Држава на благосостојба и по неа: Наследството на Бизмарк

Држава на благосостојба и по неа: Наследството на Бизмарк

За подобро да се разбере функционирањето и влијанието на државатана благосостојба, корисно е да се анализираат нејзините корени, објаснети во овој есеј. Есејот ја разоткрива природата на државата на благосостојба како реален политички систем, со цел да ја одржува моќта на оние кои го создале. Државата на благосостојба ја следиме од воведувањето на задолжителното социјално осигурување во Рајхот, до современите системи на социјални осигурувања во Европа и Америка. Истите ги потиснале претходните доброволни институции. Потистнатите институции ни покажуваат визија на она што е возможно – општества кои сами се управуваат, луѓе кои се независни, со почит и успешни, без државата на благосостојба.

Државата на благосостојба се разликува од социјалистичката држава. Социјализамот, со оглед дека тој израз се користи веќе многу декади, во најширока смисла значи планирање на целата економија познато како „централно планирање“, т.е. државна контрола над сретствата за производство. Двете обележја бараат свесен напор за прераспределба на капиталот и работата помеѓу корисниците. Така социјалистичката држава ќе се обиде да го планира и води производството на хартија, автомобили, храна, лекови, облека и други добра. Примери за такви обиди да се создаде социјалистичката држава се Советскиот сојуз и неговите клиенти Куба и Народна Република Кина пред својата делумна промена кон приватната сопственост и пазар. Наспроти нив, државата на благосостојба не бара контрола на сопственоста над сретствата за производство во целост, иако може да биде да биде значајна државната сопственост во некои индустрии и услуги како што се образованието, здравствената заштита, рекреација дури и домување, сите од кои се поврзани со „социјалноста“.

Државата на благосостојба нема намера да управува со сите активности за производство, но ја подразбира својата одговорност за доброто на населението. Таквата влада шири повеќе од правда, одбрана од агресија, владеењето на правото и можеби ограничен список на „јавни услуги“, кои ги предлагаат класичните либерали. Класичната либерална држава се ограничува во создавањето на услови во кои луѓето ќе ја обезбедат својата благосостојба. Спротивно од тоа, државата на благосостојба презема одговорност во обезбедувањето на благосостојба на луѓето, а не само на условите кои водат кон тоа. Според тоа, истата најчесто доминира или ги монополизира мерките за пензиско осигурувуање, здравствената заштита, образование и социјалното осигурување и организира големи трансфери на уплати, со оправдувањето дека се пренесува од оние кои имаат, за оние кои немаат. Всушност, државата на тој начин само ги прераспределува поголемиот дел од тие пари на оние кои имаат.

Државата на благосостојба не им пренесува исклучиво или примарно ресурси на сиромашните. На многу начини, тие прават жртви од сиромашните за корист на тие кои се поспособни од манипулативниот систем. (Истите кои делат бонови за храна на сиромашните и на други начини ја субвенционираат нивната прехрана, во исто време ја зголемуваат цената на храната преку земјоделските субвенции, рестрикциите за увоз на ефтина храна и минималната обврзувачка цена на храната). Таквите држави постигнуваат стабилност така што создаваат избирачи во сите слоеви, од најбогатите до најсиромашните. Не се примарно фокусирани на редистрибуција на падот на приходот, зашто голем дел од редистрибуцијата на добра оди во спротивна насока, од сиромашните кон богатите. Големата количина приход во богатите здруженија постојано се мешаат во средните класи, при што треба да се одземат трошоците од различните бирократии, политизирање и кронизам.

Корени на социјалната држава

Државата на благосостојба во својата модерна форма настанала во Германија, на крајот на 19 век, преку политички маневри и државотворноста на германскиот политичар Ото фон Бизмарк (Otto von Bismarck), „Железниот канцелар“ кој ги поразил француските и австриските воени сили и ги обединил останатите германски држави во Второто Царство (Рајх) со „железо и крв“.

Бизмарк водел долга политичка војна со германските класични либерали ориентирани кон слободниот пазар; тие го преферирале мирното окружување за создавање успешни нации со мирољубиви односи со германските соседи, наспроти Бизмарковата војна, колонијализам и милитаризам. Како дел од својата општа програма за градење на германската држава во средна Европа, Бизмарк ја разви државата на благосостојба која оттогаш го колонизирала политичкиот простор на целиот свет. Бизмарк ја воведе германската државата на благосостојба низ задолжителните безбедносни мерки во случај на несреќа, болест, инвалидитет и старост кои ги промовирал и наметнал за време на 1880-тите. Воениот канцелар Бизмарк овие мерки ги нарекувал „државен социјализам“, како што изјавил во 1882: „Многу мерки кои ги донесовме за доброто на оваа држава се социјалистички и државата ќе мора да се привикне на уште малку социјализам.“

Историчарот А.Ј.П Тејлор (A. J. P. Taylor ) го објаснил тоа на следниот начин: „Бизмарк сакал работниците да се чувствуваат зависни од државата и од него“. Беше тоа над сѐ, политички императив да се создаде зависно население кое е задоено со идеологијата за националниот колективизам.

Бизмарк потврди дека „државниот социјализам“ треба да создаде зависност на граѓаните, а на тој начин и лојалност, кој на моќната Германија ѝ беше потребна за да доминира во Европа:

Тој што има обезбедена пензија за на старост е многу позадоволен и многу е лесно да управува со тоа, од оној кој ја нема таа можност. Погледнете ја разликата меѓу личниот слуга и работникот во државната канцеларија или на суд; вториот би издржал многу повеќе зашто има пензија на која може да се надева.

