Она што се гледа и она што не се гледа: Вовед

Она што се гледа и она што не се гледа: Вовед

Секој студент кој учи економија, уште во самите почетоци е запознаен со терминот ,,опортунитетен трошок.” Накратко, многу интуитивно и едноставно, вредноста која би можеле да ја добиеме, но која поради избор на друга опција ја имаме пропуштено го претставува опортунитетниот трошок. Ова важи, како за приватниот сектор, така и за државниот, но исто така и за работи од секојдневниот живот.

Замислете ситуација во која би можеле да добиете бесплатен ручек, но за тоа би требале да чекате во ред два часа. Многумина би го направиле тоа неразбирајќи дека ручекот и не е навистина бесплатен. Сепак, ,,бесплатниот ручек” вие навистина сте го ,,платиле” со два часа од вашиот живот. Тие два часа  можеле да бидат потрошите на работа која би ви донела приход, со кој би можеле да го платите ручекот. Само споредувајќи ги на овој начин дадените опции, ние успеваме да го достигнеме највисокото ниво на корисност во нашите животи.

Често кога ги правиме овие избори, ex-post грешиме и не го достинуваме потенцијалот. Понекогаш и тоа е цената која ја плаќаме на слободниот избор. Но, кога државата го прави истото преку нејзините  политики ,,една големина одговара за сите,” резултатите се сосема различни.

Помислете на минималната плата и ефектите од нејзиното покачување. Претставено ни е дека нејзината намена е раст на доходот на оние со најниски примања. Не се прикажува дека истиот раст доведува до невработеност, токму помеѓу луѓето за кои беше наменета да помогне.Бастиат има кажано ,,постои само една разлика меѓу лошиот и добриот економист: лошиот економист се ограничува само на ефектите кои се гледаат, додека добриот економист ги зема во предвид и ефектите кои се гледаат, но и оние кои не се гледаат”. Во текот на целата негова кариера Бастиат се обидуваше да ги претстави заблудите на лошите економисти, ставајќи акцент не само на ефектите од она што се гледа, туку и на оние од она што не се гледа. Во чест на Бастиат, а со цел воспоставување на нова перспектива за економијата и функционирањето во општеството, објавуваме дел од неговото ремек дело ,,Она што се гледа и она што не се гледа.”

Симон Саревски, дипломиран економист
Програмски асистент на Либертаниа – ЦСП
Постар координатор на Студенти за слобода