Втора сесија на школата за анти-авторитарни студии

Втора сесија на школата за анти-авторитарни студии

На 22 април 2019, на Правниот факултет во Битола се одржа второто предавање на Школата за анти-авторитарни студии – Стив Наумов, на тема Револуција на насилството – Илиберализам и тоталитаризам, во изведба на Деканот на Правниот факултет во Битола, проф. д-р. Горан Илиќ.

Goran Ilik, vtora sesija

Студентите на школата се запознаа со „револуцијата на насилството“, која се случуваше на почетокот на дваесеттиот век, во форма на фашизам, советски комунизам и национал-социјализам (нацизам). Професорот ја започна сесијата со „манифестот на футуризмот“ – уметнички правец кој го најави издигнувањето на фашизмот како идеологија. Фашизмот, нацизмот и комунизмот го поставија култот кон државата, нацијата, расата, пролетаријатот во својот центар на внимание. Ги дефинира истите како затворени идеологии кои посегнуваат и го слават физичкото насилство, како најподобен метод за решавање на општествени проблеми. Понатаму, професорот ја дефинира илибералната демократија, како хибриден систем на владеење, или режим, кој што ја искористува демократијата како метод за легитимација на власта, но истата не ја комбинира со либерализам, туку со илиберализам, т.е. со авторитаризам – полициска држава, слабеење на граѓанското општество, корпоративна економија и значителни нарушувања на човековите права и слободи. Исто така, ја истакна слободарската природа на македонскиот народ, овековечена преку примерите на Крушевскиот манифест, Уставот на Разловечкото востание, АСНОМ и Уставот од 1991 година.

Следното предавање ќе се одржи, исто така на Правен факултет, на ден 30 април – вторник, на тема Крај или враќање на историјата, во изведба на проф. д-р. Бошко Караџа.