Легализирање канабис во медицински цели – Напредок на Балканот?

Во 2016-та година, Собранието на Македонија го легализираше медицинскиот канабис, односно го регулира производството и продажбата на канабис за медицински цели. Во предложените измени и дополнувања на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци, се даваат дефиниции за поимите „Коноп“, „Масло од конопово семе“ и „Масло од коноп“, се уредува постапката за одгледување и производство на коноп, институционалната контрола, но се додаваат и казнени одредби и санкции за лицата кои вршат дејствија спротивни на законот.

„Генерално секоја легализација/декриминализација, односно поблаго казнување носи намалување на црниот пазар. На пример ако ја земете цената на црниот пазар таа не носи бенефит за заедницата, додека легализацијата/декриминализацијата би дала оданочување, од што би имала бенефит и државата во идниот развој, во делот на буџетот на пример. Бенефитот и ударот врз нелегалното ќе биде позитивен и нелегалниот бизнис ќе биде сопрен”, истакнува Љубомир Ѓурчески, поранешен началник во МВР и безбедносен аналитичар.

Откако Република С. Македонија ги воведе новите легислативи за одгледување на канабис во медицински цели, се чини дека и Република Србија се движи во таа насока.

Министерот за здравство на Република Србија, Златибор Лончар,  на 20 Април 2021 год, најави дека Србија ќе го укине канабисот од листата на наркотици, и дека веќе се работи на тоа. Д-р Стеван Благојевич, директор на  Институтот за општа и физичка хемија, член на управниот одбор на „Здружението за коноп”, и Милош Симич од „Иницијатива за легализација на марихуана”, се согласија за потребата од усогласување на препораките на ОН со српското законодавство, и дека нема ништо страшно од легализација на канабисот за медицински цели. 

Милош Симич од „Иницијатива за легализација на марихуана” откако излезе од состанокот со претставниците од Министерството за здравје, најави дека очекува позитивни чекори во насока на непречена употреба на канабис во медицински цели.

Она што можевме да го слушнеме денес сугерира дека некои работи навистина ќе се променат. Важно да се нагласи е дека на 2 декември 2020 година, по четири години на разновидни студии, комисијата на Обединетите нации за наркотици го отстрани канабисот од списокот на најопасни дроги, на кој се наоѓаат и хероинот и синтетичките опијати.

 Тој останува во категоријата на лекови што се користат за терапевтски и научно-истражувачки цели”, изјави Симич за Nova.rs.

Д-р Стеван Благојевич, директор при Институтот за општа и физичка хемија и член на управниот одбор при „Здружението за коноп”, вели дека целиот тој проблем настанал поради лоши закони, и дека е потребно да се прави разлика помеѓу марихуаната која се користи во индустриски цели и онаа за лична употреба. 

„Пред сè, потребно е да се разјасни постојниот „Закон за психоактивни супстанци”. Треба да се направи разлика помеѓу марихуаната за лична употреба и марихуаната која се користи во индустриски цели која сега ја одгледуваме. Сегашниот закон целосно го изедначува тоа. Исто така, треба да се направи разлика помеѓу коноп и преработен коноп, кој се користи за да се добијат масло и влакна на пример”, изјави Благојевич за Nova.rs

Членот на управниот одбор при „Здружението за коноп” вели дека проблемот е во тоа што не смеете да обработувате коноп според ниту еден закон. 

„Значи, можете да купите парцела и да засадите коноп, нема проблем. Проблемот настанува во оној момент кога вие би сакале да го преработите тој коноп. Со новиот закон би се регулирала употреба на марихуаната во медицински цели. Нашиот коноп е под тие 0,3 THC, што спаѓа во дозволената граница и нема психоактивни супстанции”, објаснува Благојевич.

Тој вели дека овој коноп воопшто не е опасен и дека има долга историја во Србија.
„Индустрискиот коноп во Србија има историја од сто години, верувајте ми. Тој коноп воопшто нема THC, смешно е. Кока-колата е поопасна од тоа”, заклучува Благојевич.

Факт е дека прохибицијата носи криминал, а еклатантен пример за тоа е Американската прохибиција на алкохол. Во последната година 1933 во Америка има над 12 илјади убиства, додека во 1941 година таа бројка паѓа на околу 8.000. Или како посвеж пример може да се земе Мексико каде од прогласување на ,Војна Против Дроите” од 2006 до 2011 животот го загубија 40.000 луѓе. Доколку овие измени на законите во Република Србија успеат, овој напредок би бил многу значаен и за останатите држави на Балканот, да им служи како пример кон бесмислената војна против дрогите, како примерите со Аргентина, Австралија (АПТ, Северна Територија, Јужна Австралија), Австрија, Барбадос, Белгија, Бермуда, Канада, Чиле, Колумбија, Хрватска, Чешка, Еквадор, Естонија, Финска, Грузија, Германија, Израел, Италија, Јамајка, Луксембург, Малта, Мексико, Холандија, Перу, Полска, Португалија, Свети Винцент и Гренадини (СВГ), Словенија, Јужноафриканска Република (ЈАР), Шпанија, Швајцарија, Тајланд, Уругвај, седумнаесет американски држави (Алјаска, Аризона, Калифорнија, Колорадо, Илиноис, Мејн, Масачусетс, Мичиген, Монтана, Невада, Њу Џерси, Њу Мексико, Њујорк, Орегон, Вермонт, Вирџинија, Вашингтон), Гуам, Северни Маријански Острови.

Бидејќи, на крајот на денот, секој има право да носи одлуки за себе, се додека не наштетува никому. И сите примери кога авторитарноста и рестрикциите биле во подем, се со катастрофални резултати низ историјата на човештвото. А сите подвизи за слобода и просперитет на општеството носат позитивни примери, а фактите и резултатите го покажуваат тоа.