Томас Совел и Чикашка економска школа

Томас Совел и Чикашка економска школа

Доктор Томас Совел, скромно дете од Северна Каролина родено на 30 јуни 1930 година, откако му завршува воениот рок за време на Корејската војна во 1951 година, се враќа дома и посетува вечерни предавања на Харвард за набрзо да се запише и да се здобие со диплома со почести на истиот универзитет. Своето образование го продолжува на универзитетот Колумбија каде што ќе магистрира, за да докторира на престижниот оддел за економија на универзитетот во Чикаго, под закрила на двајца, подоцна нобелови лауереати, Милтон Фридман и Џорџ Стиглер.

Но др. Совел нема да биде запаметен по тоа каде и со кој студирал, ниту пак со кои сè врвни институции бил поврзан во својот жиот, туку поради неговите научни статии и многубројните  статии наменети за неекспертската публика, како  и 56-те на број книги. Толку многу има оставено зад себе што изгледа дека др. Совел не само што пишува додека ние спиеме, туку можеби и пишува со две раце.

Во својата автобиографија  др. Совел објаснува како поголемиот дел од времето додека бил студент себе си се сметал за марксист. Тоа било така се до оној момент кога не почнал да учи за ефектите на повеќе видови државни реулации, како на пример минималната плата, сфаќајќи дека слободните пазари се најдобрата алтернатива, пред се за оние кои се наоѓаат најдолу на доходната скала.

Честопати ќе се сретнеме со фразата „На класичните либерали не им е гајле за (сиромашните) луѓето“. Меѓутоа, др. Совел го докажува спротивното, верувајќи дека јавни политики водени од емоции бараат неемоционално водена анализа.

Нобеловецот Фридрих Хаек често зборува за интелектуалците и нивниот „изговор за знаење“. Тоа се луѓе кои веруваат дека во своите раце го имаат потребното знаење за да го организираат општеството на многу подобар начин отколку кога тоа би им се оставило на луѓето – она што Хаек го нарекува „фатална суета“. Иако е претставник на чикашката економска школа, во „Визија на помазаниците“, слично на Хаек, др. Совел ги напаѓа интелектуалците кои имаат фантастичен светоглед кој нема никаква допирна точка со реалниот свет,  и што е најтрагично, почитта која ја добиваат од страна на јавноста не згаснува,  дури и кога доказите ги побиваат нивните тези.

Фредерик Бастиат се обидуваше да му објасни на обичниот човек за економските заблуди кои ја извитоперуваат реалната слика на светот.  Еден век подоцна Хенри Хазлит ја продолжува таа традиција со „Економија во една лекција“, ставајќи му на дознаење на читателот дека економијата не е наменета само за оние со високо образование. Одејќи по веќе добро поплочениот пат, во 2000-та година Совел ја пишува  „Основна економија“. Но, во 2000-та година економистите знаат многу повеќе за тоа како светот функционира  отколку што им беше на дофат на Бастиат и Хазлит. Совел го користи ова знаење, објаснувајќи многу основни економски термини и процеси преку призмата на чикашката економска школа, како  улогата на цените и ефектите од нивното контролирање од страна на владата, улогата на продуктивноста и како се доаѓа до цената на трудот, меѓународната трговија итн.

Од делата на Совел може да се научи многу. 

На пример, често забораваме дека пештерскиот човек ги имал истите природни ресурси на располагање , ако не и повеќе од тоа што ние имаме денес. знаењето кое го користиме денес во склоп со ресурсите кои ни се на дофат е причината поради која ние денеска го живееме овој богат живот, ќе рече Совел.

Една од неговите најцитирани мисли е:

„Првата лекција на економијата е ограниченоста (на ресурсите). Никогаш нема доволно од било што за да се задоволат сите кои го сакаат истото. Првата лекција на политиката е да се отфрли првата лекција на економијата“. 

Е сега помислете на здравството кое по се изгледа како никогаш да не е во доволна мера. Ако ние немаме доволно средства за да ги платиме докторите, болниците и лекарствата, како ќе можеме да ги плаќаме истите ако згора на регуларните трошоци треба да се плаќа бирократијата и државната администрација? Меѓутоа, политичарите го прават токму тоа – тие ветуваат и отфрлајќи ја првата лекција на економијатаи, не испорачуваат резултати. 

Воден од чикашката економска школа, Совел не гледа на слободниот пазар како на „Бог“ кој секогаш ги има одговорите и решенијата. Државната интервенција, иако ретко, сепак е потребна, кога се работи, на пример за природните монополи. Меѓутоа, луѓето кои успеваат да најдат начин да ја направат индустријата попродуктивна и дистрибуцијата на производите поефикасна им помогнаа на луѓето да излезат од сиромаштијата и да живеат побогато отколку кралевите од минатото, а не оние кои само гласно зборуваа за „сочуствување“. Па така, Томас Едисон ја донесе електричната енергија во нашите домови, браќата Рајт беа првите луѓе кои полетаат, а Хенри Форд ги поврза луѓето како никогаш претходно, произведуваќи го автомобилот кој секое домаќинство може да си го дозволи.

Иако е тешко да се каже што ќе исплива на површина со името Совел, сепак би рекол дека неговата способност да ги доближи економските идеи побилску до обичниот човек, воден од желбата да им помогне на луѓето, пред се на најсиромашните е токму она што ќе исплива на површината.

Во прилог неколку наслови на Совел:

И неколку текстови за неговите идеи:

Simon Sarevski

Симон Саревски
дел од Либертаниа