Југославија и нејзиниот самоуправен економски систем

Mожноста за економска калкулација во социјалистичките економски системи и случајот на Југославија

V дел: Југославија и нејзиниот самоуправен економски систем

Иако во целото нејзино постоење Југославија била владеена од комунистичката партија на Југославија (1945-1991), сепак таа била првата социјалистичка земја која се обидела да направи длабоки економски реформи. За временски период од 40 години, освен периодот од 1945-1950 Југославија се обидела да изгради економски систем врз основа на самоуправувањето. Тоа бил во суштина специфичен економски систем каде имало комбинација на социјалистички, самоуправни и пазарни принципи.

Социјалистичките принципи или централното планирање биле задржани во целиот животен век на Југославија. Партиската контрола на економијата биле обезбедена преку еднопартискиот политички систем. После 1950 година биле направени реформи со кои се воспоставил самоуправен систем во кој работниците можеле да учествуваат во донесувањето на одлуките преку репрезентативни органи внатре во претпријатија, но сепак политичкото мешање во деловните политики на претпријатијата за жал останала константна карактеристика на социјалистичка Југославија, како на пример и покрај воведувањето на пазарни принципи и работничко самоуправување сепак државата наметнувала облигаторни правила како воспоставување на минимални стапки на депрецијација на капиталот, како и правила во однос на дистрибуцијата на доходот (Uvalić, 2018). Централното планирање се користело со комбинација на разни непазарни механизми за алокација на ресурсите.

Пазарниот механизам особено во потрошните добра се сметало дека е нужен, особено во оние гранки каде имало ниска концентрација на производство чии производи се наменети за широка потрошувачка и каде без слободната игра на пазарот би било невозможно да се утврди структурата на производи за која би имало побарувачка. Низ разните реформи на економскиот систем пазарот секогаш бил наменет кон секторот на крајна потрошувачка, додека во капиталниот сектор пазарните механизми биле отфрлени главно од идеолошка природа. Во текот на 60-тите години се направила значителна либерализација каде фирмите можеле своеволно да ги изберат инвестициските проекти, како и соодносот на добивка кој треба да биде алоциран за инвестиции. Но, сепак во 1969 година дури 40% од индустриските добра биле под државна контрола каде цените биле административно фиксирани.

Поради лошите искуства со реформите во 60-тите години од минатиот век како зголемена инфлација, зголемена невработеност, голем трговски дефицит, поголема доходна нееднаквост – во 70-тите со новата промена на економскиот систем пазарот повторно бил ставен во подредена улога и се воспоставила т.н. договорна економија помеѓу фирмите, локалната власт и банките. Во врвовите на комунистичката партија преовладувало мислењето дека преголемото либерализирање на економијата ја одвело економијата во правец во којшто комунистичката партија не сакала да оди (Estrin, 1991).

Што се однесува до економските перформанси, Југословенската економија била мошне добра се до доцните 70-ти. Растот помеѓу 1952 и 1979 во просек се одвивал околу 6% на годишно ниво. Растот забавил по 1979 кога станало јасно дека задолжувањето на меѓународните пазари на капитал е отежнато. Економијата не успеала да се преструктуира кон извозно насочен раст. Самоуправниот економски систем и општествената сопственост не успеале да создадат ефективни пазари на капитал и труд. И покрај либерализацијата на економијата, пазарите никогаш не имале важна улога во алокацијата на ресурсите во Југославија. Директната контрола врз цените била задржана до 1965 година при што дистрибуцијата на инвестициските фондови била базирана врз преференциите на централното планско тело, наместо врз основа на стапката на принос. Во банкарскиот сектор, иако бил децентрализиран по 1965 година, сепак пазарните принципи отсуствувале. Каматните стапки биле држени на ниско ниво, т.е. реалните каматни стапки биле скоро секогаш во негатива, кредитирањето се правело врз основа на политички врски, наместо врз основа на пресметка на ризикот. Сето тоа довело до погрешна алокација на капиталот и големи структурни проблеми. Во практиката влезот на нови фирми бил ограничен дури и во периодот на поголемо потпирање на пазарниот механизам. Бидејќи платите и вработеноста била детерминирана од страна на веќе вработените работници, движењата на пазарот на трудот помеѓу високите и ниските гранични продуктивности отсуствувала. Немало начин како да се казнат работниците за погрешните деловни одлуки. Дополнително, државата гарантирала дека доходот нема да падне под одреден пропишан минимум што во пракса значело дека Југославија ги субвенционирала т.н. фирми загубари за да се задржи нивото на вработеноста. Сето тоа на крај довело до погрешна алокација на ресурсите, заостаната технологија во споредба со пазарните економски системи, зголемена невработеност и на крај напуштање на самоуправниот економски систем.

Текстот е преземен од личниот блог на авторот, и можете да го најдете тука.