Ќе го сетам за голема предност тоа кога ќе имаме 700.000 мали пензионери кои ќе ги црпат своите бенефиции од државата, особено ако припаѓаат на класа која и така не губи многу во политичките преврати, а погрешно веруваат дека во нив многу добиваат.

Anton von Werner's patriotic, much-reproduced depiction of the proclamation of Wilhelm I as German emperor in the Hall of Mirrors at Versailles. Bismarck is in the center, wearing a white uniform. (1885)
Слика: www.wikipedia.org

Тејлор заклучил: „Социјалното осигурување сигурно насекаде ги правеше масите понезависни; сепак и најзагрижениот заговорник на независноста ќе се двоуми пред да го уништи системот кој го осмислил Бизмарк и кој останатите демократски земји го копирале“. Навистина, социјалната држава широките народни маси насекаде ги направи независни, односно понезависни. Но сега дојдовме до моментот каде можеме, треба и мораме да го разградиме „системот што го измисли Бизмарк“, зашто рокот на траење на државата на благосостојба истече.

Колапсот во 1930 година на Вајмарската Република, која беше пренапрегната државата на благосостојба и добро позната како најнапредна држава во светот ги забрза диктатурата, војната и создавањето најпредаторска и брутална државата на благосостојба што ја имало на светот, Третиот Рајх. Како што историчарот Али Гец (Götz Aly) пишува во својата книга „Хитлеровите корисници: кражба, расна војна и нацистичката државата на благосостојба“ (Hitler’s Beneficiaries: Plunder, Racial War, and the Nazi Welfare State) Национал- социјалистичката германска работничка партија, попозната уште како Нацистичката партија, пропагирала два стари германски сонови: национално и класно единство. Тоа беше клучот на популарноста на нацистите од што создале моќ која им била потребна за да ги остварат своите криминални цели. Идеалната држава за и од народот (Volksstaat) била таа што денес ја нарекуваме државата на благосостојба за Германците со одговарачкото расно педигре. Во една од своите напознати изјави, Хитлер ветил „создавање социјално праведна држава“, која ќе биде модел на општество кое „ќе продолжи да ги руши сите бариери“.

Али во својата книга продолжува. „Во единствената историска ситуација, нацистичките водачи создадоа предуслови за модерна државата на благосостојба“. Национал-социјалистичката државата на благосостојба која институционализирала систем на патронство, зависност и лојалност во германското население, била финансирана, како што забележува Али, со сретства одземени од Евреите (нивни пари, бизниси и домови, дури и со златни заби, детски играчки, па и нивната коса), со конфискување на имотите на непријателите на државата и крадење низ останатиот дел на Европа преку реквизиција и намерна инфлација на валутите на окупираните држави. Тоа беше пирамидална шема која барала се поголема основа на луѓе кои ќе плаќаат и ќе ги канализираат сретствата кон врвот. Како сите пирамидални шеми, Третиот Рајх беше осуден на пропаст.

Третиот Рај беше најдеструктивна и најужасна државата на благосостојба во целата историја на светот, меѓутоа има многу блиски врски со не толку ужасните современи држави на благосостојба, за кои луѓето не се ни свесни. Сите тие започнуваат со отфрлање на принципот на класичниот либерализам, ограничување на владата и личните слободи. Таквите држави создаваат систем на политичка контрола врз однесувањето на граѓанте преку намерно создадена зависност која најчесто е оправдана преку една од доктрините за колективниот идентитет и колективната цел.

Во осумнаесетиот и деветнаесетиот век, класичниот либерализам го елиминираше ропството и кметовството, ги ослободи Евреите и другите малцинства со статус на граѓани од втор ред, се бореше за верски слободи и го либерализираше пазарот, претприемништвото и креативноста, што резултираше со завидлив раст на животниот стандард на повеќето луѓе во целата историја на човештвото. Таквите промени поттикнаа културен и политички чекор наназад против либерализмот, желни за измисленото минато во кое владеела хармонија и солидарност, во која себичните мотиви биле потиснати од љубовта за заедницата, значи успехот на либерализмот поттикна реакционен одговор. Фридрих Енгелс кој подоцна во соработка со Карл Маркс ја создал една од највлијателните критики на либерализмот, конкретно го осудил либерализмот за промоција на мир и заеднички достигнувања преку слободната трговија:

„Го донесовте братството меѓу луѓето, но тоа е братство меѓу крадци. Го намаливте бројот на војни за да заработите поголем профит во мир, да го интензивирате непријателството меѓу поединците, да поттикнете војна меѓу конкуренцијата! Кога сте направиле нешто од чиста хуманост, од свесност за залудната борба меѓу општиот и личниот интерес? Кога сте биле морални без вашиот интерес, без егоистичен мотив?”

Раскинувајќи ги националностите, либералниот економски систем даде сѐ од себе непријателството да го направи универзално, да го трансформира човештвото во глутница ѕверови кои се напаѓаат едни со други, зашто сите имаат идентични интереси.

Покрај тоа, Енгелс и останатите ја оживеаа старата ирационална омраза за наплатата на камата на кредитите, прастар гнев кој ги комбинирал анти-либерализмот и анти-семитизмот:

Неморалноста на кредитите со камата, добивањето пари без работа само врз основа на позајмување, иако веќе подразбира приватна сопственост, е неморално. Одамна е препознаено во свеста на народот кој за такви нешта најчесто има право.

