извор: aktuelles.uni-frankfurt.de

Франц Опенхајмер и генеза на државата

Франц Опенхајмер (1864-1943) е германски социолог на државата, кој иако првично завршил медицина и  бил лекар во Берлин, интересот кон општествените науки преовладеал во него, па докторирал на политичка економија и социологија. Во слободарските или либертаријанските кругови е познат по неговото дело Државата, оригинално Der Staat, а преводот на англиски јазик е The State: Its History and Development Viewed Sociologically

Во Државата, напишана во 1908 година, прави ја лоцира на генезата на државата, и дополнително го следи нејзиниот историски развој. За разлика од неговите претходници кои пишувале за државата, политичките заедници и сл, Опенхајмер ги отфрлил теориите за настанување на државата со општествен консензус или општествен договор, органицистичките теории, и е еден од основачите на освојувачката теорија на државата.

Тој ја започнува книгата со општи определби на држава и општество, во кој истата е одредена како организација за класна доминација на една класа врз останатите класи, додека општеството како унија или сојуз на поединци кои се надеваат дека преку различни комбинации на делување (или она што Мисес го нарекуваа акција) ќе постигнат задоволување на личните потреби. Како социолошки концепт, ја поистоветува со општествена институција на победничка група на луѓе, на сметка на поразена група, со единствена цел одржување на владеењето над поразената и осигурување и обезбедување од внатрешен бунт и надворешен напад. Економската цел позади државата е едноставна, и тоа експлоатација на поразените од страна на победените. Аналогно, потеклото на државата е во освојувањето и покорувањето

Позната е типологијата на Опенхајмер, која се однесува на начините на задоволување на човековите или личните потреби, каде издвојува 2 основни општи начина: работа и кражба. Работата опфаќа труд, слободно поседување и уживање на плодовите од истиот, и доброволно (взаемно согласно) разменување на истите.  Кражбата опфаќа одземање на туѓ плод од труд или размена со употреба на принуда. Првиот начин Опенхајмер го поистоветува со економски начин, додека вториот го ословува како политички, од каде понатаму произлегува дефиницијата на државата како организација на политички начини, а општеството, мрежа од економски, и дополнително произлегува дистинкцијата држава-општество (економија), принуда-соработка, политичка- општествена моќ. 

Опенхајмер се декларирал себеси како либерал социјалист и го сметал капитализмот за експлоататорско општествено уредување, но и покрај тоа бил про-пазарно ориентиран, и бил свесен за улогата на пазарите и нусефектите на државната интервенција, не само во економијата, туку и во другите сфери на општествено функционирање. Неговото дело Државата е од непроценливо значење, првенствено затоа што го одгатнува потеклото на државата и ја основа освојувачката теорија за настанок на државата, но и затоа што дополнително инспирира слободари како Алфред Џеј Нок и Мареј Ротбард за да ја постават моралната и економската критика на државата како концепција за општествено уредување и организирање.

Повеќе за Франц Опенхајмер и неговите концепти може да прочитате на следниве линкови: