Приказна за два економски светогледа


Приказна за две економски школи: Австриска и Чикашка

На 27.05.2021 во организација на Студенти за слобода беше одржан вебинар на тема „Австриска и Чикашка: Приказна за две (економски) школи”. Гости на вебинарот беа Ричард Ебелинг и Јохан ван Офертфелд. Ричард е поранешен претседател на Foundation of Economic Education, виш научен соработник во American Institute for Economic Research и професор по Етика и слободни пазари во The Citadel. Јохан е новинар и политичар, дел од Нова Фламанска Алијанса кој воедно и беше министер за финансии на Белгија во периодот од 2014-та до 2018-та година. Ричард ја претставуваше Австриската економска школа, додека Јохан ја претставуваше Чикашката економска школа, а модератор на дискусијата беше Симон Саревски од Либертаниа и  Austrian Economics Center.

Привиот дел од вебинарот беше посветен на техничкиот дел од дискусијата каде што гостите ги претставија школите и методологијата која ја користат за доаѓање до заклучоците. Навлегувајќи подлабоко во различностите, се префрливме на предностите и слабостите на секоја од школите. Но, да не заборавиме, сепак и двете школи важат за школи кои застануваат во одбрана на слободните пазари од каде се премина и на расправата токму за делот во кој двете школи се сретнуваат.

Меѓутоа, едно е да се разговара за теорија, а сосема друга е праксата и она што ни овозможува светот во кој живееме да имплеметираме, без оглед колку е теоријата точна. Пандемијата со која се соочуваме и економската криза која следеше потоа ни овозможија да излеземе од акадeмската дискусија и да се вратиме во светот во кој живееме. Со своето политичко искуство Јохан беше перфектниот гостин за ваков тип на прашања, нагласувајќи ја важноста на Чикашкиот пристап, односно носење одлуки во неперфектен свет.

Австриската економска школа е богата традиција која оваа година ја бележи својата 150 годишнина. Чикашката школа можеби ја нема таа долга традиција, меѓутоа тоа не ја прави помалку важна. Да не заборавиме, во повоените години на чело со Милтон Фридман токму економистите од Чикаго беа најзаслиужни за промените кои следеа, пред се за време на стагфлацијата од 1970-те години. Од една страна, Мизес и Хајек беа оние кои се обидоа во академската сфера да ја докажат невозможноста на централното економското планирање. Од друга страна, токму економистите од Чикаго беа најзаслужи за убедувањето на граѓаните од целиот свет за неминовниот социјалистички пропаст.

Оваа дискусија можете да ја најдете на фејсбук страна на Студенти за слобода тука, а онаа од пред седум дена каде што се разговараше за Австриската економска школа и COVID-19 пандемијата можете да ја најдете тука. Ако „потрошите“ 65 минути за да ја проследите дискусија, верувајте, нема истите да бидат залудни. Нема да зажалите! 

Tags: чикашка економска школа, австриска економска школа, ковид