Глава 7: Забрани
Дизајн: Ѓорѓи Димитров

Глава 7: Забрани

Г-динот Забранувач (не бев јас оној кој му го даде ова име, туку г-динот Шарл Дупин) го посвети своето време и капитал преработувајќи го јагленот пронајден на неговата земја во железо. Бидејќи природата беше великодушна кон Белгијците, тие ги снабдуваа Французите со железо поевтино отколку г-динот Забранувач, што значи дека цела Франција можеше да се стекне со дадена количина на железо со помалку труд, купувајќи го од чесните Фламанци. Затоа, водени од својот интерес, тие не пропуштија да го направат тоа; секој ден може да се видат голем број производители на шајки, трговци, ковачи на коњи и работници како работаат или праќаат посредници да ги снабдат од Белгија. Ова не му се допадна многу на г-динот Забранувач.

На почетокот му падна на памет самостојно да и стави крај на оваа злоупотреба. Тоа беше најмалку што можеше да направи, бидејќи тој беше единствениот кој страдаше. ,,Ќе го земам мојот карабин“, рече тој; „ќе ставам четири пиштоли на мојот појас; ќе ја наполнам кутујата за муниција; ќе го опашам мојот меч и така наоружан ќе одам на границата. Првиот кој ќе се појави да ја врши својата работа: производител на шајки, ковач на коњи, машинист или бравар, ќе го убијам, за да го научам како да живее“. Во истиот момент г-динот Забранувач размисли и го смири својот воинствен темперамент. Си рече, „како прво, не е апсолутно невозможно купувачите на железо, моите сограѓани и непријатели, лошо да ја сфатат работата и наместо да ми дозволат да ги убијам, тие да ме убијат мене, и тогаш, дури и кога би ги повикал моите слуги не би биле во можност да ги одбраниме премините. Накратко, постапката многу би ме чинела, многу повеќе отколку вредноста на она што ќе го добијам“.

Г-динот Забранувач беше на работ да ја прифати својата тажна судбина, но тогаш, зрак светлина му пројде низ мозокот. Тој се присети дека во Париз има голема фабрика на закони. „Што е закон“? се запраша. „Тоа е мерка со која, во моментот кога ќе биде изгласана, било да е добра или лоша, сите се обврзани да ја почитуваат. За да се изгласа законот, потребно е да се организира јавно тело, а за да се организира истото потребно е да се соберат луѓе и пари од целата држава. Ако успеам да издејствувам големата париска фабрика да донесе мал закон, „Белгиското железо е забрането“, јас би ги постигнал следниве резултати: Владата ќе ги замени неколкуте слуги кои ќе ги пратев на границата со 20.000 синови на оние тврдоглави ковачи, ковачи за коњи, занаетчии, машинисти, бравари, ковачи на шајки и работници. Потоа, за да се задржат тие 20.000 царинарници здрави и заинтересирани, потребно ќе биде да се распределат 25.000.000 франци земени од овие ковачи, занаетчии и работници. Тие ќе ја чуваат границата многу подобро; мене нема да ме чини ништо; нема да бидам изложен на бруталноста на брокерите; ќе го продавам железото по моја цена, и со слатко задоволство ќе ги гледам нашите големи луѓе срамно збунети. Тоа ќе ги научи постојано самостојно да се прогласуваат себеси за предвесници и промотери на напредокот во Европа. Ах! Тоа би било голема шега и заслужува да се проба“.

Па г-динот Забранувач отиде во фабриката за закони. Друг пат можеби би ја поврзал оваа приказна со неговите тајни соработки, но сега само ќе ги споменам неговите отворени соработки. Тој ги поднесе следниве размислувања пред законодавците.

,,Белгиското железо се продава во Франција за десет франци, што ме приморува мене да го го продавам моето за иста цена. Јас би сакал да го продавам за петнаесет, но не можам поради белгиското железо, кое посакувам да беше на дното на Црвеното море. Ве преколнувам да напишете закон со кој повеќе белгиско железо нема да влезе во Франција. Јас одма ќе ја подигнам цената за пет франци, а последиците ќе бидат следниве:

„За секоја цента (единица мерка за тежина) железо која ќе и ја доставам на јавноста јас ќе добијам петнаесет франци наместо десет; ќе се збогатам побрзо, ќе ја зголемам мојата трговија и ќе вработам повеќе работници. Моите работници и јас ќе трошиме многу послободно, што во голема мера ќе им помогне на трговците во околината. Овие вториве на кои ќе им се зголеми трговијата ќе стават на располагање повеќе вработување во трговијата и активноста во државата ќе се зголеми на двете страни. Ова среќно парче пари кое ќе ми го фрлите во мојот сеф, како камен фрлен во езеро ќе им даде живот на безброј концентрични кругови“.

Шармирани од неговиот дискурс, радосни да научат колку е лесно да се унапредува просперитетот на луѓето со закони, законодавците ги излгасаа забраните. „Разговори за  труд и економија“, тие рекоа, „која е корисноста на овие болни начини за зголемување на националното богатство, кога се што е потребно е закон“?

