Индивидуализам и трансцендентализам: Хенри Дејвид Торо и уметноста на непослушноста
Извор: www.theimgainativeconservative.org

Индивидуализам и трансцендентализам: Хенри Дејвид Торо и уметноста на непослушноста

“There will never be a really free and enlightened state until the state comes to recognize the individual as a higher and independent power, from which all its own power and authority are derived.”

― Henry David Thoreau, Civil Disobedience

Хенри Дејвид Торо (Henry David Thoreau) е еден од корифеите на американската  книжевност во 19 век. Меѓутоа, неговата интелектуална и филозофска сестраност, како и општествено-политичките ангажмани, влијаеа неговото творештво да биде вредносен темел и животна инспирација за дејците на сите идејни теченија, револуционерни програми и општествени движења во XX век кои веруваа и делуваа во името на: индивидуализмот, слободата, борбата проти неправдата и големата држава, ненасилството, правото на граѓанска непослушност и, можеби денес најважно, чистата животна средина и животот во симбиоза со природата. Торо, со својата впечатлива и импозантна физичка појава, не беше само голем поет и есеист, туку и страствен вљубеник во природата, непоколеблив аскет, филозоф-трансценденталист, посветен општествено-политички активист, аболиционист и борец против ропството, како и гласен критичар на сите облици на неправда. Неговиот opus magna содржи дваесетина томови во кои се собрани сите негови книги, статии, есеи, дневници, стихови и сл. 

Под влијание на неговиот духовен патрон и пријател, американскиот филозоф Ралф Валдо Емерсон (Ralph Waldo Emerson), Toро не само што ги делеше филозофските уверувања на Емерсон, туку и активно учествуваше на средбите во т.н. трансцендентален клуб (Transcendental Club) во Кембриџ, заедно со тогашната интелектуална елита на источниот брег. Американскиот траснсцендентализам како филозофско движење, за разлика од Кантовиот трансцендентализам кој во основа е гносеолошки (критицистичко-емпириски), е повеќе еден вид духовен индивидуализам и прородољубен романтизам. Идејата на филозофијата на американскиот трансцендентализам е дека секој човек по раѓање е слободно и божествено суштество кое во себе носи самосвојна индивидуална сила за постигнување високи и себе-реализирачки интелектуални и духовни дострели, а општеството и неговите насилни организации и институции ја трујат и расипуваат таа негова изворна совршеност, ќе изврши огромно влијание врз неговата политичко-економска филозофија. Меѓутоа, неговото творештво најмногу ќе должи на идејата на трансценденталистите дека, покрај човекот, природата, исто така, е божествена и тоа не само во естетска или создавачка смисла, туку и во антрополошко или животно-духовно значење како врвна светост на која и должиме, не само длабока почит и благодарност, туки и едно трансцендентално-искуствено враќање кон неа, како некој вид духовна епопеја, личен влог кон слободата и тивок зелен анархизам како реакција кон негативните аспекти на ,,цивилизацијата”. Воден од овие идеи, Торо ја напиша книгата Валден како еден вид лична повест во која го бележи одвивањето на неговиот ескепистички општествен опит, т.е. самувањето и трансценденталното врќање кон природата. Во ова филозофско бегство на езерото Валден, неоптоварен со бремето на животот во цивилизација, во скромата колиба која сам си ја изградил и низ секојдневното одгледување земјоделски култури, лов и реакреација како облици на славење на едноставната совршеност на животот, ги напиша можеби најпросветлувачките созерцанија за проблематичните последици од индустријализацијата, неправедноста на даночниот систем, (не)моралноста на сиромаштијата, самоодржливост на човекот, ловењето и јадењето животни, како и моралните последици, убавината на природата и сл., кои и ден денес претставуваат не само појдовни точки во филозофските дискусии кои ги поттикнуваат, туку и излезни или целесообразни вредносни решенија за кои има смисла да се бори и современиот човек. Книгата Валден е објавена на сочен македонски јазик во издание на издавачката куќа Табахон.

Извор: www.off.net.mk

Меѓутоа, од друга страна, Хенри Дејвид Торо со неговиот индивидуален анархизам, изложен во култниот и влијателен есеј „On the Duty of Civil Disobedience, не само што ги инспирираше политичките борби на Махатма Ганди, Мартин Лутер Кинг, Мартин Бубер и други, туку уверливо ги постави основите на ненасилниот отпор и граѓанската непослушност како политичка стратегија со неспорно морално значење.  Во овој есеј Торо е непколеблив во ставот дека државата е остварена корупција и насилство, па затоа, како што вели: никогаш не е прерано за честит човек да стане бутовник и револуционер. Есејот започнува со следниве негови зборови кои ден денес преставуваат идејна водилка и вредносна позиција на сите идеолошки и политички програми кои се уверени противници на преголемата моќ на државата и нејзината општествена оправданост воопшто, на нејзиниот монопол над примената на силата, како и на нејзиното мешање во општествено-економските процеси:  

,,Најдобра е онаа влада која најмалку владее“ и би сакал тоа да се оствари побрзо и посистематски. Кога тоа ќе се спроведе, на крајот се сведува на ова, во кое исто така верувам: „Дека најдобра е онаа влада која воопшто не владее“ и кога луѓето конечно ќе бидат подготвени за тоа, таква влада и ќе имаат.” 

