Мизесовата критика на марксистичката економија – неможност за рационална алокација на ресурсите во планска економија
извор: cdn.substack.com

Мизесовата критика на марксистичката економија – неможност за рационална алокација на ресурсите во планска економија

СЕРИЈАЛ: Mожноста за економска калкулација во социјалистичките економски системи и случајот на Југославија

II дел: Мизесовата критика на марксистичката економија – неможност за рационална алокација на ресурсите во планска економија

Мизес разликува три видови на евалуирање на добрата во економијата, односно примарни евалуации, потрошувачки евалуации и производствени евалуации. Примарните евалуации се однесуваат на субјективните рангирања на потребите земајќи ја во предвид полезноста без притоа да има потреба за нејзина нумеричка калкулација. Потрошувачките евалуации се рангирањата што потрошувачите ги имаат врз потрошните добра за да ги остварат примарните евалуации, т.е. потребите, и производните евалуации се однесуваат на рангирањата на т.н. добра од повисок ред (производствени добра) за производство на потрошувачки добра.

Според Мизес постојат три предности што капиталистичкиот економски систем ги има. Прво калкулација со помош на цените овозможува калкулацијата да биде базирана на евалуациите на сите учесници на пазарот. За индивидуалните производители да можат да носат одлуки за тоа што и како да произведат мора да постои некој механизам со чија помош тие ќе можат да утврдат дали произведуваат со загуба или пак со добивка. Тој механизам на пазарот се остварува преку цените. И бидејќи примарните евалуации, потрошувачките евалуации и производствените евалуации се поврзани помеѓу себе – кога еден производител ги користи цените за калкулација, во суштина ја зема целата структура преку која потрошувачките и производните евалуации се остваруваат, бидејќи со нивна помош, со помош на тие евалуации цената дошла да биде таква каква што е. Без постоење на цените не би било можно да се дојде до поврзување на производствените одлуки помеѓу различните производители и би настанал целосен хаос. Со други зборови, калкулациите со кои се суди дали одредена производствена активност е профитабилна или не, овозможува ресурсите да бидат насочени кон оние места кои носат највисоки приноси и служат највисоки потреби што ги имаат потрошувачите. Тоа всушност претставува втора предност на пазарниот систем. Со користење на цените и евалуациите, ценовниот систем овозможува ефикасност затоа што може да суди какви технологии да користи во производството, затоа што во практиката може да постојат технолошки процеси кои од аспект на технологијата се изводливи, но се економски неисплатливи. Во централно плански систем во кој цените се елиминирани не би можело да се утврди кои технолошки процеси се изводливи и исплатливи, кои се изводливи, но неисплатливи итн. Изборот за тоа кои потреби треба да се задоволат и кои начини да се употребат за задоволување на тие потреби не е инженерски проблем, туку проблем на евалуација. На пример, кога се одлучува како еден мотор на внатрешно согорување треба да се употреби во индустријата, не е доволно само да се научи дека тој мотор користи толку и толку енергија од согорување на толку и толку литри на нафта. Покрај тоа, треба да се знае и дали моторот треба да се користи за да се испумпува вода од бунар или пак да се користи како лифт со чија помош работниците ќе се транспортираат од едно место на друго во производствениот процес. За да се донесе одлука што да се прави со моторот евалуациите и на производителите и на потрошувачите се нужни. Без тие евалуации не би било возможно да се утврди што е профитабилно и ефикасно, а што не е.

Третата предност на економската калкулација во пазарниот систем е што овозможува производствените евалуации да се сведат на заеднички именител. За да се дојде до квантитативна проценка на добивката или загубата, нужно е да се сведат различните разменски вредности на инпутите до единечна вредност на аутпутот кој служи како контролна функција за процесот што беше опишан претходно.

Според Мизес, токму со помош на ценовниот механизам во модерната економија е можно ефикасно да се користат многу сложени производствени процеси, што тоа не е можно да се направи под палката на централните планери. Децентрализацијата на производствените процеси е клучна за во практиката да бидат возможно толку сложени производствени процеси. Оние производствени процеси што преживуваат затоа што се повеќе ефикасни и профитабилни од другите не би можеле да бидат откриени ако не се користи калкулацијата на добивки и загуби. Без пресметка на добивката или загубата човековото битие не би можело да одлучи кои производствени процеси и кои интермедијарни добра да ги користи од многуте алтернативи и следствено на тоа не би можело да констатира што е ефикасно и ефикасно ги алоцира ресурсите, а што не.

Да претпоставиме на пример дека министерот за сообраќај во Марксово социјалистичко општество е во дилема како да ја процени вредноста на некој предложен железнички проект кој поврзува два градови. За да се знае дали очекуваните користи на некој таков план се поголеми од очекуваните трошоци, ќе треба да ги земе предвид алтернативните користења на секој од факторите на производство. Железото што се користи за конструирање на железницата на пример, може да се искористи за производство на автомобили чиј сектор е под супервизија на некој друг министер или може да се искористи за изградба на фабрики чиј сектор е пак под супервизија на друг министер итн. Вредноста на сите фактори на производство пак зависат од вреднувањата на потрошните добра, бидејќи производните добра добиваат вредност само затоа што служат за производство на потрошни добра кои ги задоволуваат потребите на потрошувачите. Без користењето на цените, централните планери не би можеле да утврдат во кој сектор да го искористат железото, бидејќи немаат информации за она што е профитабилно и ефикасно и за она што не е и според тоа никаква калкулација не би била возможна. Во пазарниот систем знаењето што го пренесуваат цените под дејство на конкуренцијата е клучно за да се евалуираат факторите на производство.

            Доколку би биле познати производните и потрошувачките функции на економските агенти, тогаш многу лесно и без користење на цени би можело да се утврди што е најефикасно да се произведува за дадените потреби на потрошувачите. Но во реалниот свет технолошкото знаење, потребите на потрошувачите, скудноста на трудот во одредени сектори и сите други фактори не се константни и не би можеле да се изолираат посебно. Изолирањето на овие фактори во економската наука е клучно за да се добијат сознанија за тоа како економијата функционира, но е невозможно во реалниот свет.

Текстот е преземен од личниот блог на авторот, и можете да го најдете тука.

Илија Васиљески,
Либертаниа