Кина и корона вирусот – слободниот проток на информации како услов за функционално општество

Кина и корона вирусот – слободниот проток на информации како услов за функционално општество

Постои некаква поетична иронија во марксистичката максима за повторувањето на Историјата. Црната Чума, епидемијата која во 14 век од Кина преку Патот на Свилата стигна до европскиот континент со италијанските трговци, во 21 век најавува свое повторување. 

Од Јануари 2020, корона вирусот ги исполни насловите на весниците и порталите ширум светот. Започнувајќи од провинцијата Хубеи во Кина, специфичната вируленција и инкубација на вирусот успеа да ги инфицира речиси сите континенти во светот, со експоненцијален потенцијал да стане пандемија од историски пропорции.

Кинеската влада не успеа да ја изолира и сузбие епидемијата во провинцијата Хубеи без оглед на здравствените капацитети, кои важат за врвни, ако не е и најдобри во светот. Би било доста наивно и кусогледо да се претпостави дека на Кина едноставно и се “протна” здравствена криза како корона вирусот. Ситуација за која имаа стекнатно искуство со епидемијата на САРС во 2002-2003, а која започна токму од Кина, и чиј епидемиолошки карактер има паралели на САРС (всушност САРС е вид на корона вирус).

Кинескиот автократски модус операнди на сеприсутност на Државата во секојдневниот живот на поединецот и кој до моментот на епидемијата будно го набљудуваше секое движење и активност на своите граѓани заради зачувување на сопствените интереси, “потфрли” да го забележи полнењето на болниците на Вухан со пациенти кои прикажуваа симптоми на вирусот уште во средината Декември, еден месец пред официјалната вест за корона вирусот да излезе во јавноста во Јануари

Медицинскиот персонал кој на прва рака ги третираше пациентите наместо да биде потпомогнат со дополнителни средства или едноставно да се пренесат нивните извештаи во домашната или странската јавност, беа замолчувани и цензурирани.

Кина која е во фокусот на светското внимание заради тарифната војна со САД, справувањето со протестите во слободољубниот Хонг Конг и камповите за муслимани во нејзините северозападни провинции требаше да проектира слика на моќ и присебност.

Кина која под раководство на Ши Џинпин ги презема најголемите инфраструктурни проекти во историјата на човештвото во земјите во развој, дежурниот суперхерој на земјите кои беа оставени во пустош заради западниот колонијализам и империјализам, “не може” да биде жртва на вирусна епидемија која е карактеристична токму за земјите кои ги спасува.

Секоја критика и соочување со реалноста од страна на одговорните бирократи би било ништо помалце од предавство на визијата на Ши. Истиот тој бирократски систем кој беше надлежен за администрирање на Хубеи провинцијата имаше поставеност според афилијациите кон партијата, а не меритократијата на членовите. Постапка со која изгуби драгоцено време вперувајќи прсти меѓусебе кој да ја преземе одговорноста за епидемијата. Апелот до повисоки инстанци беше партиски калкулиран.  Угледот на комунистичката партија кој беше недопрен поради овозможувањето на економски просперитет и општа благосостојба на своите граѓани во последните 20 години, по обидите за цензурирање и релативизирање на фактите пред домашната и светската јавност, ја потценија сериозноста на ситуацијата што доведе епидемијата да заземе пошироки размери и ја размрдаа легитимноста на партијата за прв пат после протестите на Тиананмен плоштадот.

Многумина од аналитичарите го асоцираат справувањето на епидемијата на Кина со таа на СССР кога се случи нуклерната хаварија во Чернобил.

Кинеската вообразеност и параноичноста на највисокиот ешалон на комунистичката партија да наоаѓа дежурни непријатели на режимот, како што е својствено за секој авторитарен режим, колку повеќе ја консолидира својата моќ и станува персонификација на Државата, ја разведе од епидемиолошката реалност на вирусите.

Коронавирусот нема идеолошки афинитети. Либерализацијата на кинеската економија што почна со Денг Жаопинг и ја трасира Кина на патот за светска суперсила, не е комплетна без либерализацијата на протокот на информации за своите граѓани и меѓународната сцена.

Со засилените и често насилни мерки на ставање под карантин цели градови, формирање на полициски единици кои брутално ќе се справуваат со своите болни граѓани и ред други мерки практично демонстрираат дека таквите економски придобивки се на стаклени нозе. Кинеското економско чудо, најголемиот раст во историјата на планетата некогаш забележан го забавува својот моментум.  Кинеското производство, транспорт на добра и целокупната економија генерално полека, но сигурно се намалува. Тренд, кој доколку се задржи ќе ја потоне Кина во рецесија.

Како втор најголем глобален играч на економската сцена, ефектите од кинеската економска турболенција се рефлектираат на сите берзи во светот со DOW, Russel 3000 и Willshire 5000, берзанските индекси бележат речиси слободни падови на дневна база, ситуација која потсеќа на економската криза во 2007-2008 година.

Концептот на карантин и изолација на заболените од чума е познат од антички Египет. Денес, во ера кога светот е глобализиран, а медицинската наука со помош на вештачката интелигенција е на работ да го направи најголемиот исчекор за прв пат откако се откриени антибиотиците, светот се справува со криза која излегува од контрола. Криза која би се спречила навремено доколку Државата не одлучува кои факти се подобни за очите на јавноста.

Никола Стојчевски,
Дел од тимот на Либертаниа – ЦСП