Одбраната, војната и мирот низ економската наука
Извор: www.histclo.com

Одбраната, војната и мирот низ економската наука

Во 1922 година, Лудвиг фон Мизес рекол дека општеството произлегува низ мирот, темелот на општеството е мирот. Мирот, а не војната е татко на сите нешта. Само економското дејство успеало да создаде богатсво. Tрудот, а не професијата војник, генерал – носи среќа. Мирот гради, војната урива.

Како што претходниот извадок кажува, мирот е фундаментален за напредок на цивилизацијата, додека пак конфликтот преставува фундаментална закана за човечката добросостојба. Токму заради ова, истражувањето на релацииите помеѓу одбраната, мирот и војната е од клучно значење. Оние економисти што особено работеле во традицијата на австриската школа имаат направено вредни придонеси за разбирањето на овие појави. Во следните неколку статии ќе се обидам да го доловам сето тоа, како и импликациите од тие истражувања за 21 век.

Војната, одбраната и мирот биле дискутирани од страна на економистите со векови. Адам Смит ги дискутира овие појави во различни контексти во неговото дело: „Иследување на природата и причините за богатството на народите“. На пример во петтиот том, прва глава, прв дел, Смит ја дискутира улогата на војската за одбрана против надворешна агресија. Трошоците за подготвување, сервисирање, распоредување на таква војска вели Смит, ќе зависи од видот на општеството, т.е дали општеството повеќе се занимава со земјоделство, сточарство итн. Исто така во оваа смисла тој ја проширува дискусијата во однос на поделбата на трудот и специјализацијата на војната и одбраната на два начини.

Прво, специјализацијата и поделбата на трудот ставаат ограничување на бројот на луѓе во општеството кои можат да станат војници. Сервисирањето на армијата зависи од аутпутот и богатството создадено од страна на оние што се впуштени во специјализација и производство. Но, преместувањето на ресурсите од приватниот сектор кон војската предизвикува аутпутот, т.е. производството да опадне. Во некоја точка преместувањето на трудот од секторот на производство кон војската ќе предизвика пад на аутпутот така што ни војската, ни општеството не би можеле да бидат одржани.

Смитовата логика може да се поедностави на следниот начин. Зголемувањето на богатството поради специјализацијата и поделбата на трудот ја прави одбраната против надворешна агресија сѐ повеќе вредна. Во исто време, зголеменото богатство му овозможува на општеството да има армија. Но, армијата од друга страна претставува опортунитетен трошок, односно, за да има армија мора да се преместат ресурсите од производството во армијата, што пак би го намалило богатството.

Второ, Смит забележал дека едно напредно општество може да има поголема корист ако одредена класа на луѓе се специјализира за војување. Тој дискутира две можности за создавање на таква класа. Првата можност преставува сите луѓе до некоја возраст да партиципираат во воени дејствија. Другата можност е професионална војска која содржи луѓе кои единствено ќе се специјализираат за војување. Смит верувал дека специјализацијата на професионалната војска е подобра алтернатива отколку регуларната војска за задоволување на барањата на одбрана од страна на општеството. Според Смит, државата е потребна за да создаде класа на војници, бидејќи ако поединците се оставени сами на себе, тие ќе ги бркаат своите лични интереси наместо јавните, и поради тоа нема да можат да се заштитат од надворешна агресија.

Од ова Смитово тврдење доаѓаат современите аргументи на економистите за војска создадена од страна на државата. Аргументот е таков бидејќи одбраната се смета за т.н. јавно добро, односно добро коешто нема да биде понудено во доволни количини од страна на приватниот сектор поради т.н. проблем на слободно возење. Државата, според нив, може да ги реши овие проблеми и да осигура дека јавното добро ќе биде понудено во доволни количини.

Смит идентификувал два главни проблеми асоцирани со професионалната војска. Првиот проблем се монетарните трошоци, кои според Смит се поголеми од оние на регуларната војска. Поголемите трошоци се должат на тоа што професионалната војска постојано бара константни трошоци за сервисирање и поради тоа што професионалната војска најверојатно би користела повеќе специјализирано, техничко оружје и алати кое пак е поскапо за да се произведе, сервисира и транспортира. Вторите трошоци се непарични и се однесуваат на заканата на професионалната восјка врз слободите на домашното население. Кога интересите на политичките лидери ќе се совпаднат со оние на граѓаните, тогаш професионалната војска би ги заштитила правата, имотот и слободите на граѓаните. Но, кога ќе постои разлика помеѓу интересите на политичката класа и граѓаните, тогаш професионалната војска може да се сврти против сопственото граѓанство. Суштината на професионалната војска е да се специјализира во применување на сила и контрола против надворешна агресија. Но, како што забележува Смит, истите начини на присилба можат да бидат втурнати против сопственото граѓанство и наместо заштита да има опресија кон населението.

Покрај овие истражувања на Смит за различните трошоци за одбрана, тој исто така дал свое мнение за политичката економија и империјализмот на Британската империја. Всушност, по ова прашање гледиштата на Адам Смит и на Џон Стјуарт Мил се судруваат. Смит заклучил дека британските колонии правеле повеќе штети отколку добро за Велика Британија. Овој заклучок го базирал на неколку аргументи.

