извор: atlassociety.org

Ејн Ранд: поборник за индивидуализам и радикален капитализам

Ејн Ренд е една од најзапаметените личности од дваесетиот век. Нејзините најпознати новели, „Рамнодушниот Атлас“ и „Изворот“ и денес се бестселери. За Рамнодушниот Аталс се вели дека е највлијателната книга по Библијата. Имајќи го тоа на ум, Ренд е сепак една екстремно контроверзен филозоф чии идеи сеуште го брануваат општеството.

За нејзините непријатели таа претсвува личност која ја слави себичноста, не оставајќи простор за „општото добро“. Честопати ќе чуете критика дека во идеалното општество Ренд би ги оставила сиромашните да умрат од глад.

За нејзините приврзаници, сосема спротивно, таа претставува филозоф на кој му нема рамен. Па така, Тал Тсфани, извршниот директор на Ејн Ренд Институт во интервјуто од мината година ќе рече: “Ренд создаде философски систем од почеток до крај, со сите пет гранки на философски систем. Луѓето како неа во историјата се бројат на една рака”.

Уште од првите страници кои ќе ги прочитате напишани од Ејн Ренд, нештото кое  што ќе ви остави впечаток е индивидуализмот, проследен со антиколективизам, било да е тоа во комунистичка или фашистичка варијанта. Ако се прашувате од каде доаѓа оваа спротивставеност кон колективизмот не треба да одите многу далеку.

Ренд е родена на 2-ри февруари, 1905 година, и има само 12 години кога Болшевиците доаѓаат на власт по Октомвриската револуција. Во делото „Ние, живите“, кое е најблиску до нејзина автобиографија запознаени сме со Кира, години по револуцијата. Кира ќе глуми заљубеност во службеник комунист, се со цел да му помогне на својот љубовник кој е аристократ. Многупати низ книгата Ренд ни покажува како колективистичките системи перверзно ја убиваат индивидуалноста и човечкиот дух.

Во „Химна“ таа зборува за едно дистописко општество, за кое кога ќе размислите подлабоко, застрашувачки, би нашле многу допирни точки со светот во кој што живееме. Имено, тоа е општество кое целосно го има заборавено зборот „јас“. Зарем денес не е слично, живеејќи во свет каде што богатите се омразени само затоа што се богати, заборавајќи дека тие се богати токму поради нашето доброволно купување на производите и услугите кои тие ги нудат? Учени сме да ги мразиме богатите поради нивната себичност, заборавајќи колку поубав живот живееме поради слободата која им овозможува да бидат продуктивни. Дури и кога претприемачите се водени стриктно од профитот и себичноста, тие успеваат само ако понудат нешто подобро на пазарот. Па така, правејќи „лошо“ тие прават добро.  

Читајќи дотука, би биле изненадени кога ќе ви кажам дека една од најпознатите личности која застанала во одбрана на слободното општество никогаш не се нарекувала либертаријанец. Оваа антипатија кон либертаријанизмот се состои во тоа што многумина од либертаријанците својата одбрана на слободното општество ја базираат на прагматична економска анализа, а не на етички принципи. Таа оди дотаму, поттикнувајќи ги либертаријанците целосно да се откажат од тоа да се гледаат себе како една гранка од конзервативизмот. Напротив, либертаријанците не се ништо помалку од трета опција.

За некои, нејзината големина доаѓа од двата гиганти, „Рамнодушниот Атлас“ и „Изворот“. За други пак, објективизмот, филозофската школа на која таа е основоположник е она што ја издигнува на врвот. Како и да е, низ годините нејзините дела беа инспирација за многу политичари и претприемачи. Што е уште поважно, нејзините дела се читани од обичниот човек, на кој му помага на патот кон успехот. Дури и кога не успева целосно да ја убеди својата публика, Ренд „не тера“ да разислуваме и преиспитаме се што знаеме за етиката и општеството во целина.

За „Рамнодушниот Атлас“ и „Изворот“ има многу што да се каже. Во обид да не бидам  вулгарен, нема  да се обидам да ги „испочитувам“ со по неколку реченици. Во исто време, не сакајќи да откријам премногу, ќе го оставам она по што Ренд ќе биде запаметена и сто години од сега за вас.