Cлободарство пред ХIХ век, може да го прочитате тука.
Cлободарство во ХIХ век, може да го прочитате тука.
Cлободарство во ХХ век – дел 1, може да го прочитате тука.
Cлободарство во ХХ век – дел 2, може да го прочитате тука.
Чикашка школа
Во втората половина на 20-тиот век се појавува Чикашката монетарна школа, со неповторливиот Милтон Фридман и Џорџ Стиглер, која преку своите увиди во економијата и монетарната политика, повторно ги заживува идеите на класичниот либерализам и аксиомата за немешање на државата во економскиот и општествениот живот.
Милтон Фридман (Milton Friedman, 1912 – 2006) беше една од слободарските фигури, кои преку своите академски, но и реално-политички постигнувања, претставуваше надеж за се поголемо адаптирање на либералните принципи во јавни политики, во државите кои покажаа волја за истите. Фридман беше амерички економист и статистичар, кој ја доби Нобеловата награда за економски науки во 1976 година.
Едно од најпознатите негови дела е Capitalism and Freedom (1962) во кој ги поставува заемно одредувачките феномоени на капитализмот, како економски систем и слободата, како вредност. Книгата започнува со опис на односот помеѓу економската и политичката слобода, во која е наведено дека иако економската слобода не е гарант за политичката, истата претставува значаен предуслов за втората. Слободните и просперитетни општества се одликуваат, како со висока политичка, така и висока економска слобода. Ограничување на економската слобода, преку концентрација на поголема моќ во рацете на политичките елити, на среден и долг рок, несомнено означува намалување и на политичката слобода. Оваа констатација соодветствува со она што го пишуваше Хаек во неговата Пат кон ропство, каде што, земјите од источниот блок беа земени како пример во кој ограничувањето на економската слобода води кон загрозување и на политичката. Понатаму, Фридман, во Капитализмот и слободата, пошироко ја одредува улогата на идеалната држава, во услови на слободно општество, што се поистоветува со држава-ноќен чувар, или минимална држава, зајакната со функции на социјални трансфери, функции на одржување на патишта и сл. Од перспектива на радикалниот либертаријанизам, анархо-капитализам или ортодоксниот класичен либерализам, можеби Фридман и дава малку поголема улога на државата, од онаа од нив предвидената. И тука, Фридман е на линија на Хаек. Во своите заложби, тој беше консеквенцијалист, односно пристапуваше од утилитарни перспективи во оправдувањата за слободата, слободниот пазар и државното немешање. Неговата максимата изразена во Капитализмот и слободата која гласи: „Најголемиот дел од аргументите против слободниот пазар се недостаток на верба во во самата слобода“, е една од најцитираните помеѓу слободарските автори и активисти во светот.
Според Фридман, слободната трговија е една од најбитните нституционални поставки кога се разботи за економската благосостојба, a протекционизмот, царините и тарифите ја намалуваат истата. Дополнително, пишува и се заложува за либерални политики во однос на дрогите и кривичните дела без жртви (victimless crimes), ваучерски образовен систем, намалување на стандардизации и лиценцирања, како и доброволно служење на војска. Голем дел од неговите увиди, биле претворени во реални политики, во времето на Роналд Реган во Америка, и Маргарет Тачер, во Британија.
Од големо значење за мислата на Фридман е неговата методологија за оценување на јавните политики, според кои истите не треба да се оценуваат според намерите на политичките елити, кои во поголемиот дел се добри, туку треба да се оценуваат според резултатите. Истакнува и дека не се сомнева во добрите намери на колективистите и левичарите, но се сомнева во самите начини преку кои сакаат да ги исполнат намерите, како и некомпатибилноста на начините со намерите.
