Eкономскиот раст, шведскиот пат до просперитет и лекции за Македонија – трет дел
Photo by Jon Flobrant on Unsplash

Eкономскиот раст, шведскиот пат до просперитет и лекции за Македонија – трет дел

Дел 3: Либералните вредности во пракса

Заштитата на слободата на говор преку првиот амандман е она што го краси американскиот устав. Меѓутоа, ретко кој знае дека токму Шведска, предводена од Андерс Чидениус е првата држава која во далечната 1766 година со закон ја заштитува слободата на говор. Но, исто така мора да се нагласи дека овој закон не е перфектен бидејќи истиот не ги заштитува оние кои зборуваат лошо за кралот и шведската црква. Да не заборавиме дека Шведска од осумнаесетиот век е многу поразлична од денес. Борбата за моќ и извршениот coup d’état од страна на кралот Густав III и става крај на слободата на говор и печат по помалку од само десет години постоење.

Ретко кога работите се случуваат преку ноќ, особено кога се во прашање работи кои од корен го менуваат општеството. Во 1810-та година слободата на говор и слободен печат повторно се возобновуваат и повторно Швеѓаните се соочуваат со слични рестрикции како оние од 1766-та година. Весникот Афтонбладет (Вечерен весник), кој ќе претставува бастион на шведскиот laissez-faire либерализам е прв весник во Шведска кој не само што ја напаѓа злоупотрата на политичката моќ, туку  и постоењето на политичка моќ како таква. Она што го прави овој весник популарен кај растечката средна класа во Шведска е тоа што на разгледуваните проблеми тој предлага и решенија – либерализација и индустријализација.  

Власта ќе се повика на стар закон кој ќе и овозможи да стави катанци на вратите на Афтонбладет дури четиринаесет пати во периодот од 1835-1838 година. Но, веќе е премногу доцна. Во духот на либерализмот наследен од Чидениус, сопственикот на Афтонбладет Ларс Јохан Хиерта ќе го отвори весникот повторно и повторно. Додека останатите весници можеле да бидат купени или замолчени, тоа не е случај и со Алфонбладет што прави од Хиерта еден вид на славна личност кој во исто време претставува и херој за многумина. Па така, единствено што им останува на политичарите е да дозволат непречено работење на весникот, бидејќи забранување на весниците не би било ништо друго освен политичко самоубиство.

Оваа епизода доведува во 1844 година до одземање на моќта на политичарите за повлекување од печат на оние весници кои нема да бидат во согласност со нивните замисли. А она што го започна Чидениус во 1766 година, по повеќе од еден век, конечно вродува со плод во 1884 година кога и богохулењето станува заштитен говор. Но, иако слободата на говор и слободен печат се од круциално значење, просперитетот бара многу повеќе. Токму во периодот од 1840 година до 1865 година Шведска доживува една вистинска либерлана револуција каде што тоа „многу“ ќе стане дел од животот на обичниот Швеѓанин. 

Воспоставена е целосна слободна имиграција и емиграција, што им овозможува на повеќе од еден милион Швеѓани да ја напуштат земјата. Школскиот систем кој претходно знаеше единствено за создавање свештеници и јавни службеници од децата на елитата се заменува со задолжително практично образование за сите. Жените добиваат право да поседуваат и наследуваат имот, да се образоваат и создадат кариера, што всушност ги прави еднакви со мажите во очите на законот. Регулациите кои го запреа развојот на дрвната и железната индустрија се укинати. Шведска усвојува закони за формирање на акцонерски друштво, а банкарскиот сектор е дерегулиран со што се дозволува каматните стапки слободно да се движат врз база на пазарниот прицнип. Кратко потоа ќе биде создадена и шведската Круна која ќе биде врзана за златниот стандард, што ја осигурува стабилноста во меѓународните плаќања. Еснафскиот систем е укинат со што им се дозволува на сите да започнат сопствен бизнис и да се натпреваруваат слободно на пазарот. Намалени се царините со дополнителна либерализација на меѓународната трговијата, каде што во еден краток период законот за слободна трговија нема да биде подолг од една реченица.

Исто така, бирокартија поминува низ серија на рефорими кои ја менуваат дефиницијата на она што претставува јавнен службеник.  Тој сега добива фиксна плата, а работа со целосно работно време се добива стриктно преку отворено конкурирање, а новиот генерален кривичен законик ограничува злоупотреба на функцијата. Овој процес на модернизирање на бирократскиот систем ја зголемува општинската автономија и ја враќа моќта кај оние кои плаќаата за услугите.

За просперитет не е потребно премногу. Но либерализацијата на општеството и ограничувањето на моќта на државата забележана во Шведска се граничи со тоа „премногу“. Кога во 1867 година Ларс Јохан Хиерта, најстариот, сега пратеник во шведскиот Риксдаг го отвора парламентот, каде што ќе ги слави либералните реформи и предупреди своите колеги да не настапуваат со нови идеи за тоа како да земаат повеќе пари од народот. Ова ќе натера еден политички коментатор да каже: „Сега нема партии. Денес сите сме либерали “.

Сите овие реформи беа доволни за Шведска да влезе во својата златната доба. Во стогодишниот период од 1870 година до 1970 година Шведска ќе го забележи најбрзиот економски раст во светот, избегнувајќи ги во исто време воените конфликти кои го пеплосуваат. Тоа е раст од седумнаесет пати, или претставено поинаку, тоа значи дека доходот по глава на жител кој во првата половина на дваесетиот век во Шведска изнесуваше 40-50 проценти помал во однос на оној на Обединетото Кралство, во почетокот на 1970-те години Шведска е на четвртото место мерено според истата мерка, изостанувајќи само зад Швајцарија, САД и Луксембург.

Богатството не доаѓа само по себе. Земјата во која некогаш за правење леб беше потребно да се измеша кора од дрво поради недостаток на брашно, се искачи на врвот. Она што и овозможи на Шведска да стигне каде што е денес го преживеа тестот на времето. Дури и кога Македонија би го практикувала она истото, потребно ќе биде време за вистински да се осетат промените. Сепак, тоа можеби претставува најдобриот начин за и ние да доживееме златна ера.

Simon Sarevski

Автор:
Симон Саревски,
дел од тимот на Либертаниа – ЦСП