Користeњето на знаење во општеството

Користeњето на знаење во општеството

Патешествие низ најважните трудови на проф. д-р Фридрих Август фон Хајек

II дел: Користeњето на знаење во општеството

По завршувањето на Втората светска војна Хајек се враќа на проблемот што го претставил во трудот „Економијата и знаењето“, односно проблемот на искористување на знаењето што не му е дадено на никого во целина. Во трудот „The Use of Knowledge in Society” (Користењето на знаење во општеството – слободен превод И.В.) Хајек опишува како цени формирани на слободен пазар можат да помогнат во решавање на проблемот на координирање на човековата активност во свет каде има дисперзирано и субјективно знаење.

Хајек пристапува кон проблемот на следниот начин: Ако некој сака да создаде ефикасен економски систем во свет со дисперзирано знаење, дали е подобро тоа да се направи на централизиран или децентрализиран начин? Одговорот ќе се добие ако се дознае кое од двете начини ќе биде подобро за искористување на знаењето во општеството. Многу луѓе кога ќе го слушнат зборот „знаење“ помислуваат на научно или пак на специјализирано знаење, но според Хајек она знаење што е најважно е всушност знаењето што се случува во одреден момент, во одредено место и време, односно т.н. премолчено знаење. Ова знаење е многу важно за свет којшто постојано се менува, бидејќи знаењето за локалните промени е суштинско ако поединецот сака да донесе правилна одлука во пазарни услови.

Човекот што има локално т.е. премолчено знаење, не знае што се случува во економскиот систем во целина. Тоа нѐ носи до следниот проблем: Како може еден економски субјект да го користи не само своето лично знаење, туку и премолченото знаење што постои во главите на сите други субјекти во економскиот систем? Ова со други зборови нѐ носи на проблемот на воспоставување на централизиран економски систем. Како еден таков систем може да функционира во услови кога е невозможно еден поединец не само да има лично знаење, туку да го има и премолченото знаење на сите субјекти во економскиот систем, особено во свет кој постојано се менува?

Токму тука доаѓа ценовниот систем. Обичниот човек може да поседува премолчено значење, а да не поседува научно или специјализирано знаење, но на слободниот пазар сѐ што се случува се рефлектира во цените што поединците ги среќаваат секој ден. Хајек ова го илустрира со примерот на производство на калај каде што опишува како милиони економски субјекти на пазарот реагираат на промени кои се случуваат заради промена на цената иако самите субјекти не ја знаат причината зошто се променила цената.

Користењето на знаење во општеството е најпознатиот труд на професорот Хајек. Подоцна во трудот исто така укажува како користењето на статичката анализа на рамнотежа која не предвидува промени, ја има доведено економската наука во ќор сокак. Всушност ова ќе биде и следната негова цел каде во трудот „Значењето на конкуренцијата“ ќе укаже на проблемите на неокласичната теорија на совршена конкуренција. Со тој труд ќе се занимаваме во следниот дел.

Текстот е преземен од личниот блог на авторот, и можете да го најдете тука.

Илија Васиљески,
Либертаниа