Извор: www.wallpaperflare.com

Политички триаголник на јавно мислење за државата


Политички триаголник на јавно мислење претставува политички спектар, втемелен врз основа на политички квиз, кој има за цел да го изрази јавното мислење, односно мислењето на испитаниците (граѓаните) за улогата на државата во општеството. Истиот претставува истражувачки метод за собирање и анализа на податоци за политичко-идеолошките гледишта на испитаниците, односно јавното мислење, со посебно осврт на мислењето на испитаниците за улогата на државата во општеството. Со доволен и репрезентативен број на испитаници, квизот или триаголникот може да се користи како база на податоци, од која дополнително ќе се развие општ Овертонов прозорец за улогата на државата во општеството.

Методологија

Истражувањето на јавното мислење, односно процесот на развивање на Овертонов прозорец за улогата на државата, започнува со изработка на анкетни тврдења, кои испитаниците треба да ги оценат од 1 до 5, каде што 1 е воопшто не се согласувам со тврдењето и 5 е апсолутно се согласувам со тврдењето. Сите тврдења се поврзани со ставови за различните улоги на државата во општеството, и соодветствуваат со определени функции на државата, а аналогно на тоа имаат левичарски или десничарски карактер. Собраните податоци може да се искористат за изработка на повеќе посебни областни прозорци, кои се сумираат во еден општ Овертонов прозорец на улогата на државата. 

Од друга страна испитаниците, со завршувањето на вреднувањето, секој поединечно, ќе добие посебна локација во политичкиот триаголник, која би требало да е израз на неговата или нејзината генерална перцепција за улогата на државата во општеството, кој конкретен вид на држава го подржуваат и аналогно на тоа, која е нивната политичко-идеолошка провиниенција.

Анкетен прашалник

Анкетниот прашалник, врз кој е основан политичкиот триаголник, односно политичкиот квиз е составен од 28 тврдења, во непосредна или посредна врска со улогата на државата, кои испитаникот треба да ги оцени со 1 до 5. Оцената 1 се селектира, доколку испитаникот воопшто не се согласува со тврдењето, додека пак оцената 5, доколку испитаникот потполно се согласува со тврдењето. Во таа насока се и останатите оцени, како 2, 3 и 4. 

Врз основа на природата на државното мешање во животите на граѓаните и нивните делувања, претставени како општествени односи, може да се издвојат две димензионирања на мешањата, и тоа лева и десна. Државно мешање од десна димензија може да се поистовети со неколку функции на државата, и тоа Духовно-идентитетската, Безбедносно-правосудната и Воспитувачко-етичката функција. Од левата димензија, содржи функции како Економско-финансиска, Социјално-здравствена, Образовно-културна и Еколошка функција. Десничарството во политиката и идеологијата, обично се поврзува  со традиција, национален идентитет, духовно поврзување, заштита на идентитетот итн. Од друга страна левичарството, се поврзува со централизирана распределба, грижа на државата за здравјето, образованието, културата, социјалните случаи, и сл. Тврдењата се поделени според определените функции на државата. Во друг текст ќе се даде дополнителен осврт на мешањето на државата во човековите животи и општествените односи, претставени преку наведените основни функции кои таа ги извршува во општеството.

Сите 28 тврдења и нивните оцени, аспектираат определено мешање, кое графички може да се изрази на вертикалната оска горе-долу, а во однос на конкретното тврдење, тој изразен етатизам, може да има лева или десна димензија, дополнително изразена на хоризонталната оска лево-десно. Доколку етатизмот е изразен во однос на Духовно-идентитетската, Безбедносно-правосудната и Воспитувачко-етичката функција, истиот има десен карактер, односно е лоциран долу и десно, а доколку истиот е изразен во однос на Економско-финансиска, Социјално-здравствена, Образовно-културна и Еколошка функција, лоциран е долу и лево. Про-слободарските оцени на тврдењата имаат тенденција да го лоцираат испитаникот на горе на вертикалната и во центарот на хоризонталната оска.