Динамиката, константниот тек во слободниот пазар со вклучени економски и социјални врски, ги вознемири критичарите од елитата кои беа во потрага за стабилнот, постојаност и морална сигурност во економските односи:

Постојаното варирање на цените, кое е создадено од условите за конкуренција во потполност ја лишува трговијата од нејзината моралност. Постои ли некаква можност во тој вртлог на размена која се темели на морална основа? Во постојаниот раст и пад, секој мора да фати погоден момент за купување и продавање, секој мора да стане шпекулатор – односно мора да жнее каде што не посеал; мора да се збогати на грбот на другите, да смета на несреќата на другите или да дозволи пригодата да победи за него. Кулминацијата на неморалноста е шпекулирањето на пазарот со хратии од вредност, каде историјата, а со неа и човештвото, се сведени на сретство за задоволување на лакомоста на пресметливите или коцкарските шпекуланти.

Антилиберализмот и антисемитизмот одат рака под рака. Карл Маркс во својот есеј „За еврејските прашања“, ја напаѓа слободата на претприемништвото, обвинувајќи ги Евреите дека ја јудизираат целата христијанска Европа, за Европјаните да ги претворат во своја карикатура. Тоа беше тема која постојано ќе се повторува во следните сто години.

Како класичниот либерализам продолжи да ја проширува слободата за се повеќе луѓе, назадувачката реакција го достигнала својот врв на преминот од 19 кон 20 век, во антилибералните доктрини на национализмот, империјализмот, расизмот и социјализмот. Шери Беман, верна бранителка на државата на благосостојба (исто така позната како социјална демократија) во својата книга „Приматот на политиката: социјална демократија и создавање на Европа во 20 век“ (The Primacy of Politics:Social Democracy and the Making of Europe’s Twentieth Century), објаснува:

„Напредувањето на пазарот предизвика голема непогодност во европските општества. Критиката го оплакуваше јакнењето на себичниот интерес и индивидуализам, ерозијата на традиционалните вредности и заедници на се поголемата фрагментација која ја донесе капитализмот. Како последица, на крајот на столетието (fin-de-siècle) се појави раст на идеите за заедништво и националните заедници, кои можеле да го обезбедат чувството на солидарност, припаѓање и колективна цел кои очајнички ги посакуваат поделените и дезориентирани европски општества.”

Марксистичкиот социјализам беше еден од политичките одговори на класичниот либерализам, многу интелектуалци беа привлечени од неговите привидно политички тврдења за неизбежноста на замената на капитализмот со комунизам. Меѓутоа, некои ги напуштиле сите такви тврдења кога не се материјализирале и се насочиле кон други облици на директно делување за да го нападнат и елиминираат либералниот индивидуализам. Вака за тоа пишува Берман:

Иако фашизмот, националсоцијализмот и социјалната демократија битно се разликуваат, во истовремено имаат и некои значајни сличности на кои недоволно се посветило внимание. Сите тие доктрини го прифатија приматот на политиката и ги прикажаа своите желби да ја искористат политичката моќ за да го променат општеството и економијата. Сите се повикаа на комунална солидарност и колективното добро. Сите изградија модерни, масовни политички организации и се претставуваа како ,,од народот“. Сите го одбраа средниот пат кога капитализмот е во прашање, ни една не се надеваше на неговото уништување како марксизмот, ниту го обожувале некритично како голем број либерали, со барањето на „третиот пат“ основан на верувањето дека државата треба и мора да ги контролира пазарите без да ги уништи.

Масата „народни партии“ во Европа, го покажале патот кон државата на благосостојба со реторика која денес изгуби голем дел од својата возбудливост. Она што тие странки оставиле зад себе се натрупани обврски кои се темелат на големите ветувања за грижа од колевка до гроб, долгови и неисполнети ветувања кои ги оставаат пирамидалните измами и социјалните и економски преврати кои им штетат на општествата. (Изборите на 6 мај, 2012 во Грција се одржани поради неможноста на државата на благосостојба сама да се издржува, па во парламентот доведоа популистичка и екстремна коалиција на радикалната левица и отворено фашистичката партија, Златна зора. Сето тоа требаше да предизвика сериозна загриженост меѓи оние кои ја поддржуваат либералната демократија, а имаат некакво познавање од историјата на Европа во дваесеттиот век.)

Државата на благосостојба пушта корени во САД

Во САД, државата на благосостојба се појавила во малку поинаков облик, иако со големи сличности на анти-либералните движења во Европа. Политиките кои промовирале „пренос“ на сретствата, често по пат на гаранција на разни видови привилегии, втемелени се со пресудата на Врховниот суд во случајот Мун против Илиноис (1877), која овозможила државното законодавство да ги контролира цените и тарифите на железницата, залихите на пченица во складиштата и други работи што значело дека законодавството имало моќ да подготвува нечии интереси на грб на други. Врховниот судија, Морисон Вејт го запишал мислењето на мнозинството:

„Приватната сопственост станува наметната со јавниот интерес кога се употребува во јавна цел за да се добие јавна последица и да се влијае во општеството.”

Така започна фаза позната како ,,трагање по кирија“ (rent-seeking), тежнеењето кон сопствениот профит преку политичка акција на штета на другите. Фармерите тежнееја кон бенефициите на штета на железничарите, желеничарите тежнееја кон бенефициите на штета на конкурентите; проиведувачите на штета на потрошувачите и така натаму. За време на таканаречената „прогресивна ера“ на „преносливата држава“ цветала на американскиот континент. Економскиот колапс „Големата депресија“ следел по катастрофалните одлуки на одборот за федерални резерви, вклучувајќи ја и фаталната тарифа за трговијата „Смут-Хавли“ која го поттикнала бранот на протекционизам кој се раширил низ светот и довел до колапс на меѓународниот пазар. Тоа искуство наведе многумина да не ги обвинуваат тежината и траењето на Депресијата, туку недоволните интервенционистички политики. За време на изборите во 1932, републиканскиот претседател Хербер Хувер (Herbert Hoover) ги истакнал зголемувањата на државните интервенции за да се справи со последиците од претходните интервенции:

„Ни беа отворени две насоки. Можевме да не преземеме ништо. Тоа би било последна пропаст. Наместо тоа, се соочивме со ситуацијата, предложувајќи му на приватниот сектор и Конгресот, најголема програма за економска одбрана и противнапад во историјата на Републиката. Таа програма ја ставивме на сила.”

