Што ја плаши државата
Дизајн на корица: Ѓорѓи Димитров

Што ја плаши државата

Мaреј Ротбард – Анатомија на државата

Глава 5: Што ја плаши државата

Она од што се плаши Државата, се заканите кон нејзината моќ и постоење. Смртта на државата може да се случи на два начина: а.) со нејзино освојување од друга Држава, или б.) со насилно отфрлање на нејзините субјекти, или на кратко, со војна или револуција. Војната и револуцијата, како две основни закани, секогаш ги поттикнуваат владеачите на најголеми напори и најсилна пропаганда кон граѓаните. Како е кажано, секој начин мора да биде искористен за да се мобилизираат луѓето да застанат во одбрана на Државата, со верба дека така се бранат себеси. Заблудата на идеата станува очигледна кога се регрутирани оние кои одбиваат ,,да се одбранат” себеси и се принудени да и се приклучат на државната воена банда – нејзината армија. За нив не се предвидува никаква ,,одбрана” од активностите на нивната Држава.

    За време на војна, моќта на Државата е зголемена до нејзини крајности, а под слоганите ,,одбрана” и ,,ургентност,” може да воспостави тиранија, која во услови на мир би била отфрлена. На тој начин војната е корисна за Државата, и навистина секоја модерна војна им донела на завоените народи трајно наследство на зголемена Држава, и тоа на товар на општеството. Дотолку повеќе, војната и дава на Државата можности за освојувања на земји и распространување на монополот на насилство. Рандолф Бурн беше несомнено во право кога напиша ,,војната е здравјето за Државата,” иако истата може да и донеси и смртоносни повреди. [35]

    Хипотезата дека Државата е повеќе заинтересирана за своја заштита, отколку за заштита на нејзините субјекти, може да се тестира со поставување на прашањето: Кои видови на кривични дела Државата ги казнува најостро? – оние против приватните граѓани, или оние против себеси? Најтешките кривични дела во секое законодавство, не се оние со кои се повредува личноста или сопственоста, туку оние кои неа и се закануваат, како на пример, предавство, дезертирање, избегнување на мобилизација, шпионажа, завери, атентати, злосторнички здружување, како и економските – фалсификување на пари, неплаќање на данок и сл. Или споредете ја жестокоста со која се гони човек кој нападнал полицаец, со вниманието кое Државата го посветува врз напад на обичен граѓанин. Ставањето на приоритет на државата врз сопствената заштита, некои луѓе го нарекуваат raison d’etre. [36]

[35] Видовме дека суштинско за Државата е подршката од интелектуалците, и тоа ja вклучува подршката против двете најголеми закани. За улогата на американските интелектуалци во американското вклучување во Првата светска војна види повеќе: Randolph Bourne, “The War and the Intellectuals,” во The History of a Literary Radical and Other Papers (New York: S.A. Russel, 1956), стр. 205-22. Како што Борн заклучува, интелектуалниот механизам во извојувањето подршка за активностите на Државата, постои за да ја канализира секоја дискусија во границите на државната политика и да ја обесхрабри секоја суштинска или тотална критика на оваа рамка.

[36] Како што Менкен наведува:

,,Оваа банда (,,експлоататорите кои ја сочинуваат власта”) е имуна на казнување. Нејзините најголеми изнуди, дури и кога се за приватен профит, не подлежат на казни, под нашите закони. Од првите денови на републиката, помалку од дузина членови се отповикани, а само неколку беа затворени. Бројот на луѓе во затвор, од Атланта и Ливенворт, кои се побуниа против изнудите на власта, е секогаш 10 пати поголем, отколку бројот на чиновници на власт, кои ги изнудуваат даночните обврзници за своја добивка. (Mencken, A Mencken Chrestomathy, стр. 147-48).

За јасен и изразт опис на недостатокот на заштита на поединците од повредите врз нивната слобода од страна таканаречените заштитници, види повеќе: H. L. Mencken, “The Nature of Liberty,” во Prejudice: A Selection (New York: Vintage Books, 1958), стр. 138-43

Превод:
Никола Љ. Илиевски,
Либертаниа

.