Фредерик Бастиат – два векови актуелност

Фредерик Бастиат – два векови актуелност

Фредерик Бастиат, роден на 30 Јуни 1801, во Бајона, Аквитанија, бил Француски економист, писател и истакнат член на Француската либерална школа.

Како дел од Слободните ѕидари и член на Француското национално собрание, го развил економскиот концепт за опортунитетен трошок, и ја претставил приказната за скршениот прозорец. 

Како претставник на класичниот либерализам, неговите ставови го фаворизирале слободниот пазар и имале влијание врз развивањето на Австриската економска школа.  

Кога имал 24 години, неговиот дедо починал, оставајќи му го целото семејно наследство, со чија помош ги продолжил неговите теоретски истражувања. Бастиат развил интелектуални интереси во повеќе области, вклучувајќи философија, политика, религија, патување, поезија, политичка економија и биографија. 

Бастиат бил автор на многу дела од областа на економијата и политичката економија, генерално карактеризирани со нивната јасна организација, силна аргументација, и голема духовитост. 

Муреј Ротбард за него напишал: ,,Бастиат беше навистина луциден и врвен писател, чии што брилијантни есеи и параболи до ден денес претставуваат катастрофални удари врз протекционизмот и сите форми на владини субвенции и контрола. Тој беше навистина сјаен поборник за неограничен слободен пазар.”

Негови најпознати дела се: 

  • Economic Sophisms, колекција на есеи (првично објавени во Journal des économistes), кои содржат одбрана на слободната трговија и многу силно формулирани напади на етатистички политики.  
  • The Law (1850) е неговото најпознато дело. Дефинира правичен систем на закони и потоа демонстрира како таквите закони овозможуваат слободно општество. Во истото Бастиат напишал дека секој има право да ги заштити “неговата личност, неговата слобода и неговиот имот”. 
  • That Which is Seen, and That Which is Not Seen  (Ce qu’on voit et ce qu’on ne voit pas), есејот од 1850 година, каде преку приказната за скршениот прозорец го претставил концептот за опортунитетен трошок.
Извор: www.lewrockwell.com

Бастиат тврдел дека единствената цел на владата е да ги штити правата на живот, слобода, и сопственост на индивидуите, а колку е опасно и морално погрешно за владата да се меша во останатите приватни работи на поединците.

Неговата јавна кариера како економист започнала во 1844, кога неговиот прв текст бил објавен во Journal des économistes во текот на октомври истата година, и завршил поради неговата прерана смрт. Бастиат починал во Рим, на 24 декември, 1850 година, и бил закопан во Црквата Сан Луиџи дел Франчеси во центарот на градот.

И за крај пет од неговите најпознати цитати:

Кога добра не ги преминуваат границите, војниците ќе ги преминат.

Животот, слободата и сопственоста не постојат бидејќи човекот ги создал законите. Спротивно, постоењето на животот, слободата и сопственоста го предизвика создавањето на законите.

Секој сака да живее на сметка на државата, а заборава дека државата живее на наша сметка.

Со помош на размената, просперитетот на еден човек е корисен за сите останати.

Кога грабежот станува начин на живот за група на луѓе во општеството, со текот на времето тие создаваат правен систем кој го овластува и морален код кој го слави истиот.

Кристина Ставревска
Дел од тимот на Либертаниа и Студенти за слобода