Хувер вети многу повеќе од интервенционализам доколку биде повторно избран. Френклин Рузвелт ја водеше својата кампања за претседател строго противејќи се на интервенционизмот на хуверовата администрација. Рузвелт вети дека ќе ја прекине катастрофалната политика на прохибицијата на алкохол (која најверојатно беше подеднакво важна како и сѐ друго во обезбедувањето на неговата победа на изборите) и се закани против Хуверовото преголемо трошење:

„Ја обвинувам сегашната администрација дека е администрацијата која најмногу потрошила во време на мир во нашата историја. Тоа е администрација која натрупува канцеларија до канцеларија и комисија по комисија и не успеа да ги предвиди неопходните потреби на луѓето, односно нивниот намален стандард. Канцеларии и бирократи, комисии и комесари опстанаа на сметка на даночните обврзници.”

И покрај кампањата против интервенционализмот на Хуверовата администрација, новата Рузвелтова адиминстрација набрзо ги прифатила, продолжила и ги прилагодила политиките на претходниот претседател во вид на „Нов Договор“ (New Deal), некохерентен збир интервенции во економските процеси кои ја продолжија Депресијата како најдолга во американската историја.

Голем дел од таа програма која ја наследил од Хувер, Рузвелт ја проширил, вклучувајќи ги и потезите кои требало да го спречат падот на цените (што би бил нормален одговор на федералното намалување на пари); тие мерки вклучувале уништување многу храна и создавање на систем на штетни земјоделски субвенции кои сѐ уште се основа на американската држава на благосостојба, создавајќи масовни проекти за јавна работа, со задоцнето економско прилагодување што ја продолжи Депресијата, одново воведувајќи го системот за „социјално осигурување“ во кој биле вклучени задолжителните пензионерски придонеси осмислени според германскиот систем во кој половина од данокот е на терет на работната сила, нарекувајќи го „придонес на вработен“. Воведувањето на системот на различни социјални права (често промовирани во име на сиромашните, но со текот на времето, систем кој во своја прегратка примал голем број луѓе се додека не станал универзален) е она што ја карактеризира модерната социјална држава, при што сличноста на американскиот систем со европскиот е вистински зачудувачка.

Голем број Американци не знаат дека живеат во држава на благосостојба затоа што научија таквата држава да им асоцира на владините програми за помош на сиромашни; без да разберат дека секој што плаќа данок за социјално осигурување, здравстевно осигурување (Medicare) и други џиновски (но пропаднати) програми, е заробен во државата на благосостојба. Понатаму, иако Афроамериканците се мал дел од корисниците на „сестраните“ програми на државата на благосостојба, поголем број на Американци ги поистоветуваат мерките исклучиво со сиромаштија и Афроамериканци, примарно поради воведувањето на контрапродуктивни програми на американската влада како што се „Војна против сиромаштијата“ (War on Poverty) и „Големо општество“ (Great Society) за време на 1960-тите. Резултатите не беа во сооднос со ветувањата, зашто траењето и ширењето на програмите кои биле насочени кон сиромашните, и тоа посебно за Афроамериканците, резултирало во социјален колапс, празнење на американските градови, пропаѓање на волонтерските организации, уништување на семејствата со два члена, зголемување на стапката на криминал и незабележан степен невработеност кај младите.

Социологот Францес Фокс Пивен (Frances Fox Piven), нагласува дека програмите како „Војна против сиромаштијата“ и „Големо општество“ се втемелени во контекстот на американската борба за граѓанска еднаквост. За време на 1950-тите афроамериканските гласови станаа поважни на националните избори. Републиканскиот претседателски кандидат, Двајт Ајзенхауер во 1952 добил 215 од афроамериканските гласови, а тој процент се зголемил на 39% во 1956. Ричард Никсон добил 32% од афроамериканските гласови во 1960. Поради тоа, Пивен забележал:

До 1960, демократите сметаа дека афро-американските гласови се клучни, особено во градовите за добивање на претседателските избори. (Приказната како Кенеди успеа да победи во Илиноис со 8000 гласови, како последица од одливот на белците од црните делови на Јужно Чикаго, набрзо стана народна приказна меѓу демократите.) Сепак Афроамериканците не беа интегрирани во урбаните политички партии ниту градските власти не им давале заштита, сила или услуга, во сооднос со бројот на гласачи. За да ја намалат оваа нерамномерност, администрацијата на Кенеди и Џонсон, постепено развиле паралелен пристап: прво развиле серија нови програми кои биле насочени кон црнечките квартови и гета, заобиколувајќи ги државните и локалните власти; а вториот пристап се состоел од поттикнување и притисок на градските власти да им пружат што е можно повеќе услуги на Афроамериканците.