Експертизата на Фридман беше во однос на монетарна историја, политика и стабилизациони политики, Во својата книга, напишана со Ана Шварц A Monetary History of the United States, 1867–1960 (1963) констатираат дека промените во паричната маса дефинитивно влијае врз економијата и економските флуктуации. Од тука произлегува дека парите не се неутрални, односно маннипулирањето со паричната маса предизвикува несакани последици и имаат реален ефект врз економскиот живот во општеството. Во Монтерната историја, авторите пишуваа дека Големата депресија, не беше предизвикана од неуспехот на пазарниот систем, туку поради монетарната политика која беше екстремно тесна и која водеше до остар пад во економската активност.
Покрај тоа што беше научник, Фридман беше и економски советник во различни држави, а до одреден степен е контроверзен, затоа што беше советник и во режимот на диктаторот Аугусто Пиноче. Секако, неговата одговорност за злоделата на режимот на Пиноче е незначителна, со оглед на фактот дека беше економски советник, а режимот на Пиноче, во најмала рака водеше релативно добра економска политика.
Резимирано, улогата на Фридман е огромна, како за економијата како наука, но секако и за популаризирањето и претворањето во политика на идеите на економскиот либерализам.
Томас Совел (Thomas Sowell, 1930 – ) е уште еден претставник со несомнено големо значење за Чикашката школа. Она што е карактеристично за Совел, покрај неговото афро-американско потекло, е тоа што тој бил привлечен во економијата и пошироките општествени науки, првенствено од марксизмот. Понатаму во неговиот академски развој, и продолжувањето на магистерски и докторски студии на Универзитетот во Чикаго, ги адаптира и променува своите ставови, согледувајќи ги негативните ефекти на мешањето на државата во економските процеси. Академското делување на Совел е доста богато, со напишани над 30 книги, како и голем број научни трудови и статии.
Во Хаеков економски дискурс ја пишува неговата позната Knowledge and Decisions (1980), во која детално објаснува како знаењето е споделено и раширено во модерното општество, но исто така потенцира дека постои празнина помеѓу знаењето од прва рака и донесувањето на одлуки. Истата празнина претставува непосредна закана не само за економската и политичката ефикасност, туку и за човековата слобода, затоа што знаењето е заменето со претпоставки врз основа на апстрактните елитистички визии за она како треба да биде (наместо како всушност е).
Меѓу најпознатите книги на Совел се: A Conflict of Visions: Ideological Origins of Political Struggles (2007), The Quest for Cosmic Justice (1996), Basic Economics (2004), Black Rednecks and White Liberals (2005), Discrimination and Disparities (2018), The Vision of the Anointed: Self-Congratulation as a Basis for Social Policy (1995), Race And Culture: A World View (1994), Economic Facts and Fallacies (2008), Dismantling America: and other Controversial Essays (2010).
Теорија на јавен избор
Оваа теорија повикува и поставува реална академска перспектива за функционирањето на државата и она што се смета за јавно, застапено најчесто од власта претставена преку нејзините тела и органи. Дополнително адаптира економски алатки во процесот на анализа на проблеми од доменот на политичките науки, односно во процесите на колективно донесување на одлуки.
Џејмс Бучанан (James McGill Buchanan Jr., 1919 – 2013) беше еден од најистакнатите теоретичари и економисти во втората половина на 20-ти век, еден од творците на теоријата на јавен избор, кој во 1986 година ја добива Новеловата награда за економска наука. Најпознат е по неговата – во коавторство со Гордон Тулок (Gordon Tullock, 1922 – 2014), теорија на јавен избор (public choice theory), разработена во познатата The Calculus of Consent: Logical Foundations of Constitutional Democracy (1962).
Оваа теорија нуди нова економска перспектива за државата, како посебен субјект, со посебен акцент на изборите на оние кои управуваат со истата или политичката елита. Бучанан и Тулок во нивната теорија за јавен избор тврдат дека владите се евалуирани или оценувани на погрешен начин, поаѓајќи од тезата дека политичарите не се навистина само безлични јавни службеници. Истите се субјекти кои имаат свои интереси и кои делуваат со цел задоволување на своите потреби, и тоа во најголем можен обем, што практично значи победа на следните избори, или зголемување на буџетот во рамките на својата институција. Поаѓајќи од оваа претпоставка, сите оправдувања за решавање на општествени проблеми и градење на општествен поредок, со помош на политички власти, во голем дел паѓаат во вода.
