Eкономскиот раст, шведскиот пат до просперитет и лекции за Македонија – втор дел
Photo by Jon Flobrant on Unsplash

Eкономскиот раст, шведскиот пат до просперитет и лекции за Македонија – втор дел

Дел 2: Шведскиот Адам Смит – Андерс Чидениус

Се до почетокот на осумнаесетиот век Кралството Шведска претставува една од големите сили во Европа. Како што опаѓа моќта на кралстовот така Шведска искусува високо ниво на емиграција, која се интензивира во деветнаесетиот век. Но, ретко кој бил изненаден од ова, именувајќи ги мрзеливоста и алчноста на луѓето, придужена со ветувањето за полесен живот во странство како најчестиот одговор на прашањето: Зошто луѓето си одат од Шведска? 

Меѓутоа Андерс Чидениус, свештеник кој подоцна станува дел од Шведскиот Риксдаг го вели сосема спротивното. Андерс Чидениус не само што не гледа никаков проблем во тоа да се напушти родната земја, туку напротив и причините кои доведуваат до истото ги сместува токму во шведскиот државен апарат. Угнетувачкиот и корумпиран државен систем, даноците, регулативите, привилегиите, трговски рестриции и лиценци поточно се причините кои ја уништуваат можноста за убав живот во Шведска.

Минимална улога на државата која ќе ги „заштити нашите права на живот и сопственост” со единствена задача „да не заштити од насилство од странство и домашно угнетување,” ја претставува неговата  радикалната laissez-faire критика на шведската држава, цела деценија пред тоа да го направи Адам Смит  во „Богатството на народите“. Па така, тој ќе рече: „Татковина без слобода и заслуга е само еден голем збор кој малку значи.”

Повикува на намалување на големината на државата и драстично намалување на даноците што всушност и ќе им овозможи на пазарите да функционираат. Целосна сопственост на земјата од страна на селаните и отворање на границите за слободна миграција, целосна слобода на говор, дури и кога се работи за религиозните прашања, каде што државата треба да им ги даде истите права на сите верници. Во исто време тој се спротивставува и на субвенциите, дури и во оние сектори кои тој ги почитува, како земјоделство и рибарство.

Меѓутоа, она што го прави Чидениус клучна фигура е што не се задоволува само со теорија, туку е и политички активен, обидувајќи се и практично да придонесе за промената. Неговата одбрана на правото за слободна трговија на локалните фармери му овозможува да биде избран за претставник во парламентот каде што набрзо станува предводник на неаристократското крило на партијата. Успевајќи да добие доволно поддршка, во негово време се донесуваат повеќе закони за трговска либерализација и намалување на дел од субвенците и  даноците . Дека влијанието на Чидениуз врз кралот е големо потврдуваат и законите кои ја либерализираат земјоделската трговија  со што доаѓа и до крај на ерата на централизирана кралска моќ.

Реформите продолжуваат и по неговата смрт и законите кои следат им овозможуваат на селаните поголема контрола врз нивните поседи. Ова доведува до избегнување на неефикасностите кои се последица на „специфично заедничката сопственост” на ресурсите. Поделбата на земјиштето им овозможува на родителите пред се да го поделат имотот на своите поколенија по смртта,  а не да го префрлат на само еден член од семејството, но и да продадат само дел од имотот додека се живи. Во склоп со новостекнатите права на поседување и закуп на земјиштето се зголемува и специјализацијата што доведува до поголема продуктивност и производство. Па така, во деветнаесетиот век се забележува 40% поголема продуктивност во поделените и оградени земјишни поседи во споредба со оние кои продолжиле со старите практики.

Во својот најпознат памфлет ,,Националната добивка” Чидениус не запознава со пазарниот механизам кој стои позади слободниот пазар, објаснувајќи како тој е саморегулирачки поради профитниот мотив и како истиот не држи сите под контрала, стимулирајќи не да им помогнеме на останатите, произведувајќи го она што тие најмногу го посакуваат, без оглед дали сакаме да им помогнеме или не, она што Стивен Хорвиц го нарекува „двојното благодарам на пазарот.”

Законот за религиозна слобода, кој е изготвен од Чидениус, им дозволува на Евреите да ја населат Шведска, лично е потпишан од страна на кралот. Сепак, неговиот најголем успех е изгласувањето на забраната на цензура и слобода на печатот, во чиј склоп сите документи и одлуки од страна на властите стануваат јавно достапни. Да не заборавиме, зборуваме за 1766 година, нешто што ја прави Шведска уникатна, за што се здобива и со репутација на „земја каде што дебатата е слободна”. Иако набрзо, со доаѓањето на Густав Адолф на тронот овој закон е укинат, подлогата за идните движења е веќе цврсто поставена.

Својот светоглед на економски либерализам Чидениус го гради на истите принципи на кои го прави истото Адам Смит со што и ја залужува титулата „Нордискиот Адам Смит.” Она што Чидениус ќе го остави зад себе ќе ја натера Ели Хекшер, една од најпознатите шведски економистки на дваесетиот век да каже „едноставна експозиција на основните принципи на економскиот либерализам би можела да достигне меѓународна слава ако во тоа време беше објавена на еден од светските јазици.“ Да му се препише одговорноста на еден човек  за благосостојбата која ја уживаат генерациите сограѓани кои доаѓаат по него е секако вулгарно. Меѓутоа безвременоста на неговите идеи  многупати досега ја докажаа својата валидност, почнувајќи токму од Шведска.

Simon Sarevski

Симон Саревски
дел од тимот на Либертаниа