Клучот до успехот на оваа стратегија се наоѓаше во степените на заобиколување на делови на власта кои на Афроамериканските гласачи гледале како закана за нивната доминација; особено државните власти кои во рацете на демократите често биле непријателско расположени кон Афроамериканските гласачи (значително во јужните држави кои ги контролирала Демократската партија), тие влади на урбаниот север кои најчесто се воделе од коалиција на „бели народи“ (Полјаци, Италијанци, Словаци итн.), демократи и други кои не сакале да ја делат политичката власт со Афроамериканците. Така федералната власт морала да преземе единствена иницијатива, морала да воспостави директен однос помеѓу националните власти и гетата во кои државните и локалните власти биле изоставени… Ако сретствата биле канализирани преку белите локални политички лидери, веројатно никогаш не би дошло до Афроамерикаснки заедници.

Доказ за политичката природа на „Големото општество“, бил тоа што Републиканците, кога дошле на власт, едноставно ги префрлиле бенефициите на своите „поданици“. Парите кои до тогаш биле директно насочувани кон црнечките квартови, потоа биле трансформирани во „блок грантови“ кои ја управувале државната власт (во голем дел од случаите во рацете на белите демократи или републиканци) на начин на кој била востановена нова форма на доминација која им одговарала на нивните политички агенди. Пивен наласува дека таквите потези на републиканците „не се основа на нивната јасна формулација на внатрешни проблеми, како што мислат (Даниел Патрик) Мојнхан и останатите критичари, туку се веќе дизајнирани за да се носат со различни политички цели“. 

Програмите против сиромаштијата на американската држава на благосостојба не само што го обезбедувале поголемиот гласачки блок на една партија (тие така го поделиле американското движење за граѓанска еднаквост со разни разлики), туку веќе имале и огромни последици на економската благосостојба на милиони луѓе. Како што го пишувам ова, степенот на невработени  млади Афроамериканци е скоро двојно поголем од оној на Азијците и младите белци, а е 50% повисок од кај Латиноамериканската младина. Степенот на невработеност на младите Афроамериканци се споредувал и дури бил и понизок од степенот на невработени на млади белци, се додека не била покрената програмата за „Големо општество“, кога бројот почнал да се зголемува. Степенот на сиромаштија во САД опаѓал во 1940-тите, 1950-тите и дури и 1960-тите, престанал да се намалува во 1970-тите, кога биле вкоренети програмите за „Големото општество“ и започнал полека да се зголемува, додека учеството на афроамериканските млади работни сили почнало значително да се намалува. Поради видливиот неуспех на програмата „Војна против сироматијата“ на голем број Американци, без оглед на расата „социјалноста“ им асоцирала на програмите чија цел била афроамериканската урбана популација.  Всушност, само мал дел од парите дошол до сиромашните или до малцинствата од вкупниот износ кој го контролирала и доделувала американската држава на благосостојба.

Во секој случај, голем дел од парите од програмата „Војна против сиромаштијата“ се потрошила на бирократија. Даниел Патрик Мојнихан (Daniel Patrick Moynihan ) напишал во 1973: „Со неверојатна истрајност професионалците од средната класа – без оглед на нивната расна или етничка основа – кога од нив се бара да осмислат начини како да ги подобрат условите на ниската средна класа, секогаш наоѓаат разни шеми кои со својот непосреден ефект ќе ги подобрат условите на средната класа, а потоа дополнително или воопшто нема да ги подобрат условите за сиромашните.“

Според Ричард А. Кловард (Richard A. Cloward) и Франсес Фокс Пивен (Frances Fox Piven), „Социјалната бирократија го оправдува своето постоење во име на сиромашните, но тие не се нивните вистински клиенти. Државните агенции всушност беа ориентирани кон други, многу помоќни групи кои можат да дадат политичка поддршка која ѝ е потребна на бирократијата за да опстои и да се шири.“

Државата на благосостојба не е само збир дискретни и неповрзани програми кои служат за прераспределба на приходите; тоа е кохерентна политичка стратегија која наметнува штетни рестрикции на можноста сиромашните да ја подобрат својата полжба (така што ги штити привилегираните групи од натпревар со нив) и споено е со субвенциите кои се делумна компензација на сиромашните за големата штета која им е направена. Политичарите кои се прикажуваат како заштитници на сиромашните преку дистрибуција на субвенции за храна, исто така ќе гласаат за повисоките цени на храната со одржување на минимална цена на храната; истите политичари создаваат рестрикции на пазарот на трудот кога со наметнување на лиценци и со цената ги истиснуваат неоспособените работници од пазарот со минимална плата, односно нудат парична надокнада за оние кои ги истиснале со својата политика. Валтер Вилијамс запишал:

„Законот за минимална плата и други рестрикции на пазарот на трудот ги намалуваат можностите за вработување и така го намалуваат и приходот на тие кои се истиснати од пазарот. Овој факт покажува дека, како дел од таквите рестриктивни стратегии на синдикатот, мора да постои политичка стратегија кој подразбира различни програми за осигурување на приходот на оние кои не се вработени поради затвореност на пазарот: ако алтернативата на невработеноста е гладување, тогаш тоа би претставувала општествено нестабилна клима. Поради тоа е многу јасно дека синдикатите ќе им даваат поддршка на различните субвенционистички програми (бонови за храна, надокнади, волонтерска работа, проекти за вработување во јавната служба, останати make-work програми) кој преставуваат редистрибуција на приход од општеството до оние кои уште во прв момент го ограничиле пазарот на трудот. Ги прикриваат вистинските ефекти од рестрикцијата на пазарот на трудот кои и ги предизвикале синдикатите, така што им фрлаат неколку ронки на невработените за да ги замолчат и трајно да ја обезбедат социјалната класа.”

