На денешен ден е роден Фридрих Хајек

На денешен ден е роден Фридрих Хајек

На денешен ден е роден Фридрих Хајек (8.5.1899-23.3.1992), австриски економист и политички филозоф. Застапник на идеите на класичниот либерализам и она што денес се нарекува либертаријанизам. Она по што го препознаваат е неговата теорија за спонтаниот поредок и книгата Пат кон ропство.

Роден во семејство на професори, ја продолжува традицијата со тоа што и тој продолжува да се занимава со наука. Предавал на Лондонската школа за економија и на универзитетите во Чикаго, Фрајбург и Салцбург. Добитник е на Нобеловата награда за економија во 1974 година (која ја дели заедно со Гунар Мирдал) за неговата “пионерска работа во теоријата на пари и економски флуктуации и за анализа на меѓусебна зависност на економските, социјалните и институционалните феномени.”

Како претставник на австриската економска школа, Хајек силно верува во индивидуализмот и слободата на пазарот и со тоа е неуморен критичар на социјализмот. Неговото дело Пат кон ропство (1944) беше една од првите книги што го нападнаа економскиот интервенционизам. Хајек важи за еден од најважните социјални теоретичари и политички филозофи на дваесеттиот век. Неготово искуство и различни политички системи во кои се нашол го направиле исклучителен филозоф, а живеел во Австрија, САД, Велика Британија и Германија.

Најголемиот дел од својата академска работа го поминал на Лондонската школа за економија, Универзитетот во Чикаго и Универзитетот во Фрајбург. Се појавува и како основач, претседател, а подоцна и почесен претседател на здружението Монт Пелерин (Mont Pelerin Society) во истоимениот град во Швајцарија, здружение кое ги обединува водечките слободарски автори од целиот свет. Со неговата работа значително придонел во развивање на либералната идеја не само од економски и филозофски аспект туку и од социолошки и политиколошки.

Од богатата библиографија која можете да ја најдете на овој линк, би ги издвоиле делата: The Road to Serfdom (1944), Individualism and Economic Order (1948), The Constitution of Liberty (1960), Law, Legislation and Liberty (3 volumes: 1973, 1976, 1979), The Fatal Conceit: The Errors of Socialism (1988).