Симболите на слободата
www.quotefancy.com

Симболите на слободата

“Symbols are powerful because they are the visible signs of invisible realities.”

Saint Augustine

Потрагата по генеричка природа на човекот има своја богата повест во рамките на филозофските напори да се дојде до она што ја определува човековата суштина per se. Во голем број на книги и енциклопедиски прилози, човекот најчесто се определува како homo sapiens. Оваа антрополошка позиција уверува дека тој е суштество кое има разум и врз негова основа, способност за свесно и организирано поведение. Меѓутоа, уште Аристотел во неговата книга Политика посочи на една многу позначајна супстанцијална одлика на човекот. Имено, за древниот филозоф од Стагира, човекот по природа е zoon politicon (грч. ζῷον πολιτιϰόν) или политичко животно предодредено за живот во организирана општествена и политичка заедница. Од друга страна пак, во рамките на животот во организираното општество, се воочува уште едно значајно конститутивно својство на човекот во смисла на неговата изворна способност да создава симболи. Германскиот филозоф Ернест Касирер во неговата книга Есеј за човекот уверуваше дека човекот е animal simbolicum. Имено, за него поимот симбол е клучен за разбирањето на човековата природа, бидејќи функцијата на човековиот дух квалитативно се остварува како функција на произведување симболи или симболичка репрезентација која во суштина е самоостварување на духот на човекот.  Па оттука, ако ги прифатиме овие антрополошки погледи и се согласиме дека човекот по природа е и политичко и симболичко суштество, тогаш ниту една размисла за политичките вредности, ориентации и ставови и ниту еден обид за разбирање на човекот и неговиот свет не смее да го пренабрегне политичкиот симболизам како систем на идеограми кои ги репрезентираат политичките стојалишта, позиции, идеолошки уверувања и концепти на човекот. Релевантноста на истражувањето на политичкиот симболизам се состои во следново. Разбирајќи ја историјата и техниката на создавањето на политичките симболи и разбирајќи го симболичкото самоостварување на човековиот политички дух, ние истовремено го сфаќаме светот на политичкото и политичка култура како сооднос на субјективната страна на политиката со политичкото сознание за јавната ствар. Разбирајќи го политичкото како свест за јавната ствар и политичката култура, се разбираме себе си и сопственото место во политичкиот космос. А таквото разбирање е клучно, бидејќи ни ги дава смерниците на нашето политичко делување.

Политичките симболи по дефиниција се семантички ентитети кои го овозможуваат процесот на оформувања на значења во политичката комуникација.

Имаат два конститутивни елементи: означител (знаме, грб, боја, слика, фигура, банер, акроним, мото, лого, слоган и др.) и од означено т.е. идеја, идеологија, концепт, замисла, стојалиште, позиција, верување, поим, вредност и сл. Како и останатите симболи, така и политичките симболи како материјални носители на нематеријална смисла и значење се: 1) арбитрарни – односот помеѓу означителот и означеното е прозиволен или спогодбен, 2) апстракни – воопштено претставуваат цела класа елементи и 3) амбигвитетни (анг. ambiguity) – податливи на различни интерпретации. Првата и наједноставна политичко-симболичка сигнификација се оформува во боите како официјален или неофицијален израз на политичките вредности, идеологии, движења, партии и сл. На пример: црната боја се врзува со анархизмот симболички толкувајќи го црното како отсустсво на угнетувачки структури и форми на надреденост. Црвената боја ја симболизира пролеаната крв на работникот во борбата за неговите права и се доведува во сигнификациска релација со социјализмот и комунизмот како политички идеологии. Припадниците на десниот центар и конзервативците се означуваат со плавата боја, демо-христијаните со портокаловата боја како симбол, виолетовата боја е симбол на анархо-феминизмот. Зелената боја очигледно е симболот на еколошките партии, политички организации и групи за заштита на животната околина. Белата боја како симбол на мирот се доведува во релација со политичките стојалишта на пацифистите итн. 

Во поглед на либерализмот и либертаријанизмот, симболичкото репрезентирање преку боите е со доминацијата на жолтата боја. Една од интерпретациите е дека жолтата боја го репрезентира златниот стандард како монетарен систем во којшто парите во оптек имаат фиксно покритие во златото. Додека втората интерпретација се однесува на уверувањето дека жолтата боја ја претставува идејата за неприкосновената вредност на приватната сопственост. Во либертаријанската типографија, хералдика, вексилологија и фигурална репрезентација често се комбинираат жолтата и црната боја со значење на отсустство од угнетувачки структури и други форми на репресија врз сопственоста и капиталот како продукти од животот, самопоседувањето, талентот, деловната посветенос на човекот и неговото изворно право на слобода.

