Зошто цените растат за време на „криза“ и зошто тоа е „добро“
Насловна фотографија: www.marketplace.acmoore.com

Зошто цените растат за време на „криза“ и зошто тоа е „добро“

Рецесиите се нормален дел од функционирањето на економијата. Во зависност од државата и временскиот период, варира и нивната фреквенција и интензитет. Колку е поизразен ефектот врз БДП, толку е поголема веројатноста рецесијата да се нарече криза. Но, за време на ваква криза во чија основа се макроекономски дизбаланси, побарувачката опаѓа што доведува и до пад на цените. Големата депресија од 1929-1932 година е добар пример за истото.

Но, кога кризата настанува поради природни непогоди, како ураганoт Катрина во 2005-та година или земјотресот во Хаити 2010-та година, за многу краток период, цените вртоглаво растат. Истото се случува и сега со пандемијата на коронавирусот. Како во Македонија па така и во светот, во моментот кога се сфати сериозноста на ситуацијата во која се наоѓаме, продавниците беа преплавени од потрошувачи. Набрзо, луѓето беа ужаснати од повисоките цени на производите како антибактериски гелови, тоалетна хартија, овошјето итн.

Но, зошто воопшто, во вакви ситуации цените растат? Еве ја економската логика позади растот на цените 

Се почнува од растот на побарувачката. Во нормални услови, профитниот мотив овозможува ваквата зголемена побарувачка за многу кратко време да биде проследена и со зголема понуда. ,,Пазарот се чисти” и цените ќе се вратат во првобитната состојба. Но, во зависност од производите чии цени растат, зависи и брзината на чистењето на пазарот. Доколку се тоа произоводи врз чија понуда може брзо да се интервенира, како на пример оние од прехранбената индустрија, периодот на враќање на цените на предкризно ниво е брз. Но, ако тоа се производи како овошје и зеленчук или индустриско производство, потребни ќе бидат нови земјишта да бидат посадени и  индустриски хали отворени – нешто што на краток рок е практично невозможно.

Од друга страна, бизнисите функционираат со ограничено знаење за иднината. Оние чии претпоставки и oчекувања се попрецизни се поуспешни од конкурентите и испливуваат на врвот. Но, со коронавирусот се паѓа во вода бидејќи се уште не знаеме за пандемија од вакви размери и нејзиното потенцијално времетраење. Ова ја ограничува моќта на бизнисите за масовно производство на што и да би претставувало ,,најпотребно”. Како и да е, пазарните сили ќе доведат до определбата за зголемување на производство, во време кога поради самата природа на ситуацијата, работната сила, не само што е ограничена, туку е и во опаѓање. Тоа значи дека цената на преостанатиот трудот исто така расте, што доведува и до дополнителен раст на самите крајни производи.

Секако, да не заборавиме дека живееме во време на глобализација каква што не сме виделе претходно, без оглед што САД и Кина се во трговска војна од неодамна. Тоа значи дека трговската поврзаност и синџирот на снабудување  беше дополнително осакатен поради затворањето на границите, задавајќи му уште еден удар на производството. 

Фотографија: Martin Sanchez on Unsplash

За избегнување на последиците од растот на побарувачката и побрзо враќање во нормала, во зависност од тоа колку и самите меѓународни трговски политики дозволуваат, државите се потпираат на меѓународната трговија. Меѓутоа повторно, поради глобалниот аспект на коронавирусот и тој вентил е затворен, дополнително ограничувајќи ја понудата. 

Ова, накратко го претставува пазарниот механизам кој стои позади растот на цените. Во светски рамки, политичарите од двете провиненции, не сакајќи да ја прифатат реалноста, често интервенираат на пазарите, забранувајќи раст на цените. Истото беше и одговорот на владата во Македонија, па премиерот да отиде дотаму и дополни, велејќи ,,секоја фирма која што ќе се обиде да профитира од ситуацијата со коронавирусот ќе биде национализирана!”

Во дваесетиот век дебатата околу централното планирање и социјалистичката пресметка (Socialist calculation debate) беснееше. И не само што фон Мизес и Хаек ја победија теоретската битка, падот на Берлинскиот ѕид и падот на комунизмот кој следеше беа практичниот доказ за неизводливоста на централното планирање

„Колку повеќе државата планирa толку потешко станува планирањето за индивидуата,” ќе каже Хаек. Пазарот е составен од голем број поединци и субјекти кои секојдневно одлучуваат во обид да дојдат до најповолни цени за задоволување на своите потреби. Доклку го разберете функционирањето на пазараниот механизам и улогата која ја игра профитниот мотив многу лесно ,,ќе дојдете не само до оправдување туку и олеснување што цените пораснале на прво место.” 