Тврдењата може да изгледаат вака:

Десно I. Духовно-идентитетска функција
1. Државата е израз на заедничкиот идентитет.
2. Државата, тоа не сум јас, тоа е некоја криминална банда.
3. Спремен сум да го дадам животот за мојата држава.
4. Бездржавно општество е праведно и подобро се живее во него!
5. Државата пред се!

Десно – II. Безбедносно-правосудна функција
6. Повеќе полиција, помалку правда!
7. Војската мора да биде задолжителна!
8. Националната безбедност е секогаш побитна од човековите права.
9.  Државното судство е осудено на постојана корупција.
10. Границите мора да се укинат!
11. Поддржувам смртна казна.

Десно – III. Воспитувачко-етичка функција
12. Порно филмовите треба целосно да се забранат.
13. Проституцијата треба да биде потполно легална професија.
14. Сите дроги треба да бидат легални.

Лево – IV. Економско-финансиска функција
15. Потребна е национализација на приватниот бизнис сектор за подобра економија.
16. Јавните претпријатија треба да бидат носител на економијата во државата.
17. Слободниот пазар не е идеален, но нема подобра алтернатива.
18. Даноците се кражба, затоа што се изнудени од страна на државата.

Лево – V. Социјално-здравствена функција
19. Државата мора се грижи за сите сиромашни.
20. Држава треба да го организира целокупниот здравстен, културен и социјален систем.
21. Придонесите треба да бидат доброволни (да ce добива бруто плата).
22. Повеќе приватни болници за подобро здравство.

Лево – VI. Образовно-културна функција
23. Државата треба да се грижи за образование на децата од најмала возраст.
24. Јавното образование е по дефиниција подобро од приватното образование.
25. Ни основното образование не смее да биде задолжително, а камоли средното.
26. Културните институции не треба да бидат буџетски корисници.

Лево – VII. Еколошка функција
27. Потребни се најригорозни санкции за загадувачите на животната средина.
28. Треба да се приватизираат природните ресурси, како начин за нивна заштита.

Триаголник на јавно мислење за државата

Од политичкиот триаголник произлегуваат или пак истиот е основан врз голем број на концепти. Првата група се однесува на концептуалните видови на држави кои се наоѓаат во триаголникот, втората група се однесува на идеологиите или теориите кои го оправдуваат конкретниот вид на држава, и третата група се однесува на концептуални триаголници кои се издвојуваат внатре во триаголникот.

Слика 1: Политички триаголник на јавно мислење за државата (дизајн на авторот)
Табела 1: Табеларен приказ на држави и идеологии во триаголникот (дизајн на авторот)

Концептуални видови на држави и идеологии

Во однос на државите или алтернативата на држава (анархија), во триаголникот се појавуваат повеќе концептуални видови на држави, кои одговараат на определен вид на јавно мислење за улогата на државата во општеството. Тоа се:

Тоталитарна или тотална држава е сместена најдолу на вертикалната оска (точка 0) и на средина на хоризонталната оска (точка 0). Таа се одликува со најниско ниво на слобода на поединците, најголема држава, односно држава со огромни ингеренции на мешање во човековите животи и општествените односи, како и држава која во голема мера се ослонува на насилство во регулирањето на односите и решавањето на општествените проблеми. Во сите претходно напоменати функции, нивото на мешање е највидно изразено. За овој вид на држава, вредно да се напомене е тоа што истата нема лева или десна димензија, и е позиционирана во центарот на хоризонталната оска. Теориски гледано, овој вид на држава, концептуално одговара на идеологијата на национал-болшевизам, заговарана од Александар Дугин, или пак идеологијата на национал-социјализам, во кои се комбинираат тотални етатистички елементи од двете идеолошки страни, и лева и десна.