И всушност законот ги создаде последиците најавени од страна на г-динот Забранувач: единствениот проблем е што исто така создаде и други кои не ги предвиде. Да бидам фер, неговото расудување не беше погрешно, само нецелосно. Во желбата да се здобие со привилегија, тој ги спозна само ефектите кои се гледаат, оставајќи ги во позадина оние коие не се гледаат. Тој посочи на две личности, во ситуација во која што се инволвирани три. Наше е да го снабдиме овој неволен или намерен пропуст.

Точно е дека круната насочена со закон во сефот на г-динот Забранувач е поволна за него и оние чиј труд ќе биде поттикнат; и доколку законот ќе предизвика круната да се спушти од месечината, овие добри ефекти нема да ја нарушат рамнотежата од соодветните зла. За жал, мистериозното парче пари не се спушти од месечината туку од џебовите на ковачите, или на производители на кочии и двоколки, или на ковачите за коњи, или на работниците, или на луѓето што градат бродови, или со еден збор од Џејмс Б., кој сега ги дава без да добие ниту грам железо повеќе отколку кога плаќаше десет франци. Па така, со еден поглед може да видиме дека ова ја менува состојбата на случајот; бидејќи е многу очигледно дека за профитот на г-динот Забранувач е должна загубата на Џејмс Б. и се што може г-динот Забранувач да направи со круната за трудот во државата, истото можел да го направи и Џејмс Б. Каменот е фрлен на една страна во езерото бидејќи законот не дозволил да биде фрлен на друга.

Значи, она што не се гледа го истиснува она што се гледа, и во овој момент како остаток од операцијата имаме неправда, и жално е да се каже, неправда сторена од страна на закон!

Но тоа не е се. Јас реков дека има и трета личност која е во позадина. Сега морам да ја изнесам напред за да може да ја открие втората загуба од пет франци. Потоа ќе го имаме целиот резултат од трансакцијата.

Џејмс Б. е оној кој има петнаесет франци, плод на неговиот труд. Тој е сега слободен. Што прави тој со неговите петнаесет франци? Тој купува некое парче облека за десет франци и со тоа плаќа (или посредниците плаќаат за него)  за центата белгиско железо. После ова му остануваат пет франци. Тој не ги фрли во реката туку (и ова е она што не се гледа) му ги дава на некој трговец во замена за некакво уживање, на продавач на книги, на пример, за „Дискурс за универзална историја“ на Босуе.

Па така, кога се работи за државниот труд, тој е поттикнат за петнаесет франци: десет франци за парискиот трговец на облека и пет франци продавачот на книгата.

Кога се работи за Џемјс Б, тој за петнаесетте франци добива две задоволства:

1.      Една цента железо

2.      Една книга

Законот е донесен. Како се одразува ова на Џејмс Б.? Како се одразува на државниот труд?

Џејмс Б. го плаќа секој цент од неговите пет франци на г-динот Забранувач и така е оневозможен од задоволството на една книга или некое друго добро од еднаква вредност. Тој ги губи петте франци. Ова мора да се признае; не може да не се признае дека кога забраните ги креваат цените на добрата, потрошувачот е оној кој ја губи разликата во цената.

Но тогаш се вели дека националниот труд добива.

Но тој не добива; бидејќи со законот не е поттикнат повеќе отколку претходно, односно за петнаесет франци.

Единствената разлика со донесување на законот е дека петнаесетте франци на Џејмс Б. одат во трговијата со метали, додека претходно тие беа поделени помеѓу трговецот за облека и продавачот на книги.

Насилството искористено на границата од страна на г-динот Забранувач, или она кое се остварува со закон, може да се суди и различно од етичка перспектива. Некои луѓе сметата дека кражбата е оправдана, само ако е овозможена со закон. Додека пак јас не би можел да замислам нешто повознемирувачко. Како и да е, економскиот резултат е ист во двата случаи.

Гледајте на работата како сакате; но ако сте непристрасни, вие ќе видите дека ништо добро нема да дојде од легална кражба. Ние не негираме дека тоа му овозможува на г-динот Забранувач, или неговата трговија, или ако сакате, националниот труд да профитира за пет франци. Но ние тврдиме дека тоа предизвикува две загуба, едната на Џејмс Б. кој плаќа петнаесет франци за нешто за кое би плаќал десет; втората е на националната индустрија која не ја добива разликата. Изберете од овие две загуби и компензирајте со профитот кој ви го дозволуваме. Другиот нема да се докаже како помалку мртва загуба. Во ова се состои моралот: Да се земе со насилство значи дека не се произведува, туку се уништува. Навистина, ако земањето со насилство беше производство, тогаш оваа наша земја ќе беше малку побогата отколку што е.

Прочитајте ги останатите глави од „Она што се гледа и она што не се гледа“ на Фредерик Бастиат:

Глава 1: Скршениот прозорец

Глава 2: Распуштањето на армијата

Глава 3: Даноци

Глава 4: Театри иуметност

Глава 5: Јавни добра

Глава 6: Посредници

Превoд на Frederic Bastiat – That Which is Seen, and That Which is Not Seen од англиски јазик :

Simon Sarevski

Симон Саревски, 
Либертаниа и Студенти за слобода