Ако на цените не им е дозволено да пораснат, при зголеменото ниво на ризик, бизнисите ќе немаат поттик да ја зголемат понудата. И не само што понудата нема да се зголеми, туку оние кои први ќе ја проценат сериозноста на ситуацијата ќе бидат оние кои ќе ,,профитираат” најмногу, купувајќи големи количини. 

Повисоките цени пак доведуваат до купување од страна на оние на кои им е најитна потребата од истите производи. Можеби и не би сакале да платите двесте денари за килограм лимони, меѓутоа вие би биле многу посреќни кога би можеле да ги платите тие двесте денари наместо да најдете празни полици бидејќи цените  воопшто не пораснале и сите лимони биле купени од најбрзите и најспретните.

Доколку државата сака да ја превземе улогата на заштитник на најзагрозените, еднократна, директна парична помош (Universal Basic Income) би бил најбезболниот начин на интервенција. Додека пазарниот механизам останува безмалку недопрен, во исто време им ставате пари директно во џебовите на оние на кој им се најпотребни. Дозволувајќи им на цените да растат исто така ќе се поттикне понудата на производите кои недостасуваат, овозможувајќи и да биде поеднакво распредела помеѓу луѓето.

За крај, кога се воведуваат ценовни плафони во услови на ограничена и недоволна понуда, оние кои први ќе стигнат на продажното место се оние кои ќе успеат да купат. Поради тоа, многумина обидувајќи се да бидат дел од услужените за кои се уште има производи, излегуваат што е можно порано за да фатат ред. За време на нафтените кризи и ценовните контроли од 1970-те многу време беше загубено токму на чекање во колони пред бензинските пумпи. Па така, вистинската цена која е платена, покрај паричната вредност е и времето потрошено чекајќи да се биде услужен – време кое би можело да биде потрешено попродуктивно.

Ќе се сложам дека објасното вака, економистот звучи бесчуствителен, спротивставувајќи се на секојдневниот морал. Но, можеме да зборуваме до бескрај, повикувајќи ги луѓето да донираат, како материјални средства така и своето време, да го купуваат само она што им е најпотребно итн. Сведоци сме дека честопати тоа и навистина се случува. Меѓутоа, тоа не е доволно, без оглед колку не ни се допаѓа.  

Во овие услови, бизнисите прават натпросечни профити. Ако тие беа навистина толку многу ,,алчни”, зошто тогаш цените не беа зголемени пред кризата?  Конкурентскиот притисок тоа не го дозволуваше се до моментот кога дојде до промена на пазарните услови. На крајот од денот, ,,продавачот не е оној кој ги подигнува цените” туку самите потрошувачи преку нивната зголемена потреба и решителност да ги платат тие цени. Бизнисите беа ,,алчни” за поголем профит, исто како што секој од нас e ,,алчен” сакајќи да плати пониска цена.Во 1971-та година, во борба со инфлацијаta,  aдминистрацијата на Ричард Никсон воведе ценовни контроли. Дека тие се популарна мерка кај гласачкото тело докажува и убедливата победа која ја доживеа на изборите, само една година подоцна. За Никсон виновни беа високите цени на нафтата, валутните шпекулации и алчните бизнисмени и синдикални лидери.

Денес, без оглед дали сакаме да прифатиме или не, растот на цените е последица на кризната ситуација.  Tоа е само реалноста, која не подлежи на избор и со која треба да се справиме на најдобар начин на кој можеме. Никој не сака да ги види (нај)ранливите луѓе искористени. Ценовните контроли се популарна мерка кај гласачкото тело. Но верувањето дека законите против раст на цени ќе им помогнат на овие  луѓе не е ништо друго освен суеверие. Суеверие кое не само што нема да им помогне туку напротив, често ќе има и спротивен ефект.

Дополнителни текстови поврзани со оваа тема:

Let Prices Rise to Combat the Coronavirus – Mitchell Harvey
On Price Gouging – Don. J. Bordeaux
Price Gouging During Disasters Is Actually a Good Thing – Lili Carneglia
If You Hate Empty Store Shelves, You Should Love “Price Gouging” – Anthony Rozmajzl
Price-Gouging Bans Don’t Make Things Cheaper, They Make Them More Scarce – Words and Numbers (Podcast)

Simon Sarevski

Симон Саревски
Либертаниа – ЦСП