Вилијам Хогарт - The Polling, 1754
Слика бр. 1: Вилијам Хогарт – The Polling, 1754

Историски гледано, еден од првите (с)ликовни записи за симболичката репрезентација на боите во политичкиот систем ги имаме во ликовната композиција на британскиот уметник Вилијам Хогарт насликата во 1754 година, а насловена како “Избирачко место” (анг. The Polling). Во оваа ликовна композиција е прикажано едно гласачко место од 18 век и покрај тоа што може да се види бескрупулозното лобирање на лице место од партиските агенти, носењето на гласање на гласач со ментална попреченост и гласач на смртна постела, може да се воочат и двете развиорени еднобојни знамиња во горниот дел од композицијата. Поточно, плавото знаме кое ги претставува конзервативните ториевци и црвеното знаме кои ги симболизира либералните виги. (слика бр. 1)

Ежен Виктор Делакроа - La Liberté guidant le peuple, 1830.
Слика бр. 2: Ежен Виктор Делакроа – La Liberté guidant le peuple, 1830

Кога станува збор за либертаријанизмот како слободарска идеологија нејзиниот главен идеограм е основниот симбол на слободата или алегориската женска фигура наречена Маријана или Lady Liberty која преставува најпрепознатлив симбол на слободата. Како дел од француската култура и политичка митологија, Маријана како персонализација на слободата и триумфот на француската република, се појавува во најиконичката и најинспиративната политички ангажирана ликовна композиција на францускиот сликар Ежен Виктор Делакроа насловена како Слободата го води народот (франц. La Liberté guidant le peuple) која е наслокана 1830 и се чува денес во Лувар. На неа, како централна фигура се појавува женска персонификација на слободата која со разголените гради ја преставува страста за политичката слобода и која со бајонет во едната рака и француската тробојка во другата ги пробива барикадите и го води народот кон освојувањето на слободата. (слика бр. 2) На нејзината глава се наоѓа т.н. фригиска капа која долг историски период од римските времиња па се 19 век ја симболизира слободата. Фригиската капа како симбол на слободата се појавува во една друга ликовна композиција насликана 1794 година од француската сликарка Нанин Вален која го носи името La liberté. На неа е прикажана алегориската женска фигура La liberté како на врвот на копјето ја држи фригиската црвена капа. (слика бр. 3)

Нанин Вален - La liberté,1794.
Слика бр. 3: Нанин Вален – La liberté,1794

Симболичкото и алегориското визуелно преставување на слободата како женска фигура всушност потекнува од римската религиска традиција и претставува своевидна ликовна рестилизација на римската божица на слободата – Либертас (лат. Libertas). Оваа божица преставувала персонификација на слободата, а нејзиниот грчки еквивалент e божица Елевтерија (грч. Ε̉λευθερίας) што и е грчкиот збор за слобода. Нејзината визуелна престава која е наседена од александриските кованици со ликот на Елевтерија и која ги испирирала француските уметници најилустративно ја воочуваме во монетите кои ги ковал римскиот император Сервиј Сулпициј Галба (лат. Servius Sulpicius Galba)  во кои на едната страна е прикажан неговиот лик, а на другата страна женска фигура која ја преставувала божицата Libertas со пропратен текст Libertas Pvblica (Слобода на народот). (слика бр. 4). Оваа божица како дел од римската религија и римското право била неразделен симболички дел од т.н. Manumissio vindicta или правните церемонијални акти за ослободување на робовите. Ослободенените робови, во нејзина чест, носат пилос или волнена капа кој ја означувал стекнатата слобода.

Кованиците на римскиот император Галба
Слика бр. 4: Кованиците на римскиот император Галба

Во римската религија, покрај женското божица на слободата, постоел и машки бог на слободата кој се нарекувал Liber Pater. Бил бог на виното, плодноста и слободата и бог патрон на римските плебејци како дел од нивната Авентинска тријада. Неговата религиска функција комплетно потсетува на грчкиот бог Дионис. Во чест Liber Pater се одржувал фестивал во месец март при започнувањето на пролета кој Римјаните го нарекувале Liberalia и на кој се славела плодноста, полнолетноста, повторното раѓање на природата и слободата. Римјаните на овој фестивал во ритуални процесии со огромен фалус на почетокот на поворката ги благослувале за плодност и земјата и луѓето, а налик на нашите коледарски трдиции, не само што ја воспевале слобода со трансгресивно незграпни и неизмерно ласцивни (срамни) песни, туку и ритуално ја славеле ослабената сила на нормативниот поредок со себеослободувачки и екстатички игри и танци, преку кои изведувале силна сатира и субверзија на религиските норми и политичкиот поредок. На овој фестивал, макар за еден ден, државата престанувала воопшто да постои, а луѓето биле апсолутно слободни од држењето на државата.

