Извор: www.essentialscholars.org

Нозиковата слободарска рамка за утопија – Едвард Јункинс


Текстот е превод на:

Edward W. Younkins – Robert Nozick’s Libertarian Framework for Utopia,

Edvard Junkins – Nozikov libertarijanski okvir za utopiju

Професорот на Харвард, Роберт Нозик (1938-2002) беше непоколеблив критичар на политичката философија на егалитаризмот на неговиот колега Џон Ролс, според кого државата треба да го распределува богатството за да им помогне на маргинализираните и сиромашните. Нозиковите премиси, тези и заклучок, во неговата книга Anarchy, State and Utopia од 1974 година, многу се разликуваат од оние до коi дојде Ролс во својот труд Theory of Justice од 1971 година. Нозик заклучува дека држава со целосно социјално осигурување е вид на кражба, а оданочувањето е еквивалентно на принудна работа.

Првиот дел на Anarchy, State and Utopia е посветен на обидот на Нозик да ја оправда државата и да ја намали вредноста на анархијата. Во вториот дел, покажува како ништо пошироко од минималната држава, не може да се воспостави без нарушување на поединечните права. Потоа, во третиот дел, објаснува како минималната држава може да обезбеди мета-утописки ‘рбет за доброволни асоцијации, заедници и утописки експерименти. 

Нозиковите аргументи за минимална држава

Нозик подлежеше на употреба на разумот и рационални анализи во формулирањето на своите општествени заклучоци. Врз неговите аргументи, немаа влијание обичаите, традицијата и историските записи за општествената еволуција. Нозиковите рационалистички дедукции водат до идеата за спонтано потекло на државата. Иако, не тврди дека државата буквално спонтано се појавила, не уверува дека неопходно било истата на настане.

Нозик, на нејасен начин, за почетна точка ја зема теоријата на природна состојба. Тој објаснува дека некоја личност во природната состојба може да ги наметнува своите права, да се брани, да изнуди надомест на штета и да казнува. Тој ги гледа овие права како граница која го заокружува моралниот простор околу некој поединец. Неговата аргументација е ограничена, поради неговиот неуспех точно да го објасни потеклото на правата. Нозиковиот пристап е заснован на права, се темели на Кантовата интуиција и категоричкиот императив, кој се однесува на гледање на личноста како цел, а не како сретство. Тој е кантовски интуиционист, без основана теорија за правата. Според Нозик, правата интуитивно се чувствуваат и немаат никаква основа во природниот закон.

Нозик сака да покаже како државата би настанала од анархија, со процес кој нема да вклучува било какви морално недопуштливи постапки. Тој сака да суди за можноста на настанување на државата или „ентитет сличен на државата“ без нарушување на правата на поединецот. Тој прашува, дали, и како, доброволното учество може да доведе до ентитет сличен на државата.

Во Нозиковото хипотетичко анархо-капиталистичко општество, поединците можат да се претплатат за заштита кај приватни агенции кои би ги обезбедувале услугите на заштита на пазарот. Тој се обидува да покаже дека минималната држава може да се развие од отворен пазар, каде постоењето на голема група на приватни агенции за одбрана може да доведат до провајдер кој има монопол, чија единствена легитимна функција би била заштита на поединецот. Единствена држава, која морално може да се одбрани, би била онаа ограничена на функцијата на донесување на одлуки и одбрана од принуда и измама.

Претпоставувајќи дека луѓето имаат право на слобода, Нозик изведе заклучок за видот на општество за кој мислел дека ќе настане. Сите поединци имаат право на самоодбрана и обрана на сопственоста. Овие права се подразбираат од идеата за самите права на поединците. Поединците имаат право да се заштита и можат тоа право да го доделат на други. Во природната состојба, луѓето можат да го решат проблемот на самоодбрана по пат на доброволни спогодби и договори. На пример, поединците можат, кога ќе се здружат во асоцијации за заемна заштита, да ја комбинираат својата моќ и да се согласат да му помогнат на свој член да се одбрани и да се казни нарушителот на правата. Членовите на агенцијата за заштита би се согласиле да се штитат еден со друг од агресори. Заштитата може да стане услуга, која би ја продавале конкурентни агенции или фирми. Луѓето би можеле да се здружат и да платат даноци или хонорари на приватните асоцијации за заштита. Би наишле дека е поефикасно да платат агент кој ќе ги штити. Асоцијација за заштита, која е специјализирана во областа на одбрана на своите клиенти, би поседувала збир на права, кои би им ги доделиле клиентите.

