Извор: www.thibaultisabel.com

Прудон и слободарскиот социјализам – Оксиморон или доследност?

Што e слободарски социјализам или либертаријански социјализам, дали е оксиморон на две спротивставени идеолошки тенденции, или пак доследен концепт, во кој истите се надополнуваат? Значаен обид за одговор на оваа дилема дава Прудон, преку неговите дела и активизам.

Пјер Жозеф Прудон, првиот самопрогласен анархист, а воедно и федералист и социјалист, е роден 1809 година (15 јануари) во Франција, и е еден од најголемите идеолози, како на социјализмот, така и на слободарството, своевремено. Неговиот амалгам, од овие навидум спротивни и заемно исклучиви идеолошки тенденции, го нарекува мутуализам.

Прудон верува дека слободата е мајка на поредокот, не негова ќерка, и аналогно, децентрализирано и слободарско уредување на општество би вродило во исто кое е социјалистичко (или социјално) по својата природа, со рамномерно и праведно распределени ресурси, релативно поголема еднаквост, солидарност меѓу поединците, социјална правда, зацементирани со правото на самоуправување. 

За разлика од доминантните социјалистички тенденции, кои како своевремено, така и во современи услови, се залагале и залагаат за политички (државен) социјализам, односно социјализам воспоставен од централизиран политички авторитет, Прудон е протагонист на замена на политиката со економија, централизацијата со децентрализација, колективот со индивидуалност, и авторитетот со слобода. Дотолку повеќе Прудон се противи и на утопизмот на социјалиститите, рефлектиран во фарсата за општествен инжинеринг и создавање на нов човек, насочен од вештачка потреба за централизирано решавање на општествени проблеми и лични потреби. Себеси се квалификува како реформист, и е поборник на личната револуција која е ненасилна и субјективна, и во целост доследна на реформизмот, како обид за инкрементална и градуелна промена на општествената реалност.

За разлика од современите слободари, или либертаријанци и тогашните либерали (како на пример Бастиат, со кого дебатирале и се препукувале преку писма), Прудон има доста контроверзен став кон приватната сопственост, врзувајќи ја со експлоатација и нерамномерна распределба на ресурсите во општеството. Најголемиот дел од конфликтот е насочен кон каматите и рентите, како цени на кредитите и земјата и како незаслужен приход на капиталистите и плод на капиталот. Позната е неговата фраза, која ја овековечува во неговото најпознато дело – сопственоста е кражба. Но сепак, тој не е тотален непријател на сопственоста (за разлика од комунистите и колективистичките анархисти), и промовира таканаречената лична сопственост, производ на човековиот труд, неопходна за независност и достоинствен живот на секој поединец, поистоветувајќи ја со слобода (сопственоста е слобода). 

Она што го вметнува Придон во слободарските мислители, иако лев по карактер со проблематичен однос кон сопственоста, е неговиот став кон државата и политичката власт како концепт и реалност. Тој пропагира скоро целосно заменување на државата со таканаречени доброволни федерации на работнички совети, поставени од долу кон горе (bottom-up), кои децентрализирано и економски би го уредувале општеството, со доследна примена на принципот на самоуправување. 

Местото кое Прудон го зазема во слободарството е недвосмислено, а истото е втемелено на фактот што инспирирал плеада на мислители и активисти, кои дополнително го градат слободарството и антиетатизмот како широка идеолошка тенденција. Станува збор за индивидуалистичкиот или пазарен анархизам во Америка, во делата на Бенџамин Такер, Лисандер Спонер и ред други, а подоцна и радикалната тенденција на анархо-капитализмот на Џеј Нок, Ротбард и Фридман. Бенџамин Такер е силно инспириран од делата на Прудон, за прв пат го преведува на англиски јазик, и го прави достапен на читателите и идните активисти во Америка, на што во голема мера се должи и појавата на поинаков вид на анархизам, различен од оној европскиот кој е утопистички – а тоа е аналитичкиот (реален) анархизам.

Прудон е показател дека слободарството или либертаријанизмот е, и треба да биде широка идеолошка тенденција (big tent approach), која нуди место за различни оправдувања и толкувања на слободата, но сите со две основни нишки: приоритет на поединечниот или личниот суверенитет, и скептичност кон секаков вид на политички авторитети и проекти на општествено-политички инжињеринг.

Во прилог, некои од делата на Прудон:

What is Property? An Inquiry into the principle Right and of Government

The Federative Principle and the Need to Reconstitute the Party of Revolution

–  Beyond Nationalism and Territorialism

The Philosophy of Poverty

The General Idea of the Revolution in the 19th Century

Дополнително и некои слободарски (либертаријански) перспективи за Прудон