван, тепан, разоружан, врзан, давен, затворен, суден, осуден, стрелан, депортиран, жртвуван, продаден и издаден. И како круна на се да бидеш изложен на ругање, потсмев, исмевање, навредување и обесчестување. Тоа значи власт, тоа значи Влада. Тоа е нејзината правда. Тоа е нејзиниот морал…”

Види повеќе: Pierre – Joseph Proudhon – General Idea of the Revolution in the Nineteenth Century (1851, theanarchistlibrary.org), превод Бошко Караџов

[30] Текстот е писмо на Прудон до Луис Бланк (Louis Blanc) и Пјер Леру (Pierre Leroux), своевремени промотири на вид на државен социјализам. И двајцата се со верба дека Државата-Господар може магично да се трансформира во Држава-Слуга, во полза на сите луѓе. Преведена е на англиски од Бенџамин Такер, доајен на американскиот пазарен анархизам, во 1849 година,

[31] Pierre – Joseph Proudhon – The State, Its Nature, Object, and Destiny (1849, panarchy.org)

[32] Опенхајмер издвојува 2 општи начина за задоволување на личните потреби и желби. Тие се работа и кражба. Работата опфаќа труд, слободно поседување и уживање на плодовите од истиот, и доброволно (взаемно согласно) разменување на истите.  Кражбата опфаќа одземање на туѓ плод од труд или размена со употреба на принуда. Овие начини, Опенхајмер ги именувал како економски и политички начин, а врз нив понатаму ја гради дистинкцијата економија-политика, и општествo-држава. Види повеќе: Franz Oppenheimer – The State: Its History and Development Viewed Sociologically (1926, New York: Vanguard Press), стр. 27

[33] Bertrand de Jouvenel – On Power: The Natural History of its Growth (1949, New York: Viking Press)

[34] Оние кои ги имаат бенефитите или корист од инструментот.

[35]  Види ја разликата во Никола Љ. Илиевски – Стап или? Пристапи кон ред и поредок (2020, libertania.org)

[36] Ludwig von Mises – Liberty and Property (1958, mises.org)

[37] Ludwig von Mises – Omnipotent Government: The Rise of Total State and Total War (2010, mises.org & Liberty Fund), стр. 46

[38] IBID

[39] Или акцијата на човекот, или човеко дејство, делувањето на поединецот, итн. Во недостаток на официјален превод на оваа книга, го избрав терминот човечка акција, затоа што е буквален превод, иако акција доследно би било да се преведи како делување, дејство и сл.

[40] Ludwig von Mises – Human Action: A Treatise of Economics (1998, mises.org), стр.196-198

[41] Ludwig von Mises – Liberty and Property (1958, mises.org)

[42] Zero-sum game (dictionary.com)

[43] Matt Palmer – Rothbard and the Nature of the State (2010, mises.org)

[44] Hans-Herman Hoppe – Democracy: The God That Failed, The Economics and Politics of Monarchy, Democracy and Natural Order (2001, Transaction Publishers), стр. 45 

Литература:

Alberto Mingardi – Ten Books on the State (2002, mises.org);

Bertrand de Jouvenel – On Power: The Natural History of its Growth (1949, New York: Viking Press);

C.Jay Engel – Anarchism, Minarchism, and the Libertarian Label (2017, LewRcokwell.com)

David Friedman – The Machinery of Freedom – Guide to a Radical Capitalism (1973, daviddfriedman.com);

David Hart – Frédéric Bastiat on Legal Plunder (2012, fee.org);

Edward Heath Robinson – The Distinction Between State and Government (2013, Wiley Online Library);

Евгеније В. Спекторски – Држава и њен Живот (1933, Београд:СК3);

Franz Oppenheimer – The State: Its History and Development Viewed Sociologically (1926, New York: Vanguard Press);

Францис Фукујама – Крајот на Историјата и Последниот Човек (1994, Култура: Скопје);

Francis Fukuyama – Political Order and Political Decay: From the Industrial Revolution to the Globalization of Democracy (2014, New York: Farrar, Straus and Giroux);

Frédéric Bastiat – The Law (2007, mises.org);

Frédéric Bastiat – The State (1848, libertyfund.org); 

Georg Wilhelm Friedrich Hegel – Philosophy of the right (1942, Oxford);

Hans – Herman Hoppe – Democracy: The God That Failed, The Economics and Politics of Monarchy, Democracy and Natural Order (2001, Transaction Publishers);

Ludwig von Mises – Human Action: A Treatise of Economics (1998, mises.org);

Ludwig von Mises – Liberty and Property (1958, mises.org);

Ludwig von Mises – Omnipotent Government: The Rise of Total State and Total War (2010, mises.org & Liberty Fund);

Maks Veber – Drzava: Racionalna Ustanova Drzave i Moderne Politicke Partije i Parlamenti (2014, Mediteran publishing: Novi Sad);

Maks Veber – Vlast: Sociologija vlasti (2014, Mediteran publishing: Novi Sad);

Matt Palmer – Rothbard and the Nature of the State (2010, mises.org);

Никола Љ. Илиевски – Крај на Политиката: Овертонов Прозорец за Улогата на Државата (2019: есеј, докторски студии УКИМ, политички науки);

Никола Љ. Илиевски – Стап или? Пристапи кон ред и поредок (2020, libertania.org);

Pierre Bourdieu – Rethinking the State: Genesis and Structure of the Bureaucratic Field (1994,Sociological Theory,  Vol. 12, No. 1, American Sociological Association);

Pierre-Joseph Proudhon – General Idea of the Revolution in the Nineteenth Century (1851, theanarchistlibrary.org);

Pierre-Joseph Proudhon – The State, Its Nature, Object, and Destiny (1849, panarchy.org);

Robert Cooper – The Postmodern State and the World Order (2000, Demos);

Steven Loyal – Bourdieu’s Theory of the State A Critical Introduction (2017, Palgrave Macmillan);

Tom G. Palmer – After the Welfare State (2012, Atlas Network & Students for Liberty);

Christ Pantocrator (en.wikipedia.org/wiki/Christ_Pantocrator)

Государство (ru.wikipedia.org/wiki/Государство)

Христос Вседържител (http://nikitova-art.com/lets-ikons/750-hristos-vsedarzhitel.html) 

Josip Pejakovic – Drzava (Youtube video); 

Josip Pejakovic – Drzava i papci (Youtube video monodrama)

State (polity) (en.wikipedia.org/wiki/State_(polity))

Zero-sum game (dictionary.com)

Автор
Никола Илиевски
Либертаниа