Статуата на слободата и симбол на либертаријанската партија во САД
Слика бр. 5: Статуата на слободата и симбол на либертаријанската партија во САД

Меѓутоа, сите овие ликовни композиции и антички божества во својата симболичка моќ да ја репрезентираат слободата беа засенети од грандиозната и возвишеноста на Статуата на слободата (Statue of Liberty) која денес претставува најрепрезентативниот и најпрепознатливиот планетарен симбол на слободата. Статуата на слободата е подарок од народот на Франција за народот на САД. Истата е дизајнирана од францускиот скулптор Фредерик Август Бартолди и беше официјално отворена на 28 октомври 1886 година. И Статуата на слободата како алегориската женска фигура е визуелна рестилизација на римската божица на слободата – Либертас. Таа држи факел над главата со десната рака, а во левата рака носи табула ансата на која има впишано со римски бројки: JULY IV MDCCLXXVI (4 јули 1776) или датумот на Декларацијата за независност на САД. На нејзината нога може да се види раскинат синџир.

Факелот на слободата
Слика бр. 6: Факелот на слободата

Врз основа на оваа силна симболичка моќ на Статуата на слободата, во САД низа либертаријански политички организации и групи, на државно и федерално ниво, кои веруваат во слободата, сопственоста и правдата како политички идеали, ги имаат токму различните стилизации на Статуата на слободата и нејзиниот факел како симболи на своите политички програми и погледи. (слика бр. 5 и 6) 

Од друга страна, во контекст на македонската револуционерна борба за слобода од почетокот на 20 век, треба да се назначи силното иконичко влијание на алегориската женска фигура La liberté како симбол на слободата и врз Внатрешната македонска револуционерна организација. 

Знамето на Охридската чета од 1903
Слика бр. 7: Знамето на Охридската чета од 1903

Имено, во рамките на револуционерните чети биле изработувани знамиња во чии што централен дел биле прикажувани алегориска женски фигури како симболи на слободата кои во едната рака држат меч, а во другата знаме на кое пишува: Смрт или слобода

Знамето на струшката чета
Слика бр. 8: Знамето на струшката чета

Најрепрезентативни се: знамето на Охридската чета од 1903 кое е изработено од охридските учителки: Поликсена Мосинова, Василка Рамзова, Клија Самарџиева и Костадинка Бојаџиева (слика бр. 7), знамето на струшката чета (слика бр. 8), знамето на костурската чета и др. (слика бр. 9).

Знамето на костурската чета
Слика бр. 9: Знамето на костурската чета

Поконкретно, кога станува збор за симболичка репрезентација на  либертаријанските идеи за политичката и економската слобода, тогаш тие се разложуваат на еден вредносен спектар од уверувања, идеали, концепти и програми кои можат да се сосредоточат во следнава низа: автономија на личноста, слободба волја, доброволно здружување, самопоседување, индивидуализам, недоверба кон државата, слобода на говорот, граѓански и политички слободи, економски слободи, слободен пазар, приватна сопственост, недоверба кон редистрибутивните модели, преиспитување на фискалните политики, конкуренција, натпревар, капитализам и сл., и дополително симболички се претставуваат со следниве симболи:   

1. Ama-gi

Ама-џи (Ama-gi) е сумерски збор за слобода или ослободен од долг, ропство, данок и казна. Етимолошки значи враќање кон мајката (Ama–мајка/gi-враќање) или враќање кон природната изворната состојба на слобода. Голем број на либертаријански организации го превземаат овој сумерски глиф како симбол на либертаријанската идеологија, бидејќи го сметаат за првото и најстарото зпишано појавување на поимот слобода. (слика бр. 10 ) Истиот е лого е на: Instituto Político para la Libertad од Перу, New Economic School – Georgia, Libertarian publishing firm Liberty Fund, Јournal of the London School of Economics’ Hayek Society и др. 

