Слободата, државата и пандемиите
извор: desert.com

Слободата, државата и пандемиите

Со почетокот на COVID-19 кризата и пандемиското ширење на SARS-CoV-2 вирусот, во рамките на идеолошка дебата за улогата на државата во справувањето со здравствените, општествено-економските и безбедносните аспекти на кризата, можеше да се забележи одредено ликување или своевидно победничко расположение од страна на одредени етатистички кругови и поддржувачи на силната и сеприсутна држава, поради новонастаната увереност дека пандемијата и пропратната општествено-економска вонредна состојба ја покажуваат слабоста и неодрживоста на слободарските идејни и идеолоши стојалишта кои веруваат во неприкосновеноста на индивудалната слобода и потребата од радикално лимитирање на улогата и функциите на државата во општествените процеси. Со други зборови, своевидна надмена триумфалност во поглед на тоа дека конечно безбедносната нужност од силен одговор на уште посилната држава ја соборува политичката идеологија на минималната држава и либертаријанската филозофија воопшто.

Меѓутоа, ограничувањата на човековите права и слободи за време на пандемиските вонредни состојби, ниту ја обезвреднуваат, ниту ја обесмислуваат потребата од константно застапување на слободарските идеи, принципи и идеали. Оваа потреба произлегува и од една вонредна опасност која ќе ја наречеме: сентимет на радост. Истиот извира од состојбите на страв и паника и претставува некритичко, и непромислено задоволство од мерките на државата како што се: полициски час, забрани, рестрикции, цврста рака, казни, војнички чизми на улиците и сл. Поточно, во јавниот дискурс се воочува фасцинација и воодушевување од ефикасноста со која антидемократските деспотии и тоталитарни режими се борат против епидемијата. Навистина, тоталитарните деспотии и автократските режими се поефикасни, но не само за пандемии, туку за секаков облик на политички надзор и контрола. Но, тоа воопшто не е доволен разлог за политичко-идеолошки симпатии кон овие апсолутизми. Негувањето на овој сентимент или несоочувањето со него, не само што придонесува кон реализирање на процесот на креирање согласност (анг. manufacturing consent) за супституцијата на слободата со безбедноста, туку претставува и опасност со која може да се отвори вратата за оправдување и проголтување на ‘мерки’ на големата држава од кои во мирнодопски услови пристојно човечко битие би се згрозило. Овој сентимент на радост учествува во произведувањето на согласноста преку т.н. реторичката имергенција која не фрла во лажна дилема: здравје или слобода. Бирај брзо, итно, не промислувај!? Не мисли воопшто! Здравје или слобода?? Брзо! Бирај! Човекот е генерички, билошки спремен во има на еволуционистичка состојба на безбедност и преживување, да се откаже од сите благородни идеали. Битието на биолошкото постоење е преживеј и репродуцира се! Но, еднаш одземните слободи и права или тешко или никогаш не се враќаат. 

Неспорна е опасноста од вирусот, особено во здравствени системи како нашиот и со здравствени политики и мерки како нашите. Неспорно е дека одредени облици на општествена изолација имаат смисла. Но, неспорно е дека борбата со пандемијата не смее да подразбере радикално загрозување на слободата и човековите права, како и радикално загрозување на материјалниот статус на поединците и заедницата. Оттука, константното застапување на слободарските идеи, принципи и идеали се јавува како нужен и неопходен општествен аларм за рано предупредување и зголемување на свесноста за можноста од реституирање на автократските и тоталитарните практики и форми на владеење. Поточно, како своевиден  пункт на отпор против евентуалните злоупотреби на вонредната ситуација или како артикулирана јавна свест за неминовна потреба од радикално спротиставување на прекумерната и долгорочна концетрација на моќта во извршната власт. На секоја власт, при вакви кризи, и растат авторитарните апетити. И доколку уставот како општествен договор за вредностите на живеењето во заедница и уставно гарантираните слободи и права се суспендираат или радикално унижат, тогаш слободарските пунктови на отпор во едно општество стануваат пресудни. Меѓутоа, истите не подразбираат недисциплина, неприфаќање на мерките, анти-маски и анти-вакцерски хистерии и сл.,  туку: 

