Protesti vo Gruzija
Извор: www.euractiv.com

Протести во Грузија против нацрт законот за „Странски агенти“


Илјадници луѓе излегоа на улиците во Тбилиси, Грузија, на 7-ми март со цел да го икажат своето незадоволство и да протестираат против контроверзниот нацрт закон за „странски агенти“. 

Што значи нацртот? Според нацртот, формално именуван како „Закон за транспарентност на странско влијание“ организациите кои добиваат пари или подршка од странски основачи, и таа подршка изнесува најмалку 20% од нивните годишни приходи, ќе бидат етикетирани како „агенти на странско влијание“. Законот би се однесувал на сите некомерцијални правни лица во Грузија, или невладините организации. Властите го оправдуваат носењето на законот, под параванот на борба против странските интереси во Грузија, и зајакнување на грузиските национални интереси.

Како и во регионот (Русија), така и во Грузија, овој термин на „агенти на странско влијание“ има негативна конотација и обично се толкува како странски шпиун. Покрај етикетата, нацртот воведува и неколку нови обврски за овие организации, ги проширува овластувањата за супервизија на министерството на правда, и воведува казни за кршење на обврските од законот. Овој закон би го загрозил постоењето и функционирањето на многу организации, а со тоа и самото граѓанско општество во Грузија, со оглед на фактот дека истите имаат финансиска подршка од фондови на Европската унија, фондови на Обединетите нации, како и други приватни (не-државни) фондации, што е случајот со нашите другари од Студенти за слобода – Грузија. 

Критичарите на нацртот, наведуваат дека сличен закон постои во Русија, каде што организациите или поединците кои примаат странска подршка се етикетирани, а и властите имаат пристап кон нив како странски агенти. 

Протестите, повторно зазедоа место во средата, на 8-ми март, во склоп на маршот за одбележување на Меѓународниот ден на жената. Демонстрантите носеа Грузиски и знамиња на Европската унија, движејќи се кон парламентот на Грузија и извикувајќи „Не за Руски закон“. 

Нашите другари од меѓународната студентска мрежа Студент за слобода, од Грузија, исто така беа дел од масите кои протестираа, повикувајќи за слобода и против контрола од страна на политичките власти.

Како дел од ова слободарско семејство, покажуваме солидарност со нашите другари од Грузија, и повикуваме за повлекување на контроверзниот закон, кој длабоко ги повредува правата на човекот, на нивна сметка ја зајакнува државната контрола и му овозможува на властите да се пресметуваат со политичките неистомисленици.

НЕ ЗА РУСКИ ЗАКОН! #NotoRussianLaw