Сумерскиот глиф Ama-gi
Слика бр. 10: Сумерскиот глиф Ama-gi

2. Бодликавото прасе (Libertarian porcupine)

Во 2006 година Кевин Брин, инспириран од логото Free State Project, го дизајнираше бодликавото прасе како иконички симбол на либертаријанската политичко-економска филозофија. Денес тоа преставува распространет и препознатлив симбол на слободарските уверувања кои се негуваат во САД и пошироко. А симболиката се состои во тоа што бодликавото прасе, како и доследниот слободар, е симпатично, љубезно и пријателски расположено животинче, но истовремено вооружено и секогаш спремно да се одбрани самото себе си доколку некој друг иницира агресивно однесување кон него. (слика бр.11)

Либертаријанското бодликаво прасе
Слика бр. 11: Либертаријанското бодликаво прасе

3. Гадсденовското знаме (The Gadsden flag)

Гадсденовското знаме е историско американско знаме кое се користело за време на американската револуцијата и борбата за независност. Знамето има жолта основа на која е дизајнирана змија-звечарка придружена со зборовите: “don’t tread on me” (не ме гази или не стапнувај врз мене). Ова знаме името го добива по неговиот дизајнер генералот Christopher Gadsden (1724–1805). Знамето го симболизира несогласување со власта и поддршка на граѓанските слободи и либералните идеи. Еден вид симболичка изјава на индивидуалната слобода. А станува популарно како симбол на американското фискално конзервативно движење Tea Party. (слика бр. 12) 

Гадсденовското знаме
Слика бр. 12: Гадсденовското знаме

4. V for Voluntary

 Големата латинска буква V стилизирана во жолто-црна боја преставува еден од симболите на либертаријанската филозофија кој упатува на волунтаризмот (анг. Voluntaryism) како филозофска основа на слободарската идеологија која верува во не-агресивноста и позицијата дека сите човечки релации треба да бидат на доброволна основа,  без присила и принуда. (слика бр. 13). Волунтаризмот е инспиран од филозофските погледи на американскиот политички филозоф, аболиционист, анархист и правен теоретичар Лисандр Спунер (1808-1887).

V for Voluntary
Слика бр. 13: V for Voluntary

Политичките симболи ја соединуваат сликата со идејата. Тие во својата суштина се приказни за значењата и смислата. Човекот е неразделно врзан со нивните значења. Светот на политичкото е свет на симболи.

Тие го прават видлив вредносниот свет за кој вреди да човекот да се бори. Без нив како графичка синтакса на политичката комуникација не е возможна политичката практика како цел (грч. Τέλος) на идеолошката свест. Поконкретно, тие се централен дел на нашиот политички живот и не само поради тоа што ни помагаат во определбата на нашата перцепција на политичкиот свет, туку помагаат и во разбирањето на истата. Симболичката имагинација го подместува општеството во просторот на безбројни можности за истражување во кои никогаш нема да може да бидат исцрпени сите бесконечни облици на слободата. Таа го анимира човекот како политичко битие и го фасилитира неговиот процес на идентификација.

Смислата на симболичката репрезентација во сферата на политичката култура го овозможи просторот за нашиот политичко-либидинален стремеж за поправедно општество.

Симболите се содржината на нашата политичка визија, на која ако не и дозволиме да биде слободна, засекогаш ќе останеме заробени во хиерархиско, присилно и репресивно општество.

Референци: 

Аристотел, Политика. Скопје: Слово, 2006.

Graeme Gill & Luis F. Angosto-Ferrandez “Introduction: Symbolism and Politics”, Politics, Religion & Ideology, 19:4, (2018); 429-433

Grimal, Pierre. The Dictionary of Classical Mythology. Hoboken, New Jersey: Wiley, 1996

Касирер, Ернест. Есеј за човекот. Скопје: Култура, 1998. 

Libertarian Symbols: Meanings and Associations. In: www. Owlcation.com. [on line article] <https://owlcation.com/social-sciences/libertarian-symbols>

Sawer, Marian. “Wearing your Politics on your Sleeve: The Role of Political Colours in Social Movements”. Social Movement Studies. 6 (1), (2007): 39–56.

*Текстот е прилагодена верзија на авторизирано предавање ‘Симболите на либертаријанизмот’ одржано на 08.02.2020 во рамките на Националната конференција ,,Вовед во слободарство” во Битола, во организација на Студенти за слобода и Либертаниа – ЦСП.

Bosko Karadza

Доц. д-р. Бошко Караџов
Тимот на Либертаниа – ЦСП