Историјата како борба меѓу државната и општествената моќ
Дизајн на корица: Ѓорѓи Димитров

Историјата како борба меѓу државната и општествената моќ

Мaреј Ротбард – Анатомија на државата

Глава 7: Историјата како борба меѓу државната и општествената моќ

Како што двата основни, заемно исклучиви типа на односи меѓу луѓето, се мирна соработка и насилна експлоатација, производство и кражба, така и историјата на човештвото, посебно економската историја може да се гледа како натпревар помеѓу овие два типа. Од една страна, постои мирољубива размена и соработка; а од друга, односи во кои постои принуда. Алберт Џеј Нок, ги нарекува овие сили општествена моќ и државна моќ. [41] Општествена моќ е моќта на човекот врз природата, трансформацијата на природните ресурси и увид во законите на природата, секако во корист на поединците кои учествуваат. Општествената моќ е моќта над природата, и го означува животниот стандард постигнат од луѓето со создавање и взаемна размена. Државната моќ, како што видовме, е принудно и паразитско одземање на произведеното – пренасочување на општествените плодови кон непродуктивните (всушност анти-продуктивните) владеачи. Додека општествената моќ е моќта врз природата, државната моќ е моќ врз човекот. Низ историјата, човековите сили на создавање и производство, пронаоѓаат нови начини за видоизменување на природата во корист на човекот. Тие се времињата кога општествената моќ ja надминува моќта на државата, а влијанието на Државата е намалено. Но, скоро секогаш, по со поминување на поголем или помал период, Државата повторно успева да се шири и зајакнува на сметка на општеството. [42]  Ако периодот помеѓу 17-ти и 19-ти век, во многу западни земји се зајакнува моќта на општеството и е осигуран напредокот на слободата, мирот и материјалната благосостојба, 20-тиот век е период на зајакнување на моќта на државата, и како последица, враќање кон ропство, војна и уништување. [43]

Во овој новиот век, човечката раса повторно се соочува со растот на злокобната моќ на државата, но сега наоружана и со плодовите на неговите моќи на создавање и производство. Последните векови се период кога човекот се обидел да постави уставни и други ограничувања на Државата, но и да увиди дека истите не успеваат. Од сите форми во кои се појавува власта низ вековите, од сите концепти и институции кои се испробани, ни еден не успеал да ја задржи државата зауздана. Проблемот со Државата, очигледно е оддалечен од решението. Можеби е потребно да се пронајдат нови перспективи за да се постигне конечното решение на прашањето на Државата. [44]

[41] Повеќе за концептите на државна и општествена моќ види Albert J. Nock, Our Enemy the State (Caldwell, Idaho: Caxton Printers, 1946). Исто така види Nock, Memoirs of a Superfluous Man (New York: Harpers, 1943) и Frank Chodorov, The Rise and Fall of Society (New York: Devin-Adair, 1959).

[42] Во процесот на ширење или продирање, Државата секогаш ги зграпчува најбитните области во економијата и општеството. Тоа се монопол на насилството, монопол на правосудната моќ, каналите на комуникација и транспортот (пошти, патишта, реки, воздушни рути), системите за наводнување во ориенталните деспотии и образованието, со кои успева да ги обликува размислувањата на идните граѓани. Во модерната економија, парите се исто така клучна област во која е пенетрирана државата.

[43] Овој паразитски процес на одземање е скоро отворено промовиран од Карл Маркс, кој признава дека социјализмот мора да биде воспоставен преку одземање (ограбување) на капиталот создаден за време на капитализмот.

[44] Секако, незаменлива состојка на тоа решение мора да биде кршењето на сојузотомеѓу интелектуалците и Државата, со помош на центри на образование, целосно независни од државната моќ. Кристофер Даусон забележува дека големите интелектуални движења на Ренесансата и Просветителството се постигнати работејќи надвор, а некогаш и против етаблираните универзитети. Овие учења за новите идеи беа создадени и пренесувани од независни мислители. Види повеќе Christopher Dawson, The Crisis of Western Education (New York: Sheed and Ward, 1961). 

1515

Превод:
Никола Љ. Илиевски, 
Либертаниа