  • отварање на широка јавна, стручна, научна и рационална дебата за условно кажано добрите причини за рестрикциите
  • инсистирање на времеска рамка од – до за важење на рестрикциите
  • инсистрање на начелото дека слободта не смее да се жртвува во името на т.н. повисоки цели. 
  • залагање за дерегулации кои можат да помогнат во борбата
  • залагање за донесување законски мерки кој ќе бидат еднакви за секого, општи и јасни. 

Од друга страна, слободарските пунктови на отпор подразбираат и борба против наметнувањето на т.н. јазични или концептуални лимитации. Токму затоа што, границата на нашиот јазик е границата на нашиот свет. Поточно, реакции на  орвелијанскиот рестриктивен новоговор со кој се легитимираат формите на неслобода. На пример фразата “новото нормално”. Хрватскиот писател Миљенко Јерговиќ маестрално посочи на опасностите кои демнеат во оваа навидум луцидна кованица. Како вели; новото нормално како фраза е комплетно неизговорлива, навредлива, идиотска, но вонредно опасна, накарада. Она што е нормално, не може да биде ново. Но, опасноста не е во техничка или семантичка смисла, туку во суштинска. Имено, како објаснува Јерговиќ, она што е нормалното, или преведено во новоговорот: старото-нормално, не е последица на некаков еднократен политички декрет или епидемилошка свест, туку на старото-нормално е втемелена и основана, не само нашата европска цивилиација, туку и нашата човечност. Отстапувањето од таквите состојби на нормалност е возможно: се случувало, се случува и ќе се случува за време на војни, епидемии, природни катастрофи и сл. Поточно, во ненормални околности и ситуации. Но, она што опасна орвелијанска рестрикција во новоговорната фраза за  новото-нормално е што таа фраза содржи идеја дека принципите и начелата кои се применуваат или прифаќаат во ненормална ситуација би можело/би требало да станат нормални и да се сметаат за нормални. Меѓутоа, како вели Јерговиќ, човекот е должен кон себе и кон својот здрав разум ненормалните состојби, колку да траат, да ги смета за ненормални.