Еден аспект се однесувал на специјалните интереси којшто велат дека добро организираните групи можат да го манипулираат политичкиот систем и да ги концентрираат користите кон нивните членови, истовремено дисперзирајќи ги трошоците кон оние што не се членови. Во овој контекст, Смит аргументира дека најмногу корист од колонизацијата имале британските трговци кои биле во можност да се здобијат со монопол врз понудата на добра и услуги за разлика од другите трговци во колониите. Резултатот на рестрикцијата на конкуренцијата за снабдување со добра на колониите биле монополските профити кои британските трговци ги добивале. Истовремено, трговците сносувале само минимален дел од вкупните трошоци за воспоставување и сервисирање на колониите. Поголемиот дел од овие трошоци паѓале врз граѓанството кое немало корист од создавањето на монополите за трговците. Другиот аспект се однесувал на трошоците за одржување на колониите. Да се управува со империја е скапо. Потребна била голема армија за да се контролираат колониите, да ги заштитат каналите за тргување и да овозможат заштита од надворешни агресори. Според Смит, сето ова ќе доведе до значителни расходи кои треба да ги платат Британците. Соочени со големите трошоци, политичката елита ќе го користи јавниот долг за да ги скрие вистинските трошоци за одржување на колониите и да избегне негативна реакција од зголемување на даноците. Со задолжувањето, политичката елита може со многу мало зголемување на даноците од година во година да се снабди со доволно финансиски средства за продолжување на колонизаторските практики. Сепак, ова не било перманентно решение. По некое време долгот ќе доспее и за да се исплати ќе мора или да се намалат јавните расходи или да се зголемат даноците. За да избегнат негативна реакција, протести итн., Смит предвидел дека политичката елита ќе се обиде да ги скрие, маскира овие долгови преку девалвирање на валутата. Смит верувал дека ваквите трикови кога-тогаш ќе ја доведат во прашање фискалната стабилност на империјата. Смит исто така велел дека владиниот фокус на колониите резултирал со погрешно распоредување на ресурсите и избегнување на други профитабилни можности.

Џон Стјуарт Мил исто така ги дискутирал трошоците врзани со Британската империја. Но за разлика од Смит кој сметал дека империјата им носи повеќе лошо одошто добро на британските граѓани, Мил размислувал спротивно. Тој верувал дека експанзијата на Британската империја е во најдобар интерес за британскиот народ. Ова гледиште го базирал на неколку аргументи. Прво, Мил сметал дека Велика Британија била под постојан притисок од зголемувањето на нејзината популација и тоа го загрозувало долгорочниот потенцијален раст. За да се избегне ваквата стагнација, тој аргументирал дека Британија треба да се сврти кон колониите на кои имало многу можности за нови инвестиции и тргување. Тоа би довело до мир и мирни релации помеѓу луѓето од различни географски региони и дека британското инволвирање во колониите би бил значаен чекор кон универзален мир и добри односи помеѓу нациите. Исто така на тој начин би се спречиле војните, бидејќи различните нации од некој географски регион сега би биле споени во една британска колонија.

Мил диференцирал помеѓу нивото на развиток и нивото на цивилизација. Верувал дека понапредните бели колонии — како на пример Австралија и Канада биле способни за самоуправување со територијата. Во овие територии Мил сметал дека Британија не треба да се меша. За оние колонии пак кои биле момалку напредни сметал дека Британија не само што треба да се меша туку и да управува со нив. Мил мислел дека економските релации со барбарските нации биле единствено возможни само преку директна контрола од страна на Велика Британија.

Мил во поддршката на британската империја ги дискутирал само оние аспекти кои биле во нејзина полза како што е олеснување на притисокот од зголемувањето на популацијата и создавање на капитал создавајќи можности за тргување. Но исто така дискутирал и за глобалниот, цивилизациски ефект од империјализмот. Онаму кадешто домородното население не можело да се самоуправува, тука требало да стапи Британија и да придонесе за модернизација. Англиските доблести и институции би придонеле за безбедност и стабилност во тие општества, придонесувајќи за можности за нивен напредок. Оттука Мил размислувал дека Британската империја била неопходна за напредна глобална цивилизација. Според него, империјализмот бил централен за одржување на британската моќ која произведувала значителни користи не само за британските граѓани туку и за целиот свет. Од таа перспектива империјализмот бил морален за одржување на британската положба во геополитичкиот поредок, кој пак бил потребен за светскиот мир и напредок.

Класичните економисти допринеле до изучување на централните проблеми на одбраната, мирот и војната, како што се монетарните трошоци за финансирање на армијата и влегување во војна, ефектите на војната врз домашната и меѓународната трговија, влијанието на групите на интерес врз одлуката за воени интервенции во странство, користа или загубата од империјализмот и потенцијалните ефекти од обезбедувањето на армијата од страна на државата врз слободата и правата. Овие и поврзани теми ќе се појават повторно во 50-тите години на дваесеттиот век.

Текстот е преземен од личниот блог на авторот, и можете да го најдете тука.

Автор:
Илија Васиљески,
Либертаниа