Државата на благосостојба беше, е и во основа ќе продолже да биде политичка стратегија за да се контролираат луѓе, не за да се создаде благосостојbа за нив, туку за да може да се манипулира со политичките актери на начин како старите односи меѓу „господар“ и „штитеник“. Манипулацијата не се однесува само на најсиромашните членови на населението, туку на сите. Политикологот Едврад Туфт (Edward Tufte) во книгата „Политичка контрола на економијата“ (Political Control of the Economy) покажал како сретствата систематски се пренесуваат најчесто во средната класа преку ритамот на одржувањето на изборите. За да го зајакнат изборно-економскиот циклус, владите темпираат пренос на сретствата пред изборите за да добијат гласачка поддршка.

Изборно-економскиот циклус поддржува „stop and go“ економија низ целиот свет. Владите си играат со паричните сретства, правејќи измами за време на целата година додека трае изборниот процес со системот на социјалното осигурување и даноците. Постои склоност кон политиките со непосредни, јасно видливи последици и сокриени трошоци – кратковидни политики за кратковидни гласачи. Посебните интереси ги поттикнуваат политичарите да наметнуваат мали трошоци на многумина, во корист на малкумина. Резултатот е економска нестабилност и неефикасност.

Системот за спонзорство и клиентелизам познат како држава на благосостојба најпосле наишол на нешто што не може да се манипулира: аритметиката.

Вкупниот број државни обврски, во најголем дел за пензиските, здравствените и останатите социјални програми го достигнале степенот на неодржливост. Тоа е јасно видливо на улиците на Атина, каде маса „противладини“ бунтовници, составена скоро во целост од државни службеници, фрла бомби од бензин на другите државни службеници, односно полицијата. Видливо е и во САД, каде последните две администрации натрупале повеќе долгови од сите претходни влади во историјата на Америка, не само за да го спонзорираат нивното воено присуство и интервенции, туку повеќе за да ги исплатат обврските во форма на „Одредба за модернизирање и подобрување на здравствената грижа и препишување на лекови“ (Medicare Prescription Drug, Improvement, and Modernization Act) на претседателот Буш и „Одредба за заштита на пациентот и достапна грижа“ (Patient Protection and Affordable Care Act -попознат и како „Obamacare“) на претседателот Обама. Само глупоста на Буш додала 17-18 билиони долари буџетска нерамнотежа. Ангажманите на претседателот Обама во здравствениот систем, доколку се имплеметираат, иако е тешко да се пресмета нивниот трошок поради нејасностите конкретно околу нивната имплементација, ќе чинат 17 билиони американски долари во период од 75 години, според пресметките и методите на Канцеларијата за актуар при „Медикер“ и „Медикејд“. Ричар Фишер, претседател на банката за централни федерални резерви, ја објаснил „математиката за Медикер“, здравствената програма на САД, со јасни термини:

Програмата доаѓа во три дела: Медикер А, кој покрива болнички престој; Медикер Б, кој ги покрива посетите на доктор и Медикер В, кој се однесува на бенефитите за лекови кој бил воведен пред 29 месеци. Трошоците за Медикер А се проценуваат на 34,4 трилиони американски долари. Дополнителниот трошок за Медикер Б е 34 трилиони американски долари. Треба да се додаде уште трошокот за Медикер В кој изнесува 17,2 трилиони долари. Која е вкупната сума? Ако сакате да ги покриете обврските од сите три програми денес, ќе имате сметка од 85,6 трилиони долари. Тоа е шест пати повеќе од сметката за социјално осигурување. И шест пати повеќе од целокупното годишно производство на американската економија. 

Тие обврски ќе бидат отфрлени зашто нема доволно сретства за да се платат. Можат да бидат остварени преку инфлација, што значи дека теретот непропорционално ќе падне на сиромашните, по цена на пореметување на други светски економии или едноставно ќе бидат заборавени така што никој нема да ги плати или споменатите обврски ќе бидат отфрлени „менувајќи ги правилата“ со што одредени групи повеќе ќе ги немаат одредените права. Службениот долг на државата на благосостојба е веќе голем, но кога ќе го следиме и буџетскиот дисбаланс во контекст на неплатени обврски, они кои ќе дојдат за наплата во иднина, службениот долг изгледа многу помал од реалниот долг. Долговите нема да бидат платени и ветувањата нема да бидат исполнети. Луѓето, особено младите, треба да започнат да размислуваат за алтернатива на социјалната држава.

Пред државата на благосостојба… И по неа

Политичарите сакаат да го истакнуваат она што се случило откако била воведена некоја политика. Најчесто ни велат, „Погледнете! Откако беше воведен нашиот закон против повреди, бројот на повреди се намали!“, на тој начин преземајќи заслуги за подобрувањата по воведувањето на новиот закон. 53 Ако трендот бил во опаѓање, дури и со поголеми стапки, тоа го поништува тврдењето дека некој нов закон е одговорен за подобрувањето. Добро е да се направи анализа на трендот, за да се провери дали со имплементацијата се подобрени условите. Што се случувало пред да биде имплементиран законот? Можеби нешто друго го поттикнало подобрувањето.

Бранителите на државата на благосостојба сакаат да веруваме дека претходно не постоела помош за оние на кои им била потребна, не постоело здравствено осигурување, образование, осигурување за постарите, како едноставно да немало благосостојба. Меѓутоа не е така. Всушност, во голем број случаи, државата на благосостојба ги презела институциите и решенијата кои претходно ги создале доброволните организации и презела заслуга за нив.