Услугите на заштита се единствено заради користење на принуда. Нозик претпоставува дека секоја агенција за заштита би барала од своите клиенти да се откажат од правото на приватна одмазда над агресорите. 

Нозик продолжува да дискутира, што би се случило кога би постоел судир помеѓу клиенти на различни агенции кои настанал од некомпатибилни одлуки. Агенциите за заштита би спореле поради одбраната на нивните почитувани клиенти. Еден од можните резултати е војна помеѓу агенциите за заштита. Расправата помеѓу клиентите на различните агенции, би можела да вклучува и физичка борба помеѓу провајдерите. Од друга страна, агенциите би можеле однапред да се договорат за процесите на решавање на споровите.

Некои од конкурентните агенции за заштита би биле подобри и посилни од другите. Со текот на време, една доминантна агенција за заштита би ги елиминирала, или би ги соединила кон себе конкурентите, и би се појавила како единствена агенција за заштита или група на асоцијации поврзани во федерација. Оваа доминантна група или федерација, би била во сојуз за самоодбрана, која има монопол над користењето на насилство на одредена територија. Ваков монопол (или сличен монопол) би можел да настане од договорите со кои се решаваат случаите кога агенциите донесуваат различни одлуки. Иако, можат да постојат различни агенции, би постоел еден единствен федерален судски систем, чии членки би биле истите.

Државата како доминантна агенција за заштита

Нозик до сега не спомена „минимална држава“, затоа што можат да постојат некои поединци (на пример независни), која таа е ги штити. За да се стигне до минимална држава, независните би морале да бидат апсорбирани во доминантна агенција за заштита. Нозик тврди дека ултраминималната држава е неправедна, затоа што не ги штити правата на сите. Неговиот проблем е да ја трансформира ултраминималната држава во минимална, без нарушување на ничии права, вклучувајќи ги правата на сопствениците на агенциите елиминирани од пазарот, како и правата на клиентите. Нозиковите обиди да го оправдаат развојот на ултраминималната држава, во рамките на природниот општествен поредок, во минималната држава, без нарушување на правата на поединците, се гледани од некои критичари како изопачени, неубедливи и неуспешни.

Нозик го започнува своето објаснување со тоа, како ултраминималната држава може да биде трансформирана во минимална држава, запазувајќи дека секој поединец има право да му се суди според процедурите кои ги намалуваат шансите, неговите права на сопственост да бидат прекршени. Тој оди понатаму и вели дека секој поединец има процедурално право, одговорноста да му се утврди по најмалку опасна од познатите процедури за утврдување на одговорност. Единствена таква процедура би била она со најмала веројатност дека ќе прогласи невин човек за виновен. Нозик тврди дека клиентите нема да се задоволат со ништо помала од најсигурната процедура која се однесува непосредно на апсење, судење и казнување на криминалците. Доминантната асоцијација би имала право да им забрани на своите конкуренти и оние кои не и се клиенти, да користат ризични и несигурни процедури. Со други зборови, Нозик тврди дека доминатната агенција има право да забрани ризични процедури против нејзините клиенти. Право на агенцијата, која се наоѓа во скоро монополска позиција, е да ги забрани овие ризични процедури, по претпоставка, потекнува од пред-законските процедурални права на некое лице, за кое Нозик претпоставува дека постојат на ист начин како и правата на сопственост. Нозик тврди дека наметнување на права од страна на независните, причинува опасен ризик од неправедно казнување на штитениците на доминантните агенции, затоа што независните немаат непристрасни и верни судски процедури за одредување на одговорност, како и размерна казна. Со тоа, за да ги заштитат своите клиенти, доминантните агенции за заштита може да им забранат на независните да користат принуда своеволно, или да ја користат својата сопствена услуга на заштита.

