“Заедно танцуваме, заедно се бориме!” Една година од РЕЈВолуцијата пред Грузискиот парламент


Пред една година, на 12 мај во главниот град на Грузија, Тбилиси се случи еден поинаков вид на протест, различен од оние на кои сме навикнале да ги гледаме до сега. На протестот му претходеше брутална полициска акција во двата најпопуларни клубови за електронска музика. Под сомнение или само изговор дека се врши акција за гонење на дилери на дрога, вооружени со автоматски пушки и опрема, кордони на специјални единици влегоа во клубовите Бициани и Кафе Галери. Сопствениците беа приведени заедно со други млади луѓе кои таа вечер се забавувале таму.

Raving Riot – Trailer from STEREOTACTIC on Vimeo.

Откако политичарите не го осудија ваквиот чин и однесувањето на полицијата, над десет илјади луѓе, најголем дел млади кои се засегнати од ваквото ограничување на нивната слобода, излегоа на протест. Тие имаа една порака до политичарите “ако ги окупирате нашите клубови, ние ќе го окупираме градот”! Протестот беше мирен, наместо гнев се слушаше музика, а наместо насилство имаше танцување.

Организирајќи се преку социјалните мрежи како движење наречено “За нашата слобода”, веќе наредната вечер се собраа на главниот булевар и на скалите од грузискиот парламентот поставија озвучување на кое одекна електронска музика а младите танцуваа извикувајќи Заедно танцуваме, заедно се бориме! Меѓу оние кои излегоа на протест не беа само гостите во клубовите туку и сите оние кои сметаа дека ваквото однесување на полицијата и на државата не смее да случува врз граѓаните особено врз ноќниот живот и младите.

“Ова не беше направено поради дрогата, ниту поради музиката. Ова беше акт против нашата слобода”, смета политичкиот аналитичар Динара Гагошизе.

Веќе наредниот ден, полицијата доби нова задача. Група на екстремни десничари и ултранационалисти, организираа контра протест и сакаа физички да се пресметаат со про-либерално ориентираните млади и нивниот ненасилен протест, нарекувајќи ги “дилери на дрога и ЛГБТИ пропагандисти”. Се заканувале и ги гонеле оние кои ќе ги начекале надвор од обезбедениот кордон од полицијата.

Во протестите против полициската бруталноста и политиките на државата кон регулацијата на дрогата, беа вклучени здруженија и движења за декриминализација на дрогата кои сметаат дека таквата политика е ригорозна. Како еден од најголемите исходи од мајските протести произлезе промената во регулативата и декриминализацијата на канабисот. Меѓу нив најзаслужно е движењето White Noise Movement, формирано во 2015 како движење кое се бори против ригорозните казни и политиките за регулација на дрогата.

Според извештаите на Грузиската иницијатива за демократија, граѓаните можат да се соочат со казна доживотен затвор за носење една таблета екстази, мдма, лсд или други т.н. “клубски дроги”. За разлика од тоа, казната за силување е осум години, а за убиство седум години.

Сепак, дводневниот мирен протест – мирно и заврши. Министерот за внатрешни работи се извини на демонстрантите и им вети дека ќе ги исполни нивните барања, особено во поглед на менување на актуелната политика за регулација на дрогата. Веќе на 30 јули истата година, само неколку месеци по протестите Уставниот суд на Грузија го декриминализира поседувањето и употребата на канабисот, додека одгледувањето и продажбата остануваат забранети.