Стап или? Пристапи кон Ковид кризата
Слика: www.sitel.com.mk

Стап или? Пристапи кон Ковид кризата

Кон проблемите кои ги споделуваме, како организирано општество, можеме да пристапиме на два начини. Првиот начин – централизираниот или врховистичкиот е оној во кој што политичката власт ја има главната улога во решавањето и истото е проследено со различни мерки на забрани, ограничувања, казнувања, одданочувања, непродуктивни трошења. Тоа е пристапот на стапот. Вториот начин – децентрализираниот или слободарскиот е оној во која власта внимателно ќе му пристапи на проблемот но со стриктно ограничена улога, улога која ќе ги поттикне поединците лично или (само) организирано да го решаваат истиот. Повеќе за пристапите кон проблемите на овој линк.

Ковид кризата претставува типичен општествен проблем, односно проблем со кој скоро сите се соочуваме, а дотолку повеќе најзагрозените (лицата со послаб имунитет, повозрасните лица, хронично болните и сл.). Нормално во ваква ситуација е потребно општествено организирање со цел надминување на проблемот, но се поставува прашањето кој пристап е, или треба да биде адаптиран?

Од тоа како постапува македонската власт, лесно може да се заклучи дека доминантен e централизираниот или врховистичкиот пристап – прогласување на вонредна состојба, воведување на полициски часови, полициски викенд, глупава забрана за посета на шуми, драконско казнување на прекршителите на полициските часови, и голем број случаи на полициска злоупотреба.

Дополнителна потврда на адаптираниот пристап претставува и стравот и паниката кои циркулираат стимулирани од власта и нејзините пиари. 

Но дали постои позиција во која властите треба да се постават за надминување на кризата? Да, и тоа прво да заборават на лагата дека со опресивни и ко бајаги воспитувачки мерки ќе се надмине кризата, да заборават на непродуктивните трошоци и да ги фокусираат средствата во здравствената инфраструктура, да обезбедат транспарентност како во врска со заразените и патот на вирусот така и за сите одлуките донесени за време на вонредната состојба. И секако да го организираaт крајот на истата во која имаат позиција на средновековен деспот. 

Граѓаните останува да се запрашаат и да го побараат одговорот во историјата – дали жртвата на слободата и личната одговорност на олтарот на сигурноста, ќе донесе сигурност или ќе ги однесе сите?

Целосната верзија од овој текст можете да ја прочитате во ДРЖАВА ИЛИ? ДЕКОНСТРУКЦИЈА, КРИТИКА И АЛТЕРНАТИВА НА МОДЕРНАТА ДРЖАВА.

Никола Љ. Илиевски
Тимот на Либертаниа