Нозик наведува дека на независните мора да им се надомести штетата, затоа што им се забраните одредени ризични процедури и постапки. Неговиот „принцип за надомест на штета“ објаснува дека ризичните процедури може да се забранат доколку на оние на кои им се забранува да ги изведуваат тие процедури, праведно им се надомести штета за насилно лишување од нивното право да ја спроведат споменатата процедура. Доминатната агенција за заштита ги лишува оние кои не и се клиенти од нивното право сами да ја спроведат правдата, кога веруваат дека им се нарушени правата. Од тоа следи дека клиентите на доминатната агенција мора да им ја надоместат штетата на независните, поради тоа што им го скратиле природното право да го казнат нарушителот на нивните права. Според Нозик, во одбрана на нивните процедурални права, еден поединец кој лушува друг од сретствата за заштита на нивните процедурални права, мора адекватно да му надомести на истиот: да му допушти повторно да се здобие со тие сретства. Со други зборови, доминантната агенција за заштита, како што ја гледа Нозик, се однесува морално и посакувано додека им ја надоместува штетата на независните, толку колку што е потребно да купат заштита од неа без наметнување на дополнителни трошоци. Она што Нозик вели е дека агенцијата може да им ги наруши правата на поединците и на тој начин, доколку ја надомести штетата на личноста чии права се нарушени, да создаде држава. За да надомести за повредата на правото на само-заштита, агенцијата со монопол ќе ја прошири својата заштита и врз оние кои не и се клиенти. Нозик ова го гледа како најпрактичен начин да ја надомести штетата на независните, на кои им е забрането сами да се бранат. Тој тврди дека, со тоа, доминантната агенција им нуди услуги на сите, затоа што го намалува ризикот од работа со други, помалку способни агенции. Доминантната агенција им нуди заштитни услуги на независните и на клиентите на другите агенции на заштитни услуги, кои се поефикасно и поефективно спроведени. Нозик изјавува дека ултраминималната држава е морално обврзана да ја прошири заштитата и на оние во својот регион на доминација, кои не избрале да бидат членови на ултраминималната држава. Нозик верува дека неговиот аргумент ја оправдува минималната држава, и дека било што останато, освен минималната држава, ги нарушува природните права. Тој тврдеше дека минималната држава може да настани без нарушување на ничии права. И само малце поопфатна држава би можела да ја употреби својата сила да ги финансира и промовира услугите кои некои луѓе нема да ги сакаат. Многу кои ја прочитале Нозиковата книга се збунети со неговото тврдење дека минималната држава може да настани без нарушување на некакви права. Тие запазуваат дека правата на сопственост на клиентите од конкурентната доминантна агенција, се нарушуваат, така што им се забранува да користат свои извори за да купат заштита од агенција која сами ќе ја изберат. Тие тврдат дека слободната размена е пригушена, правото на договор укинато, правото на независните на самоодбрана нарушено и независните не се третирани како цели. Нозик не е убедлив во своите обиди да објасни зошто и е дозволено на агенцијата за заштита, во своите напори да постигне процедурална правичност за своите клиенти, да користи сила за на останатите да не им дозволи да преземат ризични постапки, додека им обезбедува надомест на оние чии права се нарушени. Критичарите на Нозик ја гледаат неговата минимална држава само како изнуда на пари за заштита, која на сила им наметнува заштита на своите клиенти. Нозик продолжува да дава убедлив и сеопфатен аргумент против Ролсовото сфаќање на правдата, така што заговара теорија заснована на принципот дека сите човечки битија имаат апсолутно право на својата личност и на плодовите од својот труд. Нозик споредува и спротивставува два системи на правда:

  1. Неговата теорија на овластувања (entitlement theory) која е заснована на историските процеси на стекнување и пренос на добра; и
  2. Теорија на конечен резултат и тековен удел во моменталната распределба на ресурси (добра).

Ролсовиот принцип е овој вториот. Нозиковата теорија на овластувања држи до тоа дека распределбата е праведна само ако е резултат на стекнување во природна состојба или доброволен трансфер по пат на трговија, подарок или наследство, од праведна распределба. Нозик предлага:

  1. Поединецот кој ја стекнува сопственоста во согласност со принципите на правда за време на стекнувањето, има право на таа сопственост;
  2. Поединецот кој ја стекнува сопственоста во согласност со принципите на правда за време на трансферот, од некој друг кој има право на таа сопственост, има право на сопственоста; и 
  3. Никој нема право на сопственост, освен со примена на ставките 1 и 2.