И италијанскиот филозоф Џорџио Агамбен во последно време во јавните настапи и предвања изразува длабока загриженост како ковид кризата и пропратната пандемија се искористува како можност за враќање кон формите на политичкиот авторитаризам, тоталитаризам и новите форми на, како тој ги нарекува, новата политичка рационалност како концепт на биолошка безбедност. Како вели самиот: новата парадигма за биолошката безбедност прави сите други облици на ургентност да бидат жртвувани. Агамбен прашува: дали таквото општество се уште може да се определи/дефинира како хумано или дали губењето на сензуелните социјални релации, пријателство – љубов и слично, може да се компензираат со една апстракна и веројатно комплетно фиктивна здравствена безбедност? Дополнително, тој воочува дека во хуманистичките дисциплини има застрашувачки недостаок кај т.н. академска левица од длабок критицизам кон авторираното менаџирање со пандемојата  и брутално брзото унижување на тешко стекнатите слободи и права во името на еден прилично елатичен поим како што е безбедноста. Агамбен препорачува една француска студија од 2005 на англиски е преведена со наслов Microbial Storms. Essay on Health Security Policies in the Transatlantic World од Patrick Zylberman  која е пишувана пред корона-кризата, но говори како здравствената безбедност станува есенцијален дел на политичките стратегии и програми. Зилберман покажува дека политичкиот апарат наметнува режим или норма на политичката рационалност која трансферира премин од health safety кон biosecurity или наметнување одреден облигационен однос врз граѓаните на пол. заедница,  т.е. однос кој им се претставува како облик на алтруизам. Со други зборови, преминот од health safety кон biosecurity значи дека граѓанинот нема сега право на здравје (health safety), туку законски е обврзан/должен да биде здрав (biosecurity).                     Во едно општество за време на пандемија без слободарски отпор се случува следнава неизбежност. Јавното здравје се претавара во безбедносен проблем. Власта се здобива со вонредни овластувања без контрола. Колку е државата понефункционална, толку мерките на пототалитарни. Токму поради овие причини, справување со глобалната COVID-19 криза подразбира слободарско детектирање на танките црвени линии кои водат кон евапорација на правната држава след евентуалното долготрајното екстремно унижување на човековите права и слободи. Врз основа на ова, суштинското прашање кое се поставува е следното: ако навистина наместо време на радикална слобода, доаѓа доба на автократски реституции за повисиоко добро (анг. greater good) во кои се бара од нас спремност и согласност да ја изгубиме слободата за да преживееме и за да се успокоиме, тогаш нели поприоритно и порелевантното е филозофско прашање: дали опстанокот и безбедноста имаат смисла без слободата?    Јерговиќ на ова прашањ одговори грубо, но крајно слободарски конскенветно: ако ти е здравјето поважно од човековите права и слободи, тогаш е најдобро веќе никогаш да не излегуваш од дома. Меѓутоа, продлабочено кажано во егзистенцијалистичка смисла, опстанокот нема смисла без слободата, затоа што во игра е она што може да се нарече човеково достоинство. Должноста кон себе си се состои токму во тоа човекот да го зачува своето достоинство. Достоинството е онтички статус на егзистенцијата кој е втемелен на фактот дека на личноста и се признава способноста за нормирање на нејзините дејства. Достоинството претпоставува дека личноста е овластена да побуди разбирање на себе си. А разбирањето на себе си не е ништо друго освен друго име за начинот на кој вредносно ги нормираме своите постапки. Штом човековото достоинство е онтички и егзистенцијален статус, тогаш тоа не е сообразено само од множеството на човекови права, туку е определено и од идејата која филозофски ја артикулира важноста и значењето на правата и слободата во однос на нашето постоење како луѓе. Оваа идеја, во најплатонистичка смисла на зборот, е идејата за lex naturalis-от или она општото, непроменливото и вечното, она кое не може да го порекнеш, а да не се одрекнеш од самиот себе си и да не си ја порекнеш својата природа. Оваа идеја за природното право на живот, слобода, знаење, игра, естетичко уживање, другарување, љубење и сл., мора да биде заштитена пред новите предизвици и здравствената криза која ја сведочиме.

Почитувањето на правата и слободите е услов за уважување на човековото достоинство. Слободата е единствениот прозорец преку кој отсјајуваат зраците на човековото достоинство. Здрави, а претворени во одгледувани единки од системот и за системот, го губиме човечкото достоинство. Го губиме она што есенцијално нѐ прави луѓе: слободата, играта и љубовта. Во моментов се соочуваме со можеби со најголемата закана за слободното и отвореното општество,  па затоа, должноста на секој искрен слободољубец е непрестано да предупредува. Предупредувањето и слободарскиот одговор на кризата не значи минимизирање на личната одговорност, не значи релативизрање на опасноста и не значи конспирирање на ковид-заканата, туку свесност за можните излезни сценарија и опасностите кои тие ги носат. Да се почитува сериозноста на заканата, но и да се биде подготвен да се реагира жестоко при секаков недоречен обид и неограничен облик на депривација на слободата како безрезервна вредност и нужен услов на достонствената егзистенција.  

Текстот е печатена верзија на рефератот со наслов “Слобода, минархизам и COVID-19: како да се остане слободољубив во време на пандемија”, приложен на Симпозиумот по повод чествувањето на Светскиот ден на филозофијата востановен од УНЕСКО на тема „Промислување на пандемиите“ во организација на Филозофското друштво на Македонија и Филозофскиот факултет – Скопје. (19.11.2020)

доц. д-р Бошко Караџов, 
научен соработник на Либертаниа