Она што се гледа и она што не се гледа: Скршениот прозорец

Она што се гледа и она што не се гледа: Скршениот прозорец

Дали некогаш сте ја посведочиле лутината на добриот дуќанџија Џејмс Б. кога неговиот непретпазлив син ќе го скрши прозорецот? Доколку бевте присутен на таа случка, повеќе од сигурно ќе бевте сведок на фактот дека секој од присутните, дури и да се триесетмина, очигледно и взаемно, ќе му ја понудеа оваа едногласна утеха на несреќниот сопственик на прозорецот: ,,Тоа е лош ветер кој не дува никому добро. Сите мораат да живеат, и што ќе се биде со стакларот, ако некои стакла никогаш не се сркшат?”

Оваа форма на утеха содржи цела една теорија, која би било добро да се појави само во овој прост случај, но за жал е идентична со онаа која го регулира поголемиот дел од нашите економски институции. Да претпоставиме дека за да се поправи штетата потребни се шест франци, со што, несреќата му носи шест франци на стакларот – дека на овој начин е поттикната трговија од шест франци – ќе се сложам; Против тоа, немам ниту еден збор да кажам, вие размислувате правилно. Стакларот доаѓа, си ја извршува задачата, заработува шест франци, и во своето срце го благословува непретпазливото дете. Ова е се она што се гледа.

Но, ако од друга страна дојдете до заклучок, како што често се случува, дека да се кршат прозорци е добра работа, дека тоа овозможува циркулација на пари и дека резултатот од тоа е поттикнување на индустријата во целина, ќе ме натерате да викнам: ,,Застанете! Вашата теорија е ограничена на она што се гледа; не е земено во предвид она што не се гледа.”

Не се гледа дека дуќанџијата потроши шест франци за една работа, со што не може да ги потроши истите за друга. Не се гледа дека доколку не беше приморан да го замени прозорецот, тој можеби, ќе ги заменеше своите стари обувки, или ќе додадеше уште една книга во својата библиотека. Накратко, тој ќе ги искористеше своите шест франци на друг начин, но поради несреќата сега е спречен.

Но, да погледнеме кон индустријата во целина и како е таа e погодена од она што се случи. Со кршењето на прозорецот, трговијата на стакларот е поттикната за шест франци: oва е она што се гледа.

Ако прозорецот не беше скршен, трговијата на чевларот (или нечија друга) ќе беше поттикната за износ од шест франци: ова е она што не се гледа.

И ако се земе во предвид и она што не се гледа, поради тоа што е негативен исход, како и она што се гледа бидејќи е позитивен исход, ќе се разбере дека ниту индустријата во целина, ниту  целото ниво на националниот труд е засегнато, без оглед дали прозорци се кршат или не.

Но, да ја погледнеме состојбата на Џејмс Б. Во претходната ситуација, кога прозорецот беше скршен, тој троши шест франка и нема ниту повеќе ниту помалку отколку што имаше претходно, односно уживањето на еден прозорец. Во вториот случај, кога ќе претпоставиме дека прозорецот не беше скршен, тој ќе имаше шест франка претставени во обувки и во исто време ќе уживаше во прозорецот. Бидејќи Џејмс Б. е дел од општеството мора да дојдеме до заклучок дека, кога ќе се земе се во предвид и направат проценки за неговите уживањата и труд, тој ја загуби вредноста на скршениот прозорец.

Оттука доаѓаме до неочекуваниот заклучок: ,,Општеството ја губи вредноста на работите кои се бескорисно уништени;”  и да се даде согласност на максимата која ќе ги наежи протекционистите – да се крши, да се уништува, да се расипува, да се троши не претставува поттик за националниот труд; или накратко, ,,уништувањето не е добивка.”

Што ќе кажете, вие министре? Што ќе кажете вие, следбеници на добриот М.Ф. Шаманс, кој има пресметано со голема прецизност колку трговијата ќе порасне кога би го запалиле Париз од бројните куќи кои ќе треба бидат изградени одново?

Жал ми е што ги вознемирувам овие генијални калкулации чиј дух е воведен во нашето законодавство; но го молам да ги започне повторно, вметнувајќи го и она што не е се гледа, ставајќи го покрај она што е видливо.

Читателот мора да внимава да запамети дека не се работи само за две личности, туку три засегнати страни во случајот кој ви го преставив. Еден од нив е Џејмс Б, кој го претставува потрошувачот, кој поради чинот на уништување е сведен на едно уживање наместо две. Втората страна, со титулата стаклар, ни го претставува производителот, чија трговија е поттикната од несреќата. Третата страна е чевларот (или друг трговец), чиј труд страда пропорционално поради истрата причина. Токму оваа трета страна е секогаш оној кој е заборавен и го претставува она што не  е видено, што претставува неопходен елемент на проблемот. Токму тој ни покажува колку е апсурдно да се гледа добивка во еден чин на уништување. Токму тој е оној кој наскоро научи дека не е помалку апсурдно да се види добивка во ограничувањето, кое, и покрај се, не е ништо друго освен парцијално уништување. Затоа, само доколку одите до коренот на сите проблеми кои се додадени во негова корист, се што ќе најдете е оваа парафразирана вулгарна изрека – Што ќе се случи со стакларот, ако никој никогаш не скрши прозорец?

Превoд на Frederic Bastiat – That Which is Seen, and That Which is Not Seen од англиски јазик :

Simon Sarevski
Симон Саревски, дипломиран економист
Програмски асистент на Либертаниа – ЦСП
Постар координатор на Студенти за слобода