Принципот на правда за време на стекнувањето наведува дали тоа стекнување е праведно, ако објектот е претходно непознат и ако стекнувањето остава доволно да се подмират потребите на другите. Принципот на правда за време на трансферот е наменет да ги штити доброволните договори, додека исклучува кражба, измама итн. Со други зборови, сопственоста е валидна, ако е стекната по пат на легитимен трансфер или по пат на првобитно стекнвуање. Нозик, исто така предложува принцип за исправување на неправдата на сопственостите. Иако е тешко изводливо, во некои случаи, мора да се вложи искрен напор да се поистовети потеклото на нелегитимните сопствености и да се исправи ситуацијата, така што ќе им се надомести штетата на жртвите од кражбата, измамата или застрашувањето. Нозик го зема својот навод од Локовата идеа дека секоја личност се поседува самиот себе и со мешање на својот труд и материјалниот свет, човекот може да воспостави сопственост над дел од материјалниот свет. Нозик објаснува дека она што е значајно во врска со мешањето на нечиј труд и материјалниот свет, е тоа што личноста тежнее да ја зголеми вредноста на дел од надворешниот свет. Тој резонира дека во такви случаи, самопоседувањето може да предизвика сопственост врз дел од физичкиот свет. Според Нозик, Локовиот предуслов значи:

  1. Претходно непоседувана сопственост да стане поседувана од страна на било кој ќе ја подобри,
  2. Стекнувањето е праведно ако и само ако состојбата на другите после стекнувањето не е полоша од нивната состојба кога сопственоста не била во посед или била во заеднички посед.

За Нозик, правото другите да не се мешаат во нечиј живот е фундаментално – било каква принуда е незаконита. Тој смета дека поединците имаат природни права кои се приоритет за општеството и кои мораат да бидат почитувани, ако сакаме да ги третираме истите како цели за себе, а не само како сретства за целите на другите. Кантовиот категорички императив дава основа за Нозиковиот принцип на трансфер. Поединците треба да се третираат како цели, а никогаш како сретства. Автономијата на некој поединец секогаш треба да се почитува. Само поединецот може легитимно да одлучи што ќе прави со своите таленти, способности и производите на истите. Под неговата идеа за еднаквост на процесите, Нозик мисли на еднаков третман според законот.

Уставот на САД го рефлектира ова гледиште во своите правовремени процеси и еднакви клаузили на заштита. Според оваа перспектива, сите поединци бе требало да бидат еднакви, подлежни на универзални правила на праведно поведение, а државата не би требало да одобрува посебни привилегии или да наметнува посебни терети на било кој поединец или група на поединци. Нозик упатува на спротивното гледиште, дека еднаквоста е еднаквост на конечниот резултат. Од оваа перспектива, еднаквоста помеѓу луѓето е зголемена кога разликата помеѓу нивните приходи, богатства или животен стандард е намалена. Оваа идеа на еднаквост не соодветствува со првата. Кога државата се меша во процесот на доброволна размена за да настане поголема еднаквост во смисла на конечната состојба, државата мора да ги третира нееднакво поединците со нееднакви исходи од доброволните размени. Со други зборови, во корист на оние со полош исход од доброволните размени. Процесуалната и теоријата на правда како конечен резултат се непомирливи. Затоа што луѓето немаат еднакви способности, слободниот пазар неизбежно ќе доведе до неправеди, во друга смисла, на резултатот. Оваа неправда може да исправи само со принудни трансфери кои се неправедни во првата смисла.

Нозик заговара систем во кој улогата на владата е ограничена на заштита на правото на сопственост. Ова гледиште исклучува оданочување, освен со цел собирање на потребни пари за заштита на правото на сопственост. Нозик објаснува дека било какво оданочување на приходи од продажба на производи на нечии таленти, вклучува наметната и делумна сопственост од други врз луѓето и нивните делувања и труд. Нозик изјавува дека ако може да наредиме некоја личност да има право на одреден дел од сопственостa, тогаш е очигледно дека луѓето со тоа тврдење можат оправдано да ја доделат сопственоста на оние на кои мислат дека треба: на пример сопружниците, децата, омилените добротворни организации и сл. Се додека трансферот е на доброволна основа, Нозик тврди дека нема потреба „општеството“ да се грижи за тоа како претставникот на личноста која најлошо стои, е погоден со тоа. Според Нозиковата теорија, следи дека оданочувањето на наследството не е легитимно.

Превод и стручна редакција: 

Никола Љ. Илиевски