Пред државата на благосостојба, постоело неверојатно изобилие на доброволни институции кои им помагале на луѓето со животни проблеми, медицински проблеми, па давале и пријателска помош во потреба. Историчарите документирале неверојатна приказна за „пријателските здруженија“, кои давале заемна помош пред да ги уништи државата на благосостојба. Таквите здруженија обезбедувале социјална солидарност, осигурување од сиромаштија, морална поддршка и многу повеќе, а сето тоа на доброволна основа. Во случајот на Велика Британија, според историчарот Сајмон Кордери (Simon Cordery):

„Тие колективни организации за самопомош им помагале на работниците со заедничко осигурување врз основа на меѓусебна солидарност. Со текот на времето се создадени голем број доброволни организации во Велика Британија, а бројот достигнал до шест милиони членови, што е еднакво на половина од бројот на возрасни мажи до 1904 година.”

Мал број луѓе се свесни дека пријателските здруженија, за кои се зборува во друго поглавје на оваа книга, имале повеќе членови од добро документираните синдикати, многу повеќе поддршка од социјалистичкото движење кое ја освоило власта во многу земји и имале посупериорни системи за обезбедување на социјални услуги и човечко достоинство за работниците. Бизмарковата социјалистичка империјалистичка Германија ги присилувала германските работници да плаќаат осигурување, додека полибералните Британци се потпирале на волонтерството.

Во Прусија, а според тоа и во целото Германско царство, осигурувањето било задолжително за одредени категории на населението. Во Англија и Велс, централниот регистар настојувал скоро безуспешно да ги надгледува активностите на големиот број доброволни организации. Сепак во 1870-тите, доброволното осигурување во постоечките социјални и културни услови продрело многу подлабоко во англиското население, пред да биде така со задолжителното осигурување во Прусија. На почетокот на 1890-тите, било воведено задолжителното осигурување во дел од Германското царство, додека во англиското општество волонтеристичкиот систем сѐ уште владеел во целост. Меѓутоа, во еден момент, кога обврската била наметната на национално ниво, почнала да генерира политичка сигурност во своето постоење, нејзиното ширење произвело многу подлабоки резултати од доброволните сретства. Предноста од бирократски воденото задолжително осигурување е во политички прифатените постапки кои можат да бидат прогресивно наметнати на новите здруженија на популацијата.

Неверојатна е брзината и опсегот со кој институциите на самоуправата се заменети со бирократски државни институции кои го монополизирале давањето услуги. 

Исто така, како што забележува Хенок, империјалниот систем на Германија е втемелен на неодржлива основа „постепено плаќање“ (pay-as-you-go ) од почетокот. Однесувајќи се на задолжителниот корпоративен систем познат како „Berufsgenossenschaften“ (Професионални здруженија) во кои биле вклучени работниците кои и мораа да платат за своето осигурување, Хенок забележува дека Бизмарк открил дека „не е потребно во потполност да се акумулираат паричните резерви за да се платат идните обврски. Како секоја регуларна државна институција, можела да функционира со „постепено плаќање“, исполнувајќи ги своите обврски така што се зголемуваат задолжителните придонеси на нејзините членови за следната година. Со оглед на тоа дека обврските постепено ќе кулминираат, овој начин на функционирање во почетните години ќе има помали трошоци, поради што ветените компензации сепак делуваат возможни. Иако тоа ќе доведе до голем број проблеми во иднина, на некое време, државата може да го одложи давањето на субвенции“.

Со други зборови, политичарите открија дека можат да ја шутнат конзервата на патот, а при тоа да не мораат да се справуваат со луѓето кои се слободни да избираат, се информирани за цената и за идните показатели за обврските и можностите. Бизмарковиот државен социјализам ја заменил одговорната грижа за иднина со краткорочен опортунизам преку системот „постепено плаќање“ кој ги одложува проблемите за во иднина. Системот ги заслабна доброволните организации на германските партии кои претходно постоеле, а кога бил воведен во Велика Британија и други земји, ефектите биле исти. Не пишува дека пред државата на благосостојба не постоело ништо. Постоело нешто подобро, но тоа го убила државата. Слично како доброволното осигурување, образовните услуги ја прошириле писменоста и пред државата да ги истисне во заѕидани рамки, со што го преобразила трендот. Историчарот за образование Е.Г. Вест (E. G. West ) го забележал следново: „Кога државата од 1883 се вплеткала во подрачјето на образование преку субвенции, тоа било како да скокнала на седло на коњ кој веќе галопирал“. Како што експертот за образование Џејмс Толи (James Tooley) повеќепати го забележал тврдењето дека државата си го присвојува монополот за образование на учениците, но истите тие ученици често залудно бараат образование кое би било бесплатно и задолжително“. Таму каде не успева државното решение за „бесплатно и задолжитено“ образование, доброволното организирање функционира дури и за оние најсиромашните, како што забележал Толи во своето истражување во книгата „Прекрасното дрво: Личен дневник како најсиромашните на светот се едуцираат“ (Beautiful Tree:A Personal Journal into How the World’s Poorest Are EducatingThemselves).

Доброволните институции од граѓанското општество кои обезбедувале социјални услуги, медицинска грижа и образование, намерно биле на мета за деструкција во некои случаи, а во други случаи биле едноставно напуштени. Доброволните организации на работниците кои биле ангажирани околу решавањето на работничките проблеми често биле пречка на различните страни и цели. „Голем број од нас се цврсто уверени во доброволниот принцип спротивно од обврската која на наметнала државата,“ во 1909 нагласил еден автор на списанието „Оddfellows“. Доброволните здруженија во Германија и Велика Британија биле на мета на уништување токму затоа што поттикнувале независност во однос на колективизмот меѓу масата луѓе. Доброволните граѓански здруженија во САД исчезнувале како што државата постепено создавала политички зависни граѓани. Луѓето насекаде се навикнале државата да ги решава нивните проблеми, наместо со своја меѓусебна пријателска соработка да ја подобруваат својата ситуација.