Неговите теории поврзани со државата, но и со феномените на анархија и анархизам може подетално да се прочитаат во The Limits of Liberty: Between Anarchy and Leviathan (1975), а накратко, истите се добро образложени во The Essential James Buchanan (2021), напишана од Доналд Бодро (Donald Joseph Boudreaux, 1958 – ) и Рандал Холкомб (Randall Gregory Holcombe, 1950 – ).
Бучанан, и покрај увидите за функционирањето на државата и она што е јавно, не бил анархист. Можеби бил минархист или класичен либерал и верувал во политички минимум за обезбедување на некаква објективност во перспективите за правда и права, но дефинитивно се идентификувал со некој вид философски анархизам. Бучанан ја согледал празнината и недоследноста во доминантно етатистичкиот академски дискурс и догматичната поставеност на државата во рамките на истиот. Ги користел феномените на анархизам и анархија како нормативна рамка во неговите истражувања од областа на политичка економија.
Многу битен факт за Бучанан и неговата теорија е што истите се базираат на поединец (индивидуализам), договор (контрактуализам), согласност (консензуализам) и радикално само-управување (анархизам). Во продолжение, според Бучанан, ниту едно колективно или заедничко делување (акција) не е легитимно, доколку во истото отсуствува поединечната согласност на оние кои се засегнати од истото, а наброените, дословно манифестирани во општествената реалност имплицитно подразбираат анархија или бездржавно општество. Дополнително, доколку колективната акција е неминовна, најдобро е истата да биде спроведена, во колку што може помали групи, се со цел поголемо задоволување на преференците на поединците кои се засегнати со истата.
Конзервативен либертаријанизам
Конзервативизмот во американски контекст е различен од оној во европски, или пошироко светскиот. Истиот, во Америка се однесува на враќање кон политичките основи, и идеите на татковците-основачи на идеите. Доминантно, истите се ориентирани кон големи економски слободи, додека со сомнеж гледаат на социјалните, односно на различните стилови на живот. Во надворешната политика, конзервативците во помал обем и до некој степен се пропоненти на реал-политиката и нужностa од надворешна интервенција на Америка, но оние кои се декларираат како конзервативни либертаријанци, се залагаат за изолационизам, односно, немешање во работите на другите земји. Оваа пракса на изолационизам и немешање, е наследена од старата десница во Америка, која зазеде простор во политичко-идеолошкото милје за време на Њу дил политиките.
Во Америка, постојат повеќе организации, или тинк-тенкови, кои ги имаат адаптирано овие конзервативни (либертаријански) ставови, а некои од нив се следните: Hoover Institution (1919), American Enterprise Institute (1938), The Heritage Foundation (1973), Claremont Institute (1979), Heartland Institute (1984), Acton Institute (1990), како и други.
Џона Голдберг (Jonah Goldberg, 1969 – ) е еден од преставниците на овој вид на конзервативизам во Америка. Од особено значење е неговиот бестселер Liberal Fascism: The Secret History of the American Left, From Mussolini to the Politics of Change (2008). Либералниот фашизам, за кој пишува Голдберг, е според него првиот вид на фашизам, кој е постар од оригиналниот во Италија, и зазема се поголемо место во Америка, посебно со претседателствувањето на Вудро Вилсон. Иако овој фашизам, не соодветствува со првата асоцијација на фашизам, како оние во Италија, во Германија и во голем дел на Европски држави, истиот воведува нова пракса во американскиот политички живот, а тоа се поголема и поприсутна држава, која се повикува да решава различни општествени проблеми, дури и оние, кои претходно било незамисливо да бидат во нејзина надлежност. Во воведот на книгата, Голдберг дава едноставен одговор на прашањето што е фашизам, и тоа „кога корпорациите стануваат власт“.
