Слободата никогаш не е совршена – и тоа е во ред
Извор: www.austriancenter.com

Слободата никогаш не е совршена – и тоа е во ред

Големата војна заврши и последната капка крв ја натопи почвата со можност за нови видови на тоталитарни режими. Како ништо да не научивме, само две децении подоцна најкрвавиот конфликт во човековата историја ни затропа на вратите, кој некои го побeдија, но сите го загубија. Сепак, најголемиот пораз дојде во вид на големиот број на луѓе под комунистичка тоталитарна власт.

Како и секогаш претходно, продолживме да го правиме она што го правиме најдобро – вoјување. Овојпат, големите сили го подигнаа Берлинскиот ѕид и војуваа индиректно. Како споменик на два поделени светови, толку слични, а во исто време сепак толку различни, тој стоеше како непремостлива граница безмалку три децении.

Пред триесет години ѕидот не само што падна, туку тој беше срушен. Ретко кој очекуваше, но ѕидот беше срушен не од страна на вандали, туку луѓе. Луѓе, кои открија дека и покрај се, за разлика од она што беа учени од страна на големите комесари од обете страни, тие беа многу послични отколку различни.

Падот на ѕидот му ги отвори ширум портите на новиот либерален поредок кој ветуваше многу. Во многу области ветеното беше навистина остварено, но многупати и не успеа. Процесот на приватизација беше особено болен во одредени земји, неоставајќи ја Македонија да биде црниот лебед. Тогаш и не беше толку очигледно дека успехот на приватизацијата во Велика Британија, на пример, се должеше на повеќе отколку реторика и добра војла од страна на политичката елита. Извесни институции и култура беа потребни, кои очигледно беа непостоечки.

Повеќе не знаеме за железна завеса која не дели. Сепак, далеку сме од живеење во либералните општества кои изгледаше како да беа на дофат во почетокот на 1990-те години. Русија неодамна влезе во третата деценија на Путиновото владеење, Полска се движи се поблиску до авторитаризмот, додека Турицја и Унгарија веќе имаат предност во таа сфера. Кина има преземено многу чекори во оваа насока, играјќи си со идеи како социјалниот кредитен систем и користејќи модерни технологии за да се придвижи поблиску до идеалот на Големиот брат од 1984,

Во слободниот свет (или поточно, малку послободниот свет), ние продолжуваме да се соочуваме со предизвици. За Левицата највпечатливи се климатските промени и (растот) на доходната нееднаквост, додека потребата за припаѓање во овој глобализиран свет и место кое ќе го наречеме дом, зголемената осаменост, самоубиства и користењето на наркотични супстанци се можеби она што ја остава будна Десницата.

Да се задоволи вродената потреба за припадност, место кое навистина би можеле да го наречеме дом го мачи човекот од памтивек. Поминување огромни дистанци не претставува уникатно достигнување на модерната ера. Човековата историја е проследена со константна имиграција. Жителите на Алзас-Лорен кои зборуваат германски своето потекло го должат на швајцарците кои дојдоа на тие предели како последица од уништувањето кое следеше по Триесетгодишната војна од првата половина на седумнаесетиот век. Големата глад од 1840-те години уби повеќе од еден милион Ирци, за во исто време уште толку многу Ирци да имигрираат. Дури и идејата на која се темелат САД се состои во тоа што секој може да оди и живее таму, поради која и да е причина. Па така, на сопствен начин, секој пробал да си го најде свето место во светот.

Денес, единственото нешто што не спречува да стигнеме до „дома“ се многуте имиграциони закони кои постојат. Како во минатото така и денес, причината за големата миграција е поприлично иста – потрагата по подобар живот. Додека порано луѓето мигрираа поради прогон и (ин)директно предизвикана сиромаштија, денес, прифаќајќи ги слободните пазари и отворањето на светот, ние сме сведоци на истиот процес.

Се повеќе се зборува за овие миграции како да се проблем. Но вистинското прашање кое треба да се праша е – Што има лошо во тоа? Да, навистина може да видиме градови-духови насекаде, градови кои некогаш беа центри на специфични индустрии. Но таквите места се градови-духови со причина. Во глобализираниот свет тие ја загубија конкурентната предност, па така како што вентилот престана да испумпува, исто така престанаа да постојат многу индустрии.

Од друга страна и природата на миграцијата исто така се промени. Она што беше наследено по осамостојувањето, придружено со самата големина не и дозволија на Македонија да ги следи светските трендови во целост, кои на прв поглед се зачудувачки. Иако денес мигрирањето е мнгоу полесно, географската мобилност е во пад во последниве децении. Технологијата ни помогна да го најдеме познатото и сличното, што во суштина значи „подоброто капаче за нашето шише“, како во романтичната, така и во социјалната сфера. Средношколските љубовници сè поретко стапуваат меѓусебно во брак, додека луѓе со слични социоекономски позадини имаат тендеција да се групираат се почесто. Ова навистина води до сегрегација и поделба помеѓу руралната и урбаната популација, но повторно, прашањето кое треба да се постави е  – Што има лошо во тоа? Зарем изборот кој води до овие исходи не го правиме слободно? Ова групирање ги трансформира соседствата, при што како последица на оваа сегрегација честопати ги истиснува понискодоходните групи од сега побогатите соседства. Можеби тие и би сакале да ги напуштат истите сосесдства, но сепак, да не заборавиме, такво нешто како бесплатен ручек не постои.

