Ни претставува особено задоволство за успешното завршување на третата по ред организирана Школа за Објективизам – Џон Галт 2022. Задоволството е уште поголемо поради големиот интерес за школата, пријавени 51 лице и 25 учесници. Школата се одржуваше еднаш седмично, од крајот на април 2022, до почетокот на јуни 2022. Беа одржани вкупно 8 сесии, од кои 6 беа предавања и 2 работилници.
Отворањето на школата беше со предавањето на професорот Бошко Караџов, кој зборуваше на тема Философија, кому му е потребна? Започнувајќи со Аристотеловиот философски систем, па едноставноста во изразот на Платон, потоа различните сфаќања за улогата и природата на философијата, па се до философијата на објективизмот, поттикната од сфаќањата на Ејн Ранд. Акцентот на сесијата беа метафизичката, односно онтолошката и епистемолошката, или гносеолошката поставеност на философијата на објективизмот. Објективната апсолутна реалност и разумот како алатка во поглед на добивање или собирање на знаењето, се основните постулати на објективизмот, од каде произлегуваат и останатите негови философски гранки, со кои е заокружен објективистичкиот философски систем, како што се етиката (моралот), политиката (економијата) и уметноста.
Второто предавање на школата го одржа професорот Горан Илиќ, декан на Правниот факултет во Битола, долгогодишен подржувач на активностите на Либертаниа и Студенти за слобода, на тема Етиката и политиката низ призма на објективизмот. Во своето предавање професорот зборуваше повеќе околу моралните вредности врз кои е поставена философијата на објективизмот, како што се човеков живот, личен интерес, рационален егоизам, но се осврна и на концептот за човекот како херојско битие, силно протажиран од страна на Ејн Ранд. Исто така, ги нагласи и општествените импликации од дословна примена на објективизмот, како што се слободна економија, слободен пазар и радикален капитализам. Во рамките на истите, беше напомената улогата на државата во слободно општество, која е стриктно ограничена на заштита на човековиот живот, слобода и сопственост, операционализирано во војска, полиција и судови. По предавањето следеше и долга дискусија, во која студентите ги искажаа своите ставови, коментари, но и прашања кон професорот, но и останатите студенти.
Третото предавање на школата го одржа Никола Г. Петровски, Претседател на Либертаниа и основач на Студенти за слобода, на тема Животот на Ејн Ранд и зборуваше повеќе околу нејзиниот живот во Русија, тинејџерските години, патувањето и преселувањето во Америка, како и нејзината авторска слава и кругот во кој се ширеше нејзиното учење, познат како колективот. По предавањето следеше и долга дискусија, во која студентите ги искажаа своите ставови, коментари и прашања.
Четвртата сесија беше работилница – читачки клуб на кој учесниците читаа познати фрази од Ејн Ранд, ги толкуваа и дискутираа по повод истите. Работилницата ја водеше професорот Караџов, а сите од учесниците зедоја учество во читањето и коментирањето.
На петтата сесија, свое предавање на тема Економската логика на пазарната економија, одржа и Симон Саревски, од Либертаниа, Студенти за слобода и Австриски Економски Центар. Во своето предавање Симон зборуваше повеќе околу оправдувањата позади економската логика на пазарната економија, улогата на знаењето и цените во општеството, како и неможноста, односно не-ефикасноста на централно планираната економија.
Шестото предавање го одржа Никола Љ. Илиевски, програмски директор од Либертаниа, национален координатор на Студенти за слобода и асистент на Факултетот за Бизнис и Економија на тема Кон (по)слободно општество. Во своето предавање Никола зборуваше повеќе околу слободарството, оправдувањата позади истото, феноменот на општествена промена, концептот на Овертонов прозорец на политички можности, како и процесот кон (по)слободно општество.
Седмото предавање го одржа Блаже Аризанов, претприемач и познавач на историјата и моменталните монетарни текови,на тема Парични наспротив Статусни игри. Блаже зборуваше повеќе околу историјата на монетарните текови, а дополнително и за таканаречените парични и статусни игри. Статусните игри се карактеристични за академците, новинарите, политичарите, додека пак паричните игри се својствени за претприемачите и работни луѓе. Блаже ја нагласи и опасноста од доминантнтие социјалистички наративи, а ги советува слободарите да ја поедностават комуникацијата со обичните луѓе, со цел промовирање на слободарството.

Осмата сесија и последна сесија на Школата за објективизам Џон Галт, се одржа во живо, во просториите на Факултет за Бизнис и Економија – Скопје. На истата, студентите имаа шанса да го гледаат филмот The Fountainhead, базиран на истоимениот роман на Ејн Ренд. По завршувањето на филмот следеше долга дискусија поврзана со индивидуализмот и интегритетот на Роарк, како и општествениот контекст на капитализмот, кои ги стимулира истите доблести.
Во рамките на школата, студентите пишуваа и домашни задачи, со цел да истражат определени делови од философијата. Дополнително, секој предавач изготви краток текст во врска со своето предавање. На крај, исто така секој студент напиша есеј, на теми поврзани со школата.
Тимот на Либертаниа искажува големо задоволство поради реализираната школа, и голема благодарност на студентите, предавачите, донорите, како и сите оние кои што дадоа својот придонес за одржување на истата.
Нашата мисија за образование и промоција на сите перспективи на слободата ја продолжуваме, дополнително мотивирани од позитивниот фидбек од учесниците на активностите.