Лев либертаријанизам
Во 20-ти и 21-ви век продолжува традицијата на индивидуалистичкиот или пазарниот анархизам, во голема мера поради активноста на Center for a Stateless Society (C4SS). Центарот претставува американски тинк тенк и медиум со мисија „да ја објасни и одбрани идеата за општествена соработка без агресија, опресија и централна власт.“ Исто така активен во изучување и промоција на анархизмот е и Molinari Institute, кој го носи своето име во чест на Густав де Молинари.
Од левите слободарски дејци може да се издвојат Карл Хес, Гери Чартиер, како и Давид С. Дамато.
Карл Хес (Karl Hess, 1923 – 1994) претставуваше доста контроверзна фигура, која идеолошки лутала, за на крај да го прифати анархизмот и слободарството како идеологија со која може да се поистовети. Познат е неговиот есеј The Death of Politics (1969), кој може да послужи како еден од основните текстови за запознавање со слободарството и анархизмот. Хес исто така може да се смета за анархо-капиталист, поради истакнувањето на овој термин во своите текстови, но и поради неговата инспирираност од Ротбард, Ејн Ранд, како и други анархисти, радикални капиталисти и побoрници за слободен пазар.
Гери Чартиер (Gary Chartier, 1966 – ) е познат по неговото дело Anarchy and Legal Order: Law and Politics for a Stateless Society (2013). Вистинско четиво за современиот лев пазарен анархизам претставува Markets Not Capitalism Individualist Anarchism Against Bosses, Inequality, Corporate Power, and Structural Poverty (2011), кое е збирка на есеи, уредени од Гери Чартиер и Чарлс Џонсон, кои ја објаснуваат и претставуваат теоријата на овој анархизам, во современо издание. Длабок увид во разбирањето и типологијата на анархизмот, прави и Дејвид Остерфелд, со неговата Freedom, Society, and the State: An Investigation into the Possibility of Society without Government (1986).
Роберт Лефевре (Robert LeFevre, 1911 – 1986) беше уште еден слободар и имплицитен анархист, кој дал свој придонос кон слободарството, сфатен како широка идеолошка тенденција, или поконкретно кон индивидуалистичкиот анархизам. Може да се смета за основач на автархизмот, кој претставува политичка философија, основана врз принципите на поединечна слобода, отфрлање на политичката власт и елиминација на владата во корист на само-владеењето, од каде што и потекнува името. Негови дела се This Bread is Mine (1960), The Nature of Man and His Government (1959), The Fundamentals of Liberty (1988) и The Philosophy of Ownership (1966).
Семјуел Едвард Конкин 3-ти (Samuel Edward Konkin III, 1947 – 2004) беше основоположник на агоризмот, како вид на анархистичка политичка философија. Според Конкин, „целта на агоризмот е агората (плоштад). Општеството на отворен пазар, скоро неизвалкано од кражби, напади и измами, колку што може поблиску до слободно општество. Слободно општество е она во кое секој од нас може да ги задоволи своите субјективни вредности без насилен судир со останатите.” Дополнително Конкин предлага заобиколување на државните институции, неизлегување на избори и префрлање на целата економија во сива, па дури и во црна зона, која не може да биде предмет на оданочување или регулација – контра-економија (counter-economics). Најпознато негово дело е An Agorist Primer (2008).
Блидинг харт либертаријанизам
Претставува претставува струја во пошироката слободарска идеолошка тенденција, која покрај доминантниот фокус на личната слобода и слободните пазар, големо внимание посветува на феномените на социјална правда, егалитаријализам, еднаквост на можности, феминизам и сл, традиционално поврзани со леви идеолошки тенденции. Секако, во самата срж, истиот е дефинитивно слободарски и про-фри-маркет, но и дополнително цели кон исполнување и на овие општествени вредности како и фокус врз определени општестствени проблеми, за кој ортодоксниот либертаријанизам, можеби е рамнодушен.