Неговите филозофско-политички идеи за миротворната револуција (peaceable revolution, if any such is possible), неговата политичка програма и стратегија за ненасилниот бунт на граѓаниот и неговото право на мирољубив непокор, како и предложените практики на дејствување кои уверува во силата на нанасилниот отпор, на идејно рамниште се идентични на јуриспруденцијата на американските натуралисти и татковци-основачи. Тоа е една филозофија на правото која уверуваше дека штом имаме власт која спроведува законско неправо, тогаш граѓанинот има надзаконско право на отпор и непослушност. Или кажано со зборовите на Томас Џеферсон, кои се еден вид парафраза на севкупната идејата на Торо; штом неправдата е закон, тогаш бунтот е должност. Оваа природно право на бунт и непослушност ги темели, како што вели, на фактот дека: 

,,Државата никогаш намерно не им се спротивставува на човековите интелектуални или морални чувства, туку само на неговото тело. Таа не е вооружена со супериорен дух или чесност, туку со супериорна физичка сила. Јас не сум роден за да бидам присилуван. Ќе дишам онака како што јас сакам. Па, да видиме кој е посилен.” 

Но, неговиот концепт на сила е силата на ненасилниот непокор и отпор. Иако,  еден период од неговото творештво и политички активизам не го исклучуваше вооружениот бунт и самото насилство, давајќи  поддршка на Џон Броун (John Brown), познатиот инсурекциски аболиционист, кој во името на слободата за црните робови беше одговорен за крвавиот Канзас, за нападот на Херпес Фери и многу други воружени и крвави акции, со зборовите дека вистинското прашање не е за тоа какво оружје се користи, туку за духот во кој истото се користи, сепак, неговите филозофски погледи во оснос на моралната големина на ненасилното искушение имаа неспорно и пресудно влијание врз подоцнежниот развој на ненасилниот отпор како политичка програма и стратегија на бунтување и непослушност.

Во однос на „моралноста“ на оданочувањето, Торо е консеквенцијалист и неморалноста на фискалната репресија ја гледа во проблематичноста на целите за кои и постои т.н. прераспределба на доходот, или како што вели тој: 

,,Моето одбивање да го платам данокот не го засновам на некоја посебна одредба од законот за даноци. Единствено не сакам да ѝ бидам лојален на државата, сакам да се повлечам и да бидам навистина далеку од неа. Не сакам, кога би можел, да го пратам мојот долар на пат до купување на луѓе или пушки со кои се убиваат луѓе.” 

И заклучно,  завршните зборови од неговиот есеј кои претставуваат манифест на слободата, антиетатизамот и индивидуалниот анархизам се еден вид вредносно трасирање на општеството во просторот на безбројни можности за истражување во кој никогаш нема да може да бидат исцрпени сите бесконечни облици на слободата. Како што вели: 

,,Дали демократијата која ние ја познаваме е најдобриот можен облик на владеење? Зар не е можно да направиме чекор напред кон признавање и организирање на правата на човекот? Нема да постои навистина слободна и просветена држава сè додека државата не сфати дека поединецот е вишата и независната сила од која произлегува нејзината моќ и власт и сè додека не почне да се однесува кон него во согласност со тоа сфаќање. Наоѓам задоволство замислувајќи ја државата која ќе се однесува кон поединецот со почитување како кон соседот, која нема да смета дека ѝ е нарушено спокојството затоа што некои живеат далеку од неа, затоа што не се мешаат во нејзините работи, затоа што не ѝ припаѓаат, а ги исполнуваат сите должности кон своите соседи и другите луѓе. Државата која одгледува таков плод и дозволува тој да отпадне што ќе созрее подготвува пат за уште посовршена и повеличествена држава која исто така ја замислувам, но сè уште не сум ја видел.”

Извор: www.amazon.com

Денес кога минат повеќе од два века од неговото раѓање, секој искрен слободољубец, како интелектуален долг кон Торо, има задача да не престане да си ја замислува и да не престане да се бори за таа посовршена и повеличенствена држава која нема да држи, која нема да потчинува и репресира, која нема да угнетува и забранува, која нема да биде изговор за криминал и финасиско бесчестие.  Држава која ќе биде во служба и сервис на својот граѓанин-поединец. Или поинаку кажано, држава во која народот ги поседува правата, а владата должностите. Држава која можеби и нема да биде држава, тука заедница на слободно здружени луѓе во доброволни општествени размени со бескрајна и бескомпромисна почит кон личното природно правото на поединците на живот, здравје, сопственост и слобода.

П.С. Дополнително за влијанието на филозофијата на Торо врз анархо-пацифистичките движења, како и за (не)оправданоста на политичкото насилство можете да прочитате во истражувањето на д-р Бошко Караџов со наслов: Поперовиот парадокс на толеранцијата и анархо-пацифистичката филозофија кое беше изложено на меѓународниот научен симпозиумот “Филозофијата и мирот” во организизација на ФДМ и Филозофскиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј – Скопје одржан на 17.11.2017.Есејот на Торо ,,За должноста на граѓанинот да биде непослушен” е преведен на македонски јазик од Васко Лазаревски и објавен на порталот okno.mk.

Bosko Karadza

Автор на текстот: 
доц. д-р Бошко Караџов, 
научен соработник на Либертаниа