Однесувањето на ЕУ наспроти авторитарните мерки од унгарската влада
Извор: www.derstandard.at

Однесувањето на ЕУ наспроти авторитарните мерки од унгарската влада

Она што во овој период е актуелно ширум светот, за жал не е убава вест, имено станува збор за новонастанатиот вирус под името COVID-19, или таканаречениот корона вирус. 

Според светската здравствена организација – СЗО, станува збор за: умерена респираторна болест која што за помладата поулација не е многу опасна,  па заболените ќе закрепнат без да бараат посебен третман. Постарите луѓе и оние со основни медицински проблеми како кардиоваскуларни заболувања, дијабетес, хронично заболување на респираторниот систем и карцином се со поголема веројатност да развијат сериозни заболувања.  Вирусот COVID-19 се шири првенствено преку капки, плунка или испуштање на слуз од носот кога заразеното лице кашла или кива. [1]

Во контекст на истото, но и поради сериозноста и брзината на ширењето на вирусот како и големиот број на потврдени смртни случаи, како во рамки на државите кои што ги обработуваме во овој труд, но и сите други држави ширум светот, решивме еден дел од истиот да биде посветен на мерките кои што се превземаат од страна на државите со цел да се воспостави примарна заштита. Имено корона вирусот се покажа како огромна предност во политиките на авторитарните лидери, преку мерките кои што ги превземаат да воспостават уште поцврст авторитарен режим, на начин што манипулирајќи со настаната ситација ваквите лидери се во можност да наредуваат затворање на границите, масовен дигитален надзор и да превземат потези кои што во нормални услови се сметаат за опасно и квалификувано прошируање на државната моќ. За помалку од месец дена светот се најде во хаос, огомен страв е дел од секојдневниот живот на човекот, а исплашен човек е послушен човек. Вистинското прашање тука се протега во рамки на искористувањето на стравот на обичниот човек помеѓу неопходните мерки, и оние што представуваат чист авторитаризам, користејќи ја опасноста на ситуцијата како спин за носење на брзи закони и непотребни мерки со цел да се концентрира што поголема моќ во рацете на авторитарните лидери. Виктор Орбан во последните години беше во центарот на вниманието поради зголемениот надзор на неговата влада врз судството, медиумите и образовниот систем. Европската комисија, како извршна рака на Европската Унија,  отвори постапка против Унгарија во 2018-тата година заради закана за демократските вредности во регионот, сепак ваквиот процес беше времено запрен при што Европската комисија бараше договор со Будимпешта, наместо да воведува казни или други санкции за земјата. Во насока на политиките со авторитарни примеси од страна на унгарскиот лидер Виктор Орбан за време на пандемијата, зборува статијата објавена во медиумот Атлантик,  пишувана од страна на Јасмин Шеран, највисоко квалификувана новинарка во рамки на истоименото списание. Светот моментално се наоѓа пред огромна криза, СЗО неодамна најави пандемија на глобално ниво поради корона вирусот: телевизиите, медиумите, онлајн порталите како и другите средства за масовно информирање постојано ажурираат информации за вирусот. Европската Унија која долго време се смета за најмоќна конфедерација во светот, способна да воспостави правила што националните парламенти мора да ги прифатат и да се придржуваат кон нив, во рамки на оваа пандемија го докажува спротивно. Државите-нации во пресрет на глобална кризa, сепак сами го имаат крајниот збор во однос на правилата, мерките и забраните кој ги воспоставуваат во кругот на нивните територии.

Во срцето на Европа се случува ерозија на демократијата, силно се поткопуваат воспоставените правни правила и постулати на владеење на правото на еден деликатен начин.

Имено на 30.03.2020-тата година, Унгарскиот парламент го одобри нацрт-законот, кој му дозволува на Орбан да може да владее со декрет на неодредено време,  што значи дека тој не треба да се консултира со другите пратеници за да донесува одлуки. Законодавството кое стапи на сила во Унгарија беше оправдано како итен одговор на тековната пандемија на коронавирусот. Како резултат на тоа предлог-законот ги криминализира сите обиди да се запре Унгарската влада да се бори против избувнувањето на вирусот,  вклучително и ширење на лажни информации, истото може да се казни со затворска казна до пет години. Орбановата екстремно десничарска партија Фидеш може ефикасно да управува со нерешени предизвици, заобиколувајќи го и парламентот и постојните закони.

Портпаролот на Европската комисија за CNBC изјави дека „ќе го анализира конечниот закон и внимателно ќе ја следи неговата примена од страна на владата.“[2] Ова вклучува и примена на одредбите со кои се криминализираат „лажните вести“. Истиот портпарол додаде: „Во овие тешки времиња, мора да се гарантира правна сигурност и слобода на изразување.“[3]

„Орбан ја користи пандемијата како изговор за да ја зацементира својата моќ,“[4] изјави Лидија Гал, која се занимава со истражувачко новинарство за источна Европа и Балканот во рамки на организацијата „Human Rights Watch“, за CNBC. „Тоа е изговор за владата да прави што сака,“[5] вели таа.