Идеалистички и реалистички либерализам
Франсис Фукујама (Yoshihiro Francis Fukuyama, 1952 – ) е еден од најголемите и највлијателните теоретичари на либерализмот кон крајот на 20-тиот и почетокот на 21-виот век, сфатен како идеалистички, во широка и меѓународна смисла. Неговата теза за крајот на историјата, извлечена од неговата The End of History and the Last Man (1992) се однесува на тоа дека со крајот на Студената војна, и падот на Источниот блок, човештвото е сведок на крајот на неговата политичко-идеолошката еволуција, а либералната-демократија, ја претставува формата на политичка власт, резултат на тој крај. Од тука следува дека не постои подобра форма на владеење од либералната демократија и подобра идеологија од либерализмот, а крајот на комунизмот го подразбира конечниот триумф на претходните две. Фукујама го адаптира историцизмот, како на Хегел, така и на Маркс, а фразата крај на историјата ја презема од Александар Кожив (Alexandre Kojève). За разлика од нивниот историцизам, Фукујама, предвидува различен крај, од оние кои истите ги предвидувале.
Роберт Каган (Robert Kagan, 1958 – ) e еден од претставниците на реалистичкиот или интервенционистичкиот либерализам. Тој ја пишува неговата The Return of History and the End of Dreams (2008) како одговор на идеализмот на Фукујама за крајот на историјата, и потребата од зачувување на либералните режими, ако има потреба и со употреба на сила. Во книгата пишува за две оски на светскиот поредок, после Студената војна, и тоа оската на демократијата, предводена од САД, Европската унија и други либерални демократии, и оската на автократија, предводена од Русија, Кина и други авторитарни режими. Истакнува дека борбата за либерализмот не е готова, и дека победата не се случува сама од себе, туку истата треба да се добие, па ако е нужно и со воена интервенција.
Социјален либерализам
Џон Ролс (John Bordley Rawls, 1921 – 2002) беше можеби најпознатиот политички теоретичар и философ на 20-тиот век. Пропонент на либерализмот, но сфатен во поширока смисла, во неговиот вредносен спектар во центарот ја ставаше благосостојбата на поединецот, а слободата, како еден од нејзините конституенти. Негово најпознато дело е A Theory of Justice (1971) и во него ја одредува правдата како правичност, а идеалното општество како општество во кое слободните граѓани имаат исти права и соработуваат во егалитарен економски систем. Правдата, есенцијално ја поврзува со два принципа, и тоа: принципот на еднаква слобода и принципот на различност и еднаквост на можности. Од тука произлегува дека политичката власт има поширок делокруг од онаа во услови на држава ноќен чувар, и тоа со интерференција во областите на материјална прераспределба, со цел одржување на некој егзистенцијален минимум, а со тоа и социјална правда, и тоа во корист на оние, најмалку среќните во општеството. Тука се надоврзува и академскиот кој го имале со Роберт Нозик, кој правдата непосредно ја поврзува со личната слобода, а секаква државна интервенција, освен онаа нужната е нелегитимна и неправедна. Од друга страна, Ролс, следејќи ја Кантовата етичко-философска позиција е моралист, и не го оправдува неговиот егалитарен или социјален либерализам, од утилитарна, туку од философско-морална позиција.
Овертонов прозорец на политички можности
Овертоновиот прозорец е концептуален модел за разбирање како идеите во општеството се менуваат со текот на времето и како истите имаат влијание врз јавните политиките. Името на моделот доаѓа од неговиот творец Џозеф Овертон (Joseph Paul Overton, 1960 – 2003), поранешен заменик претседател на Мекинак центарот за јавни политики (Mackinac Center for Public Policy, 1987) од Мичиген, САД. Суштината на концептот е дека политичарите се ограничени кои идеи за јавни политики ќе ги подржат. Генерално, тие подржуваат политики кои се широко прифатени во општеството како легитимни. Овие политики се наоѓаат во рамките на Овертоновиот прозорец. Покрај нив, постојат и други идеи за политики надвор од прозорецот, но со нивно видоизменување во јавни политики, политичарите ризикуваат да ја загубат популарноста, a со тоа и позицијата на власт.