Социјалистичка или лева автократска држава е сместена погоре од тоталната на вертикалната оска во точката 1, и лево на хоризонталната оска, во точката -А. Таа се одликува истот така со мала слобода и со изразено државно мешање во левата димензија, т.е. во Економско-финансиска, Социјално-здравствена, Образовно-културна и Еколошка функција, додека за степен поголема слобода од државно мешање во десната димензија, односно во Духовно-идентитетската, Безбедносно-правосудната и Воспитувачко-етичката функција. Тоа е така, затоа што теоретски, комунистичката држава е воспоставена врз вредноста на интернационалнизам. Исто така, теоретска подлога за овој вид на држава е социјализмот или марксизмот, кои го отфрлаат слободниот пазар како најефикасен регулатор на човековите односи, а го етаблираат концептот на централно политичко планирање, како на економските, така и на пошироките општествени односи.

Фашистичка или десна автократска држава, е сместена, исто така погоре од тоталната на вертикалната оска во точката 1, и десно на хоризонталната оска, во точката А. Таа се наоѓа на исто ниво на вертикалната оска, како и комунистичката држава, но со поизразена десна димензија на државно мешање, односно улога на државата во општеството. Овие држави владеат во дух на национализам и конзервативизам, односно нивната повреда над човековите слободи е оправдана со националистичка, конзервативна или традиционалистичка реторика. Аналогно, тие се базираат на идеологиите на фашизам и/или милитантен автократски национализам.

Автократска држава, е сместена, исто така погоре од тоталната на вертикалната оска во точката 1, и во центарот на хоризонталната оска, во точката 0. Таа се наоѓа на исто ниво на вертикалната оска, како и социјалистичката и фашистичката држава, со преовладувачки елементи од двете димензии. Таа е слична на тоталната држава, со малку поголемо ниво на човекова слобода, и помало од тоталното државно мешање во животите и односите на поединците. 

Социјалната или социјал-демократската држава, е сместена, погоре од автократската држава, на вертикалната оска во точката 2, и лево на хоризонталната оска, во точката -B. Овој вид на држава подразбира поголеми државни мешања во левата димензија, односно во економијата, социјалата, образованието и културата, а помали мешања во однос на десната димензија, или иденитетот, безбедноста и етиката. Овој тип на држава е базиран врз идеологијата на либерален велферизам или социјал либерализам, која го комбинира либерализмот со засилени мешања на држава во однос на социјални трансфери, здравствена и образовно-културна политика.

Национална или национал-либерална држава, е сместена погоре од автократската држава, на вертикалната оска во точката 2, и десно на хоризонталната оска, во точката В. Овој вид на држава подразбира поголеми државни мешања во десната димензија односно во зајакнувањето на националното единство, додека помали државни мешања во економијата, помали државни трансфери и социјални прераспределби. Овој концепт за држава е базиран врз идеологијата на либерален национализам, која го спојува економскиот либерализам со посилна идентитетска, безбедносна и етичка улога на државата. 

Либерална држава, е сместена погоре од автократската држава, на вертикалната оска во точката 2, и на хоризонталната оска, во точката 0. Овој вид на држава подразбира балансирани државни мешања од лева и од десна димензија. Базиран е врз идеологијата на модерен или современ либерализам

Социјална минимална држава, е сместена погоре од либералната држава, на вертикалната оска во точката 3 и лево во точката -А и се карактеризира со прилично мали државни мешања од десната димензија, а малку поголеми од левата, во однос на социјални трансфери и помош на оние најпогодените во општеството. Се основа врз идеологијата на блидинг харт или социјален либертаријанизам

Минимална држава, е сместена погоре од либералната држава, на вертикалната оска во точката 3 и хоризонтално во точката 0 и се карактеризира со прилично мали државни мешања од левата и десната димензија. Надлежностите на овој вид на држава се поврзани со безбедноста и остварување на правдата на граѓаните. Се основа врз идеологијата на класичен либерализам

Конзервативна минимална држава, е сместена погоре од либералната држава, на вертикалната оска во точката 3 и хоризонтално во точката А и се карактеризира со прилично мали државни мешања од левата и малку поголеми во десната димензија.Се основа врз идеологијата конзервативен либертаријанизам.