Извор: www.cagle.com

Ваквите политики покажуваат огромна злоупотреба, поагајќи од фактот што во Унгарија заклучно до 30.03.2020 имаше 492 потврдени случаи на коронавирус и 15 смртни случаи, како што покажуваат податоците од Универзитетот Џонс Хопкинс. Бројките се многу пониски од оние на најтешко погодените земји во Европа, имено Италија, Шпанија и Франција. Загрижувачки е што предлог-законот за итни случаи исто така му дозволува на Орбан да ги спречи јавните демонстрации и да ги ублажи критиките од страна на политичките противници и медиумите кои не се негови истомисленици. Со што му се дава моќ, без голем напор да ги суспендира оние информации кои според него и неговата влада се во конфликт со нивната политичка цел. Орбан ќе биде тој што врз основа на негово убедување ќе одлучи кога ќе заврши моменталната вонредна состојба во Унгарија. Унгарската влада во одбрана на носењето на ваквиот нацрт-закон, завзема став дека истиот е неопходен за заштита на унгарскиот народ од опасниот вирус како и инсистира на тоа дека ваквите мерки ќе траат само додека трае кризата. Аналогно на тоа владата на Орбан одговара дека нацрт-законот би можел да биде повлечен од страна на парламентот и Уставниот суд со двотретинско мнозинство, без да се спомене дека тоа е мнозинство што Орбан веќе го поседува. Орбан е премиер на Унгарија од 2010 година, неговата партија беше суспендирана од конзервативната политичка група во Европскиот парламент како единствената избрана комора, пред околу една година поради загриженоста во врска со неговите постапки против независно судство и медиумите. Сепак тоа не беше доволна закана за Орбан, низ ваквиот пример само се докажува како самиот тој и неговата политичка гарнитура ја искористуваат секоја можна ситуација, за жал и оваа која што е навистина загрижувачка, како идеален изговор за таложење на уште поголема политичка моќ. И другите земји ширум светот воведоа свои мерки за итни случаи со цел борба против кризата, но унгарските мерки се квалифукувани како авторитарни во однос на статистиките кои говорат дека самата Унгарија и не се наоѓа во екстремна фаза, како некои други држави каде што е жариште, а сепак нивните мерките кореспондираат со должна почит кон демократските правила и принципи до граница која што одговара на нужноста на последиците настанати од вирусот.

Европската Унија се наоѓа во можеби најтешка ситација до сега, покрај тоа што се соочува со огромна катастрофа во јавното здравство кое што моментално е нашето единствено оружје против невидливиот непријател, сега мора да се спротивстави на една од нејзините членки која очигледно ја користи пандемијата за политички придобивки. Урсула фон дер Лејен претседателка на Европската комисија во разговор со новинарите изрази загриженост за ваквите мерки кои ги превзема Унгарија, таа смета дека иако истите се итни мерки, сепак мора да бидат пропорционални на пандемијата, како и да бидат подлежни на контрола од страна на соодветните институции. Европската Унија од своја страна пак има потешкотии кога станува збор за справување со Унгарија, политичките причини се тука круцијални, затоа што Виктор Орбан извлекува голем дел на пари од блокот а тоа му одговара на Европската Унија. Европската народна партија – ЕПП односно централно-десничарска групација во Европскиот парламент во која се вклучени Виктор Орбан заедно со Фидеш, но и германската канцеларка Ангела Меркел, ирскиот премиер Лео Варадкар, и двајцата актуелни и поранешни претседатели на Европската комисија, ЕПП е релативно воздржана во однос на казнувањето на Фидеш, постои став дека Орбан носи голем број гласови во политичкото семејство на ЕПП, како што вели  Мујтаба Рахман, управниот директор на Европа во групата Евроазија, компанија за истражување и консултантски услуги, со казнување на Фидеш може да му наштети на целокупното влијание на групата. Друга причина за неактивноста на Европската Унија е едноставно немањето на избор, блокот не може еднострано да протера држава-членка, единствено што може да направи е да суспендира одредени права кои ги има државата како што е наведено според член 7 од Договорот од Лисабон, доколку постои „јасен ризик“ дека една држава-членка ги крши основните вредности на Европската Унија, вклучително слободата, демократијата, еднаквоста и владеењето на правото. Но и ваквата постапка во голема мера е безопасна во однос на фактот што член 7 е ефикасен само ако сите други членки на Европската Унија се согласат да го донесат истиот, а таквото барање за едногласност е доста сложено и комплексно па таквата поставеност го олеснува поткопувањето. Петра Бард, професор по право и истражувач на Централноевропскиот универзитет смета дека крајна алтернатива на Европската Унија е да започни постапки за прекршоци против Унгарија односно со други зборови, да ја одведе Унгарија пред суд. Европската комисија може да го упати прашањето до Европскиот суд на правдатата, највисокото правно тело на блокот, што пак може да наметне финансиски казни, аналогно на тоа Петра Бард предупредува дека времето кое што минува е во корист на авторитарната влада на Орбан, и дека не смее повеќе да се чека.

 Европа несреќно се најде во центарот на оваа здравствена криза, а земјите како Франција, Италија и Шпанија се борат со сите свои сили да се справат од ужасот кој ги зафати, за разлика од нив Унгарија на чело со Виктор Орбан ја поткопува демократијата во срцето на Европа, останува да сведочиме дали Европската Унија ќе успее да ја менаџира ваквата ситација, која не само што однесе стотици илјади животи до сега, туку стана и поволен начин за искористување на политичката власт во насока на злоупотреба на пандемијата за воспоставување на  уште поцврст авторитарен режим во Унгарија.

Референци:

[1] World Health Organization, Coronavirus
[2] Amaro Silvia,
Hungary’s nationalist leader Viktor Orban is ruling by decree indefinitely amid coronavirus (updated 01.04.2020)
[3] IBID
[4] IBID
[5] IBID

Теодора Спировска
студент на постдипломски студии – Правен факултет, УКЛО Битола