Тензии во Хајековата мисла

Во академско окружување во последните дваесеттина година многу автори го сместуваат Хајек како еден од водечките луѓе на неолибералната филозофија. Во понатамошниот есеј ќе покажам зошто сметам дека таквите инсинуации се целосно погрешни осврнувајќи се токму на мислата на Хајек после Втората светска војна. Дополнително ќе покажам зошто мислам дека Хајек може да се смести во конзервативната англиска традиција на Бурк, односно ќе го претставам како еден од позначајните теоретичари на конзерватизмот иако Хајек има напишано исклучително важен есеј насловен како „Зошто не сум конзервативец“. Под конзерватизам секако мислам на старата англиска и европската континентална традиција. Модерниот конзерватизам како во Европа така и во САД сметам дека е интелектуално заостанат.

            За Хајек, слободата не е антитеза на редот, туку специфична негова форма. Тој претставува два вида на редови: планскиот ред – taxis кој се воспоставува од горе, најчесто преку власта; и спонтаниот ред – kosmos кој се воспоставува од долу преку слободното дејствување на суверени индивидуи. Хајек верува дека спонтаниот ред успева да опстои токму поради тоа што е корисен за општеството. Иако може да настанат дејства кои се индивидуално или општествено непожелни сепак спонтаниот ред има вградени механизми за саморегулација; механизми кои планскиот ред не може никогаш да ги поседува. Хајек ја споредува неговата теорија на спонтан ред со Дарвиновата теорија на еволуцијата, забележувајќи дека планските редови пропаѓаат на истиот начин како што исчезнуваат животинските видови, односно од неможноста да се адаптираат на променливата реалност.

            Одредени автори кои тука нема да ги именувам често го обвинуваат Хајек дека го поставува пазарот како основа на општественото живеење и го занемарува фактот дека долгорочните институции и морални врски се ранливи токму од пазарното дејство (се мисли на комодификацијата, консумеризмот итн.) Меѓутоа овие критики воопшто не држат вода, бидејќи за Хајек пазарот е само еден спонтан ред кој стои рамо до рамо со други спонтани редови каде вредноста не се сведува на цената. Така во првиот том од неговата книга Правото, законот и слободата (Law, Legislation and Liberty) Хајек го брани англосаксонското право (Common law) наспроти статутарното право, првото како резултат на спонтан ред, второто како резултат на план. Потоа ја брани вообичаената моралност наспроти социјалната правда и ги препознава ограничувањата на вообичаената моралност врз пазарот. Неговиот напад на егалитаријанизмот не е врз основа на бранењето на пазарната економија, туку на верувањето дека нееднаквоста е природна појава на кој било спонтан ред каде има интеракција помеѓу луѓето, и дека обидите да се воспостави целосна еднаквост нужно е да бидат неуспешни, но и нужно спречуваат акумулација на општествено корисно знаење.

            Хајековата пазарна теорија за која зборував во моите претходни есеи воопшто не тврди дека пазарот е единствената форма на спонтан ред, ниту пак дека пазарот е доволен за да се воспостави економска координација или општествена стабилност. Теоријата единствено кажува дека ценовниот механизам поседува знаење што е неопходно за економска координација. Но пазарот сепак е регулиран од други форми на спонтани редови како на пример моралните и правните традиции каде без нивно постоење општеството би еродирало. Токму поради оваа причина оние коишто тврдат дека пазарот за Хајек е пред сѐ и над сѐ, се во заблуда.

            Конзервативниот аспект на Хајековиот аргумент најдобро може да се разбере преку неговото залагање за англосаксонското, односно обичајното право. За модерниот човек вели Хајек, верувањето дека правото е производ на законот/легислацијата е толку очигледно што забелешката дека правото е постаро од законодавството скоро има карактер на парадокс. Но сепак не може да има двоумење дека правото постоело со векови пред да му текне на човекот дека може да го измени. На пример, Демостен ќе каже дека секој закон (nomos) e откровение и подарок од боговите. Гледиште што е поддржано и од Платон во делото Законите. Луѓето не можат да создадат општество и самите на себе да си создадат право како што замислил Русо, бидејќи постоењето на правото e претпоставено во самото општествено живеење, а не е рационален дизајн. Законот е реален и постои пред да биде запишан, додека пак судијата го открива законот набљудувајќи општествени конфликти. Така со векови во Англија на парламентот не се гледало како на тело коешто има законодавни моќи, туку како на еден вид суд чија задача било да ги решава прашањата што не биле решени од постоечките преседани (една од карактеристиките на обичајното право е да се решаваат споровите врз основа на претходни преседани).

            Хајек забележува дека пишаното право и сувереното законодавство во суштина се воспоставуваат многу доцна во човековиот развиток. Дистинкцијата помеѓу правото и законот е препознаена во многу европски јазици – diritto наспроти legge, droit наспроти loi, Recht наспроти Gesetz, právo наспроти zákon итн. Законодавецот гледа на правото како на човеков артефакт, создаден за одредена намена и може да го користи законот не заради да ректифицира неправда, туку да воспостави нов општествен ред во согласност со нечии идеали или планови. Не може ништо да го спречи тој законодавец да донесува закони кои доделуваат привилегии кон некого или кон некоја група, да конфискува чесно стекнат имот или пак да спроведува лична или политичка агенда. Еден од таквите случаи во понов период е т.н. социјална правда како цел на правото. Целта на обичајното право не е општествен инженеринг, туку правда во вистинската смисла на зборот.

            Обичајното право не може да се користи за да се смени природата на општеството, да се редистрибуира имот којшто е чесно стекнат или пак да се нарушат општествените односи на доверба. Според тоа модерното законодавство повеќе е средство за спроведување политики, отколку средство за спроведување на правдата.

Текстот е преземен од личниот блог на авторот, и можете да го најдете тука.

Илија Васиљески,
Либертаниа