Можеме да ја растуриме државата на благосостојба и да избегнеме катастрофални ефекти од нејзиниот колапс. Ако Грција не е доволно предупредување, тогаш судбината на Вајмарска Германија може да ни ја воочи потребата за освестување од штетата која државата на благосостојба може да му ја направи на општеството. Можеме да избегнеме катастрофа и да ги заменеме нејзините институции со институции кои се поправедни, поефикасни и покорисни за оние кои имаат потреба од нив.

Работата за создавање мирна и организирана транзиција од државната зависност од една страна, до слободата и независноста од друга страна, од сиромаштијата до мобилноста, од клиентелизмот до активното граѓанство, зависи од генерациите кои растат денес. Нивните родители ги изневериле. Младите генерации треба системски и конструктивно да се вмешаат во јавната расправа и создавањето политики за да ја оправдаат лутината поради залудниот, неодговорен и невнимателниот потег на нивните родители кои ја шутнале конзервата на улицата, мислејќи дека проблемот ќе исчезне. Сега сме на крајот на улицата и повеќе не можеме да ја удираме конзервата по улицата. Ова е крај на патот на државата на благосостојба.

По државата на благосостојба

Државата на благосостојба е во криза. Ветувањата кои беа давани во нејзино име се мешавина од залудни желби и лаги. Се појави како сретство на моќ, ги уништи доброволните организации, ги исцрпи и атомизира здруженијата и ја поткопа личната одговорност, ја замени независноста и правата на зависност. Ја присвои граѓанската одговорност со објаснување дека тоа е за доброто на граѓаните, односно ги претвори во клиенти, вазали, потчинети и вистински молители.

Идеологијата на државата на благосостојба се основа на неразликувањето на сретствата и целите. Државата на благосостојба разговара за племенити цели, но обрнува малку или воопшто не обрнува внимание на процесите со кои би биле постигнати тие цели. Дури и некои самопрогласени либерали кои напорно работеле да го разбијат системот на моќ и подреденост низ историјата започнале да веруваат дека добротворните исходи можат да бидат оправдани. Хербер Спенсер (Herbert Spencer ) тие новонастанати бранители ги нарекува „социјални либерали“, „нови ториевци“ односно неоконзервативци зашто ги прифатиле методите на конзервативизмот, хиерахиски систем на општествена контрола за според свое мислење да ги остварат либералните цели.

Стекнувањето на сеопшто добро, што е воочлива особина својствена за либералните мерки во раниот период (која секој пат се стекнуваше со намалување на ограничувањата), се случи општото добро да стане важно за либералите, не како цел до која се доаѓа со укинувањето на ограничувањата, туку и како цел која се добива непосредно. Барајќи целта да се постигне непосредно, употребуваа методи сосема спротивни од оние кои се употребувале изворно.

„Социјалниот либерализам“ настанал со одвојувањето од автентичниот либерализам, денес познат како „класичен либерализам“. Фокусот на реформите повеќе не се принципите, правилата и институциите, туку се обидувањата да се постигне резултат директно преку употребата на принудна моќ. Резултатите ретко се предмет на избор. Најчесто одбираме сретства (вклучително и правила и процеси), а не резултати, надевајќи се дека тие сретства ќе водат до саканите резултати – цели. Кога креаторите на политиката забораваат дека сретствата се важни во смисла на човечката соработка, тогаш можеме да очекуваме застрашувачки ненамерни последици кои ќе следат како наметнати политики. Тој ден брзо ќе дојде, а во некои земји и веќе дојде, кога непланираните последици од државата на благосостојба ќе станат очигледни. Време е да престанеме со магионичарската престава, да ги кренеме завесите и да откриеме дека магионичарите се само политичари и бирократи – нормални луѓе, исто како нас.

Сите кои веруваат во морални вредности, достоинство и човечки права треба да го заземат својот став како класичниот либерал Бенџамин Константу:

„Тие (носителите на овластувања) силно сакаат да нѐ заштитат од сите видови проблеми, освен од послушноста и плаќањето! Ќе нѐ прашаат: што е на крај целта на сите ваши напори, мотивот на вашата работа, предмет на вашите надежи? Среќата ли е? Оставете ни ја среќата нас и ние ќе ви дадеме. Без оглед колку и да нѐ допира, не смееме да им ја оставиме ним, да ги замолиме властите да се држат до своите ограничувања. Нека се ограничат само да бидат праведни. Ние сами ќе преземеме одговорност за својата среќа.” 

Државата на благосостојба каква што ја познававме, пропаѓа. Време е да се подготвиме за она што доаѓа потоа. Ако нашите интелектуалци и политичари инсистираат на се поголеми државни интервенции за да ги решат проблемите од минатите интервенции, нашето општество ќе потпадне под уште поголем кронизам, популизам и горчина од прекршени ветувања. Она што ни е потребно е поголема слобода, поголем избор, поголема одговорност во однесувањето и повеќе внимание за да избегнеме неправедно даночно оптеретување за идните даночни обврзници кои би ги плаќале доспеаните обврски кои им ги обезбедиле бенефициите на сегашните гласачи. Силата не е замена за слобода, ниту дава сигурност, среќа, просперитет, мир.

Време е да се подготвиме за слобода, одговорност и просперитет по државата на благосостојба.

Есејот е извадок од книгата:After the Welfare State, уредена од Том Г. Палмер, издадена од Students for Liberty и Atlas Network

Превод на есејот: Тамара Груевска, дипл. прeведувач

Уредник на преводот:
Никола Љ. Илиевски, тим на Либертаниа