Интересот на слободарите, како теоретичарите, така и активистите за овој концепт, произлегува од тоа што преку истиот можат потенцијално да го следат и на некој начин, да го измерат своето влијание во општеството. Секако, преку истиот се гледа резонирањето на јавноста по однос на идеата или прашањето. Првичната улога на слободарите е да го поместуваат истиот кон горе, односно кон послободарски политики, со тоа што ќе бидат активни во процесот на менување на јавното мнение, и аналогно на тоа, ќе издејствуваат политичка и општествена промена, како за конкретната јавна политика, па така и во целокупните општествено-политички односи.
Резиме за слободарството во 20-ти век
Слободарството, како широка идеолошка тенденција, својот зенит го доживува во 20-тиот век, преку различните погледи, толкувања и оправдувања на принципите поврзани со концептот на лична слобода. Секако, треба да се наведат философски, економските, правните и социолошки перспективи врз слободата, пазарите, државата и другите феномени од недвосмислено значење за општеството.
Започнувајќи со социолошката анализа на Опенхајмер, преку философските увиди и декларации на Џеј Нок, освојувачката теорија дава сериозни увиди во природата и потеклото на државата, кои се разодуваат со меинстрим теориите на општествен договор и слично. Научната ренесанса, во една општествено-економска смисла, слободарството ја доживува со појавата на Австриската економска школа и пресметковните дебати на Мисес и Хаек со социјалистите. Во периодот после Втората светска војна доста гласни се анти-тоталитаристите, на чело со Попер, Арент и Берлин, како и дистопистите како Орвел. Во истиот период во Америка, слободарството станува повторно популарно, најчесто познато под името класичен либерализам, либертаријанизам, објективизам, анархо-капитализам и сл кој ги ревитализира и обновува идеите на стариот либерализам. Најпознати дејци од овој период се Лео Рид, Мареј Ротбард, Ејн Ренд, Роберт Нозик, итн.
Следствено, слободарството добива на академска потентност со Милтон Фридман, и познаата Чикашка Школа и Џејмс Бучанан, со неговата теорија на јавен избор, и двата нобеловци во областа на економските науки.
Секако, слободарството, не го опфаќа стриктно само класичниот либерализам и ортодоксниот либертаријанизам, туку истото е отворено и за леви толкувања и тенденции на слободата, а тука се блидинг харт слободарите, како и следбениците на индивидуалистичкиот или пазарниот анархизам во Америка. Исто така, ги опфаќа и оние најпопуларните философи и теоретичари на либерализмот, и тоа Френсис Фукујама и Џон Ролс.
Дваесеттиот век, иако период во кој етатизмот и насилството кој истиот го носи доживуваат фатална кулминација, истиот претставува можеби најплодниот период за различните оправдувања и анализи на слободата и другите принципи кои произлегуваат или непосредно се поврзани со неа. Иако сите овие оправдувања, често биле поставени и одржувани антагонистички помеѓу самите себе, сепак, широката идеолошка тенденција на слободарството ја прават побогата, а со самото тоа подостапна и попривлечна, и тоа за сите оние кои сакаат да доживеат подобра положба на човештвото, а со тоа и подобар и просперитетен свет.
