Деновиве излезе од печат најновата книга на нашиот научен соработник д-р Бошко Караџов со наслов „Естетика на стрипот“. Станува збор за збирка на огледи од областа на филозофијата и стрип-уметноста. Книгата е поделена во три целини. Во првиот дел со наслов „Онтологија на деветтата уметност“ се говори за одделната естетичка природа на графичкиот роман и за обрасците на создавањето дигитални (с)ликовни раскази во рамките на концептот за бесконечното платно. Во вториот дел со наслов „Историја на стрипот“ е претставена повеста на (с)ликовното приповедање од праисториските почетоци во пештерското сликарство, па преку средновековните графички раскази, па сѐ до воспоставувањето на модерниот стрип-формат во XIX век. И во завршното поглавје, со наслов „Идеологија и стрип-кулура“ се говори за анти-стрипската книга Seduction of the Innocent, за појавата на underground стрип-сцената, како и за македонските стрипови од едицијата „Никогаш роб“.

Бошко Караџов е филозоф, теоретичар на културата, професор и научен истражувач во полето на графичката литература и интермедијалните уметности. Автор е на книгите: Парадоксите на индуктивната логика“ (2020), Compendium Philosophie (2021) и Логичка анализа на научното познание. „Естетика на стрипот“ е негова четврта книга.
„Естетика на стрипот“ , како и останатите книги на д-р Бошко Караџов можат да се надат во книжарниците Или-Или и Бункер во Скопје и во книжарницата Урбаниум во Битола.