извор: lysanderspooner.org

Лисандер Спунер, доаjен на американскиот анархизам

Kога ние луѓето би биле подoлговечни, денес Лисандер Спунер би го славел својот 213-ти роденден. Спунер по професија е адвокат од каде што го започнува и своето дејствување како аболиционист. Нешто што е многу важно и не смее да се изостави е дека иако строго се противи на ропството, сепак застанува во одбрана на Југот во нивната желба за напуштање на Унијата. Имено, иако јасно му е дека Југот нема да го укине ропството при евентуално нивно напуштање на Унијата, тоа не им го одзема правото да ја напуштат истата. Во исто време, убеден е дека Северот не ја води војната за укинување на ропството, туку за зачувување на Унијата. Во интелектуалните кругови сеуште се расправа за вистината и главната причина која стои позади војната. Но, ако нешто е на страна на Спунер е самото тоа што на Линколн му се потребни безмалку две години војување за да го издаде прогласот каде што ги ослободува робовите на целата територија на Унијата.

Во својата плодна кариера како писател и памфлетист, тој зад себе остава многу. А дека сеуште вреди она што го пишувал пред повеќе од век и половина докажува фактот што и во 21-от век тој е цитиран во Врховниот суд на САД. Така, во 2008-та во случај поврзан со забрана за користење на мали пиштоли, врховниот судија Антонин Скалија ќе го цитира Спунер велејќи ,,правото на посеување оружје беше неопходно за оние кои сакаа да заземат став против ропството”.

Иако есеите No Treason: The Constitution of No Authority и The Unconstitutionality of Slavery се неговите најпозанти дела, јас сепак би го издвоил Vices Are Not Crimes: A Vindication of Moral Liberty. Иако првите две наведени дела се феноменални, во нив Спунер расправа за ропството во САД, нешто за кое денес прашање е дали би нашле човек кој би застанал во негова одбрана, како и за последиците од граѓанската војна, тема за која ретко кој е заинтересиран. Додека пак во ,,Пороците не се злосторства“ тој зборува за една, по се изгледа безвременска тема, која го преживеа тестот на времето. 

Накратко, аргументот на Спунер е дека она што некои би го нарекле ,,порок“, се додека истото не засега трети лица, не претставува злосторство. Можеби убавината на овој Спунеровиот аргумент се состои во тоа што во него се содржи сржта на либертаријанизмот. Беатрис Хол, обидувајќи се да го резимира ставот на Волтер кога се работи за слободата на говор ќе напише: „Не го одобрувам она што го зборувате, но јас до смрт ќе го бранам вашето право да го кажете тоа“.  Oбидувајќи се да го сумирам она што Спунер се обидува да го долови во ,,Пороците не се злосторства“ јас би напишал: „Иако можеби нема се сложам со вашите избори и дела, јас до смрт ќе го бранам вашето право да ги направите истите“.  

Пороци сеуште се дел нашето секојдневие, а проблемите кои произлегуваат од обидите за нивно решавање честопати ниту ги решаат, а во исто време повредуваат трети лица и оставаат поголем неред зад себе. 

Без оглед на ризикот кој доаѓа како од државните органи така и од самата природа на професијата, ,,најстарата професија“ е дел и од модерниот свет. Тргнете ги вашите предрасуди на страна за момент и обидете се да замислите свет каде што проституцијата е легализирана. Колку и да е тој свет „неморален“, тоа ќе биде свет каде што сите вклучени страни во трансакцијата ќе бидат посигурни. Дури би одел дотаму велејќи дека легализацијата би довела до намалување на големината на индустријата поради губењето на приматот на ,,забрането овошје“ и општествениот притисок кој би следел поради сега полесната достапност до информации за инволвираните страни.

Потрошувачката на цигарите и алкохолот претставува ,,трн во око“ за многумина од оние кои во име на ,,поголемото добро“ се мешаат во приватноста на туѓите животи. Сепак, најстрашна од се е ,,војната против дрогата“. Ако имате задача да наполните просторија со луѓе кои починале директно од конзумирање на канабис вие ќе останете со празни раце. Таков не е случајот со десетиците илјади жртви на годишно ниво како директна последица на ,,војната против доргата“. Војна која очигледно властите во САД ја губат знаејќи дека годинава таа ќе влезе во својата шеста деценија. Ништо не е поразично и во понеразвиеите земји како Филипините кои со драконски мерки се обидуваат да се справат со војната.   

Животот на Спунер нуди многу моменти кои оставаат впечаток и заслужуваат восхит. Тој е еден од ретките кои не само што го критикуваат проблематичниот систем, туку и ги засукуваат ракавите. Ќе ја отвори ,,Американска компанија за писма“ и ќе застане во директна конкуренција на монополот на американската пошта. Иако набрзо ќе биде приморан да стави клуч на вратите, по згаснувањето на Американската компанија за писма, неговата авантура ќе доведе до намалување на поштенските улсуги за седумдесет и пет проценти. Набрзо потоа ќе праша ,,Кој го предизвика намалувањето на поштарината? Треба ли тој да биде платен?“.

Лисандер Спунер е индивидуалистички анархист кој ги инспирира со децении како левите, така и десните анархисти. Неговите идеи се безвременски и сеуште ,,имаат што да кажат“. Среќен роденден Лисандер! Вистински херој за слобода и воедно мој личен херој.