Но, барајќи од либерализмот да одговори на прашања како осаменост и зголемена употреба на наркотици, ние го оптоваруваме истиот со прашања кои воопшто не треба да му бидат зададени да ги одоговри.

Без оглед дали е правилно или не, културолошката промена го направи самоубиството социјално поприфатливо. Како и да е, самоубиството е проблем, особено кога се работи за најранливата категорија – младите.

Паметните телефони и социјалните медиуми се основните причини кои и овозможија на стапката на самоубиствата да порасне во последните две децении во САД вели Џонатан Хајд, кој е социјален психолог,. Тие дозволуваат негативното влијание од малтретирањето да добие на сила поради својот нов зголемен обем.

Токму во 2020-та година скандалот „Јавна соба“ ја тресеше македонската јавност, каде што порнографски слики и видеа беа споделувани на „Телеграм“. Помислете за момент на девојките кои се најдоа на тие слики и видеа и општествениот притисок кој следи потоа во свет на сеопшта поврзаност, пред се во релативно мали заедници. Ако се вратиме не повеќе од триесет години можеме да видиме колку светот се променил. Пред технологијата да го превземе светот, ако сте се посрамотиле на каков било начин, прашање е дали и кога класот во кој сте учеле ќе дознаел за случката. Тоа денеска е практично невозможно. 

Сепак, одговорноста да се погрижиме за психолошки малтретираните деца да не посегнат по сопствениот живот не паѓа на либерализмот. Ниту пак тоа е нечија туѓа одговорност, освен на самите родители. Ние сакаме да живееме во свет каде ова нема да се случува, меѓутоа тоа не е така. И што побргу ја прифатиме реалноста во која живееме и ја преземеме одговорноста за грижа на најблиските, наместо да покажуваме со прсти, толку побрзо и подобро ќе се справиме со проблемот.

Осаменоста и злоупотребата на наркотици, од друга страна пак, навистина се еден од производите и на либералните општества. Ние станавме побогати од кога и да е претходно, но сепак не ја избравме хипотезираната петнаесет часовна работна недела на Кејнз. Отидовме дури дотаму да работиме повеќе, се со цел да ги задоволиме нашите потреби, кои и да се тие. Ниту едно општество не е создадено без веќе поставен систем на размена. Па така го плаќаме „данокот“ на тој избор во името на самотијата и злоупотребата на наркотици. И повторно, прашањето кое треба да се постави е – Што има лошо во тоа? На крајот од денот, изборт е сепак оставен на нас.

Кога се работи пак за злоупотребата на наркотици, единствениот проблем доаѓа дирекно од страна на државата. Марк Торнтон од институтот Мизес наведува четири причини, почнувајќи од прохибицијата на дрога која ги отвора вратите за Законот на прохибицијата да дојде до израз, зголемувајќи ја моќноста на самата дрога. Државните интервенции во економијата исто така ја влошуваат ситуацијата, и точно овде либерализмот навистина неуспеа – ние не легализиравме доволно!

И треба! Бидејќи супериорноста на либералната идеја не се потпира на побрзиот економски раст, кој всушност и ни ја овозможува подобрата материјална благосостојба. Таа оди подлабоко – нејзината вредност е етичка и се состои во тоа да се биде слободен да се прави она што го издигнува нашиот дух, на наш сопствен начин, во потрага по нашиот човечки процут. Човек може да не се согласи со изборот на останатите луѓе и ефектите од истот врз општествтоо на макро ниво. Човек може дури и да не се согласи со ефектите на микро ниво, односно врз фамилијата  и граѓанските општество. Како и да е, глупаво е да се префрли вината и да се бараат одговорите на овие прашања од либерализмот, бидејќи слободата и индивидуалната одговорност одат рака под рака. Секој оној кој слободно ги носи „субоптималните“ или “објективно грешните“ одлуки треба и да ја плати цената на истите.

Се што треба да бараме од либерализмот е да ги ослободи нашите раце и да не ни поставува замки по патот. Да ни овозмужи да тргнеме во потрага по и да ги достигнеме нашите цели, било тоа да се на глоболано или локално ниво.

Секој период во човековата историја имал свои предизвици. Нашата генерација не е различна, дури и кога предизвиците се разликуваат. Можеби сеуште ги немаме одговорите. Можеби ќе ни биде потребно подолго отколку вообичаено за да дојдеме до одговорите кои ќе не задоволат. Вистинската разлика и убавина на нашето време се состои во тоа што живееме во најслободниот и најпросперитетниот од сите периоди, уште од кога за прв пат стапнавме на ова парче земја. Уживајќи во слободите и просперитетот, комбинирани со, во исто време научното знаење и знаењето за нашето минато, повеќе од сигурен сум дека не постои прашање на кое нема да најдеме одговор и криза која нема да ја решиме.

Прочитајте повеќе во текстот кој е оригинално објавен на англиски јазик на austriancenter.com на овој линк.  

Simon Sarevski

Автор:
Симон Саревски
Либертаниа