Одговорот на Оскар Ланге за критиката на Мизес
извор: cdn.substack.com

Одговорот на Оскар Ланге за критиката на Мизес

Mожноста за економска калкулација во социјалистичките економски системи и случајот на Југославија

III дел: Одговорот на Оскар Ланге за критиката на Мизес

Во трудот „За економската теорија на социјализмот“ (Lange, 1936) Ланге го признава аргументот на Мизес дека во современата и комплексна економија, економската калкулација без присуство на цени, како што Маркс ја замислувал комунистичката економија е невозможна. Но иако таков вид на економски систем е невозможен, сепак економски систем базиран на државна сопственост на факторите на производство е можен. Ланге предлага воспоставување на, како што тој го нарекува пазарен социјализам. Пазарниот социјализам претставува еден таков економски систем каде факторите на производство се во јавна/колективна сопственост, додека пак алокацијата на ресурсите се прави според пазарните принципи.

Ланге ја започнува анализата така што се осврнува на учебничката теорија на економска рамнотежа која покажува како рамнотежата е пресметана во свет на потполна конкуренција. Тој цитира три услови за постигнување на оптимална пазарна состојба. Прво, сите економски субјекти во економскиот систем мораат да ја максимираат нивната полезност врз основа на рамнотежните цени на пазарот. Второ, рамнотежните цени се утврдени врз принципот дека побарувачката за секоја стока е еднаква на понудата. Првиот го нарекува субјективен услов, а вториот објективен услов. Третиот услов покажува дека доходот на потрошувачите е еднаков на продажбата на продуктивни ресурси што ги поседуваат, плус профитот на претприемачите (кој изнесува нула во рамнотежа).

Според неокласичниот принцип Ланге покажува како во потполна конкуренција субјективниот услов на рамнотежа е достигнат кога потрошувачите ја максимираат нивната полезност, а произведувачите го максимираат профитот. Во тој случај потрошувачите го изедначуваат односот помеѓу нивните гранични полезности  со цените за сите стоки, додека во вториот случај произведувачите го изедначуваат односот на граничните производности со цените за секој фактор на производство, при што граничниот трошок е еднаков на цената на производот. Вкупниот индустриски аутпут се остварува врз основа на слободен влез и излез на пазарот каде вкупниот аутпутот е еднаков со просечниот трошок за производство. Од ова може да се изведе вкупниот аутпут и побарувачката за стоките и факторите на производство на пазарот кој централното планско тело може да го користи за да стигне до оптимална пазарна состојба.

Ланге претставува како третиот услов ни кажува како доходите на потрошувачите се утврдени од цените на услугите на продуктивните ресурси и профитите така што цените остануваат како единствена варијабла со која се утврдува побарувачката и понудата на стоките. Служејќи се со вториот услов кој вели дека побарувачката е еднаква на понудата може да се утврдат сет на цени што го урамнотежуваат пазарот преку конкуренцијата. Според Ланге теоретското решение за проблемот на рамнотежата во конкурентскиот пазар се состои од условот дека, ако понудената и побаруваната количина се нееднакви тогаш конкуренцијата дејствува на тој начин што после одредено време таа доведува до изедначување на понудата и побарувачката, односно до постигнување на економската рамнотежа.

Според Ланге конкуренцијата во суштина претставува еден процес на обиди и грешки со чија помош се постигнува рамнотежа на пазарот. Оттука во пазарниот социјализам конкуренцијата ќе се замени со фактички процес на обиди и грешки. Тоа би се остварувало на следниов начин. Прво, како правило мора да се симулира моделот на совршена конкуренција. Тоа значи дека централното планско тело мора да даде инструкции на различните менаџери во државните претпријатија кои се задолжени за производството да одберат која комбинација на фактори на производство ги минимизира просечните трошоци за производство. Потоа, во вториот чекор мора да се симулира принципот на максимирање на профитот, односно во овој случај централното планско тело ќе им даде инструкции на менаџерите да произведат на она ниво на аутпут во кое граничните трошоци ќе бидат еднакви на цените. На крај, во третиот чекор мора да се симулира принципот на слободен влез и излез од индустријата за да се максимира вкупното индустриско производство. Тоа се прави со користење на вториот услов за сите менаџери во пазарно-социјалистичката економија, при што од тука може да се утврди дали одредената индустријата треба да се проширува или да се стеснува. Во пазарниот социјализам за да се утврдат цените на факторите на производство мора да постои пазар со чија помош ќе се утврдат цените на потрошувачките добра и платите на работниците и според тие цени тогаш централното планско тело ќе ги фиксира цените на факторите на производство.

На овој начин не само што може да се постигне она што пазарот го постигнува, туку и пазарниот социјализам ќе биде поефикасен од капиталистичкиот затоа што во секоја индустрија ќе има потполна конкуренција за разлика од капиталистичките, каде во различни индустрии постојат различни пазарни услови (монополистичка конкуренција, монопол и олигопол).

Текстот е преземен од личниот блог на авторот, и можете да го најдете тука.

Илија Васиљески,
Либертаниа