Прочитај повеќе:
– Eamonn Butler – 101 great liberal thinkers (2019),
– Milton Friedman – Capitalism and Freedom (1962),
– Milton Friedman – Neo-Liberalism and its Prospects (1951),
– Milton Friedman & Anna Schwartz – A Monetary History of the United States, 1867–1960 (1963),
– Friedman, Milton (1912–2006),
– Walter E. Block – Was Milton Friedman a Socialist? Yes (2003),
– Симон Саревски – Фридман, Хајек и Мизес (2021),
– Симон Саревски – Милтон Фридман: Виртуозот на слободата (2020),
– Michael Munger – Milton Friedman as a Liberal Philosopher (2015),
– Milton Friedman: Old School Liberalism (2017),
– Black History Month Profile: Thomas Sowell (2021),
– Thomas Sowell – Knowledge and Decisions (1980),
– Thomas Sowell – A Conflict of Visions: Ideological Origins of Political Struggles (2007),
– Thomas Sowell – The Quest for Cosmic Justice (1996),
– Thomas Sowell – Basic Economics (2004),
– Thomas Sowell – Black Rednecks and White Liberals (2005),
– Thomas Sowell – Discrimination and Disparities (2018),
– Thomas Sowell – The Vision of the Anointed: Self-Congratulation as a Basis for Social Policy (1995),
– Thomas Sowell – Race And Culture: A World View (1994),
– Thomas Sowell – Economic Facts and Fallacies (2008),
– Thomas Sowell – Dismantling America: and other Controversial Essays (2010),
– William F. Shughart II – Public Choice,
– Sam Tanenhaus – The Architect of the Radical Right (2017),
– James M. Buchanan & Gordon Tullock – The Calculus of Consent: Logical Foundations of Constitutional Democracy (1962),
– James M. Buchanan – The Limits of Liberty: Between Anarchy and Leviathan (1975),
– James M. Buchanan – Saving the Soul of Classical Liberalism (2000),
– Donald J. Boudreaux & Randall G. Holcombe – The Essential James Buchanan (2021),
– David Gordon – Buchanan and Anarchism (2010),
– Alexander W. Salter – James Buchanan and Contractarian Anarchy (2013),
– Peter J. Boettke – Anarchism as a progressive research program in political economy,
– Fred E. Foldvary – Small-Group, Multi-Level Democracy: Implications of Austrian Public Choice for Governance Structure (2002),
– Jonah Goldberg – Liberal Fascism: The Secret History of the American Left, From Mussolini to the Politics of Change (2008),
– Center for a Stateless Society (C4SS),
– Karl Hess – The Death of Politics (1969),
– Gary Chartier – Anarchy and Legal Order: Law and Politics for a Stateless Society (2013),
– Gary Chartier & Charles Johnson – Markets Not Capitalism Individualist Anarchism Against Bosses, Inequality, Corporate Power, and Structural Poverty (2011),
– David Osterfeld – Freedom, Society, and the State: An Investigation into the Possibility of Society without Government (1986),
– Никола Љ. Илиевски – Академски анархизам (2022),
– Никола Љ. Илиевски – Aнархизам индивидуалистички (2022),
– Никола Љ. Илиевски – Овертонов прозорец: Показател на капацитети за слободарска општествена промена (2021)
– Autarchism,
– Robert LeFevre – This Bread is Mine (1960),
– Robert LeFevre – The Nature of Man and His Government (1959),
– Robert LeFevre – The Fundamentals of Liberty (1988),
– Robert LeFevre – The Philosophy of Ownership (1966),
– Samuel Edward Konkin III – An Agorist Primer (2008),
– Francis Fukuyama – The End of History and the Last Man (1992),
– Robert Kagan – The Return of History and the End of Dreams (2008),
– John Rawls – A Theory of Justice (1971),
– John Rawls,
– J Jerusha Melanie – John Rawls’ Theory of Justice (2022),
– Mackinac Center for Public Policy,
Голема благодарност до Википедија
Основач и програмски директор на Либертаниа, координатор на Студенти за слобода и помлад уредувач во меѓународното научно списание Journal of Liberty and International Affairs. Исто така магистер во меѓународно јавно право и студент на докторски студии по политички науки на УКИМ-Скопје.