Фридман, Хајек и Мизес

Фридман, Хајек и Мизес

Либертаријанизмот и неговите школи

I дел: Фридман, Хајек и Мизес

Ако најдете сто либертаријанци во една просторија, големa е веројатноста да завршите со сто и едно објаснување за она што претставува либертаријанизам. Несогласувањата произлегуваат од оправдувањето на антиетатистичките ставови и патот по кој се доаѓа до тој заклучот. Сето тоа кулминира во специфичната функција која и се придава на државата. Сепак, покрај многубројните несогласувања, сите ќе се сложат дека системот во кој живееме е далеку од идеалниот и дека улогата на државата е преголема.

Ние може да ги прикажеме школите одејќи од лево кон десно во однос на тоа колкава улога и се придава на државата. Меѓутоа, бидејќи не постои една унифицирана дефиниција за слободата, би било вулгарно да се поистоветува тој спектар на улогата на државата со слобода. 

На пример, за анархокапиталистте како Мареј Ротбард и Дејвид Фридман, кои доаѓаат до истиот заклучок тргајќи од сосема различни позиции, слободата е максимизирана кога државата не постои. За Ејн Ренд и објективистите пак, слободата се разгледува низ еден кружен систем каде што таа е максимизирана во минахистичкиот систем. Тие одат дотаму велејќи дека со одземањето на „основните“ функции на државата и преминувањето кон анархизам, системот повеќе не знае за слобода.

Денес ќе ги разгледаме Милтон Фридман и Чикашката школа, и Австриската школа претставена преку Фридрих Хајек и Лудвиг фон Мизес. Имајќи го тоа на ум, да преминеме кон самите школи и нивното централно размислување.

Милтон Фридман и Чикашката школа

За Фридман, начинот на кој се доаѓа до знаењето е само преку тестирање на хипотези и нивно потврдување. Тој емпиризам ја преобразува економијата од општествена наука во една мешавина од природните и општествените науки. Кога кејнзијанската школа нема да може да даде одговор на стагфлацијата од 1970-те години, Фридман стапува на сцена и ќе ја предводи револуцијата во економијата. Во духот на Адам Смит, антиетатизмот го објаснува со личнот интерес. Тоа значи, без оглед дали се сложуваме и дали ни се допаѓаат одлуките на нашите сограѓани или не, кога се работи за општествениот поредок тоа не е важно.  Луѓето се водени од својот сопствен личен интерес и „знаат“ што е најдобро за нив, што и остава на државата малку простор за интервенција. 

Сепак, кога ќе се спореди Фридман и Чикашката школа со останатите либертаријански пристапи тие се „премногу благи“, оставајќи и „преголема“ функција на државата. Една од „најконтроверзните“ идеи во либертаријанските кругови на Фридман, која станува се попопуларна последнава деценија е негативниот данок на доход кој претставува една форма на универзален загарантиран приход.

Фридрих Хајек и Австриската школа

Хајек гледа на знаењето како главен движечки фактор и креатор на општествениот поредок. Знаењето кое се пренесува од колено на колено, било тоа да е директно или индиректно го создава поредокот, што му го дава еволуциониот епитет на неговиот систем. Многу важно во неговата анализа е што тоа знаење е децентрализирано. Па така, ниту едно битие не е во состојба да го поседува сето потребно знаење за носење на „правилната“ одлука за сите. 

Можеби најдобар пример за децентрализираниот поредок е јазикот кој го користиме. Јазик кој еволуира со векови, создаден од безброј индивидуи без никаков осмислен план, а сепак „перфектен“. Истиот тој недостаток на знаење ги прави економската калкулација и централното планиране на општеството практично невозможни. 

Хајек има многу што да каже и слично на Фридман тој е „премногу благ“ за многумина либертаријанци, оставајќи и поголема функција на државата. Нивните погледи може да се стават во групата на „социјален пазар“, односно слободно функционирање на пазарниот систем кој сепак ќе и овозможи на државата минимална грижа за најзагрозените групи во општеството.

Лудвиг фон Мизес и Австриската школа

Спротивно на Фридман, вон Мизес применува аксиoматски пристап. Тоа значи, како во математиката и логиката, одредени искази се прифаќаат како вистинити и служат како појдовна точка во понатамошното расудување и аргументирање. На тој начин и економијата го добива приматот на „наука“. Важно е да се напомене дека иако приврзаниците на австриската школа се „непријателски“ настроени кон економско моделирање и тестирање, тие не го оспоруваат истото. 

Државното интервенирање на слободниот пазар е она што доведува до економски неефикасности. На тој начин се намалува доходот и благосостојбата на населениот. Воден од вака дефинираниот утилитаријанизам, вон Мизес е многу блиску до минархизмот. Така, на пример, тој смета дека државата треба да интервенира против формирањето на монопол, токму поради неефикасноста со која се проследени истите.

Ова секако не се ниту сите, ниту пак најважните либертаријански школи. Во вториот дел ќе се сретнеме со дел од останатите.

Simon Sarevski

Симон Саревски,
Либертаниа и Студенти за слобода