Пат до пеколот – Шведска верзија
Photo by Jon Flobrant on Unsplash

Пат до пеколот – Шведска верзија

Eкономскиот раст, шведскиот пат до просперитет и лекции за Македонија

Дел 4: Пат до пеколот – Шведска верзија

Денес, Шведска има репутација на земја со високи даноци, високи социјални трансфери, високо ниво на доходна еднаквост, а сепак е земја со високо ниво на БДП по глава на жител. Тоа ја прави мета, како на политичките елити така и на обичните луѓе, за тоа како правилно да се води една држава. Меѓутоа, ретко кој од истите оние кои го пропагираат шведскиот модел знаат на кој начин дојде до високото ниво на доход кое го уживаат Швеѓаните денес. Можеби уште поважно, ретко кој знае за цената која Шведска ја плати со воведувањето на државата на благосостојба во почетокот на 1970-тите години.

Стогодишниот период од 1870 до 1970 претставува златната доба на Шведска. Тоа е период во кој Шведска забележува раст на продуктивноста од седумнаесет пати, што воедно е и најбрзиот економски раст во светот. Претставено поинаку, ако во почетокот на XX век доходот по глава на жител во Шведска беше 40 до 50 % помал во однос на оној во Обединетото Кралство, во почетокот на 1970-тите Шведска се наоѓа на четвртото место во светот, мерено според истата мерка, заостанувајќи само зад Швајцарија, САД и Луксембург.

Како последица на големата депресија, непосредно пред Втората светска војна се забележува зголемувањето на улогата на државата. Ако тогаш се направи пресек, повторно ќе ја добиеме истата слика. До тогаш, Шведска расте најбрзо помеѓу индустрискиот свет, а во 2019 година се наоѓа на 13-то место помеѓу најразвиените земји во светот.

Но, важно е да се напомене дека  државата на благосостојба не доаѓа преку ноќ. Иако улогата на државата постепено се зголемува, Шведска е сеуште релативно слободна пазарно-ориентирана земја. Токму во 1970-те државата на благосостојба зема замав, политиките драстично се менуваат, фискалното оптоварување и владините трошења достигнуваат високи нивоа, дури и кога ќе се споредат во однос на останатите индустријализирани земји.

„Креативно уништување“, претставува заменување на долгогодишна пракса на работа и нејзина замена со нов попродуктивен начин на работење. Термин кој звучи навидум парадоксално, во обид да се објасни пазарниот механизам кој води до напредок и економски раст, тој ќе биде користен од генерации економисти, откако за прв пат ќе бииде искористен од страна на Јозеф Шумпетер.

Кога рацете на претприемачите им се одврзани, а на пазарниот механизам му е дозволено да функционира, пазарот претставува бојно поле каде што оние кои најдобро ги задоволуваат потребите на потрошувањето испливуваат на површината. На тој начин нови компании се создаваат и растат, рака под рака со растот на работните места, нешто што изостанува при централно планирање и контрола на бизнис секторот.

Шведска го осети негативниот ефект од контролата и тешкотијата при функционирањето на бизнисот на своја кожа. Ако погледнеме на стоте компании  со највисоки приходи во 2004-та година ќе забележиме дека само триесет и осум се започнати како приватно-поседувани компании. Најстрашно е што само две од тие триесет и осум компании се основани по 1970-та година. Доколку пак погледнеме на стоте компании со најголем број на вработени, нема да можеме да најдеме ниту една од нив која е основата како приватно-поседувана компанија по 1970 година.

Условите за основање нови компании се екстремно неповолни во периодот од раните 1970-те години се до средината на 1990-те години. Апсурдот е толку голем до тој степен, што фамилијарните бизниси знаеле да се соочат со маргинална даночна стапка од 137%. Тоа значи дека како бизнисмен, вие би биле приморан да платите 37% повеќе од она што сте го заработиле. Познатата авторка на детски книги Астрид Линдгрен, инсиприрана од 102% проценти данок кои ќе ги плати во 1976 година ќе напише едно сатирично дело „Помперипоса во светот на парите“, што ќе доведе до жестока јавна дебата во Шведска. Состојба во која се наоѓа Шведска кулминира со поразот кој ќе го доживее шведската социјал-демократска партија на престојните избори, нешто што им се немаше случено повеќе од четириесет години.

Овој модел на високи даночни стапки покрај тоа што влијае негативно на економскиот раст влијае негативо и на растот на вработувањето во државата. Имено, и покрај растот на бројот на населението, до средината на 1990-те години, Шведска забележува негативен раст од половина милион работни места во приватниот сектор во однос на 1970-та година. Тоа значи, шведскиот приватен сектор вработува повеќе луѓе во 1970-та година отколку во било која година се до почетокот на XXI век.

На овој начин голем дел од работниците во приватниот сектор се истиснати за сметка на вработувањата во државниот сектор. Кога на тоа ќе се додадат демографските промени и зголемената социјална поддршка, безмалку четирикратно се зголемува товарот врз работниците од приватниот сектор. Ако во 1960-та година секој вработен во приватниот сектор на свој грб носи 0.38 лица, кои поголемиот дел од својот доход го примаат од јавниот сектор, во 2009 година таа бројка изнесува 1.44.

Во 1970-те години Швеѓаните се одлучија да експериментираат со државата на благосостојба, тргнувајќи на нов пат проследен со високи даноци, високи економски транфери. Голем дел од луѓето се застанати во 1970-те и 1980-те години од минатиот век кога се работи за Шведска. Бидејќи на повеќе начини скапо ја платија цената на екпериментот, во средината на 1990-те години беа приморани да се вратат на веќе докажаниот модел. Тоа вроди со плод и Шведска може да се пофали со високото 19-то место во светот на кое се наоѓа во 2019-та година на Индексот на економски слободи на Херитиџ Фаундејш. На Индексот на светската банка кој ја мери леснотијата за водење бизнис Шведска се наоѓа на десеттото место. Шведска не е отсекогаш богатата земја која ја знаеме денес.  Повеќе од еден век пазарот беше „кралот на Шведска“ кој му ги отвори вратите на претприемачкиот дух и просперитетот кој следеше. Кога пазарот си го врати приматот на крал, Шведска повторно тргна на патеките од златнота доба на просперитетот. 

Користени извори:

Simon Sarevski

Симон Саревски,
Либертаниа – ЦСП