Ултра минимална држава, е сместена за половина степен погоре од минималната држава, на вертикалната оска во точката 3.5 а на харизонталната во точката 0 и се карактеризира со најмали државни мешања, од сите наведени видови на држави. Идеолошката основа за овој концепт на држава е либертаријанизмот или слободарството, како и други слободарски теории, сфатени во ултра-минархистичка смисла.

Бездржавие, или анархија, е сместена најгоре на триаголникот, во точката 4 од вертикалната оска и во центарот на хоризонталната оска или точката 0. Ова е единствената општествена состојба во триаголникот, во која не постои држава, а односите се исклучиво регулирани врз основа на слободниот пазар. Идеолошка основа на анархијата или бездржавието е анархизмот, анархо-капитализмот и/или индивидуалистичкиот пазарен анархизам

Триаголници на концептуални видови на држави и идеологии

Во самиот триаголник на јавно мислење за државата можат да се исцртаат 4 помали триаголници, кои истовремено претставуваат концепти за држави и идеологии. Првиот и вториот триаголник се оние кои се поврзуваат со држава-мајка и држава-татко

– Триаголникот држава-мајка, кој графички е прикажан во долниот дел од вертикалната оска и левиот дел од хоризонталната оска, помеѓу точката 0, 2 на вертикалната и точката – В и на хоризонталната. Концептот на држава-мајка се однесува на оние држави кои со своите мешања, пред се во економијата, но и општесвото во целина, играат улога на родител – мајка, односно се грижат за своите граѓани, преку најразличните социјални трансфери и прераспределби, преку организирање на образовниот и здравствениот систем, како и стимулирање и субвенционирање на културни дејности. Аналогно, овој вид на држава може симболички да се поистовети со улогата на мајка, затоа што неговата грижа е поблага. Екстремниот вид е претставен од тоталитарната или тоталната држава, најдолу на вертикалната оска.

– Триаголникот држава-татко, кој графички е прикажан во долниот дел од вертикалната оска и десниот дел од хоризонталната оска, помеѓу точката 0, точката 2 на вертикалната и точката В на хоризонталната. Концептот на држава-татко се однесува на оние држави кои со своите мешања во општеството во целина ја играат улогата на татко, односно ги поттикнуваат граѓаните да се идентификуваат со заедништвото, ја воспеваат улогата на заедницата (државата, нацијата и фамилијата), а од друга страна покажуваат помала непосредна грижа за истите, што не е случај со државата-мајка. Аналогно, овој вид на држава може симболички да се поистовети со улогата на татко, затоа што неговата грижа е посурова и очекува некаква жртва за заедницата/фамилијата. И тука, екстремниот вид е претставен од тоталитарната или тоталната држава, најдолу на вертикалната оска.

Слободарски триаголник претставува поширок идеолошки триаголник, кој го опфаќа горниот триаголник од спектарот, односно точките -В и В од хоризонталната оска и точката 4 од вертикалната оска. Истиот ги прикажува идеологиите како и концептите за држави кои тежнеат кон идеолошката тенденција на слободарството, или либерализмот, либертаријанизмот, па се до анархизмот.

Етатистички триаголник претставува поширок идеолошки триаголник, кој го опфаќа горниот триаголник од спектарот, односно точките -В и В од хоризонталната оска и точката 0 од вертикалната оска. Истиот ги прикажува идеологиите како и концептите за држави кои тежнеат кон идеолошката тенденција на тоталитаризам, односно комунизам, фашизам, авторитаризам, национализам и велферизам.

Овертонов прозорец за улогата на државата

За да се пристапи кон изработка на општ Овертонов прозорец на улогата на државата, потребно е да се соберат податоци од репрезентативен број на испитаници, кои ќе ги оценат тврдењата на политичкиот триаголник на јавно мислење за државата. Oвертоновиот прозорец за улогата на државата би претставувал рефлексија на јавното мнение, и тоа во однос на прашањето за улогата на државата, односно што треба, а што не треба да прави државата, кон граѓаните на нејзината територија и нивните дејствија во рамки на општеството или општествените односи во кои учествуваат. Едноставно, истиот треба да покаже каков концептуален вид на држава, поголемиот број од граѓаните посакуваат.