Државата како игра
извор: http://studentaffairscollective.org/

Државата како игра

Покрај сите поимални определувања на државата како организација, институција или општествен ентитет, истата може да се сфати како сеопфатна и континуирана општествена игра. Како и секоја игра, така и оваа најголема и највремена, вклучува правила, субјекти носители, односи помеѓу истите во рамки на играта, или инспирирани од неа, како и карактер на истите односи. Секако секоја игра, од најобична детска на микро ниво, до постоење на држава (водење на политика), на макро, има свои особености, но секако заедничко е претходното одреденото.

Она што е карактеристично за државата, конкретно како општествена игра на субјекти, е тоа што субјектите немаат друг избор освен да ја играат истата, односно не можат да излезат од истата. Доколку некого прашате кој е неговиот став околу определена игра, која е задолжителна за сите, и од која никој нема право на излез, а самите обиди за излез се казнуваат со насилие; се очекува дека би се согласил дека не би сакал да биде дел од таква игра. Втора забелешка за играта е тоа што субјектите пер се, се во играта, односно не постои субјект, изземен од истата. Томас Кнап симболички наведува експеримент, според кој, доколку жаба е поставена во врела вода, истата инстинктивно реагира да излезе од водата, но со промена на методот, односно, жабата е поставена во млака вода, а водата се загрева, жабата е комфорна во неа, се додека на крајот не се свари во истата. Во таа насока, и во општествените односи доколку поединците би се соочиле со чист и експлицитен избор за влез во игра од која нема излегување, веројатно би реагирале инстинктивно како жабата.

На прашањето дали е легитимно и посакувано, да постои една (општествена) игра која се однесува на сите, одговорот може да биде и да и не. Гледано од морално-философска страна, посакувано би било да постои универзална општествена игра, во која правилата се негативно одредено (слободарски – неповредливост на принципот на самопоседување, односно човекот да може да прави што сака со своето тело и производите на својот труд, се додека не нарушува останати поединечни самопоседувања). Но од друга, поконкретна, политичко-економска страна, ваквата игра која се однесува на сите и не го предвидува основното право на излез е во спротивност со принципот на самопоседување. 

Од таму, една игра да биде сеопфатна и континуирана, потребно е да биде во согласност со принципот на само-поседување на субјектите, што секако го предвидува и правилото за излез од играта, како гаранција на истиот принцип (или морално оправдување на играта), и дополнително да дава резултати кои се поволни за субјектите кои учествуваат во играта – субјектите да се позиционираат како цел, а не средство за целите на играта (економско-утилитаристичко оправдување на играта). Правото на излез од играта, не само што има морално-философско значење за играта, туку истото има и економско-утилитарно, поради фактот што оневозможува, нефер и неефикасни игри.

Како и претходно наведено, државата е игра во која не е предвидено правото на излез, а конкретни субјекти се овластени за процесите на креирање на правилата, нивното спроведување и секако санкционирањето на поведенија надвор од предвидените. Со самата констелација во играта, едни да ги прават и спроведуваат правилата, а втори да им се потчинуваат и да бидат казнувани (а меѓу другото и да ја финансираат играта), постои можност или опасност, првите да ја злоупотребата играта, односно да ги злоупотребат оние вторите субјекти на истата.

Нормално, во природата на човекот, како хомо луденс, или битие кое игра, е да игра и да се вклучува игри, од кои може да има корисност, загуба, ука, забава и слично, но, секогаш е или во најмала рака треба да биде неприкосновено: прво играта да е во согласност со принципот на само-поседување – да има право на излез од истата, и секундарно да цели кон подобрување на благосостојбата на субјектите во играта.

15

Никола Љ. Илиевски,
Либертаниа